Бизнис
Николоски во Вашингтон: Македонија и Светска банка ја продлабочуваат соработката за инфраструктура и нови развојни проекти
Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, за време на работната посета на Вашингтон, оствари средба со Чарлс Кормиер, регионален директор за инфраструктура во Светска банка. На состанокот се разговараше за унапредување на партнерството меѓу државата и Светската банка, со фокус на нови инфраструктурни и транспортни проекти во Северна Македонија.
Николоски истакна дека поддршката од Светската банка е значајна за развојот на инфраструктурата и транспортниот сектор, нагласувајќи дека со нивна помош веќе се реализираат бројни проекти на локално ниво. Според него, во моментов во земјата се градат или реконструираат околу 286 километри локални улици со средства обезбедени преку оваа меѓународна финансиска институција.

Во рамки на посетата, вицепремиерот учествува и како еден од главните говорници на глобалниот настан „Transforming Transportation 2026“, кој се одржува во Вашингтон во организација на Светската банка. Конференцијата е посветена на развојот на транспортната инфраструктура и нејзиното значење за економскиот раст и отворањето нови работни места.
Тој нагласи дека соработката со Светската банка опфаќа повеќе области, меѓу кои и модернизација на царинските процедури преку интеграција на осум институции во единствен систем. Целта е побрз проток на стоки и луѓе на границите, особено за товарниот сообраќај.
Меѓу клучните инфраструктурни проекти се и реконструкцијата на граничните премини Ќафасан кон Албанија и Деве Баир кон Бугарија, како и воведување интелигентни транспортни системи за подобрување на управувањето со сообраќајот.
Николоски најави и нови иницијативи во областа на урбаната мобилност, со пилот-проект во Скопје кој подоцна треба да се прошири и во други градови. Дополнително, се работи на проект со Светската банка за подобрување на комуналната хигиена во главниот град преку набавка на нови возила за комуналните служби.

Од страна на Светската банка, регионалниот директор за инфраструктура Чарлс Кормиер го поздрави учеството на Николоски на глобалниот настан, нагласувајќи дека годинава фокусот е ставен на одржлив и инклузивен транспорт како предуслов за економски развој и отворање нови работни места.
Настанот „Transforming Transportation 2026“ собира претставници од влади, меѓународни институции и експерти од целиот свет, со цел размена на искуства и решенија за современи транспортни системи и инфраструктура.
Бизнис
Финансиските друштва пред нови правила: Кредитите ќе се исплаќаат само на трансакциска сметка
Министерството за финансии подготвува измени на Законот за финансиските друштва со кои се предвидува заострување на контролите и воведување нови правила за работа на овие компании.
Според најавите, една од клучните промени е укинувањето на можноста кредитните средства да се исплаќаат во готовина. Во иднина, исплатата на кредити ќе се врши исклучиво преку банкарска сметка, со цел да се обезбеди поголема транспарентност и следливост на финансиските трансакции.
Предложените измени предвидуваат и формирање задолжителни внатрешни тела во финансиските друштва, меѓу кои одбор за внатрешна ревизија, одбор за кредитен ризик и надзорен одбор. Дополнително, отворањето нови деловни простории ќе биде условено со претходна согласност од Министерството за финансии и исполнување на пропишани критериуми.
Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, во интервју за Телма изјави дека потребата од законските измени произлегла од спроведените контроли, при кои биле утврдени слабости и недоречености во постојната регулатива.
Таа посочи дека дел од контролите откриле неправилности во работењето на одредени финансиски друштва, а во поединечни случаи биле преземени и санкции, вклучително и одземање лиценци. Како што нагласи, значаен придонес во откривањето на неправилностите имале и пријавите од граѓаните.
Со новите законски решенија, Министерството за финансии очекува да се зајакне надзорот врз секторот и да се воспостават повисоки стандарди за работење на финансиските друштва.
Бизнис
Бензините поевтинија, дизелот со повисока цена од полноќ
Од полноќ на сила се новите цени на горивата, со кои бензините бележат намалување, додека дизелот поскапува.
Според новиот ценовник, ЕУРОСУПЕР БС-95 се продава за 86 денари по литар, а цената на ЕУРОСУПЕР БС-98 изнесува 88 денари за литар. И двата бензина се поевтини за 2 денари во однос на претходните цени.
За разлика од нив, ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) поскапува за 1,50 денари и од денеска се продава по цена од 87 денари за литар.
Новите малопродажни цени стапија во сила од 00:01 часот.
Бизнис
УЈП го претстави процесот за е-фактурирање: Дигитален систем за побезбедно и побрзо издавање фактури
Управата за јавни приходи (УЈП) го претстави начинот на функционирање на новиот систем за е-фактурирање, кој треба да овозможи поедноставен, побезбеден и целосно дигитализиран процес за издавање и прием на фактури.
Според презентираниот модел, процесот започнува со креирање на фактура од страна на издавачот во сопствениот систем или преку веб-портал. Потоа документот се потпишува со квалификуван дигитален сертификат и електронски се испраќа до системот на УЈП.

По приемот, системот автоматски врши валидација на фактурата, при што проверува дали се пополнети сите задолжителни полиња, дали документот е електронски потпишан и дали ги исполнува техничките услови. Доколку фактурата ги помине проверките, ѝ се доделува единствен идентификациски број (еИД), кој се смета за официјален момент на нејзино издавање и прием.
По успешната обработка, и издавачот и примачот добиваат известување дека е-фактурата е доставена и може да биде преземена.
PDF-документот ќе служи само како визуелен приказ за преглед, печатење или интерна евиденција, додека правно валиден документ ќе биде единствено електронската фактура во пропишаниот формат со доделен еИД. Дополнително, секој печатен PDF ќе содржи QR-код преку кој ќе може веднаш да се провери валидноста на фактурата на веб-страницата на УЈП.
Од институцијата оценуваат дека новото решение ќе придонесе за помодерна и поефикасна даночна администрација, усогласена со концептот Tax Administration 3.0, кој се темели на дигитализација, интероперабилност и подобрено корисничко искуство.
-
Останатопред 2 месеци
Управата за јавни приходи донесе стратешки документ со цел подобрување на усогласеноста
-
Продуктипред 2 месециУНИПлус флексибилна програма за лојалност на УНИБанка. Kористиш бројни бенефити, а не мора да ја префрлаш платата!
-
Банкипред 1 месец
Стопанска банка АД – Скопје со план за исплата на дивиденда од над 16 милиони евра
-
Бизниспред 2 месеци
Македонски Телеком предлага повисока дивиденда за 2025 година
-
Фондовипред 2 месециКБ Прво пензиско друштво потсетува на навремено планирање на пензијата
-
Банкипред 2 месециНЛБ Промотивен депозит – Сигурност што доаѓа во вистинско време
-
Бизниспред 1 месецОд полноќ нови цени на горивата
-
Останатопред 4 недели
Почна исплатата на средствата од МојДДВ за првиот квартал од 2026 година


