Connect with us

Берза

41 милион евра нов државен долг: Три државни обврзници од денес се тргуваат на Македонска берза, каматите достигнуваат до 5,20 проценти

Објавено

на

Министерството за финансии издаде три нови државни обврзници во вкупна вредност од 2,523 милијарди денари, односно околу 41 милион евра, кои од денес официјално котираат на пазарот на Македонската берза. Новите хартии од вредност се дел од редовните активности за обезбедување финансиски средства преку домашниот пазар на капитал, а на инвеститорите им нудат фиксни каматни стапки од над четири до над пет проценти.

Најголем дел од емисијата се 202.370 долгорочни државни обврзници без девизна клаузула, со вкупна вредност од 2,024 милијарди денари (околу 32,9 милиони евра). Обврзниците имаат рок на достасување до 30 јули 2041 година и носат фиксна годишна каматна стапка од 5,20 проценти.

Покрај нив, на официјалниот пазар започнува тргување и со 37.676 државни обврзници со девизна клаузула, во вкупна вредност од 376,8 милиони денари (околу 6,1 милион евра). И овие обврзници достасуваат во 2041 година, а на инвеститорите им обезбедуваат фиксна каматна стапка од 5 проценти.

Во котацијата е вклучена и трета емисија на 12.321 државни обврзници без девизна клаузула во вредност од 123,2 милиони денари (околу 2 милиони евра). Овие обврзници достасуваат на 30 јули 2029 година, а на инвеститорите им обезбедуваат фиксна каматна стапка од 4,35 проценти.

Со издавањето на новите емисии, државата продолжува да го користи домашниот пазар на капитал како извор за финансирање, додека инвеститорите добиваат нови можности за вложување во државни хартии од вредност со долг рок на доспевање и однапред утврден принос.

Берза

Волстрит порасна по тридневен пад, технолошкиот сектор со најсилен раст

Објавено

на

По три последователни дена пад, акциите на Волстрит во четвртокот забележаа раст, предводени од технолошкиот сектор, додека инвеститорите позитивно реагираа и на вториот последователен ден на пониски цени на нафтата.

Индексот Dow Jones порасна за 0,62 проценти, на 51.779 поени, S&P 500 за 1,14 проценти, на 7.637 поени, а Nasdaq забележа раст од 1,69 проценти, на 26.418 поени.

Раст е забележан во девет од 11-те главни сектори во рамки на индексот S&P 500, а најголемо зголемување имаше технолошкиот сектор, кој претходно беше под најсилен притисок.

Американската централна банка, Федералните резерви, претходниот ден ги зголеми каматните стапки за 0,25 процентни поени, на распон од 3,75 до 4 проценти. Ова е прво зголемување на каматите од 2023 година.

Фед воедно сигнализираше дека се можни дополнителни зголемувања на каматните стапки со цел дополнително да се ограничи инфлацијата. На пазарите се проценува дека шансите за ново зголемување на каматите уште на октомвриската седница се нешто над 50 проценти.

Позитивното расположение се пренесе и на азиските берзи, каде што акциите во петокот пораснаа трет ден по ред, поттикнати од растот на Волстрит и дополнителниот пад на цените на нафтата.

Продолжи со читање

Берза

Волстрит трет ден во пад по зголемувањето на каматните стапки

Објавено

на

Цените на акциите на Волстрит паднаа трет ден по ред, откако американската централна банка ги зголеми каматните стапки и сигнализираше дека до крајот на годината е можно уште едно зголемување.

Индексот Dow Jones се намали за 1,21 отсто, на 51.461 поен, S&P 500 падна за 0,44 отсто, на 7.552 поени, додека Nasdaq ослабе за 0,01 отсто и заврши на 25.978 поени.

По дводневната седница, раководството на Федералните резерви одлучи да ја зголеми клучната каматна стапка за 0,25 процентни поени, на распон од 3,75 до 4 отсто. Ова е прво зголемување на каматните стапки во САД од 2023 година.

Фед во соопштението посочи дека наскоро е можно уште едно зголемување на каматите со цел да се намали инфлацијата.

„Како што се очекуваше, Фед ги зголеми каматите првпат по повеќе од три години. Се чини дека раководството на банката е обединето во борбата против инфлацијата“, изјави Рајан Детрик, стратег во компанијата Carson Group.

Претседателот на Фед, Кевин Ворш, на прес-конференција изјави дека американската економија зајакнала од последната седница на централната банка, но дека нема значително подобрување кај инфлациските движења.

Според него, главна задача на Фед останува стабилноста на цените, нагласувајќи дека инфлацијата е превисока веќе подолг период. Тој додаде дека стабилниот пазар на труд и економскиот раст создаваат простор за зголемување на каматните стапки.

За разлика од Волстрит, на поголемиот дел од азиските берзи акциите во четвртокот пораснаа втор ден по ред. MSCI индексот на азиско-пацифичките акции беше во плус од 0,4 отсто.

Акциите во Индија, Јапонија, Австралија и Јужна Кореја забележаа раст меѓу 0,1 и 0,9 отсто, додека берзите во Шангај и Хонгконг забележаа пад меѓу 0,3 и 0,7 отсто.

Продолжи со читање

Берза

Седма година по ред на Македонска берза успешно се одржа „Инвеститорски ден“

Објавено

на

Седма година по ред на Македонска берза успешно се одржа „Инвеститорски ден“ на којшто сите домашни физички лица имаа можност да тргуваат со акции на сите пазарни сегменти без да ги платат провизиите кон Берзата, Централниот депозитар на хартии од вредност и овластените пазарни учесници (банки и брокерски куќи), во износ на остварен промет до 10.000 евра.

На вчерашниот „Инвеститорски ден“ на Берзата се склучија вкупно 335 нормални трансакции, што претставува најголем број склучени трансакции во еден ден во 2026 година. Споредбено, просечниот број на склучени трансакации со акции во 2026 година изнесува 66 трансакции.  Дополнително, во БЕСТ системот на Берзата се внесени вкупно 497 налози за тргувањe, што претставува повторно најголем број на внесени налози во берзанскиот систем за тргување во текот на оваа година.

Вкупниот промет од тргување во БЕСТ системот со акции на „Инвеститорскиот ден“ на Берзата надмина 670 илјади евра, односно изнесува околу 41 милиони денари.  

Иницијативата „Инвеститорскиот ден“ ја прифатија и во неа активно се вклучија сите единаесет членки на Берзата (Еурохаус, Илирика Инвестментс, Иново Брокер, Инвестброкер, Комерцијална банка, НЛБ Банка, Стопанска банка Скопје, ТТК Банка, Фершпед брокер, Шпаркасе Банка Скопје и Халк Банка Скопје) и Централниот депозитар за хартии од вредност, а истата доби поддршка и од Комисијата за хартии од вредност.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange