Анализи
Вештачката интелигенција носи голем ризик за инвестициското банкарство
Ширењето на вештачката интелигенција на Волстрит може да ја намали способноста за самостојно размислување кај идните генерации финансиски професионалци, предупредува Крис Черчман, партнер во „Голдман Сакс“ и раководител на дигиталната платформа Marquee за институционални клиенти.
Черчман, кој е вклучен во еден од водечките проекти на банката во областа на вештачката интелигенција, оценува дека постои опасност финансиските работници сè повеќе да го препуштаат сопственото расудување на алгоритмите.
„Постои огромна опасност во ерата на вештачката интелигенција да го препуштиме нашето расудување на овие модели и да дојде до когнитивна атрофија што ќе нè спречи самите да размислуваме врз основа на основните принципи“, изјави тој во подкастот „Exchanges“, според транскрипт доставен до CNBC.
Според Черчман, исто како што луѓето со развојот на модерната технологија изгубиле дел од способностите за навигација и помнење, така и банкарите ризикуваат да ги ослабнат аналитичките способности доколку алгоритмите ја преземат најсложената работа.
Волстрит во последните години интензивно ја воведува вештачката интелигенција во тргувањето и банкарските процеси. Тоа може да ја зголеми профитабилноста и ефикасноста, но истовремено да го наруши традиционалниот начин на кој младите банкари и трговци стекнуваат искуство.
Рутинските задачи, кои со години биле дел од обуката на помладите вработени, сè почесто можат да бидат автоматизирани. Според Черчман, токму преку таквата практична работа младите финансиски професионалци учат како да проценуваат ризици и да носат одлуки.
Дополнителен ризик е и можноста банките во иднина да имаат потреба од помал број помлади вработени. CNBC претходно објави дека компании од Волстрит веќе разгледуваат начини со помош на вештачката интелигенција да го намалат бројот на помлади банкари во однос на поискусните кадри.
Черчман смета дека банките мора да најдат рамнотежа меѓу автоматизацијата и зачувувањето на културата на учење преку практична работа.
„Учите работејќи, а голем дел од знаењето е премолчено и никогаш не е запишано“, истакна тој.
Според него, „Голдман Сакс“ мора да се погрижи знаењето и интуицијата што денес ги поседуваат најискусните вработени да бидат пренесени и на следната генерација.
Како пример, тој ги посочи младите трговци кои учат обработувајќи барања на клиенти за формирање цени под надзор на поискусни колеги.
„Тоа сигурно можеме да го автоматизираме, но дали тогаш ќе имаме постари трговци кои целосно го разбираат тој процес?“, прашува Черчман.
Тој смета дека системите со вештачка интелигенција треба да бидат дизајнирани така што луѓето и натаму ќе имаат активна улога во носењето одлуки, особено во ситуации со висок ризик и голема неизвесност, наместо да се претворат во пасивни оператори на технологијата.
Анализи
Минималецот во Србија за август е за околу 6.600 денари повисок од македонскиот
Работниците кои примаат минимална плата во Србија за август 2026 година ќе добијат 62.328 српски динари нето, додека минималната плата во Македонија изнесува 26.046 денари. Пресметано според актуелниот курс, српскиот минималец за август изнесува околу 32.650 македонски денари.
Тоа значи дека минималната плата во Србија за август е за околу 6.600 денари повисока од македонската, односно приближно 25 проценти.
Во Србија минималната цена на трудот од почетокот на 2026 година изнесува 371 динар нето по работен час. Бидејќи август има 168 работни часа, работник со полно работно време ќе добие најмалку 62.328 динари нето.
За споредба, минималната нето-плата во Македонија од март 2026 година изнесува 26.046 денари, откако беше зголемена за 1.667 денари во однос на претходниот износ од 24.379 денари.
Разликата меѓу двете земји е видлива и кога сумите ќе се сведат на иста валута. Српскиот августовски минималец од 62.328 динари во моментов одговара на околу 32.647 денари, наспроти 26.046 денари во Македонија.
Сепак, специфичност во Србија е што конечниот месечен минималец зависи од бројот на работни часови во конкретниот месец. Така, за јули минималната плата изнесувала 68.264 динари, додека во август е пониска за 5.936 динари поради помалиот фонд на работни часови.
Во Македонија, пак, законски утврдениот минимален нето-износ во овој период е 26.046 денари за полно работно време.
Споредбата покажува дека работник на минимална плата во Србија во август номинално ќе располага со околу 6.600 денари повеќе месечно од работник на минимална плата во Македонија.
Анализи
Државата повторно се задолжува: Издаде обврзница од 37,3 милиони евра со камата од 5,20%
Министерството за финансии издаде нова 15-годишна државна обврзница, која од денес (25 август 2026 година) е примена на котација на Официјалниот пазар на Македонската берза.
Вредноста на емисијата изнесува 2,293 милијарди денари, односно околу 37,3 милиони евра, поделени во 229.390 обврзници со номинална вредност од 10.000 денари.
Обврзницата е издадена на 20 август 2026 година, со рок на достасување до 20 август 2041 година и фиксна годишна каматна стапка од 5,20%. Шифрата за тргување е M200841, а ISIN кодот е MKMINF20GZA7.
Со оваа емисија продолжува задолжувањето на државата на домашниот пазар на капитал. Според објавите на Македонската берза, од почетокот на 2026 година до денес се реализирани 21 емисија на државни обврзници, преку кои Министерството за финансии обезбедило вкупно 27,596 милијарди денари, или повеќе од 448,7 милиони евра.
Новата емисија дополнително го зголемува понудениот обем на државни хартии од вредност на домашниот пазар, а каматната стапка од 5,20% ја прави релевантна за инвеститорите кои бараат долгорочен инструмент со фиксен принос.
Анализи
Македонија ќе има два система за инстант плаќања: КИБС Инстант и мобилна апликација „Стрела“ преку КИБС и TIPS Clone преку Народната банка
Македонскиот платежен пазар влегува во нова фаза. Наместо едно единствено решение, во земјава паралелно се развиваат две инфраструктури преку кои банките ќе можат да овозможат инстант плаќања.
Едниот модел се развива од КИБС преку платформата „КИБС Инстант“ и мобилната апликација STRELA. Другиот ќе функционира преку Народната банка и регионалната платформа TIPS Clone, базирана на технологијата на европскиот систем TIPS.
Двата система имаат иста основна цел: парите да стигнуваат од една на друга сметка за неколку секунди, без оглед дали е работен ден, викенд или празник. Сепак, начинот на кој банките и клиентите ќе пристапуваат до услугите, дополнителните функционалности, цената и можноста за меѓусебно поврзување можат значително да се разликуваат.
TIPS Clone преку Народната банка
Оваа инфраструктура е поврзана со регионалниот проект TIPS Clone, развиен со поддршка од Банката на Италија и Евросистемот.
Станува збор за платформа базирана на истата технологија како TARGET Instant Payment Settlement – TIPS, европската инфраструктура за порамнување инстант плаќања. Во овој модел централна улога ќе има Народната банка, преку која македонските банки ќе можат да се приклучуваат на системот.
Според најавената временска рамка, Северна Македонија, Албанија и Косово треба да се приклучат кон регионалната платформа во ноември 2026 година. Босна и Херцеговина и Црна Гора веќе ја активираа инфраструктурата во јули.
Овој систем треба да овозможи порамнување на инстант трансакциите во централнобанкарски пари, што е значајно од аспект на сигурноста, стабилноста и управувањето со ризиците.
На подолг рок, особено важна може да биде можноста регионалниот TIPS Clone да се поврзе со европскиот TIPS. Тоа би создало основа не само за домашни инстант плаќања во денари, туку и за побрзи и поефикасни прекугранични трансфери.
„КИБС Инстант“ како домашна паралелна инфраструктура
Паралелно со проектот на Народната банка, КИБС ја разви платформата „КИБС Инстант“, за која веќе има добиено лиценца за оператор на платен систем за инстант плаќања.
Платформата е наменета за извршување инстант плаќања во денари, достапни 24 часа дневно, седум дена во неделата и 365 дена во годината.
Според концептот, трансакциите треба да бидат извршени за помалку од десет секунди, независно дали испраќачот и примачот имаат сметки во иста или во различни банки.
Според информации до кои дојде Банкарство.мк, две банки веќе се подготвуваат да се приклучат кон „КИБС Инстант“ и да започнат со иницирање плаќања до 15 септември. Засега не е објавено за кои банки станува збор.
Ова значи дека првите инстант плаќања преку инфраструктурата на КИБС би можеле да станат достапни пред приклучувањето на Македонија кон регионалниот TIPS Clone, планирано за ноември.
Сепак, приклучувањето на првите банки не мора автоматски да значи и целосна достапност на сите функционалности за сите клиенти. Брзината на проширување ќе зависи од техничката подготвеност на секоја банка, нејзината деловна одлука и начинот на кој ќе ја интегрира услугата.
Што ќе нуди апликацијата STRELA?
Важен дел од екосистемот на КИБС е мобилната апликација STRELA, замислена како корисничко решение за инстант плаќања.
Банките ќе имаат две можности. Тие ќе можат на своите клиенти да им овозможат користење на апликацијата STRELA или функционалностите да ги интегрираат директно во сопствените апликации за мобилно банкарство.
STRELA е предвидено да поддржува повеќе начини на плаќање:
- директни плаќања од сметка на сметка;
- плаќања преку QR-код;
- бесконтактни плаќања преку NFC;
- плаќања во мобилни апликации;
- плаќања во продавници и во е-трговија;
- регистар на алијаси;
- барање за плаќање.
Но, ако станат дел од пакетите за електронско и мобилно банкарство или се наплатуваат по симболична цена, навиките на корисниците можат брзо да се променат.
Регистарот на алијаси може да биде една од најкорисните функционалности за граѓаните. Наместо внесување долг број на трансакциска сметка, плаќањето потенцијално ќе може да се насочи преку поедноставен податок, како телефонски број поврзан со банкарската сметка.
Функцијата „барање за плаќање“, пак, му овозможува на примачот да испрати дигитално барање, кое плаќачот потоа го одобрува. Примената може да биде широка – од поделба на сметка во ресторан до наплата на фактури, онлајн нарачки и плаќања кон компании.
Конкуренција и потреба од интепоперабилност
Постоењето на две инфраструктури може да биде позитивно за пазарот. Банките ќе имаат избор, а конкуренцијата меѓу операторите може да поттикне пониски цени, побрз развој и повеќе услуги.
Од друга страна, се отвора и ризик од фрагментација.
Клучното прашање е дали клиент на банка приклучена само кон „КИБС Инстант“ ќе може непречено да испрати пари до клиент на банка што користи само TIPS Clone и обратно.
Доколку системите не бидат интероперабилни, може да се создадат два одделни круга на банки и корисници. Во такво сценарио, дел од банките можеби ќе треба да се приклучат на двете инфраструктури за да обезбедат целосна достапност.
Затоа, за пазарот нема да биде доволно само двата система технички да функционираат. Ќе биде важно да се обезбеди универзално корисничко искуство во кое испраќачот нема да мора да проверува преку кој оператор работи банката на примачот.
Цената повторно ќе биде пресудна
Следното големо прашање е колку ќе чинат инстант плаќањата преку двата система.
Ако банките ги третираат како премиум услуга и наплатуваат значително повисока провизија од обичниот електронски налог, нивната употреба може да остане ограничена.
Конкуренцијата меѓу TIPS Clone и „КИБС Инстант“ во овој дел може да биде корисна. Таа би можела да изврши притисок врз операторите и банките да понудат поатрактивни услови, особено за секојдневните плаќања на граѓаните и малите бизниси.
Две инфраструктури, но целта треба да биде една
Македонија очигледно нема да влезе во ерата на инстант плаќањата со едно единствено решение.
Од една страна ќе биде регионалната TIPS Clone инфраструктура преку Народната банка, со силна врска со европскиот платежен систем. Од друга страна ќе бидат домашната платформа „КИБС Инстант“ и апликацијата STRELA, со поширок сет функционалности за плаќања меѓу граѓани, компании, продавници и е-трговци.
Најавеното приклучување на две банки кон системот на КИБС до 15 септември може да биде првиот конкретен чекор. Потоа, во ноември, се очекува приклучувањето на земјава кон регионалниот TIPS Clone.
На крајот, клиентите нема да ги оценуваат системите според техничката архитектура или операторот. Ќе ги оценуваат според тоа дали можат едноставно, безбедно и евтино да испратат или да платат пари за неколку секунди.
Токму затоа најважната цел треба да биде двете инфраструктури да создадат еден функционален и достапен екосистем на инстант плаќања.
Автор: Филип Чижбановски
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е строго забрането без претходно писмено одобрение и е предмет на условите наведени на следниот линк.
-
Продуктипред 2 месециИднината на банкарството е во доброто корисничко искуство
-
Останатопред 2 месециОд јули почнува исплатата на К-15, минималниот износ е 19.116 денари
-
Банкипред 2 месециИсплатата на јунските пензии преку Стопанска банка почнува на 1 јули
-
Банкипред 2 месециКомерцијална банка почнува со исплата на јунските пензии од 1 јули
-
Банкипред 1 месецСтопанска банка со промотивна камата од 4,9 отсто за Mastercard Platinum картичката
-
Кариерапред 2 месециАЛТА Банка објави оглас за вработување во секторот за организација и ИТ
-
Банкипред 2 месециЈунските пензии достапни за пензионерите корисници на Халкбанк
-
Кариерапред 2 месециСтопанска банка бара агент за грижа на корисници





