Бизнис
Бензинот над 100 денари: ЕУРОСУПЕР поскапува за 3,5 денари, дизелот поевтинува
Регулаторната комисија за енергетика донесе нова одлука за цените на горивата, со која бензините поскапуваат, додека дизелот поевтинува. Новите цени ќе важат од 00:01 часот на 15 септември.
Цените на ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 3,50 денари за литар. Со тоа, ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе се продава по цена од 100,50 денари за литар, а ЕУРОСУПЕР БС-98 по 102,50 денари за литар.
За разлика од бензините, цената на ЕУРОДИЗЕЛ се намалува за два денари за литар и ќе изнесува 99 денари.
Екстра лесното масло за домаќинство поскапува за 4,50 денари и новата цена ќе изнесува 109,50 денари за литар, додека мазутот М-1 НС поскапува за 2,242 денари за килограм и ќе чини 48,243 денари за килограм.
Според образложението на РКЕ, со новата одлука малопродажните цени на нафтените деривати во просек се зголемуваат за 2,86 отсто во однос на претходната пресметка од 7 септември. На светските пазари се забележува раст на референтните цени на бензините, дизелот, екстра лесното масло и мазутот.
Во пресметката е применета и одлуката на Владата за намалување на ДДВ за ЕУРОДИЗЕЛ, како и продолжувањето на намалените износи на акцизите кај бензините и дизелот.
Бизнис
NLB Lease&Go со финансиски решенија за опрема и раст на бизнисите
NLB Lease&Go нуди финансиски решенија за набавка на опрема наменета за компании од различни индустрии, со цел да им помогне во зголемување на продуктивноста и понатамошен развој на бизнисот.
Понудата е наменета за компании од производството, транспортот, медицината, земјоделството и услужниот сектор, а финансиските решенија се приспособуваат според потребите на бизнисот.
Од NLB Lease&Go посочуваат дека преку финансирање на потребната опрема, компаниите можат да ја зачуваат ликвидноста за други инвестиции, а истовремено да вложуваат во поголема ефикасност и раст.

„Од првата инвестиција до поголеми достигнувања – растете со вистинскиот партнер“, порачуваат од компанијата.
Бизнис
Со е-фактура УЈП ќе има увид на секоја трансакција во реално време
Управата за јавни приходи, во соработка со Министерството за финансии, е во напредна фаза од воведувањето на системот за е-фактура, а задолжителната фазна примена треба да започне во текот на 2027 година, најави директорката на УЈП, Елена Петрова.
До крајот на 2026 година се очекува да биде донесен законот, да заврши имплементацијата на софтверот и хардверската инфраструктура и да започне доброволното користење на е-фактурата, наведе Петрова, која говореше на панел дискусијата во рамките на „Охрид 2026“, насловена „Даночни приходи, даночен јаз и борба против неформалната економија: посилни јавни финансии и подобра усогласеност со ЕУ“.
Една од најголемите промени што ќе ги донесе системот, спред Петрова, е начинот на кој даночната администрација ќе ги добива и обработува податоците. Наместо агрегирани податоци од даночните пријави, УЈП преку е-фактурата ќе располага со структурирани податоци за секоја поединечна трансакција и фактура – за продавачот, купувачот, артиклите и другите даночни показатели важни за оданочувањето.
Клучна промена е и брзината на пристап до информациите. Додека сега податоците преку даночните пријави се добиваат по завршувањето на месецот, тримесечјето, односно на даночниот период, со е-фактурата тие ќе бидат достапни во реално време, со самото издавање на фактурата.
Тоа, според Петрова, ќе овозможи и значително поинаков систем на даночна контрола. Дел од контролите ќе можат да бидат автоматизирани и вградени во самите процеси, со што ќе се намали можноста за намерни или ненамерни грешки и доставување неточни податоци.
Со вкрстување на информациите од е-фактурата со податоците што УЈП веќе ги добива од банките, Царината, фискалните уреди и други извори, ќе се создадат подобри можности за анализа на ризиците, откривање невообичаени шеми и поврзаности меѓу компании и препознавање сомнителни трансакции.
Петрова посочи дека дигитализацијата нема веднаш да ги елиминира обидите за даночно затајување, но значително ќе го стесни просторот за прикривање трансакции и ќе го олесни нивното откривање.
Целта, како што нагласи, е УЈП постепено да се трансформира во даночна администрација чие работење и носење одлуки ќе се базираат на управување со податоци и анализа на ризици.
Бизнис
Димитриеска-Кочоска: Стабилноста и растот мора да се градат заедно
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска вчера ја отвори Регионалната конференција „Охрид 2026“, посветена на актуелните предизвици во еврозоната и нивното влијание врз фискалните политики на земјите од Западен Балкан.
Таа истакна дека глобалната неизвесност и состојбите во Европската Унија имаат директни последици врз економиите во регионот, но и врз фискалниот простор со кој државите располагаат за одговор на нови економски шокови.
Според Димитриеска-Кочоска, фискалната отпорност не се создава во моментот кога започнува кризата, туку многу порано, преку одговорно управување со јавните финансии, постепено намалување на дефицитот, внимателно управување со јавниот долг, подобра наплата на приходите и зголемување на квалитетот на јавната потрошувачка.
Таа посочи дека токму на овие принципи се темели среднорочната фискална политика на Македонија.

„Фискалната консолидација не смее да биде механички процес на намалување на расходите, ниту спротивставена цел на растот. Стабилноста и растот мора да се градат заедно“, порача министерката.
Како што нагласи, фискалната дисциплина не значи откажување од развојот, инвестициите не подразбираат занемарување на јавниот долг, а социјалната заштита не треба да значи трајно зголемување на неефикасните расходи.
Политиката што ја следи Македонија, според неа, се темели на четири принципи – стабилност, отпорност, инвестиции и продуктивност.
Димитриеска-Кочоска оцени дека ваквиот пристап е пат кон поотпорни јавни финансии, одржлив економски раст и побрзо приближување кон европските стандарди.
-
Анализипред 2 месециДали Македонија ќе ги следи Унгарија, Полска и Литванија и ќе го укине вториот пензиски столб?
-
Банкипред 1 месецПремиум дебитната картичка на Стопанска банка овозможува пристап до над 1.800 аеродромски деловни зони
-
Кариерапред 2 месециАлта банка со активен оглас за стручен соработник во банкарска експозитура во Велес
-
Банкипред 2 месециСтопанска банка ја почнува исплатата на јулските пензии на 31 јули
-
Банкипред 2 месециТони Стојановски останува на чело на НЛБ Банка: Народната банка даде зелено светло за нов четиригодишен мандат
-
Банкипред 2 месециХалкбанк со поволности за клиентите кои ќе ја префрлат платата
-
Кариерапред 1 месецНЛБ Групацијата вработува специјалист за Управување со ризици/финансии
-
Кариерапред 1 месецНародната банка вработува седум лица: Плати до 91.385 денари





