Connect with us
no baners

Банки

Средби со ММФ: Успешен пристап на Народната банка во совладувањето на инфлацијата и одржување на стабилноста

Објавено

на

Одржувањето на стабилноста на домашната валута, успорувањето на инфлацијата на едноцифрени стапки и одржувањето на финансиската стабилност се најдобри показатели за соодветноста на монетарната политика која ја води Народната банка во контекст на неколку последователни кризи. Ова беше заклучено на состаноците коишто ги остварија гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и вицегувернерката Ана Митреска со директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, извршниот директор на ММФ, Пол Хилберс и алтернативниот извршен директор, Лук Дресе, во рамките на Годишните средби на ММФ и Светската банка, кои годинава се одржуваат во Маракеш, Кралството Мароко.

На состанокот беше истакнато дека пристапот на Народната банка во справувањето со инфлацијата е соодветен, со постепено и внимателно дејствување, преку коешто се делува на стабилизирање на инфлациските очекувања, со истовремено ограничување на потенцијалните ризици врз финансиската стабилност и растот на економијата. Банкарскиот сектор, според сите показатели останува здрав и стабилен, додека растот на кредитирањето постепено успорува, но за разлика од други земји и понатаму е во позитивната зона и дава поддршка на економијата.

Согласно најновите, есенски проекции на ММФ за македонската економија, растот на инфлацијата годинава ќе забави, а ќе продолжи да забавува и следната година, додека на среден рок инфлацијата би се вратила на историското ниско ниво од 2%. Притоа, гувернерката на Народната банка, Ангеловска-Бежоска истакна дека централната банка постојано и внимателно ги следи релевантните показатели и презема одлучни чекори за справување со инфлациските притисоци и одржување на стабилноста.

Гувернерката посочи дека одговорот на Народната банка, соодветно на карактерот на кризата, се одвива преку затегнување на монетарната политика со користење на повеќе инструменти. Најпрво се делуваше преку затегнување во делот на ликвидноста, понатаму преку постепено зголемување на каматните стапки, како и преку промени во задолжителната резерва со коишто се зајакнуваат монетарните сигнали и истовремено се делува на поголема денаризација на економијата. Зголемувањето на капиталните барања на банките преку контрацикличниот заштитен капитален слој, како и другите макропрудентни мерки со коишто се воведоа прагови на потребните услови за кредит се комплементарни на монетарните мерки и придонесуваат за зајакнување на стабилноста на банкарскиот систем, како еден од предусловите за ценовната стабилност. Кредитниот пазар и инфлацијата веќе реагираат на монетарните промени, а одредени одложени ефекти ќе има и во следниот период, со оглед на тоа што мерките што ги преземаат централните банки вообичаено се пренесуваат со одредено задоцнување.

Од ММФ препорачаа натамошно водење претпазливи политики и будно следење на состојбите.

Во рамки на Годишните средби, делегацијата ќе има состанок и со заменик генералниот директор на ММФ, Бо Ли.

Банки

Ендру Бејли: Довербата во вредноста на парите е основата на централното банкарство

Објавено

на

Централните банки имаат клучна улога во зачувувањето на довербата, стабилноста и вредноста на парите, особено во време на зголемена неизвесност и економски шокови, оценува Ендру Бејли, гувернер на Банката на Англија, во интервју по повод 80 години централно банкарство во Република Северна Македонија.

Бејли упати честитки до Народната банка по повод јубилејот, нагласувајќи дека ваквите годишнини се потсетник дека централното банкарство се темели врз јавната доверба, која се гради со текот на времето, а најчесто се тестира во најтешките моменти.

Според него, суштинската улога на една централна банка е да ја зачува вредноста на парите. Граѓаните, како што посочува, треба да имаат уверување дека парите ќе ја задржат својата вредност и дека ќе можат безбедно и ефикасно да ги користат во секојдневните трансакции.

„Ова сидро, вредноста на парите, на најсоодветен начин објаснува зошто е толку важна независноста на централното банкарство и зошто таа мора да се заштити“, вели Бејли.

Тој објаснува дека одлуките на централните банки директно влијаат врз финансиските одлуки на домаќинствата и компаниите. Каматните стапки што ги одредуваат централните банки постепено се пренесуваат врз производите што комерцијалните банки им ги нудат на граѓаните и бизнисите. Тоа се одразува врз хипотеките, приходите од заштедите, трошоците за финансирање на компаниите, како и врз нивните одлуки за инвестирање, вработување и одредување на цените.

Бејли нагласува дека финансиската стабилност е подеднакво важна за економијата, бидејќи без стабилен финансиски систем не може да се очекува одржлив раст. Недостигот на стабилност, како што посочува, може да ја намали достапноста на финансирање за домаќинствата и компаниите и да ја разниша довербата во депозитните институции.

Во интервјуто, гувернерот на Банката на Англија се осврнува и на последната инфлациска епизода во Обединетото Кралство, која, според него, во најголема мера била последица на големи надворешни шокови поврзани со енергијата и синџирите на снабдување.

Тој посочува дека непосредните ефекти од ваквите шокови најмногу се чувствуваат кај основните трошоци на домаќинствата, како храната и горивата, но ризиците стануваат поголеми кога повисоките трошоци почнуваат да се пренесуваат и врз другите цени и платите.

Главниот фокус на Комитетот за монетарна политика на Банката на Англија, како што истакнува Бејли, бил спречување на секундарните ефекти и зачувување на инфлациските очекувања. Тоа, според него, бара одлуки засновани врз широк обем на податоци, јасна комуникација и анализа на различни сценарија и ризици.

Бејли оценува дека централните банки научиле многу од последните кризи, но дека подготвеноста за понестабилен свет зависи од постојано подобрување на анализите, преиспитување на сценаријата и одржување на довербата и легитимноста на институциите.

„Нашата способност да ја извршуваме нашата работа зависи од цврстото потпирање врз доверба во вредноста на парите и во институциите задолжени за нејзиното зачувување“, порачува гувернерот на Банката на Англија.

Продолжи со читање

Банки

Алта банка со совет до граѓаните: Водете евиденција на месечните трошоци

Објавено

на

Алта банка ги советува граѓаните редовно да водат евиденција на своите месечни трошоци, како едноставен, но важен чекор кон подобро управување со личните финансии.

Од банката порачуваат дека кога луѓето знаат каде и на што ги трошат парите, полесно можат да штедат, да планираат и да носат подобри финансиски одлуки.

„Малата контрола денес носи поголема сигурност утре“, посочуваат од Алта банка, нагласувајќи ја важноста на навременото следење на трошоците и одговорниот однос кон парите.

Продолжи со читање

Банки

Стопанска банка викендов овозможува подигнување готовина од АТМ без провизија

Објавено

на

Стопанска банка АД – Скопје најави промотивна можност за своите корисници на кредитни картички, со која викендов ќе можат да подигнат готовина од кој било банкомат на банката без провизија.

Понудата важи за корисниците на VISA и MasterCard кредитни картички издадени од Стопанска банка. Од банката информираат дека промоцијата е достапна само во текот на овој викенд и важи исклучиво за подигнување готовина од АТМ на Стопанска банка.

Промотивната акција се реализира под мотото „Промо кеш викенд“.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange