Connect with us
no baners

Банки

Натамошен раст на безготовинските платежни трансакции со платежни картички и електронски иницираните кредитни трансфери во земјата

Објавено

на

Народната банка на Република Северна Македонија ги објави податоците од доменот на платежната статистика за третиот квартал од 2023 година.

Податоците покажуваат дека и во третиот квартал од 2023 година се бележи нагорен тренд во употребата на дигиталните канали за извршување на плаќањата во земјата, особено од граѓаните, како на платежните картички, така и на мобилните апликации за електронско иницирање на кредитните трансфери, т.н. платни налози.

Годишниот раст на употребата на платежните картички издадени во земјата за готовински трансакции и за плаќање производи и услуги во земјата од страна на граѓаните во третиот квартал од оваа година, во споредба со истиот период минатата година, изнесува 12,8% кај бројот и 10,0% кај вредноста на овие трансакции. Притоа, значителен годишен раст од 15,1% е забележан кај употребата на картичките за плаќање производи и услуги во земјата,  којшто пред сѐ се должи на посилниот раст на плаќањата на физичките места на продажба од 15,9%, но и солиден раст од 9,0% на плаќањата на виртуелните (интернет) продажни места.

Плаќањата на граѓаните со кредитни трансфери (т.н. платни налози) во истиот период забележаа годишен раст од 9,3% кај вредноста и 5,0% кај бројот на остварените трансакции, при натамошна зголемена употреба на електронското банкарство за иницирање на овие плаќања. Имено, бројот на електронски иницираните платни налози во третиот квартал од 2023 година забележа годишен раст од 16,1%, што е повеќе за 10,8 п.п. од годишниот раст во третиот квартал од 2022 година (5,3%). Во споредба со истиот период од 2022 година, се забележува позитивен нагорен тренд особено кај употребата на апликациите на мобилните телефони, или годишен раст од 19,5%, како и кај употребата на компјутерите за извршување на плаќањата (11,8%).

Податоците од доменот на платежната статистика за третиот квартал од 2023 година, коишто покрај изнесените податоци за платежните трансакции на граѓаните во земјата, содржат и податоци за платежните трансакции на правните лица во земјата, се достапни на следнава врска.

no baners
no baners

Банки

Нов банкарски гигант се шири низ Балканот: AikGroup цели кон 17 милијарди евра – дали Македонија е следна?

Објавено

на

AikGroup забрзано ја гради својата позиција како една од најбрзорастечките банкарски групации во Југоисточна Европа, а новата инвестиција на Европската банка за обнова и развој дополнително ја отвора вратата за регионално ширење.

ЕБОР инвестира до 64 милиони евра за 5 проценти удел во AikGroup, преку купување новоиздадени акции. Целта е да се поддржат понатамошното ширење, дигитализацијата и корпоративното управување на групацијата. ЕБОР ќе има и свој претставник во Одборот на директори.

AikGroup во моментов има повеќе од 10 милијарди евра вкупна актива и банкарско присуство во Србија преку AikBank, во Словенија преку Gorenjska Banka и во Црна Гора преку Hipotekarna Banka. Групацијата вработува повеќе од 3.000 лица и има околу 6,1 милијарда евра нето-кредити и 7,4 милијарди евра депозити.

Според ЕБОР, среднорочната амбиција на групацијата е активата да се зголеми на околу 17 милијарди евра во следните три до пет години, преку комбинација од нови аквизиции и органски раст. Самата AikGroup во понова корпоративна објава наведува уште поамбициозна цел – до 20 милијарди евра, што покажува дека плановите за експанзија сè уште се развиваат.

Последниот голем чекор беше преземањето на 74,9 проценти од Hipotekarna Banka во Црна Гора, трансакција со која AikGroup дополнително го прошири своето регионално присуство. Компанијата и официјално наведува дека останува фокусирана на понатамошно регионално ширење преку аквизиции и стратешки инвестиции.

Дали Македонија може да биде следна?

Во овој момент нема јавно објавена информација дека AikGroup преговара за купување банка во Северна Македонија, ниту дека македонскиот пазар е официјално означен како следна цел.

Сепак, прашањето се наметнува поради јасната стратегија на групацијата. AikGroup веќе работи на повеќе пазари во регионот, а ЕБОР експлицитно наведува дека новата инвестиција треба да ја поддржи експанзијата низ Југоисточна Европа и поширокиот јадрански регион.

