Банки
НЛБ Банка Скопје со силни финансиски резултати за 2025 година
НЛБ Банка успешно ја заврши 2025 година, покажува анализата на финансиските резултати на Банката за периодот од 01.01.2025 до 31.12.2025 година. Работејќи согласно усвоениот план и стратешките иницијативи од „Стратегијата 2030“, во услови на променливо макроекономско опкружување на домашниот и меѓународните пазари, НЛБ Банка покажа посветеност кон иновации и трансформација и забележа раст во сите сегменти од деловното работење.
Финансиски индикатори
Како резултат на успешното спроведување на активностите и високо прудентното управување со ризиците и кредитното портфолио на Банката, НЛБ Банка оствари нето добивка по оданочување од 4.879.441 илјади МКД. Вкупната актива на Банката достигна 156.931.074 илјади МКД и бележи годишен раст од 19,6%. Кредитите кај небанкарскиот сектор достигнаа 102.554.659 илјади МКД, што претставува значително зголемување од 21,9% на годишно ниво. Зголемување на кредитната активност ја истакнува растечката улога на Банката во поддршката на бизнисите и населението и придонесот во економијата. Вкупните депозити на Банката изнесуваат 121.709.074 илјади МКД и истите бележат зголемување за 13,8% споредено со претходната година. Растот на депозитите е поттикнат од зголемениот обем на депозити по видување и орочени депозити од домаќинства, зголемувањето на депозитите од корпоративни клиенти, како и од зголемувањето на бројот на иматели на сметки и приматели на пензии во Банката.
Во 2025, НЛБ Банка постигна значајна пресвртница, достигнувајќи доминантен пазарен удел кај кредитите за население и остварувајќи една од клучните стратешки цели на Банката.
Иновации и дигитализација
За НЛБ Банка, 2025 е година на револуционерни иновации што го редефинираа банкарскиот сектор во земјата. Со реализирани 38 трансформативни проекти во различни деловни области, минатата година за НЛБ Банка означи не само напредок, туку и значајно приближување кон остварување на амбициозната „Стратегија 2030“. Со лансирање на услугата Apple Pay, платформите „Digital first“ и „Mobile first“ – сеопфатна дигитална интеграција на сите банкарски услуги во динамичната банкарска апликација НЛБ мКлик, како и овозможувањето услуги во европскиот систем за плаќање SEPA, Банката им овозможи на своите клиенти беспрекорно, безбедно и иновативно финансиско искуство.
Истовремено, НЛБ Банка успешно ја заврши првата фаза од модернизацијата и трансформацијата на деловната мрежа, подготвувајќи ги своите експозитури за иднината. Новиот деловен модел на експозитурите на Банката го редефинира искуството на клиентите и ги преобликува овие објекти од места за извршување на рутински банкарски активности во центри за поддршка и консалтинг, и продажба на интегрирани финансиски решенија.
Јубилејна година со осврт на социо-економскиот придонес
Во 2025, НЛБ Банка одбележа значаен јубилеј, 40 години од своето основање. Институцијата која во далечната 1985 година започна како мала финансиска организација, денес е една од трите водечки банки во македонскиот банкарски сектор која поставува стандарди во дигиталното банкарство, корпоративното управување и одржливото финансирање. Во јубилејната година НЛБ Банка, со техничка поддршка од Прајсватерхаускуперс Ревизија Скопје, ја издаде првата Студија за социо-економско влијание направена за една банка во Република С. Македонија, која го квантификува директниот, индиректниот и индуцираниот ефект од работењето на Банката. Согласно наодите во студијата, засновани на податоци од 2024 година: ,,НЛБ Банка креира над 675 милиони евра додадена вредност директно преку своите активности, како и преку кредитите и синџирот на добавувачи, што претставува значителни 4,3% од БДП на земјата. Банката придонесува со 211 милиони евра во даноци и социјални придонеси, што е околу 4% од вкупните јавни приходи. Директно вработува 970 луѓе и активно поддржува над 23.400 работни места“.
Признание за извонредност
Кон крајот на годината, на престижната церемонија на финансискиот магазин „The Banker“ во Лондон, НЛБ Банка по дванаесетти пат, ја понесе титулата „Банка на годината“. Ова признание ја потврдува континуираната посветеност на Банката кон извонредност, иновации и услуга на клиентите во банкарскиот сектор. Наградата претставува репер за квалитет и достигнувања во глобалната банкарска индустрија – признание за водечките банки ширум светот кои покажале исклучителни перформанси и лидерство на нивните пазари во насока на стратешки иницијативи, технолошки иновации, програми за одржливост и услуга за клиентите.
Агенда 2026: Дигититална трансформација и одржливо работење
НЛБ Банка ќе продолжи да ја зајакнува својата позиција како водечки иноватор во банкарскиот сектор, со јасен фокус на дигитализација и унапредување на корисничкото искуство преку современи дигитални канали и Контакт-центарот. Во рамки на „Стратегијата 2030“, Банката ќе реализира клучни иницијативи поврзани со дигитално вклучување на правните лица, дигитални платформи за кредитирање на МСП и микро клиенти, нов портал за трговци, инстант плаќања, надградба на Контакт-центарот и имплементација на вештачка интелигенција.
Во 2026 година продолжуваат и активностите за модернизација на деловната мрежа, развој на луѓе и таленти, како и инвестициите во заедницата преку поддршка на спортот, културата и образованието. Банката останува силно посветена и на одржливото финансирање, преку поддршка на „зелени кредити“ и доследна примена на ESG принципите, со цел долгорочно позитивно влијание врз заедницата.
Банки
Народната банка организира нова сесија на Клубот на истражувачите
Народната банка на 18 јуни (четврток) ќе ја одржи 58. сесија на Клубот на истражувачите, која ќе започне во 14 часот во просториите на институцијата.
На настанот ќе биде презентиран научноистражувачкиот труд „Поширок поглед врз стабилноста на банките: Дали нефункционалните кредити се значајни за земјите во развој?“, чиј автори се проф. д-р Бесиме Зибери и д-р Артина Беџети Бафтијари.
По презентацијата е предвидена отворена дискусија со учесниците.
Од Народната банка информираат дека Клубот на истражувачите претставува платформа за презентација и размена на научни и стручни согледувања од областа на монетарната политика, банкарството и макроекономијата. На сесиите се презентираат истражувања кои се темелат на современи научни методи, емпириски анализи и релевантни заклучоци.
Клубот е отворен за научната и стручната јавност, а членството е достапно за сите заинтересирани. Сесиите се јавни, а фотографии од настаните редовно се објавуваат на веб-страницата и на социјалните мрежи на Народната банка.
Банки
Потпретседателот на ЕЦБ Борис Вујчиќ: Подлабоката монетарна интеграција може значително да ја намали финансиската ранливост на регионот
Подлабоката монетарна интеграција може да одигра значајна улога во намалувањето на финансиската ранливост на регионот на Западен Балкан, особено имајќи ја предвид широко распространетата употреба на еврото во повеќе економии од регионот. Усвојувањето на заедничката валута го намалува ризикот од неусогласеност меѓу приходите во домашна валута и задолжувањето во странска валута, со што се олеснува управувањето со финансиските обврски на домаќинствата, компаниите и државите и се намалува можноста од поширока финансиска нестабилност како резултат на валутните движења. Ова го истакнува потпретседателот на Европската централна банка и поранешен гувернер на Хрватската народна банка Борис Вујчиќ, во интервјуто дадено за публикацијата на Народната банка под наслов „80 години централно банкарство: Светски перспективи, регионална соработка и идни предизвици“ (80 Years of Central Banking: Global Perspectives, Regional Cooperation and Future Challenges).
Според Вујчиќ, монетарната интеграција придонесува и за зајакнување на довербата кај инвеститорите, намалување на трошоците за финансирање и зголемување на отпорноста на економиите на надворешни шокови. Тој нагласува дека со интеграцијата се продлабочуваат економските врски меѓу земјите преку трговијата, финансиите и заедничките институции, но посочува и дека таа не може да биде замена за стабилни економски политики, одржливи јавни финансии и ефикасни институции.
Осврнувајќи се на искуството на Хрватска со воведувањето на еврото, Вујчиќ оценува дека навременото усогласување со Европската централна банка било од огромна важност за успешниот и непречен премин кон еврозоната. Тој наведува дека со помош на усогласувањето во сферата на монетарната политика и банкарската супервизија, транзицијата се одвивала без нарушувања во финансискиот систем, а придобивките за граѓаните и за компаниите се видливи преку пониските трошоци за задолжување, намалените трансакциски трошоци и елиминирањето на валутниот ризик.
Во интервјуто, Вујчиќ посебно се осврнува и на соработката со Народната банка, оценувајќи ја како силна, конструктивна и заснована на меѓусебна доверба, отворена комуникација и заедничка посветеност на јакнењето на централнобанкарските капацитети и финансиската стабилност. Тој потсетува на успешно остварените заеднички проекти, вклучително и два твининг-проекта и три фази од програмата за јакнење на капацитетите на централните банки на Западен Балкан.
„Она што најмногу се издвојува во оваа соработка е професионализмот, посветеноста и експертизата на персоналот на Народната банка. Нивниот силен ангажман, подготвеноста за соработка и постојаната посветеност на квалитетот беа основните фактори за успехот на нашата заедничка работа“, истакнува Вујчиќ, додавајќи дека со нетрпение очекува продолжување на одличната соработка и во иднина.
Интервјуто со Борис Вујчиќ е дел од публикацијата „80 години централно банкарство: Светски перспективи, регионална соработка и идни предизвици“, подготвена во рамките на одбележувањето на јубилејот – 80 години централно банкарство во земјава. Публикацијата е дел од комуникациски проект што опфаќа серијал тематски интервјуа со актуелни и поранешни гувернери на централни банки, високи претставници на меѓународни финансиски институции и претставници на меѓународни централнобанкарски организации. Преку овие интервјуа се овозможува потемелно разгледување на главните прашања од областа на централното банкарство и се создава релевантна експертска содржина со долгорочна институционална вредност.
Целото интервју е достапно на следнава врска: https://www.nbrm.mk/80-godini-centralno-bankarstvo.nspx
Банки
Халкбанк отвори повик за летна пракса за студенти и млади
Халкбанк АД Скопје објави повик за пријавување на летна пракса, нудејќи им можност на студентите и младите лица да стекнат практично работно искуство и подобро да се запознаат со банкарскиот сектор.
Од банката информираат дека програмата е наменета за развој на нови вештини и стекнување знаења преку директно вклучување во работните процеси.
„Стекни практично искуство, развиј нови вештини и запознај го банкарството одблиску“, порачуваат од Халкбанк, повикувајќи ги заинтересираните кандидати да аплицираат преку објавениот линк.
Летната пракса претставува можност за младите да го направат првиот чекор кон својата професионална кариера и да стекнат увид во функционирањето на една од водечките банки во земјата.
-
Продуктипред 2 месециУНИПлус флексибилна програма за лојалност на УНИБанка. Kористиш бројни бенефити, а не мора да ја префрлаш платата!
-
Банкипред 2 месеци
Стопанска банка АД – Скопје со план за исплата на дивиденда од над 16 милиони евра
-
Бизниспред 2 месеци
Македонски Телеком предлага повисока дивиденда за 2025 година
-
Бизниспред 1 месецОд полноќ нови цени на горивата
-
Останатопред 1 месец
Почна исплатата на средствата од МојДДВ за првиот квартал од 2026 година
-
Банкипред 2 месециСилк Роуд Банка: Пензиите за април исплатени, достапни преку експозитурите, банкоматите како и електронското банкарство
-
Кариерапред 2 месециАЛТА банка објави оглас за вработување на позицијата бизнис аналитичар (економист)
-
Советипред 1 месец
УЈП објави видео упатство за е-даночни услуги и потврда на ДЛД-ГДП пријавата


