Connect with us

Банки

Шпаркасе Банка вработува специјалист за развој на процеси за население во Скопје

Објавено

на

Доколку имаш желба да бидеш дел од динамичен банкарски тим кој со отворен ум ги прифаќа секојдневните предизвици имаш позитивен пристап во работата, покажуваш ентузијазам секогаш да бидеш најдобар во тоа што го работиш, имаш желба да учиш и да се развиваш преку организацијата и се трудиш да изнајдеш иновативни и креативни начини за реализација на задачите, а воедно ти е важно да работиш во средина во која се вреднува тимскиот дух и фер однесување, Шпаркасе Банка ве охрабрува да се придружите на нивниот тим и заедно, секојдневно да ги живеете корпоративните вредности!

Шпаркасе Банка АД Скопје има потреба од Специјалист за развој на процеси за население, Служба за развој на процеси за население во Скопје.

Што ќе биде твојата улога?

  • Дизајнирање на нови процеси и активно учество во развој, унапредувањe и оптимизација на процесите за работа со население – физички лица;
  • Редовно следење на процесите и учество во изработка и ажурирање на интерни процедури и
    инструкции за продажната мрежа;
  • Подготовка и спроведување на обуки поврзани со процесите за вработените во експозитурите;
  • Учество во проекти, тестирање и имплементација на нови софтверски и дигитални решенија кои ќе го унапредат работењето на банката;
  • Следење на законски и регулаторни измени, препораки од интерна ревизија и нивна имплементација во процесите;

Кои квалификации се потребни?

  • Минимум ВСС;
  • Познавање на процеси во финансиски институции и високо ниво на бизнис свесност;
  • Одлични аналитички способности и способности за работа со алатки за моделирање (BPMN, flowcharts, task-tracking софтвери);
  • Одлични организациски вештини, способност за одредување приоритети, тимска работа;
  • Проактивност и иницијатива;
  • Активно познавање на работа со компјутер (MC Office);
  • Познавање на англиски јазик (конверзација, разбирање, пишување);

Кои ќе бидат твоите придобивки?

  • Континуирана обука и можност за кариерен развој во банкарската групација Erste & Steiermärkische Sparkasse;
  • Приватно здравствено осигурување;
  • Конкурентна плата и дополнителни надоместоци;
  • Мотивирачка организациска култура во која се почитува иницијативноста, анагажманот, но и тимскот дух;
  • Настани и активности за добросостојбата на вработените (employee’s wellbeing).

Шпаркасе банка ве охрабрува да ја искористите оваа можност и да аплицирате на отворената позиција со испраќање на CV и мотивациско писмона: [email protected] заклучно со 12.03.2026 година со назнака „Апликација
за Специјалист за развој на процеси за население“
.

Вашите апликации ќе имаат третман на строга доверливост. Само кандидатите кои ќе влезат во потесен круг на селекција ќе бидат повикани на интервју.

Шпаркасе банка Ве замолува за доставување на согласност Вашите податоци и поднесени документи да се чуваат во базата на податоци на Банката во период од 6 месеци, доколку сте согласни со истото. Оваа согласност кандидатот може да ја повлече во секое време со писмено барање.

За дополнителни информации, посети ја страницата www.sparkasse.mk.

ТИ ЈА ПРАВИШ РАЗЛИКАТА! #КариераБезБариера #ВерувајВоИднината

Банки

ММФ: Независна Народна банка е клучна за ценовната и финансиската стабилност

Објавено

на

Независноста на централните банки е клучна за зачувување на ценовната и финансиската стабилност, особено во услови на висока глобална неизвесност, зголемен јавен долг, геополитички тензии и брзи технолошки промени, оценува Бо Ли, заменик-генерален директор на Меѓународниот монетарен фонд.

Во интервју со НБРМ, посветено на улогата на централните банки, Ли посочува дека искуството од различни земји покажува оти независните монетарни институции се во подобра позиција да ја контролираат инфлацијата, да ги стабилизираат инфлациските очекувања и навремено да реагираат на економски шокови.

Според него, тоа особено се покажало во периодот по пандемијата, кога централните банки одговориле со заострување на монетарната политика во услови на инфлација каква што не била забележана со децении.

Ли предупредува дека политичките притисоци врз монетарната политика можат да создадат сериозни економски последици. Доколку каматните стапки се одржуваат на пониско ниво од она што го бара економската состојба, може да следуваат повисока и подолготрајна инфлација, зголемени премии за ризик, девизни притисоци и намалување на инвестициската активност.

Притоа, како што посочува, најголемиот товар од високата инфлација најчесто го чувствуваат домаќинствата со најниски приходи.

„Доколку пазарите и јавноста стекнат впечаток дека одлуките се носат во функција на политички цели, наместо во согласност со законскиот мандат, се намалува довербата во институцијата, а со тоа и ефикасноста на монетарната политика“, предупредува Ли.

Тој нагласува дека независноста на централната банка не значи отсуство на отчетност. Напротив, таа мора да биде придружена со добро управување, транспарентност, јасна комуникација и силни механизми на отчетност.

Посебно внимание во интервјуто е посветено и на Северна Македонија. Според Ли, во мала и отворена економија со фиксен девизен курс, довербата во монетарните и финансиските институции има суштинска улога во одржувањето на ценовната и финансиската стабилност и во создавањето услови за одржлив економски раст.

Тој оценува дека Народната банка во изминатите години континуирано ги зајакнувала рамките за носење политики, транспарентноста и комуникацијата, притоа задржувајќи јасен фокус на исполнувањето на својот мандат.

„Овие напори придонесоа за зајакнување на довербата на јавноста и за одржување на макроекономската стабилност, особено во периоди на зголемена глобална неизвесност“, посочува заменик-генералниот директор на ММФ.

Ли додава дека за малите економии институционалниот кредибилитет е особено важен при надворешни шокови, како нестабилни цени на примарните производи или промени во условите за надворешно финансирање.

За одржување на довербата, според него, потребни се јасен законски мандат, оперативна автономија, доследни политики, квалитетни податоци, професионален кадар и координација со останатите макроекономски политики.

ММФ, пак, ја поддржува независноста на централните банки преку совети за политики, техничка помош, обуки и истражувања.

Ли ја издвојува Северна Македонија и како позитивен пример во однос на транспарентноста. Земјата била меѓу првите во кои била спроведена проценка според Кодексот за транспарентност на централните банки на ММФ, при што било утврдено дека Народната банка применува напредни практики на транспарентност и ужива висок степен на доверба кај јавноста.

Извор: NBRM

Продолжи со читање

Банки

НЛБ купува 25,66 отсто од Дежелна банка Словенија

Објавено

на

НЛБ Група склучи договор со Група Прва и со неа поврзани страни за купување 25,66 отсто од акциите на Дежелна банка Словенија (ДБС), а завршувањето на трансакцијата се очекува во втората половина на 2027 година.

Од НЛБ соопштија дека истовремено ја разгледуваат и можноста за купување дополнителни акции во ДБС. Вредноста на трансакцијата засега не е објавена.

Зделката треба да биде реализирана по добивањето на сите потребни регулаторни одобренија, при што од НЛБ наведуваат дека не очекуваат пречки во процесот.

Со планираниот влез во сопственичката структура на ДБС, НЛБ сака дополнително да го зајакне своето присуство во словенечкиот земјоделски сектор, на кој Дежелна банка Словенија традиционално му посветува значаен дел од своето работење.

Претседателот на Управата на НЛБ, Блаж Бродњак, истакна дека во услови на зголемени глобални неизвесности, способноста на една земја да обезбеди сопствен синџир за снабдување со храна има стратешко значење.

„Словенечките земјоделци, производители, прехранбени компании и земјоделството во целина имаат клучна улога во самодоволноста, но и во словенечката економија, националната отпорност, зачувувањето на традицијата и идентитетот“, изјави Бродњак.

Од Група Прва посочуваат дека нивното учество во ДБС главно е поврзано со управувањето со пензиските фондови и инвестициите што тие ги имаат во банкарски акции.

Извршниот директор на Прва Група, Јанез Крањц, изјави дека одлуките за сопственоста на акциите во ДБС се носат пред сè во интерес на членовите на пензиските фондови.

Според податоците на порталот „Ебонитете“, најголем поединечен акционер во ДБС е KD Group со 29,38 отсто, додека Kapitalska zadruga поседува 21 отсто. Skupina Prva има удел од 9,93 отсто, додека меѓу поголемите акционери се и ČZD Kmečki glas со 4,7 отсто и Zadružna zveza Slovenije со 4,04 отсто.

Од НЛБ нагласуваат дека, и покрај силното присуство во Југоисточна Европа, словенечкиот пазар останува во центарот на нивната долгорочна стратегија, со цел дополнително зајакнување на улогата на групацијата во домашната економија и општеството.

Продолжи со читање

Банки

Светска банка и IFC со 700 милиони долари за проширување на дигиталните плаќања

Објавено

на

Меѓународната финансиска корпорација (IFC), членка на Групацијата на Светска банка насочена кон приватниот сектор, започна нова иницијатива за споделување на ризикот, со која треба да им се помогне на банките, fintech-компаниите и другите финансиски институции на пазарите во развој да го прошират пристапот до дигитални плаќања за потрошувачите и малите бизниси.

Иницијативата првично предвидува до 700 милиони долари гаранции за покривање на дел од кредитниот ризик при порамнување на плаќањата. На тој начин, според IFC, повеќе финансиски институции ќе можат да понудат сигурни и иновативни услуги за дигитално плаќање.

Во дел од пазарите во развој, финансиските институции се соочуваат со финансиски барања што го ограничуваат нивното учество во глобалните платежни екосистеми. Како последица, милиони граѓани и локални трговци и натаму се потпираат на готовина и немаат целосен пристап до придобивките од дигиталните плаќања.

Од IFC посочуваат дека новиот механизам треба да го олесни пристапот до дигитални платежни услуги, особено за сопствениците на мали бизниси, жените претприемачи и лицата кои досега биле надвор од формалниот финансиски систем.

„Проширувањето на дигиталните плаќања на пазарите во развој е една од најмоќните алатки за создавање работни места и вклучување на луѓето во формалната економија“, изјави извршниот директор на IFC, Махтар Диоп.

Според проценките на IFC, финансиските институции што ќе учествуваат во иницијативата би можеле да забележат зголемување на дигиталните плаќања за околу 280 милијарди долари.

Се очекува тие да издадат дополнителни 360 милиони картички, додека бројот на активни корисници на дигитални платежни услуги би можел да се зголеми за 90 милиони, од кои 39 милиони жени.

Од IFC очекуваат иницијативата да ја зголеми конкуренцијата и да придонесе за подобар квалитет и поголема достапност на платежните услуги на пазарите во развој.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange