Банки
Halk EZ со поддршка на првиот академски час на УКИМ
Халкбанк преку платформата за млади – Halk EZ, го поддржа одржувањето на првиот академски час на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ), на кој присуствуваа илјадници бруцоши од сите факултети. Настанот започна со свечена церемонија и заврши со традиционалната вечерна забава на платото на УКИМ.

Студентите на влезот на комплексот факултети на УКИМ овојпат ги пречека и новиот HalkEZ мурал кој беше изработен од страна на уметниците Ана Трајковска и Ивана Самандова. Муралот е инспириран од визуелниот идентитет на платформата за млади на Халкбанк, каде што централно место зазема фонтаната Лотос како симбол на дружење, заедништво и солидарност на многу генерации млади. Со испишаната моќна порака „Успехот почнува на УКИМ“, муралот не само што ги инспирира студентите, туку и ги мотивира да се стремат кон успех во своите студии.

„Halk EZ, освен што ја претставува нашата финансиска понуда наменета за младите, таа претставува и платформа преку која ги поддржуваме и им се доближуваме на овие генерации. Преку оваа платформа сакаме и се трудиме да работиме на отворање и решавање на многу теми од кои младите се засегнати во нивната сегашност. Им се приближуваме, ги слушаме и им даваме простор за изнесување на нивните ставови поврзани со културата, едукацијата, финансиите, општеството, социјализацијата…. Заедно со нив, целиме кон тоа да создадеме заедница која ќе биде едуцирана, која ќе ги знае вистинските вредности и ќе се чувствува моќно, која ќе биде мотивирана и охрабрена да го гради и изнесува својот став.“, истакна Маја Наумовска Савеска, директор на корпоративни и маркетинг комуникации во Халкбанк АД Скопје.

Првиот академски ден на УКИМ заврши со богата музичка програма, која ја одбележа енергијата и креативниот дух на младите студенти. Преку оваа платформа, Халкбанк уште еднаш покажа дека е вистински партнер на младите, поддржувајќи ги не само финансиски, туку и во нивниот личен и професионален развој.

Пакетот Halk EZ (Halk Easy) е креиран за да одговори на секојдневните потреби на студентите, средношколците, младите претприемачи кои водат брз и динамичен живот и ги користат дигиталните технологии. Тој нуди бесплатно мобилно и електронско банкарство, Visa бесконтактна картичка со која може да се повлекува готовина без надомест на сите банкомати во земјата и во странство, платежна сметка без трошоци за водење, и иновативни услуги како GarminPay, SmartSend, SmartCash.
Банки
ЕБОР разгледува гаранција до 50 милиони евра за НЛБ Банка во Северна Македонија
Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) разгледува можност за обезбедување гаранција за споделување на кредитниот ризик на ниво на портфолио, во износ до 50 милиони евра, во корист на НЛБ Банка во Северна Македонија.
Според документот со резиме на проектот објавен од ЕБОР, гаранцијата ќе покрива до 50 отсто од кредитниот ризик, на пропорционална основа, за новоформирано кредитно портфолио на НЛБ Банка наменето за микро, мали и средни претпријатија, со вкупна вредност до 100 милиони евра.
Целта на овој финансиски инструмент е да се ослободи дополнителен капацитет на НЛБ Банка за преземање кредитен ризик, со што ќе се овозможи зголемување на кредитирањето на микро, малите и средните претпријатија и ќе се придонесе кон намалување на недостигот од финансиски средства за овој сегмент од пазарот.
НЛБ Банка Скопје е дел од словенечката НЛБ Групација (Nova Ljubljanska Banka).
На крајот на јуни 2026 година, НЛБ Банка била трета најголема банка во Северна Македонија, со пазарно учество од 16,7 отсто во вкупната актива на банкарскиот сектор, 18,6 отсто во бруто-кредитното портфолио и 17,3 отсто во депозитите на клиентите.
Гаранцијата е во фаза на разгледување од страна на ЕБОР, а нејзиното евентуално одобрување би овозможило дополнителна поддршка за финансирање на домашните микро, мали и средни претпријатија.
Банки
Албанските банки постепено се враќаат во нормала по протестите – оштетени 45 филијали и 53 банкомати
Банките во Албанија постепено го нормализираат работењето по насилните антивладини протести, во кои беа оштетени 45 банкарски филијали и 53 банкомати. Околу 85 отсто од банкарските филијали во главниот град Тирана веќе се отворени и им обезбедуваат услуги на клиентите.
Ова во средата го соопшти претседателот на Надзорниот одбор на Албанската асоцијација на банки (ААБ), Бледар Шела, пренесува SeeNews.
Според Шела, од вкупно 45 оштетени банкарски филијали, 24 претрпеле сериозни оштетувања. Банките постепено ги обновуваат услугите и работат на целосно воспоставување на нормалното функционирање.
Тој нагласи дека банкарскиот систем останува стабилен и дека оштетувањата на физичката инфраструктура не влијаеле врз сигурноста на депозитите на граѓаните и компаниите, ниту врз функционирањето на финансискиот систем.
Минатата недела, поголемиот дел од филијалите на комерцијалните банки во Тирана, Драч и во други албански градови беа затворени поради насилните антивладини протести, во кои цел на нападите беа јавни институции и приватни компании, особено банки и микрофинансиски институции.
Протестите, предводени од студенти, продолжуваат со барања за оставка на албанскиот премиер Еди Рама, поради обвинувања за корупција и авторитарно владеење.
Според извештаите на локалните медиуми, демонстрантите кршеле прозорци на јавни објекти, оштетувале сообраќајни знаци и тротоари, а биле запалени и контејнери за отпад.
И покрај материјалната штета и привременото затворање на бројни филијали, од Албанската асоцијација на банки уверуваат дека депозитите на клиентите се безбедни и дека банкарскиот сектор продолжува да функционира стабилно.
Банки
НБРСМ: Кредитите на граѓаните и фирмите пораснале за 14,1 отсто, најголем раст кај станбените кредити
Кредитирањето на граѓаните и компаниите продолжува да расте, при што во септември годинава вкупните кредити бележат годишно зголемување од 14,1 отсто, покажуваат најновите податоци на Народната банка. Истовремено, депозитите во банкарскиот систем се зголемени за 9,2 отсто на годишно ниво.
Според податоците на Народната банка за монетарните движења во септември 2026 година, вкупната кредитна активност забележала месечен раст од 1,3 отсто, додека на годишна основа зголемувањето изнесува 14,1 отсто. Раст е регистриран и кај домаќинствата и кај корпоративниот сектор, при што на месечно ниво поголем придонес има кредитирањето на граѓаните, а на годишно ниво кредитирањето на компаниите.
Станбените кредити со годишен раст од 16,1 отсто
Кредитите на населението во септември се зголемиле за 1,4 отсто во однос на август, додека во споредба со истиот месец минатата година пораснале за 12,7 отсто. Зголемувањето во најголем дел се должи на кредитирањето во денари.
Продолжува растот и кај потрошувачките и кај станбените кредити. Потрошувачките кредити бележат месечно зголемување од 1,1 отсто и годишен раст од 12,4 отсто, додека станбените кредити пораснале за 1,5 отсто на месечно и за 16,1 отсто на годишно ниво.
Кредитите на компаниите зголемени за 15,7 отсто
Забрзување на кредитната активност е забележано и кај корпоративниот сектор. Кредитите на претпријатијата во септември пораснале за 1,3 отсто во однос на претходниот месец, додека на годишна основа растот достигнал 15,7 отсто.
Според Народната банка, зголемувањето во најголем дел произлегува од кредитирањето во денари, иако раст е забележан и кај кредитите во странска валута.
Растат и депозитите на граѓаните и фирмите
Паралелно со кредитирањето, продолжува и растот на депозитите во банкарскиот систем. Во септември вкупните депозити се зголемиле за 0,4 отсто на месечно и за 9,2 отсто на годишно ниво.
Најголем придонес за растот имаат депозитите на домаќинствата, кои бележат месечно зголемување од 0,3 отсто и годишен раст од 9,2 отсто.
Орочените депозити на граѓаните се зголемиле за 0,8 отсто во однос на август и за 5,7 отсто на годишно ниво, главно како резултат на растот на долгорочните орочени депозити.
Кај корпоративниот сектор, депозитите пораснале за 0,4 отсто на месечно и за 8,6 отсто на годишно ниво. Растот во најголем дел се должи на зголемените средства на трансакциските сметки, а на годишна основа дополнителен придонес имаат и долгорочните орочени депозити.
Во меѓувреме, паричната маса, мерена преку монетарниот агрегат М3, во септември останала на истото ниво како претходниот месец, додека на годишна основа е зголемена за 8,3 отсто.
Најновите податоци на Народната банка покажуваат дека кредитирањето и понатаму бележи повисока годишна стапка на раст од депозитите, со особено изразено зголемување на кредитите за компаниите и станбените кредити на граѓаните.
-
Банкипред 2 месеци10% поврат на средства со Mastercard картичките на Стопанска банка секој први во месецот
-
Анализипред 2 месециМакедонија ќе има два система за инстант плаќања: КИБС Инстант и мобилна апликација „Стрела“ преку КИБС и TIPS Clone преку Народната банка
-
Банкипред 2 месециКристина Трпезановска: NLB Smart POS им овозможува на малите бизниси полесен пристап до дигитални плаќања
-
Банкипред 2 месециНЛБ Банка: Исплатени пензиите за август, средствата се достапни веднаш
-
Банкипред 2 месециСтопанска банка денеска ги исплаќа августовските пензии
-
Банкипред 2 месециХалкбанк започна со исплата на августовските пензии
-
Интервјуапред 2 месециИнтервју | Самоил Крстевски | Сопственик на маркетинг агенција Media Lab Solution
-
Банкипред 2 месециНЛБ Банка нема да работи на 28 август поради празникот Голема Богородица