Тоа значи дека нови аквизиции се реален дел од стратегијата, но засега нема основа Македонија да се претстави како потврдена следна дестинација.

Доколку AikGroup во иднина реши да влезе и на македонскиот пазар, најлогичниот пат би бил преку купување удел или преземање постојна банка, како што веќе направи во Црна Гора. Но тоа во овој момент е само можност, а не најавена трансакција.

Она што е сигурно е дека консолидацијата на банкарскиот сектор во регионот продолжува. Со поддршка од ЕБОР, повеќе од 10 милијарди евра актива и амбиција таа бројка значително да се зголеми, AikGroup очигледно не планира да запре со сегашната регионална мапа.

А за Македонија, засега останува да се следи дали следниот бран на банкарски преземања ќе стигне и на домашниот пазар.

Продолжи со читање

Банки

Народна банка: За една година преку СЕПА реализирани над 581 илјада трансакции, заштедени повеќе од 5 милиони евра

Објавено

на

За една година од оперативното приклучување на Северна Македонија кон Единствената област за плаќање во евра – СЕПА, граѓаните и компаниите оствариле заштеди од повеќе од пет милиони евра, информира Народната банка.

Во изминатите 12 месеци преку СЕПА биле реализирани повеќе од 581 илјада трансакции, со вкупна вредност од околу 11 милијарди евра.

Според податоците на Народната банка, надоместоците за прекуграничните плаќања во евра се намалени до шест пати за граѓаните и до девет пати за компаниите.

Во моментов, 69 проценти од прекуграничните плаќања во евра се реализираат преку СЕПА, со што овој систем веќе прераснал во водечки канал за ваков вид плаќања. Услугата е достапна преку сите домашни банки.

Северна Македонија оперативно се приклучи кон СЕПА пред една година, овозможувајќи прекуграничните плаќања во евра да се извршуваат побрзо, поедноставно и со значително пониски трошоци.

Од Народната банка посочуваат дека со натамошното зголемување на користењето на СЕПА се очекуваат уште поголеми заштеди, раст на дигиталните плаќања и дополнителни придобивки за граѓаните, компаниите и домашната економија.

„Европските стандарди – конкретна придобивка за сите“, порачуваат од Народната банка.

Продолжи со читање

Банки

Кина затвори 670 банки за една година: Пекинг го прекројува банкарскиот сектор

Објавено

на

Кина ја забрзува консолидацијата на малите, претежно рурални банки, во обид да го зајакне финансискиот систем во услови на забавување на економскиот раст.

Според анализа на Fitch Ratings, во текот на 2025 година биле затворени рекордни 670 банки, што претставува околу една четвртина од вкупниот број банки во земјата. Кинеските власти ги интензивирале спојувањата и ликвидациите со цел да создадат помал број, но поголеми и подобро капитализирани финансиски институции.

Од Fitch посочуваат дека малите и руралните комерцијални банки се меѓу најранливите делови од кинескиот банкарски систем, поради послаб квалитет на активата, ниска капитализираност и недостатоци во управувањето, особено во помалку развиените региони.

Приносот на активата кај руралните банки во првата половина од годинава се намалил на 0,45%, од 0,56% во 2021 година. Истовремено, уделот на нефункционалните кредити пораснал на 2,8%, што е значително над просекот за банкарскиот сектор од 1,5%.

Овие банки имаат поголема изложеност кон мали компании, градежни и недвижносни фирми, како и кон финансиски субјекти поврзани со локалните власти.

Целта на консолидацијата е да се засили надзорот, да се намали регулаторната арбитража и да се подобри транспарентноста во секторот. Fitch оценува дека проблемите кај малите банки веројатно нема да предизвикаат поширока финансиска зараза, бидејќи нивното работење е претежно локализирано, а изложеноста кон други банки е ограничена.

Сепак, агенцијата предупредува дека структурните слабости кај дел од овие институции може да продолжат и во краток рок.

Консолидацијата доаѓа во период кога кинеската економија покажува знаци на забавување. БДП во вториот квартал пораснал за 4,3% на годишно ниво, што е најбавна стапка на раст од 2022 година, додека индустриската добивка во август пораснала за 4,2%, што е најслабото темпо на раст оваа година.

Продолжи со читање
no baners

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange