Connect with us

Банки

Вицегувернерот Величковски: Eдноставни и евтини дигитални решенија за поголемо прифаќање електронски плаќања кај малите трговци

Објавено

на

„И покрај добрата дигитална подготвеност на граѓаните, прифаќањето електронски плаќања кај малите трговци е ограничено и претставува голем предизвик за платниот систем во земјава.“ Ова беше истакнато од вицегувернерот на Народната банка Игор Величковски на отворањето на работилницата „Премостување на јазот кај прифаќањето на електронските плаќања од страна на трговците: Форум на засегнатите страни за заклучоците и следните чекори“, организирана во соработка со Светската банка.

Тој посочи дека земјава има силна основа за дигитални плаќања, со тоа што 84% од граѓаните поседуваат платежна сметка, тројца од четворица жители кои поседуваат платежна сметка примиле или испратиле плаќања преку дигиталните канали, а покриеноста на територијата на државата со интернет и мобилна мрежа е над 90%. Сепак, повеќе од 90% од плаќањето стоки и услуги кај малите трговци сè уште се извршуваат во готовина. Во земјава кај приближно 16.700 трговци има околу 36.000 уреди на кои се прифаќаат плаќања, што покажува дека прифаќањето е концентрирано и нееднакво, особено кај малите бизниси.

Величковски нагласи дека главниот проблем не е дали граѓаните можат да плаќаат дигитално, туку дали малите трговци можат да го прифатат тоа дигитално плаќање. „Малите трговци сè уште ги сметаат електронските плаќања за скапи и сложени“, истакна тој, додавајќи дека решението е во нови, поедноставени модели на прифаќање.

Според него, конкретните чекори што ќе го намалат јазот се: воведување инстант плаќања до крајот на годината преку клонот на ТИПС, развиен од Банката на Италија за земјите од Западен Балкан согласно одлука на Европската централна банка, и придружните услуги како национален интероперабилен код за брз одговор (QR) што ќе може да се користи од сите корисници на платежни услуги независно од давателот на платежни услуги, плаќања преку едноставни идентификатори (алијаси)инстант потврда за секоја трансакција, развивањето на т. н. „Барање за плаќање (услуги)“ и дополнително развивање мобилни апликации, вклучително и од небанкарски даватели.

Тој посочи дека овие решенија директно ги засегаат најголемите препреки за малите трговци: високите трошоци за уредите за прифаќање на плаќањата, сложените процеси и недоволната флексибилност на постојните системи. „Со овие услуги, прифаќањето дигитални плаќања може да стане едноставно како примање порака на телефон“, нагласи Величковски.

Вицегувернерот ја нагласи и соработката со Светската банка во спроведувањето на реформите, вклучително и приклучувањето кон СЕПА и модернизацијата на платежната инфраструктура. „Целта е јасна, секој мал трговец во земјава да има можност да прифаќа дигитално плаќање без препреки, високи трошоци и сложени системи“, заклучи Величковски.

Банки

Одлука на Народната банка: Стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот останува 2% и во четвртото тримесечје од 2027 година

Објавено

на

Извршниот одбор на Народната банка донесе одлука стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот за изложеностите на банките во земјава да остане на истото ниво од 2%. Одлуката е донесена врз основа на редовната квартална оцена на системските ризици, според податоците заклучно со вториот квартал од 2026 година. Оваа стапка ќе важи од четвртото тримесечје на 2027 година и се оценува дека таа е соодветна на тековните макрофинансиски услови и на состојбите во банкарскиот систем.

Банкарскиот систем е стабилен и отпорен на шокови, што го потврдуваат резултатите од стрес-тестовите, а се гледа и преку соодветната капитализираност и ликвидност, ниската стапка на нефункционални кредити и солидната профитабилност.

Одлуката за задржување на истата стапка на противцикличниот заштитен слој на капиталот е поткрепена и со макропрудентните мерки преземени на крајот од минатата година и измените кај задолжителната резерва, во билансите на банките, при што се забележува подобрување на структурата на новоодобрените кредити според висината на ЛТВ и ДСТИ, а кај депозитите на домаќинствата и натаму се бележат поволни поместувања од аспект на рочната и валутната компонента.

Ваквата поставеност на макропрудентните мерки би придонесла за ограничување на системските ризици во следниот период и за натамошно задржување на стабилноста и отпорноста на банкарскиот сектор. Народната банка ќе продолжи со внимателно следење на системските ризици и редовно, на квартална основа, ќе ја преоценува висината на стапката.

Продолжи со читање

Банки

ТТК Банка ја исплати првата годишна камата на третата емисија корпоративни обврзници

Објавено

на

ТТК Банка АД Скопје на 18 септември 2026 година ја исплати првата годишна камата на сопствениците на корпоративни обврзници од третата емисија, со ISIN MKTTKS200038 и шифра TTKO3.

Пресметката на камата е извршена по фиксна каматна стапка од 5,00% на годишно ниво. Право на исплата на камата имаа сите лица регистрирани во книгата на иматели на корпоративна обврзница – трета емисија во Централниот депозитар за хартии од вредност АД Скопје заклучно со 17 септември 2026 година.

Третата емисија на корпоративни обврзници ТТК Банка ја реализираше во септември 2025 година од коишто за кратко време се запишаа и уплатија 100% од понудените 1.000 обврзници по номинална вредност од 1.000 евра, со рок на доспевање од шест години, а во вкупна вредност од 1.000.000 евра и фиксна каматна стапка од 5,00% на годишно ниво

Со исплатата на првата годишна камата, ТТК Банка ја реализира првата каматна обврска кон инвеститорите по основ на оваа емисија корпоративни обврзници.

Продолжи со читање

Банки

Стопанска банка и годинава поддржувач на фестивалот „Браќа Манаки“

Објавено

на

Стопанска банка АД – Скопје и годинава ја продолжува својата поддршка на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, кој од 19 до 25 септември ќе се одржува во Битола.

Фестивалот, кој веќе 47 години ја слави филмската уметност, традиционално ги собира врвните кинематографери од целиот свет, претставувајќи ги нивната визија, креативност и придонес во создавањето на филмската магија.

Под мотото „На страната на филмот“, Стопанска банка и оваа година е пријател и поддржувач на престижната културна манифестација.

Од Банката ги повикуваат љубителите на седмата уметност од 19 до 25 септември во Битола заедно да ја споделат магијата на филмот.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange