Криптовалути
БИТКОИНОТ И ТРАМП СТАНУВААТ НАЈДОБРИ ПРИЈАТЕЛИ – најпознатата криптовалута достигна рекордна вредност по веста дека компанијата на новоизбраниот претседател купува платформа за тргување со криптовалути
Цената на најпознатата криптовалута Биткоинот достигна ново рекордно високо ниво од 94.700 долари, по извештаите дека медиумската компанија на Доналд Трамп, „Trump Media and Technology Group“ (TMTG) е во преговори за купување на команијата за трговија со криптовалути „Bakkt“.
Оваа вест ја зголеми цената на биткоинот и дополнително ги поттикна очекувањата за пријателскиот однос на идната администрација на Трамп кон криптовалутите и помалку рестриктивната регулатива.
Вредноста на биткоинот оваа година се зголеми повеќе од двојно, достигнувајќи рекордни нивоа, а трговците го искористија новото тргување со опциите на „Nasdaq“ поврзани со Bitcoin ETF на „BlackRock“. Пазарот на криптовалути е под значителен притисок за раст, со глобална пазарна вредност која сега надминува 3 трилиони долари.
Експертите веруваат дека потенцијалната зделка на медиумската компанија на Доналд Трамп, „Trump Media and Technology Group“ (TMTG) со команијата за трговија со криптовалути „Bakkt“ би можела да игра клучна улога во натамошниот раст на криптовалутите.
Криптовалути
Грција воведува нови правила за криптовалутите
Грција планира да воведе данок од 10% на капиталната добивка остварена од тргување со криптовалути, со предвидено годишно даночно ослободување за добивка до 500 евра. Новото законско решение има цел да воспостави јасна регулаторна рамка за оданочување на дигиталните средства и да обезбеди поголема транспарентност на пазарот на криптовалути.
Предлог-законот, кој грчкото Министерство за национална економија и финансии го објави на 7 октомври 2026 година, за првпат предвидува сеопфатни правила за даночен третман на криптовалутите во земјата.
Според предложениот модел, данокот ќе се пресметува врз основа на разликата меѓу набавната и продажната цена на криптовалутите, односно врз реално остварената капитална добивка.
Добивка до 500 евра годишно без данок
Една од најзначајните новини во предлог-законот е воведувањето годишен праг за даночно ослободување.
Граѓаните кои ќе остварат капитална добивка од криптовалути до 500 евра годишно нема да плаќаат данок, додека за поголемите добивки е предвидена даночна стапка од 10%.
Со ваквото решение, грчките власти настојуваат да воспостават појасни правила за оданочување на приходите од дигитални средства, кои сè повеќе привлекуваат интерес кај индивидуалните инвеститори.
Замена на биткоин за етериум без непосредна даночна обврска
Значајна новина се однесува и на трансакциите при кои инвеститорите заменуваат една криптовалута за друга.
Според предлог-законот, замената на биткоин за етериум, или на една криптовалута за друга, нема да се смета за настан што создава оданочлива капитална добивка.
Тоа значи дека инвеститорите нема да имаат непосредна обврска за плаќање данок само поради таквата замена.
Даночната обврска би настанувала при оданочлив пренос на дигиталните средства, согласно условите предвидени во законското решение.
Предлогот содржи и посебни правила за утврдување на просечната набавна цена во случаи кога инвеститорите купувале иста криптовалута повеќепати, по различни цени.
Данок од 10% и за приходи од „staking“ и позајмување криптовалути
Предложените измени не се ограничуваат само на добивката од купување и продажба на криптовалути.
Даночна стапка од 10% е предвидена и за приходите остварени преку позајмување криптоимот, обезбедување ликвидност на криптоплатформи и учество во механизми за потврдување трансакции, познати како „staking“.
Овие приходи за даночни цели би се третирале како приходи од камати.
Со тоа, грчката влада предлага поширок систем за оданочување што ќе опфати различни начини на остварување приходи од дигитални средства.
Рок од 12 месеци за доброволно пријавување на претходните добивки
Предлог-законот предвидува и преоден период од 12 месеци, во кој граѓаните ќе можат доброволно да ги пријават капиталните добивки од криптовалути остварени во претходните години.
Во текот на овој период, даночните обврзници кои ќе ги исполнат пропишаните услови ќе можат да ги пријават претходните добивки без плаќање казни и затезни камати.
Оваа можност треба да поттикне доброволно усогласување со даночните правила и да овозможи поголема евиденција на приходите остварени на пазарот на дигитални средства.
Грција го засилува регулирањето на криптопазарот
Предложените правила претставуваат значаен чекор кон воспоставување појасен даночен третман на криптовалутите во Грција, во период кога дигиталните средства стануваат сè позастапени во европскиот финансиски систем.
За инвеститорите, ваквата регулатива би можела да донесе поголема правна сигурност во однос на пресметувањето и пријавувањето на добивките, додека за даночните власти би обезбедила појасна основа за следење на приходите од криптоактивности.
Засега станува збор за предлог-закон, што значи дека даночната стапка од 10% и предвидените ослободувања сè уште не претставуваат конечни законски правила. Нивната примена ќе зависи од понатамошната законодавна постапка и усвојувањето на предложеното решение.
Криптовалути
Компании се задолжуваа за да купуваат биткоин, сега го продаваат и се враќаат на основниот бизнис
Компаниите кои во текот на 2024 и 2025 година прибираа капитал за да купуваат биткоин денес вредат десетици милијарди долари помалку, а дел од нив веќе почнаа да ги продаваат криптовалутите и повторно да се насочуваат кон своето основно работење.
Анализата на „Фајненшл тајмс“ опфаќа 50 големи компании кои во последните години ја променија својата стратегија и почнаа да акумулираат биткоин. Нивната заедничка пазарна капитализација паднала од околу 150 милијарди долари во јули минатата година на приближно 67 милијарди долари денес.
Според анализата, акциите на 43 од 50-те компании денес вредат помалку отколку пред објавувањето на нивната биткоин стратегија, а 35 од нив изгубиле најмалку половина од својата вредност.
Овој тренд не бил ограничен само на компании од криптоиндустријата. Во него се вклучиле и синџир на кафулиња од Шпанија, јапонски трговец со облека, американски производител на батерии и други компании чие основно работење претходно речиси и немало врска со биткоинот.
Моделот функционирал така што компаниите издавале нови акции, обврзници или други финансиски инструменти, со собраните средства купувале биткоин, а инвеститорите потоа ги вреднувале нивните акции повисоко од самата вредност на криптовалутите што ги поседувале.
Сè додека цената на биткоинот растела, компаниите можеле повторно да прибираат капитал и да купуваат уште криптовалути. Проблемите започнале кога биткоинот почнал да губи вредност, а инвеститорите повеќе не биле подготвени да плаќаат висока премија за акциите на овие компании.
Биткоинот во последните 12 месеци изгубил околу 30 отсто од вредноста, додека дел од компаниите кои го изградиле својот финансиски модел врз криптовалутата забележале уште поголеми загуби.
Дополнителен проблем е што голем дел од купувањата биле финансирани преку задолжување или издавање нови акции. Обврските остануваат и кога вредноста на биткоинот паѓа, поради што компаниите се под сè поголем притисок.
Според „Фајненшл тајмс“, 50-те најголеми компании со ваква стратегија во јули за првпат заеднички станале нето-продавачи на биткоин. Тие продале околу 2.500 биткоини повеќе отколку што купиле, во вредност од околу 160 милиони долари.
Меѓу нив е и Strategy, поранешна MicroStrategy, која со години беше најпознат корпоративен купувач на биткоин.
Од крајот на јуни до средината на август компанијата продала речиси 7.000 биткоини за околу 430 милиони долари. Дел од средствата биле искористени за исплата на дивиденди и сервисирање на финансиските обврски.
И покрај продажбите, Strategy во средината на август сè уште поседувала 840.447 биткоини, купени за околу 63,4 милијарди долари, со што останува најголемиот корпоративен сопственик на оваа криптовалута.
Падот силно се одразил и врз пазарната вредност на компанијата. Во однос на минатогодишниот врв, нејзината пазарна капитализација е намалена за околу 79 милијарди долари.
Некои помали компании веќе целосно се откажуваат од криптостратегиите, додека други повторно го ставаат фокусот на своето традиционално работење.
Иако биткоинот во последните денови повторно се приближи до нивото од 80.000 долари, тоа засега не го врати главниот механизам врз кој се темелеше овој модел – подготвеноста на инвеститорите да плаќаат значително повисока цена за акциите само затоа што компанијата го претвора собраниот капитал во биткоин.
Криптовалути
Биткоин скокна 23% за една недела: Следната голема цел е 126.000 долари?
Довербата на крипто-пазарот повторно се засилува откако најпознатата криптовалута – биткоинот, минатата недела порасна за повеќе од 23%, достигнувајќи околу 77.500 долари, а во еден момент ја надмина и границата од 80.000 долари.
Растот е особено значаен бидејќи биткоин за првпат по подолг период се искачи над својот 200-дневен максимум, индикатор што често се користи за процена на долгорочниот тренд. Движењето над ова ниво се смета за позитивен сигнал за пазарот.
Оптимизмот дополнително се зголеми и кај инвеститорите. Според податоците на „Polymarket“, веројатноста биткоин да достигне 90.000 долари до крајот на годината се искачи на околу 48%.
Уште пооптимистичка прогноза има Џеф Кендрик, глобален директор за истражување на дигитални средства во „Standard Chartered“, кој смета дека најголемата криптовалута би можела повторно да го достигне историскиот максимум од 126.000 долари до крајот на годината.
Што стои зад силниот раст?
Дел од неодамнешниот раст е поврзан со затворањето на голем број кратки позиции (short leverage), што предизвика дополнителен притисок за купување. Според податоците на „CoinGlass“, само во еден ден биле ликвидирани околу 2,75 милијарди долари кратки позиции на биткоин.
Во исто време, се забележува и подобрување на приливите во спот ETF-фондовите поврзани со биткоин, што укажува на обновен интерес од инвеститорите.
Сепак, аналитичарите предупредуваат дека ликвидацијата на кратки позиции сама по себе не е доказ за долгорочен раст. Присилното затворање на таквите позиции создава моментална побарувачка, но не значи дека инвеститорите долгорочно акумулираат биткоин.
Дополнителен фактор за пазарниот оптимизам се очекувањата за полабави финансиски услови и можен прилив на ликвидност, како и политичките сигнали од Вашингтон во насока на создавање појасна регулаторна рамка за крипто-секторот.
Биткоинот, сепак, останува исклучително волатилно средство, па прогнозата од 126.000 долари треба да се гледа како можно оптимистичко сценарио, а не како гаранција дека криптовалутата ќе го достигне тоа ниво.
-
Кариерапред 2 месециНародната банка вработува седум лица: Плати до 91.385 денари
-
Банкипред 2 месециНОВО: Комерцијална банка воведе штедење на 25 и на 40 месеци со фиксни каматни стапки
-
Банкипред 1 месец10% поврат на средства со Mastercard картичките на Стопанска банка секој први во месецот
-
Анализипред 2 месециМакедонија ќе има два система за инстант плаќања: КИБС Инстант и мобилна апликација „Стрела“ преку КИБС и TIPS Clone преку Народната банка
-
Колумнипред 2 месециКој ќе биде македонскиот Revolut?
-
Осигурувањепред 2 месециЗОИЛ Македонија го смени името во Алта Осигурување, седиштето се сели во Скопје
-
Банкипред 1 месецКристина Трпезановска: NLB Smart POS им овозможува на малите бизниси полесен пристап до дигитални плаќања
-
Кариерапред 2 месециНЛБ Групацијата вработува ИТ професионалец – Специјалист за ИТ за независна валидација

