Банки
Јанкоски од Народната банка: Ги следиме најновите трендови за висока киберотпорност на банките
„Народната банка има посебна организациска единица и регулатива за осигурување на дигиталната отпорност во финансискиот сектор, којашто е во согласност со најдобрите практики на Европската централна банка и Европскиот банкарски орган. Со оглед на брзиот технолошки развој и дигитализацијата, централната банка постојано ги следи најновите трендови за јакнење на свесноста од ризиците и врши надополнување на регулативата и засилени теренски контроли“, вели Горан Јанкоски, главен одговорен супервизор за информативните системи во Народната банка во интервју за Македонската радио-телевизија.
Јанкоски посочува дека домашниот банкарски сектор активно ги употребува најновите финансиски технологии за унапредување на своето работење заради обезбедување нови финансиски продукти, но голем број од новите технологии наоѓаат примена и во јакнењето на кибербезбедноста.
„Во делот на новите технологии, домашните банки применуваат напредни системи за анализа на платните трансакции за откривање измама, засновани на вештачка интелигенција. Овие системи придонесуваат за натамошно зајакнување на безбедноста на платежните трансакции, со тоа што ќе може да препознаат невообичаена трансакција, невообичаен трговец, невообичаен уред, време, држава и слично, од каде што се изведува трансакцијата, при што ќе се бара дополнителна автентикација од клиентот. Секако, примената на новите технологии треба да се одвива во согласност со законските прописи, анализата на ризиците од користењето на новата технологија и едукацијата на корисниците за начинот на нејзиното користење“, истакна Јанкоски и додава дека банките применуваат голем број заштитни механизми со кои обезбедува соодветна заштита, но препорачува и граѓаните да бидат крајно внимателни, како корисници на финансиските услуги, за да можат да ги препознаат ризиците од кибернападите, коишто во изминатиот период се зачестени.
„Народната банка постојано обезбедува финансиска едукација преку која ги информира граѓаните за тоа како да ги препознаат ризиците од кибернападите, како што е измамата преку сомнителни пораки (фишинг). Канали преку кои доаѓаат сомнителните пораки се електронско сандаче, СМС, вибер-пораки, спонзорирани објави на социјалните мрежи и директни телефонски јавувања до клиентите. Најчесто, пораките доаѓаат од непознат број или адреса, а нивната содржина предизвикува потреба од итност во реакцијата. Во такви случаи препорачуваме граѓаните да комуницираат со банките исклучиво преку официјалните канали за комуникација и да ги следат советите на банките и на надлежните институции“, истакна Јанкоски.
Банки
АЛТА банка Белград го зголеми сопственичкиот удел во АЛТА банка Битола на 95,27 отсто
АЛТА банка АД Белград дополнително го зголеми својот сопственички удел во АЛТА банка АД Битола, откако се стекна со уште 14 обични акции, со што нејзиното учество достигна 95,2695 отсто од вкупниот број издадени обични акции.
Според известувањето објавено на Македонската берза на 16 октомври 2026 година, по дополнителното стекнување акции, српската АЛТА банка сега поседува вкупно 372.482 обични акции во битолската банка.
Промената во акционерската структура е објавена согласно член 38 став 2 од Правилата за котација на Македонската берза АД Скопје, кој се однесува на објавување информации за промени кај акционери со значителни удели.
Со оваа трансакција, АЛТА банка Белград дополнително ја зацврстува својата доминантна сопственичка позиција во АЛТА банка Битола, задржувајќи контрола врз повеќе од 95 отсто од обичните акции на банката.
Банки
Нефункционалните кредити се намалија на 1,97%: Банките го подобруваат квалитетот на кредитното портфолио
Квалитетот на кредитното портфолио на македонските банки останува на релативно високо ниво, покажуваат податоците за второто тримесечје од 2026 година, објавени во статистичкиот преглед на Македонската банкарска асоцијација.
Стапката на нефункционални кредити на крајот од јуни 2026 година изнесувала 1,97%, во споредба со 2,45% во истиот период минатата година. Намалувањето од 0,48 процентни поени покажува подобрување на квалитетот на кредитното портфолио во услови на зголемена кредитна активност.
Во истиот период, вкупните кредити на банкарскиот систем се зголемиле од 524,19 милијарди на 592,19 милијарди денари, што претставува раст од приближно 13%.
Оваа комбинација е важна бидејќи банките успеале да го зголемат обемот на кредитирањето, додека учеството на нефункционалните кредити во вкупното портфолио се намалило.
Сепак, намалувањето на процентуалното учество на нефункционалните кредити не мора автоматски да значи еднакво намалување на нивната апсолутна вредност. За подетална оценка потребно е да се следат и износите на проблематичните побарувања, исправките на вредноста, реструктурираните кредити и секторската концентрација на ризиците.
Дополнителен позитивен показател претставува капиталната позиција на банкарскиот систем, со адекватност на капиталот од 19,52% на крајот од второто тримесечје.
За следниот период, особено важно ќе биде дали кредитната експанзија ќе продолжи без значително влошување на квалитетот на новоодобрените кредити.
Редакција Банкарство
Банки
Рајфајзен банка пласираше обврзници вредни 141 милион евра на Берзата во Букурешт
Рајфајзен банка Романија (Raiffeisen Bank Romania) котираше нова емисија корпоративни обврзници во вредност од 750 милиони романски леи, односно околу 141 милион евра, на регулираниот пазар на Букурешката берза (BVB). Станува збор за десеттата емисија обврзници на банката што се тргува на романскиот пазар на капитал.
Новата емисија, која од 16 октомври е достапна за тргување под берзанскиот симбол RBRO33, опфаќа вкупно 1.250 обврзници, со номинална вредност од 600.000 леи по обврзница.
Според податоците објавени од Букурешката берза, обврзниците носат фиксна каматна стапка од 7,538 проценти до 2032 година, по што каматата ќе стане променлива и ќе се пресметува врз основа на тримесечната референтна стапка ROBOR, зголемена за 0,85 процентни поени.
Средствата се обезбедени преку институционални инвеститори
Емисијата беше реализирана на 13 август годинава и беше наменета за институционални инвеститори, како дел од стратегијата на банката за зајакнување на капиталната позиција и диверзификација на изворите на финансирање.
Обврзниците се од категоријата приоритетни необезбедени должнички инструменти и се подобни за исполнување на регулаторните барања за минимално ниво на сопствени средства и прифатливи обврски на кредитните институции.
Десетта емисија обврзници на романскиот пазар
Со новото котирање, Рајфајзен банка продолжува да го користи домашниот пазар на капитал како извор за долгорочно финансирање.
Емисијата е дел од меѓународната програма за финансирање EMTN (Euro Medium Term Notes), која овозможува прибирање средства преку издавање среднорочни должнички хартии од вредност.
Рајфајзен банка е меѓу позначајните банкарски институции во Романија, со приближно 2,4 милиони клиенти од редот на физичките и правните лица. Банката е активна и во финансирањето одржливи проекти и во развојот на пазарот на зелени финансиски инструменти.
Новата емисија претставува дополнително проширување на понудата на корпоративни обврзници на Букурешката берза и ја потврдува улогата на пазарот на капитал како алтернативен канал за финансирање на банкарскиот сектор во Романија.
-
Банкипред 2 месециНОВО: Комерцијална банка воведе штедење на 25 и на 40 месеци со фиксни каматни стапки
-
Банкипред 2 месеци10% поврат на средства со Mastercard картичките на Стопанска банка секој први во месецот
-
Анализипред 2 месециМакедонија ќе има два система за инстант плаќања: КИБС Инстант и мобилна апликација „Стрела“ преку КИБС и TIPS Clone преку Народната банка
-
Колумнипред 2 месециКој ќе биде македонскиот Revolut?
-
Банкипред 2 месециКристина Трпезановска: NLB Smart POS им овозможува на малите бизниси полесен пристап до дигитални плаќања
-
Кариерапред 2 месециНЛБ Групацијата вработува ИТ професионалец – Специјалист за ИТ за независна валидација
-
Банкипред 2 месециНЛБ Банка: Исплатени пензиите за август, средствата се достапни веднаш
-
Банкипред 2 месециСтопанска банка денеска ги исплаќа августовските пензии





