Банки
Халкбанк предупредува на зголемена активност на измамнички пораки и апелира за внимателност
Халкбанк АД Скопје информира дека во изминатиот период сѐ почести се обидите за неовластено прибирање лични и финансиски податоци на граѓаните.
Се испраќаат лажни СМС или електронски пораки до поширок круг граѓани од земјата, во кои се злоупотребува името на банката. Истите содржат линк до измамничка веб-страница или прикачен документ со намера за измама. Целта на овие пораки е да се прибираат податоци за платежните картички, со цел истите да бидат злоупотребени.
Банката апелира до јавноста да не се отвораат линкови добиени преку вакви пораки, да не се внесуваат лични или финансиски податоци на линкуваните веб-страници и граѓаните да бидат особено внимателни. Постои можност измамничката веб-адреса да се промени во иднина, па затоа е потребна зголемена претпазливост.
Халкбанк АД Скопје никогаш нема да побара од своите клиенти лични податоци или информации за платежните картички преку ваков тип пораки. Целосната комуникација од страна на банката се одвива исклучиво преку официјални и безбедни канали.
Банката посочува и на тоа дека пораките се упатени до широка база на контакти меѓу кои може случајно да има и клиенти на банката и затоа, доколку некој од нив има внесено податоци на измамничката веб страница, неопходно е веднаш да го контактира контакт центарот на Халкбанк АД Скопје за преземање понатамошни активности за спречување на измамите.
Телефонскиот број на контакт центарот е +389 2 3296 330 и истиот е на располагање 24 часа во денот.
Банки
Во Народната банка се одржа 59. сесија на Клубот на истражувачите
Во Народната банка се одржа 59. сесија на Клубот на истражувачите, платформа за презентација и разгледување научно-истражувачки трудови на Народната банка, којашто ја поддржува научно-истражувачката дејност во земјава во изминатите тринаесет години.
На оваа сесија беше претставен научниот труд „Дали може институционалната интеграција на берзите од Западен Балкан да ја зајакне монетарната трансмисија?”, (Can Institutional Integration of Western Balkans’ Stock Exchanges Strengthen Monetary Transmission?), од авторот Стефан Таневски. Авторот е добитник на првата награда за млади истражувачи на Народната банка за 2026 година.
Сесијата ја отвори директорката на Дирекцијата за монетарната политика и истражување Билјана Давидовска-Стојанова, којашто истакна дека интеграцијата на берзите не треба да се гледа само како реформа за развој на финансискиот пазар туку и како дел од пошироката макрофинансиска инфраструктура преку која монетарната политика влијае врз економијата. „Поинтегрираните пазари можат да овозможат побрз и поцелосен пренос на монетарните сигнали кон финансиските услови и реалната економија. Оттука, берзанската интеграција e потенцијално важен канал за поефикасно функционирање на монетарната политика. Сепак, самата консолидација на пазарите не е доволна, нејзините придобивки зависат од квалитетното управување, заштитата на инвеститорите и усогласената регулаторна рамка“, истакна Давидовска-Стојанова.
Авторот Таневски во својата презентација посочи дека трудот се фокусира на каналот на цените на средствата, како механизам преку кој се пренесуваат сигналите на монетарната политика во економијата. Во моментов, пазарите од Западен Балкан се фрагментирани и неликвидни, поради што и сигналите на централните банки само делумно и нерамномерно се пренесуваат врз цените на финансиските средства во различни сектори. Во својот труд авторот посочува дека интеграцијата на берзите од Западниот Балкан може значително да ја подобри оваа трансмисија, преку побрза и поефикасна реакција на цените на акциите на промените во каматните стапки и монетарните сигнали, при што се укажува дека структурата на финансискиот систем е директно поврзана со ефективноста на монетарната политика.
Сесиите на Клубот се одржуваат четирипати годишно. Народната банка објавува повик до истражувачите за презентирање труд, којшто може да биде и во работна верзија. Трудовите се работат во согласност со трендовите и стандардите на современите истражувања, односно со солидна емпириска анализа и систематизирани заклучоци од истражувањето. На сесиите учествуваат аналитичари и истражувачи од научно-образовни и финансиски институции, студенти и останати заинтересирани учесници или слушатели.
Зачленувањето е од отворен карактер и повеќе информации за Клубот може да се најдат на следнава врска: https://www.nbrm.mk/
Следната сесија е планирана за декември оваа година.
Банки
УНИ Банка исплаќа 387 денари дивиденда по акција, исплатата стартува на 26 октомври
Акционерите на УНИ Банка ќе добијат дивиденда во износ од 387 денари по акција, согласно одлуката донесена на Собранието на акционери.
За исплата на дивидендата Банката ќе издвои вкупно 211,3 милиони денари, односно околу 3,4 милиони евра. Средствата се обезбедуваат од акумулираната добивка остварена во периодот од јануари до декември 2025 година.
Исплатата на дивидендата ќе започне на 26 октомври 2026 година.
Според објавениот дивиденден календар, 7 октомври е последниот ден на тргување со акциите на УНИ Банка со право на дивиденда за 2025 година.
Првиот ден на тргување без право на дивиденда е 8 октомври, додека пресекот на акционерската книга ќе биде направен на 9 октомври 2026 година, заклучно со 16:00 часот.
Тоа значи дека право на дивиденда ќе имаат акционерите кои ќе бидат евидентирани во акционерската книга согласно утврдениот пресек.
Одлуката за распределба на добивката и исплатата на дивиденда беше усвоена на акционерското собрание на УНИ Банка одржано минатата недела.
Банки
Нова ера во плаќањата: Европа ја намалува зависноста од Visa и Mastercard
Европа прави нов крупен чекор кон намалување на зависноста од американските платежни гиганти Visa и Mastercard. Неколку големи европски платежни системи се здружуваат во нова мрежа која треба да овозможи прекугранични плаќања и трансфери со европска инфраструктура.
Според Reuters, платежните системи Bizum од Шпанија, Bancomat од Италија, Wero, португалскиот MB WAY и нордискиот Vipps MobilePay се дел од иницијативата за формирање на European Network for Payments – ENP. Новата мрежа треба да поврзе национални платежни системи кои заедно опфаќаат околу 130 милиони корисници во 13 земји, односно повеќе од 70% од населението на Европската Унија и Норвешка.
Дали тоа значи дека ќе ги менуваме Visa и Mastercard картичките?
Не веднаш.
Новата европска иницијатива не значи дека постојните Visa и Mastercard картички преку ноќ ќе исчезнат или дека граѓаните ќе мора задолжително да ги заменат. Наместо тоа, Европа постепено гради сопствен платежен систем кој треба да стане дополнителна опција за плаќање и со текот на времето да понуди посериозна конкуренција на американските платежни мрежи.
Првата фаза е насочена кон директни трансфери на пари меѓу корисниците, а во следните фази системот треба да се прошири и на интернет-купување и плаќање во физички продавници.
Wero веќе ја отвори вратата за европски плаќања
Еден од клучните проекти во оваа насока е Wero, дигиталниот паричник развиен од European Payments Initiative – EPI. Системот користи инстант плаќања директно од банкарска сметка на банкарска сметка и е замислен како единствено европско решение за граѓаните и компаниите.
Wero веќе се користи или се воведува во повеќе европски земји, а неговата функционалност постепено се проширува од трансфери меѓу физички лица кон онлајн и плаќања на продажни места. Во Холандија веќе е започнат и процесот на постепено преминување од популарниот систем iDEAL кон Wero.
Во 2026 година Wero дополнително ја проширува својата мрежа. Кон иницијативата се приклучија и големи финансиски институции како Erste Bank Österreich и Raiffeisen, што треба да овозможи проширување на услугата и на австрискиот пазар.
Зошто Европа сака сопствен систем?
Во основата на проектот е желбата Европа да има поголема финансиска и дигитална независност.
Голем дел од картичните плаќања во Европа денес зависат од инфраструктурата на американските компании Visa и Mastercard. Европските институции и банки веќе подолг период настојуваат да развијат платежни решенија кои би можеле да функционираат на европска инфраструктура и да создадат поголема конкуренција на пазарот.
Европската централна банка исто така укажува дека развојот на европска платежна инфраструктура би им овозможил на приватни европски системи како Wero полесно да работат низ целата еврозона.
Visa и Mastercard засега остануваат
За корисниците најважно е дека засега нема причина за промена на постојните банкарски картички.
Visa и Mastercard и натаму остануваат широко распространети платежни мрежи, додека европските решенија се во процес на проширување и поврзување.
Сепак, создавањето на заедничката European Network for Payments покажува дека Европа сериозно работи на сопствен платежен екосистем. Доколку системот добие широка поддршка од банките, трговците и корисниците, во следните години европските потрошувачи би можеле да добијат уште една голема опција покрај Visa и Mastercard.
-
Банкипред 2 месециПремиум дебитната картичка на Стопанска банка овозможува пристап до над 1.800 аеродромски деловни зони
-
Кариерапред 2 месециНародната банка вработува седум лица: Плати до 91.385 денари
-
Кариерапред 2 месециНЛБ Групацијата вработува специјалист за Управување со ризици/финансии
-
Кариерапред 2 месециОглас за вработување во Централна кооперативна банка АД Скопје
-
Банкипред 2 месециНЛБ Банка ја исплати паричната помош за корисниците на социјална, детска и цивилна заштита
-
Банкипред 1 месецНОВО: Комерцијална банка воведе штедење на 25 и на 40 месеци со фиксни каматни стапки
-
Кариерапред 2 месециОглас за вработување во Централна кооперативна банка АД Скопје
-
Банкипред 1 месец10% поврат на средства со Mastercard картичките на Стопанска банка секој први во месецот

