Connect with us
no baners

Бизнис

Кражба од холивудски размери: Како хакер потрошил половина милион фунти од банкарската картичка на Џони Деп без актерот да забележи!?

Објавено

на

Унгарската полиција уапси 27-годишен државјанин на Јордан под сомнение дека незаконски користел банкарски податоци на холивудскиот актер Џони Деп и потрошил речиси половина милион фунти од неговата сметка.

Според информациите објавени од странските медиуми, истрагата била покрената откако американска финансиска институција пријавила сомнителни трансакции до унгарската филијала на ФБИ. Подоцна било утврдено дека станува збор за сметката на Џони Деп, при што биле евидентирани 308 трансакции во периодот од јануари 2024 до декември 2025 година, во вкупна вредност од околу 619.500 евра.

Она што дополнително го привлекува вниманието е фактот што актерот, според извештаите, не забележал дека средствата исчезнуваат во период подолг од две години, сè додека банката не ги означила трансакциите како потенцијално сомнителни.

Осомничениот бил лоциран преку следење на IP адреси, е-мејл комуникација и телефонски броеви користени за онлајн купувања и резервации. Тој бил приведен во изнајмен стан во Будимпешта, каде што полицијата запленила електронски уреди за кои постои сомневање дека биле користени во измамата.

Истражните органи соопштија дека осомничениот ги негира обвиненијата, но му е одреден притвор, додека истрагата продолжува. Во тек е утврдување на начинот на кој биле компромитирани банкарските податоци на актерот, при што не се исклучуваат можности за кражба на податоци или злоупотреба при онлајн трансакции.

Случајот повторно ја отвора темата за дигиталната безбедност и заштитата на финансиските податоци, особено во услови на сè почести онлајн трансакции и глобална поврзаност на платежните системи.

Бизнис

ИУТЕ Македонија со празнично работно време и дежурни експозитури

Објавено

на

ИУТЕ Македонија ги информира своите клиенти дека и за време на неработните денови ќе обезбедува поддршка преку дежурни експозитури и дигиталните канали.

Како што соопшти компанијата, денеска тимот на ИУТЕ ќе биде достапен за клиентите во периодот од 09:00 до 17:00 часот.

За време на празничниот ден ќе работат дежурните експозитури во Скопје – Парк, Скопје – Аеродром, Битола, Куманово и Тетово.

Од компанијата потсетуваат дека клиентите можат да користат поддршка и преку апликацијата MyIute, која е достапна 24 часа дневно, како и преку контакт центарот на бројот 13333.

Воедно, од ИУТЕ Македонија ги повикуваат корисниците да ги разгледаат и специјалните понуди подготвени за нив во пресрет на празничниот период.

Продолжи со читање

Бизнис

Црна Гора воведува нови правила за „duty free“ продавниците на аеродромите и пристаништата

Објавено

на

Владата на Црна Гора подготви нова Уредба за слободни царински продавници, со која се утврдуваат условите за отворање и работење на „duty free“ објекти на аеродромите и во пристаништата отворени за меѓународен сообраќај.

Со предложените правила се регулираат постапките за отворање на слободни царински продавници, царинскиот надзор над стоката и начинот на водење евиденција за производите што се продаваат во овие објекти.

Според предлогот, „duty free“ продавниците ќе можат да се отвораат во простории кои се наоѓаат по местото каде што се врши царинска контрола на аеродромите и во пристаништата за меѓународен сообраќај. Тие ќе можат да располагаат со продажен простор и магацин.

Новите правила директно ќе влијаат врз работењето на аеродромите, пристаништата и марините во Црна Гора, како и врз потенцијалните концесионери и трговски оператори заинтересирани за „duty free“ пазарот.

Компаниите што сакаат да отворат ваква продавница ќе треба да поднесат барање до царинските органи, заедно со документација за регистрација на фирмата, потврди за подмирени даночни и царински обврски, доказ дека не е покрената стечајна или ликвидациска постапка и доказ дека подносителот располага со приватен царински магацин.

Предвидено е и формирање тричлена комисија составена од претставници на Министерството за финансии, царинската управа и полицијата, која ќе утврдува дали објектот ги исполнува условите за работа.

Уредбата детално го регулира и царинскиот надзор над стоката. За странската стока ќе се применуваат транзитни декларации и постапка на царинско складирање, додека за продадената стока ќе се поднесуваат декларации за повторен извоз. За домашните производи ќе биде потребна извозна царинска декларација.

Дополнително, се воведува обврска за детална евиденција на стоката и дневно известување до царинските органи за прометот. Надлежните служби ќе вршат контрола на евиденцијата најмалку двапати годишно.

Купувањето производи во слободните царински продавници ќе биде можно со приложување авионска или бродска карта за патување надвор од царинското подрачје на Црна Гора, а на фискалните сметки задолжително ќе се наведува и бројот на патната карта.

Продолжи со читање

Бизнис

Фершпед АД ќе исплати повисока дивиденда за 2025 година

Објавено

на

Акционерите на македонската шпедитерска компанија Фершпед АД одобрија исплата на бруто дивиденда од 920 денари по акција за 2025 година, што претставува зголемување во однос на ланските 720 денари по акција, објави SeeNews.

Според информациите, дивидендата изнесува околу 17,3 долари, односно 14,9 евра по акција.

Фершпед е една од најпознатите компании во Северна Македонија во секторот транспорт и логистика, а одлуката за повисока дивиденда доаѓа во услови на стабилно работење и позитивни финансиски резултати.

Компанијата е активна во областа на шпедицијата, транспортот и логистичките услуги на домашниот и регионалниот пазар.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange