Connect with us
no baners

Останато

Јавен повик за учество во „Европски квиз на парите 2026“ за основни и средни училишта

Објавено

на

Македонската банкарска асоцијација, во соработка со Народната банка на Република Северна Македонија и Комисијата за хартии од вредност на Република Северна Македонија, објавува јавен повик до основните и средните училишта во Република Северна Македонија за учество во „Европскиот квиз на парите 2026“.

Се повикуваат сите основни и средни училишта во Република Северна Македонија да се вклучат во меѓународниот натпревар Европски квиз на парите, проект на Европската банкарска федерација чија цел е унапредување на финансиската едукација кај учениците на возраст од 13 до 15 години.

Европскиот квиз на парите се реализира во две фази. Првата фаза се националните натпревари што се одржуваат во секоја земја, додека втората фаза е европското финале во кое учествуваат победниците од националните натпревари.

Во Република Северна Македонија, националниот натпревар ќе се одржи за време на Глобалната недела на парите, од 16 до 22 март 2026 година, на македонски и на албански јазик. Натпреварот ќе се реализира во два круга. Првиот круг ќе биде онлајн натпревар за селекција на најдобрите тимови, додека вториот круг ќе се одржи со физичко присуство во просториите на Македонската банкарска асоцијација, каде најдобрите тимови ќе се натпреваруваат за титулата национален шампион.

Тимот составен од двајца ученици кој ќе го освои првото место ќе ја претставува Република Северна Македонија на европското финале што ќе се одржи на 18 и 19 мај 2026 година во Брисел, Кралството Белгија. Секој тим се натпреварува на својот мајчин јазик, а Европската банкарска федерација ќе додели парични награди на училиштата што ќе освојат прво, второ и трето место.

Натпреварите ќе се одвиваат преку специјализирана електронска апликација Кахут (Kahoot!), која претставува едукативна платформа заснована на учење преку игра.

Сите заинтересирани основни и средни училишта можат да пријават одделенија, класови или тимови на ученици за учество на националниот натпревар најдоцна до 23 февруари 2026 година, со доставување на податоци за учениците на електронската адреса [email protected].

Учениците се натпреваруваат во тимови од по двајца. Секое основно или средно училиште може да пријави повеќе одделенија или класови, а секој клас може да пријави повеќе тимови. Учениците треба да бидат на возраст од 13 до 15 години. Заедно со податоците за одделенијата и класовите потребно е да се достават и податоци за наставниците или професорите под чие менторство ќе се одвива подготовката за натпреварот.

Едукативните материјали потребни за подготовка за националниот натпревар и европското финале, како и дополнителни информации за Европскиот квиз на парите, се достапни на веб-страниците mba.mk и efb.eu.

Останато

Големо партнерство за големи фудбалски моменти – Иуте и МТЕЛ со ексклузивна понуда создадена за најголемите спортски возбудувања

Објавено

на

Во периодот кога милиони навивачи ширум светот се подготвуваат за следење на најважните фудбалски натпревари во годината, Иуте Македонија и МТЕЛ започнуваат ново партнерство кое носи ексклузивни придобивки за корисниците.

Со оваа соработка, двете компании ги обединуваат дигиталните решенија, современата технологија и флексибилните финансиски услуги со цел да им овозможат на корисниците искуство со уникатни бенефиции и можности.

Првата заедничка понуда е наменета за сите љубители на спортот, филмовите и квалитетната телевизиска содржина. Корисниците кои ќе активираат или обноват MOVE пакет на 24 месеци, ќе можат да купат Samsung телевизор со ексклузивен попуст од 50%, а плаќањето се реализира преку Иуте со можност за купување на 4 рати и 0% трошоци преку iute Smart.

Партнерството со МТЕЛ е уште еден чекор во нашата мисија да им овозможиме на корисниците пристап до производи и услуги кои го подобруваат нивното секојдневие. Веруваме дека комбинацијата од врвна технологија и едноставни паметни начини на плаќање создава вистинска вредност за корисниците токму во период кога интересот за телевизиска содржина и спортски настани е на највисоко ниво“ – вели Игор Трпковски, Директор на продажба во Иуте Македонија.

Во време кога домот повторно станува центар на најголемите спортски емоции, ова партнерство доаѓа како вистинска можност за оние кои размислуваат за подновување со нов телевизор и супер забавно искуството при следење на омилените натпревари, серии и филмови.

Ова е само почеток на соработката помеѓу Иуте Македонија и МТЕЛ, која во иднина ќе донесе нови поволности, иновативни понуди и уште повеќе можности за корисниците.

Повеќе информации за понудата се достапни на продажните места на МТЕЛ и тука.

Продолжи со читање

Останато

ЕУ го одобри почетокот на преговорите за укинување на роаминг трошоците со земјите од Западен Балкан

Објавено

на

Советот на Европската Унија денеска го одобри отворањето на преговорите за укинување на дополнителните роаминг надоместоци меѓу ЕУ и шесте земји од Западен Балкан – Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија.

По оваа одлука, Европската комисија ќе започне разговори за посебни секторски договори со секоја од земјите од регионот, со цел нивно приклучување кон европската зона „Роам како дома“ (Roam Like at Home – RLAH).

Овој систем им овозможува на корисниците да телефонираат, испраќаат пораки и користат мобилен интернет додека патуваат во странство без дополнителни роаминг трошоци, под исти услови како во својата матична земја. Во моментов, зоната ги опфаќа земјите-членки на ЕУ, како и Исланд, Лихтенштајн, Норвешка, Молдавија и Украина.

Пред да станат дел од оваа зона, земјите од Западен Балкан ќе треба целосно да ги усогласат и применат правилата на ЕУ во областа на роамингот. Европската комисија ќе ја оценува усогласеноста и, доколку условите се исполнети, ќе потврди дека земјата е подготвена за приклучување.

Со овој процес ќе се формализираат и постојните доброволни договори меѓу дел од мобилните оператори од ЕУ и Западен Балкан, кои веќе нудат намалени роаминг цени за патувања меѓу двата региона.

Инаку, граѓаните на земјите од Западен Балкан веќе користат пониски тарифи за мобилни услуги во рамките на регионот благодарение на регионалниот роаминг-договор, кој стапи во сила во 2019 година.

Продолжи со читање

Останато

Димитриеска-Кочоска: Буџетот е стабилен, повратот на ДДВ кон фирмите зголемен за 4,7 отсто

Објавено

на

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска изјави дека државниот буџет е стабилен и ликвиден, а сите обврски на државата редовно се сервисираат. Таа во интервју за ТВ Сител посочи дека до крајот на годинава не се планира ново издавање еврообврзница, бидејќи веќе се обезбедени средствата потребни за отплата на постојните долгови.

Според неа, финансирањето се одвива во согласност со проекциите предвидени во Буџетот за 2026 година. Таа нагласи дека се реализирани сите планирани активности за обезбедување средства за враќање на старите задолжувања, а во наредниот период фокусот ќе биде ставен на финансирање на буџетскиот дефицит.

Димитриеска-Кочоска потсети дека во јануари беше издадена еврообврзница со која беше рефинансирана еврообврзницата од 2020 година во износ од 700 милиони евра, која минатата недела е целосно исплатена. Дополнително, во текот на денот биле повлечени 260 милиони евра од кредит од странски банки, како и средства предвидени со Реформската агенда.

Таа оцени дека редовното сервисирање на долговите е клучно за финансиската стабилност на државата и предупреди дека доцнење во отплатата на обврските би претставувало сериозен ризик за секоја економија.

Министерката посочи дека јавниот долг и понатаму се движи околу 60 проценти од БДП и дека задолжувањето не е проблем доколку средствата се насочуваат кон проекти кои носат економска вредност и поттикнуваат раст.

Осврнувајќи се на економските показатели, Димитриеска-Кочоска истакна дека растот на бруто-домашниот производ во првиот квартал претставува потврда за позитивните економски движења и за зголемената активност во економијата. Како дополнителен показател ги наведе и инвестициите во приватниот сектор, како и двоцифрениот раст на кредитната активност.

Таа нагласи дека државата навремено ги подмирува обврските кон стопанството и дека заклучно со мај годинава повратот на ДДВ кон компаниите е зголемен за 4,7 проценти во споредба со истиот период лани.

„Буџетот е ликвиден и нема никакви проблеми во сервисирањето на обврските“, порача министерката за финансии.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange