Бизнис
Луфтханза размислува да приземји до 40 авиони: растот на цените на горивото ги менува плановите
Германската авиокомпанија Луфтханза подготвува сценарија за намалување на капацитетите и можно приземјување на дел од својата флота поради растот на цените на горивото и ограничувањата во снабдувањето, произлегува од интерно обраќање на извршниот директор Карстен Спор.
Според плановите, се разгледуваат две опции. Во поблага варијанта, привремено би се повлекле 20 авиони, што би значело намалување на капацитетот за околу 2,5%. Во понеповолен развој на настаните, бројот може да достигне до 40 авиони, со пад на капацитетот од околу 5%. Конечна одлука сè уште не е донесена.
Најмногу би биле погодени постарите и помалку ефикасни модели, како Airbus A340-600, Boeing 747-400 и Canadair Regional Jet, кои имаат поголема потрошувачка на гориво и стануваат економски неповолни во услови на нагло поскапување.
Планираниот раст на капацитетите од околу 4% во 2026 година сега е доведен во прашање. Компанијата претходно планираше проширување на мрежата, особено кон Азија, но загриженоста за достапноста на гориво веќе влијае врз тие планови. Дел од аеродромите во регионот, како Сингапур и Бангкок, веќе воведуваат ограничувања за дополнителни летови со цел да ги зачуваат резервите.
Трошоците за гориво се клучен фактор во проценките за следниот период. Луфтханза за 2026 година планирала буџет од околу 7 милијарди евра, при што 80% од трошоците се обезбедени преку хеџинг. Останатите 20%, односно околу 1,4 милијарди евра, се изложени на пазарни промени и би можеле значително да пораснат доколку цените на нафтата продолжат да растат, што директно би се одразило врз цените на билетите и побарувачката.
Компанијата ги следи и ризиците од евентуално ширење на проблемите во Европа, иако тој сценарио засега се оценува како малку веројатен. Во најлош случај, недостиг на гориво би можел да ги зафати и големите европски воздушни јазли како Франкфурт, Минхен, Цирих, Виена, Брисел и Рим.
Притисокот на пазарот е поврзан и со тензиите околу Ормутскиот Теснец, преку кој поминуваат меѓу 20% и 25% од светските испораки на нафта. Секое нарушување во тој регион директно влијае врз глобалните цени, а проценките укажуваат дека високите нивоа може да се задржат и во 2027 година.
И покрај неизвесноста, Луфтханза продолжува со долгорочните планови и најави дека ќе поднесе необврзувачка понуда за удел во TAP Air Portugal, што покажува дека компанијата паралелно размислува и за мерки за штедење и за стратешки инвестиции.
Бизнис
Ryanair подготвен и за најлошо сценарио во кризата со горивото, засега нема план за откажување летови
Ирската нискобуџетна авиокомпанија Ryanair соопшти дека е подготвена и за најлошо сценарио во актуелната криза со авионското гориво, но засега не очекува откажување летови во текот на летната сезона.
Финансискиот директор на компанијата, Нил Сорахан, во изјава за CNBC посочи дека Ryanair има подготвени планови и за „армагедонска“ ситуација, но не верува дека ќе дојде до таков развој на настаните.
„Во моментов летаме со полн летен распоред, а планираме целосен распоред и за зимскиот период“, изјави Сорахан.
Тој нагласи дека компанијата не планира откажувања на летови, и покрај нестабилниот пазар на нафта и загриженоста што војната на Блискиот Исток ја предизвика во авиоиндустријата.
Ryanair за летната сезона однапред обезбедил 80 проценти од потребите за гориво по цена од 668 долари за метрички тон, со што значително ја намалил изложеноста на нагли скокови на цените.
Од компанијата велат дека не се премногу загрижени за достапноста на гориво, бидејќи европската зависност од Ормутскиот теснец постепено се намалува, а добавувачите сѐ повеќе набавуваат нафта од САД, Венецуела, Бразил и други пазари.
Сепак, Ryanair очекува цените на горивото да останат високи подолг период, што може да создаде проблеми за помалите и финансиски послабите авиокомпании.
Според Сорахан, дел од превозниците кои и претходно имале потешкотии би можеле да се соочат со сериозни проблеми во текот на зимата.
Компанијата смета дека е во подобра позиција од дел од конкуренцијата благодарение на заштитата од растот на цените на горивото и ниските оперативни трошоци.
Ryanair за финансиската година што заврши во март пријави раст на добивката по оданочување од 40 проценти, на речиси 2,3 милијарди евра. Бројот на патници се зголемил за четири проценти, на 208,4 милиони, додека приходите се намалиле за 11 проценти и изнесувале 15,54 милијарди евра.
Бизнис
Војната со Иран го погодува технолошкиот сектор: Растат трошоците за чипови и AI индустријата
Технолошките инвеститори беа задоволни од последната сезона на финансиски извештаи, но војната меѓу Иран и САД создава сѐ поголем притисок врз компаниите кои стојат зад глобалниот бум на вештачката интелигенција.
Според анализата на CNBC, глобалниот сектор за производство на чипови се соочува со сериозни проблеми во синџирите на снабдување и раст на трошоците, предизвикани од конфликтот на Блискиот Исток. Цените на енергенсите растат, а се очекуваат и недостиг на клучни материјали за производство на полупроводници, меѓу кои и хелиумот.
Компании како тајванскиот производител на чипови TSMC, кој произведува чипови за Nvidia, предупредија дека кризата може негативно да влијае врз профитабилноста поради раст на цените на хемикалиите и гасовите. Foxconn, најголемиот светски производител на електронски уреди по нарачка, исто така го посочи Блискиот Исток како еден од најголемите предизвици годинава. Германскиот Infineon предупреди на повисоки трошоци за благородни метали, енергија и транспорт.
Аналитичарите предупредуваат дека последиците може дополнително да се продлабочат доколку конфликтот продолжи. Франциско Херонимо од IDC изјави дека цените на гасот, енергијата и транспортот се на рекордно високо ниво и веројатно ќе останат високи уште неколку квартали, дури и ако дојде до смирување на ситуацијата.
Особено загрижувачка е состојбата со хелиумот, кој е неопходен за производство на чипови. Катар, вториот најголем светски снабдувач со хелиум, се соочува со проблеми во извозот поради иранските напади, што дополнително го нарушува глобалниот пазар.
И покрај ризиците, интересот на инвеститорите за секторот на вештачка интелигенција засега останува силен. Индексот PHLX Semiconductor Sector Index, кој ги следи најголемите компании за чипови во САД, пораснал за 41 процент во последните три месеци.
Бизнис
Поскапуваат горивата: Дизелот достигна 92 денари за литар
Од ноќеска возачите плаќаат повисоки цени за бензинот и дизелот, откако стапи во сила новата одлука на Регулаторната комисија за енергетика за поскапување на горивата.
Со последната корекција, цената на Еуросупер БС-95 е зголемена за два денари по литар, додека Еуросупер БС-98 и дизелот поскапеа за 2,5 денари.
Според новиот ценовник, литар Еуросупер БС-95 се продава за 87 денари, Еуросупер БС-98 за 89 денари, а дизелот достигна 92 денари за литар.
Промени има и кај останатите нафтени деривати. Цената на мазутот е повисока за 0,846 денари по килограм, додека екстра лесното масло за домаќинство поевтини за половина денар и сега чини 93,50 денари за литар.
Од Регулаторната комисија наведуваат дека просечното зголемување на цените на горивата изнесува 1,84 проценти во споредба со претходната одлука.
-
Кариерапред 2 месециАна Митреска и Игор Величковски предложени за нови вицегувернери на Народната банка
-
Банкипред 2 месециСтопанска банка АД – Скопје од утре започнува со исплата на пензиите за месец март
-
Продуктипред 1 месецИуте Македонија носи европски здравствен стандард – за првпат во земјава се воведува второ медицинско мислење
-
Интервјуапред 2 месециИнтервју | Гоце Новачевски | Портфолио менаџер, КБ Инвест АД Скопје
-
Банкипред 2 месециАЛТА Банка го продолжи промотивниот период до 30 јуни 2026 година за најповолниот потрошувачки кредит на македонскиот пазар
-
Останатопред 1 месецУправата за јавни приходи донесе стратешки документ со цел подобрување на усогласеноста
-
Анализипред 2 месециРеалната нето плата во Северна Македонија порасна за 4,9% во јануари
-
Кариерапред 2 месециОглас за вработување во Шпаркасе Банка АД Скопје: Отворена позиција за работа со мали и средни претпријатија



