Connect with us
no baners

Банки

Комерцијална банка прва во земјава воведе тактилни платежни картички прилагодени и за слепи лица

Објавено

на

no baners

Комерцијална банка, како општествено одговорна компанија, воведе тактилни платежни картички, кои ќе им помогнат, пред сѐ, на слепите лица и на лицата со оштетен вид полесно да ги идентификуваат и да ги разликуваат нивните платежни картички.

Тактилните платежни картички, кои се разликуваат од постоечките по својот облик, денеска беа промовирани од Комерцијална банка во соработка со Националниот сојуз на слепи на Република Северна Македонија.

Со тактилните картички Комерцијална банка придонесува за поголема инклузивност, еднакви можности и права на сите граѓани. Тактилните картички имаат посебни засеци, и тоа заоблен засек кај дебитните и квадратен засек кај кредитните платежни картички, со што можат лесно да се идентификуваат и разликуваат без користење на видот.

Сите платежни картички издадени од Комерцијална банка постепено ќе бидат заменети со тактилни. Банката, во рамките на своите заложби за поголема безбедност и инклузивност на лицата со посебни потреби, овозможи и сите слепи лица да можат бесплатно до крајот на годинава да ја заменат постоечката дебитна и кредитна платежна картичка од Комерцијална банка со тактилна картичка.

„Корисничкото задоволство е секогаш наш врвен приоритет. Со воведувањето на тактилните картички направиме уште еден чекор плус кон доближување на производите и услугите на Комерцијална банка до сите граѓани со цел непречено задоволување на нивните финансиски потреби. А, како дел од нашите заложби да создадеме поголема финансиска инклузивност и независност на слепите лица, овозможивме и бесплатна замена на нивните дебитни и кредитни картички со тактилни“, изјави д-р Никола Џамбазовски, Главен директор за продажба и развој и член на Управниот одбор на Комерцијална банка, на прес-конференцијата по повод промовирањето на тактилните картички.

Претседателот на Националниот сојуз на слепи, Жарко Селковски, во име на сите членови изрази најискрено задоволство и благодарност кон Комерцијална банка за овој чекор.

„Комерцијална банка е предводник во однос на инклузивноста и пристапноста на банкарските услуги за лицата со оштетен вид. Воведувањето тактилни платежни картички е значаен чекор напред во обезбедувањето еднакви можности за нашите членови и за сите лица со оштетен вид. Новите картички не само што ќе им обезбедат поедноставен пристап на слепите лица до нивните финансии, туку и значително ќе го подобрат нивниот секојдневен живот. Веруваме дека реализацијата на ваквите иницијативи не само што ќе го подигне степенот на свесност за потребите на лицата со оштетен вид во општеството, туку и ќе ги инспирира останатите компании да го следат нивниот пример и да се вклучат во создавањето поинклузивно општество за сите. Ова е уште еден доказ дека секој мал чекор, секое мало дело, го гради светот во кој сите сонуваме да живееме, свет посветен на различноста и исполнет со взаемно разбирање и соработка“, истакна Селковски. 

Комерцијална банка веќе започна со издавање тактилни картички од видот Visa Debit и Debit Mastercard World, а во наредниот период постепено и останатите видови картички од брендовите на Mastercard и Visa ќе станат тактилни.

Тактилните платежни картички се континуитет на досегашните прилагодувања што ги обезбеди Комерцијална банка за поголема финансиска инклузивност и достапност на банкарските производи и услуги за слепите и слабовидните лица. Банката прифаќа факсимил како своерачен потпис, ја има адаптирано електронската банка за слепи лица, дозволува нејзини вработени да бидат сведоци за банкарски трансакции на слепи лица, врши достава на ПДФ документи по електронска пошта, а веб страницата kb.mk се придржува до WCAG 2.2 (Web Content Accessibility Guidelines), АА+ ниво, кои се меѓународни стандарди за уредување на веб содржини на начин пристапен за лица со попреченост. Исто така, Банката има реализирано и обуки за информирање на слепи лица за придобивките од користење електронско банкарство, работење со тековна сметка и отворање сеф, сѐ со цел оваа категорија на клиенти на полесен и поефикасен начин да стигнат до сѐ што им е потребно за нивните лични финансии.

no baners

Банки

НБРСМ: Негативната нето финансиска позиција на економијата достигна 615,5 милијарди денари

Објавено

на

Негативната нето финансиска позиција на домашната економија на крајот од првиот квартал на 2026 година изнесувала 615,5 милијарди денари, односно 54,4 проценти од бруто домашниот производ, покажуваат кварталните податоци на Народната банка.

Во текот на првите три месеци од годината, нето-задолжувањето на националната економија изнесувало 20,5 милијарди денари или 8,5 проценти од кварталниот БДП. Најголемо нето-задолжување било забележано кај нефинансиските друштва, во износ од 18,3 милијарди денари, како и кај државата, со 9,8 милијарди денари. Истовремено, финансискиот сектор остварил нето-позајмување од 4,4 милијарди денари, а домаќинствата од 3,3 милијарди денари.

Вкупните финансиски средства на националната економија достигнале 4.839 милијарди денари, што претставува раст од 133 милијарди денари во споредба со претходниот квартал. Вкупните финансиски обврски, пак, изнесувале 5.454 милијарди денари и биле повисоки за 140 милијарди денари. Најголем придонес кон растот на средствата и обврските имале финансиските друштва и државата.

Долгот на нефинансиските друштва на крајот од кварталот изнесувал 674,5 милијарди денари, што е зголемување за 12,1 милијарда денари. Компаниите најмногу се задолжувале кај банките, а потоа во странство.

Кај домаќинствата, позитивната нето финансиска позиција изнесувала 963,5 милијарди денари или 85,1 процент од БДП. Нивниот долг достигнал 303,7 милијарди денари, односно 26,8 проценти од БДП, што е квартален раст од 7,8 милијарди денари. Дури 93,7 проценти од долгот на домаќинствата се однесува на банкарски кредити.

Продолжи со читање

Банки

Гувернерот на Риксбанк: Независноста е клучна за довербата во централните банки

Објавено

на

Независноста на централните банки е еден од најважните предуслови за одржување на ниска и стабилна инфлација, доверба во парите и стабилен финансиски систем, оценува гувернерот на Шведската централна банка, Ерик Тедеен.

Во интервју по повод одбележувањето 80 години централно банкарство на Народната банка на Република Северна Македонија, Тедеен нагласува дека политичките притисоци врз монетарната политика стануваат сè почести, дури и во земјите во кои независноста на централните банки традиционално има силна поддршка.

Според него, централните банки што самостојно ги носат одлуките имаат поголема можност долгорочно да ја задржат инфлацијата на ниско и стабилно ниво. Како дополнителен ризик тој го посочува влошувањето на јавните финансии во голем број земји, што може да доведе до поголемо влијание на фискалната политика врз монетарните одлуки.

Говорејќи за улогата на централните банки, Тедеен истакнува дека нивните основни цели и натаму остануваат макроекономската и финансиската стабилност, како и зачувувањето на вредноста на парите.

Тој предупредува и на ризикот од прекумерно проширување на надлежностите на централните банки. Според него, тие треба внимателно да проценат дали новите економски и општествени прашања се во рамките на нивниот законски мандат, бидејќи излегувањето надвор од овластувањата може да ја наруши довербата на јавноста и демократската легитимност на нивната независност.

Како пример ги наведува климатските промени, кои можат да влијаат врз инфлацијата, синџирите на снабдување и финансиската стабилност, но нагласува дека централните банки не треба да носат политички одлуки за изборот на енергетски извори.

Тедеен потсетува дека Риксбанк, основана во 1668 година и позната како најстара централна банка во светот, и денес ги задржува основните принципи врз кои била создадена – работа во јавен интерес, грижа за економската стабилност, сигурен платен систем и одржување на довербата во финансискиот систем.

Извор: НБРМ

Продолжи со читање

Банки

НЛБ Банка ја исплати јулската пензија

Објавено

на

НЛБ Банка АД Скопје информира дека е извршена исплатата на пензиите за месец јули и дека средствата им се достапни на пензионерите веднаш.

Од банката ги советуваат корисниците да го заштедат своето време преку користење на мрежата на банкомати, безготовинско плаќање во продажните места, како и преку електронското и мобилното банкарство.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange