Банки
Макроекономската стабилност како поддршка за бизнисот – средба на гувернерот Славески со Стопанската комора
Народната банка е доследна во одржувањето на макроекономската стабилност како најсоодветен амбиент за водење бизнис и создавање поволни услови за раст и развој на домашната економија. За таа цел, централната банка секогаш води соодветни политики, коишто гарантираат стабилни и предвидливи услови. Ова беше посочено на денешната работна средба помеѓу гувернерот на Народната банка, Трајко Славески и претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, којашто се одржа во просториите на Комората, во присуство на членови на Управниот одбор на Комората и на претставници на медиумите.
Банкарскиот сектор е стабилен, со историски висока капитална адекватност, што претставува значаен потпорен столб за економската стабилност и за економијата во целина. Во интерес на унапредувањето на финансиската вклученост и за зголемена ефикасност на банкарските услуги, Народната банка веќе ги презеде првите активности за намалување на надоместоците кај одделни банкарски услуги. Активностите ќе се одвиваат и понатаму, со цел да се унапреди пристапот до финансиските услуги за граѓаните и за компаниите.

Во рамките на денешната работна средба беше истакнато дека девизните резерви се стабилни и се движат меѓу 4,6 и 4,7 милијарди евра. Тоа претставува соодветно ниво, со оглед на тоа што резервите покриваат околу 4,5 месеци од увозот на стоки и услуги, односно над светскиот стандард од 3 месеци. Управувањето со резервите се врши внимателно, согласно утврдените принципи на сигурност и ликвидност, со постојан надзор од стручните служби на Народната банка.
Средбата заврши со заедничка оцена дека е неопходна поголема вклученост на институциите за поддршка на економијата, преку редовен и отворен дијалог, како и носење економски политики што се насочени кон реалните предизвици на деловната заедница.
Банки
Народната банка ја задржа основната каматна стапка на 4,25 отсто
Народната банка одлучи да ја задржи основната каматна стапка на нивото од 4,25 отсто, по нејзиното зголемување во јуни. Одлуката беше донесена на редовната седница на Извршниот одбор за монетарна политика, одржана на 28 јули, врз основа на најновите макроекономски показатели и процените за ризиците во домашното и меѓународното окружување.
Од централната банка оценуваат дека тековната поставеност на монетарната политика е соодветна, имајќи ја предвид и натаму високата неизвесност, особено поради геополитичките тензии, растот на цените на енергентите и можните ефекти врз девизниот пазар и домашната инфлација.
Девизниот пазар од почетокот на мај е стабилен, иако се забележува повисока побарувачка на девизи од компаниите, делумно поради поскапувањето на енергентите. Девизните резерви на крајот на јуни изнесувале 4,94 милијарди евра и, според Народната банка, се одржуваат во сигурната зона.
Годишната инфлација во јуни забавила на 3,4 отсто, што е пониско од очекувањата во априлската проекција. Забавувањето главно се должи на поумерениот раст на цените на храната, сезонските фактори и намалувањето на базичната инфлација.
Сепак, од Народната банка посочуваат дека инфлацијата и натаму е на релативно високо ниво, додека увозните цени остануваат нестабилни. Дополнителен ризик претставуваат ескалацијата на конфликтите на Блискиот Исток и продолжувањето на војната меѓу Русија и Украина, кои создаваат притисоци врз цените на енергентите и другите примарни производи, како и нарушувања во синџирите на снабдување.
Домашната економија, според оцените на централната банка, продолжува да покажува отпорност. Во првиот квартал од 2026 година, реалниот раст на бруто-домашниот производ изнесувал 3,1 отсто, а податоците за вториот квартал укажуваат на можно дополнително забрзување на економската активност.
Кредитната поддршка во економијата останува посилна од проектираната, при истовремен раст на депозитната база.
Народната банка најави дека ќе продолжи внимателно да ги следи домашните и меѓународните економски движења и дека е подготвена да ги употреби сите расположливи инструменти за одржување на стабилноста на денарот, инфлацијата и финансискиот систем.
Банки
„Халк Финфлуенсер“ на Халкбанк со 12 видеа за полесно користење на дигиталните банкарски услуги
Халкбанк започна нов едукативен видеосеријал со кој на корисниците им ги приближува најчесто користените банкарски услуги достапни преку мобилен телефон.
Серијалот „Халк Финфлуенсер“ содржи 12 кратки видео упатства во кои актерката Дарја Ризова на едноставен начин ги прикажува чекорите за користење на различни функционалности во мобилната апликација на банката.
Целта е корисниците полесно да извршуваат трансакции и други банкарски активности без посета на филијала и без чекање на шалтер. Од Халкбанк посочуваат дека во изминатиот период континуирано го проширувале бројот на достапни дигитални услуги во апликацијата.
Досега се објавени видеа за отворање платежна сметка преку мобилен телефон, префрлање пари со услугата Smart Send и подигнување готовина од банкомат без користење картичка.
Во следните недели се најавени уште девет видеа посветени на банкарски постапки и услуги што можат да се завршат онлајн.
Од банката велат дека преку ваквите содржини сакаат не само да ги информираат корисниците, туку и да придонесат за подобрување на нивните финансиски и дигитални знаења.

Иако онлајн банкарството почесто го користат помладите, Халкбанк со серијалот планира да ги охрабри и повозрасните корисници да ги искористат предностите на дигиталните услуги. Содржините ќе бидат достапни преку социјалните мрежи, како и директно преку филијалите на банката.
Банки
Орлин Георгиев Ваташки повторно именуван за член на Управниот одбор на УНИ Банка
Орлин Георгиев Ваташки повторно ќе биде член на Управниот одбор на УНИ Банка АД Скопје, откако Народната банка на Република Северна Македонија издала претходна согласност за неговото именување.
Како што информираат од Универзална Инвестициона Банка, согласноста е издадена со решение на Извршниот одбор на Народната банка од 24 јули 2026 година.
Ваташки е именуван за член на Управниот одбор на банката за период од две години, сметано од денот на приемот на решението.
Известувањето е објавено согласно Правилата за котација и се однесува на измени во органите на управување и надзор на банката.
-
Интервјуапред 2 месециFinSight | Нина Ангеловска Станков: Во политиката аргументот не е крај на разговорот – туку негов почеток
-
Интервјуапред 2 месеци„Ништо случајно“: Нина Ангеловска за бизнисот, животните лекции и патот кој ја обликувал нејзината кариера
-
Интервјуапред 2 месециФиломена Пљакоска Аспровска во FinSight: Дали мобилниот телефон ќе стане нашиот единствен паричник?
-
Банкипред 2 месециНа музиката ѝ е место и меѓу банкарските шалтери – Young Dadi со ексклузивен popup настап за клиентите на Халкбанк
-
Бизниспред 2 месециОд полноќ нови цени на горивата: Бензините поевтинија, дизелот поскапе
-
Интервјуапред 1 месецДигитализацијата и довербата се двигатели на новото банкарство – Беркан Имери во FinSight
-
Берзапред 2 месециРКЕ донесе одлука: Дизелот поевтинува за 6,5 денари по литар, најголем пад на цената во последните месеци
-
Кариерапред 2 месециНЛБ Банка вработува банкарски советник во Штип, рокот за пријавување е 10 јуни



