Connect with us

Банки

ТТК Банка АД Скопје со стабилни финансиски резултати во првиот квартал од 2025 година

Објавено

на

Во првиот квартал од 2025 година, активностите на ТТК Банка АД Скопје беа насочени
кон остварување на приоритетните цели и задачи дефинирани во Деловната политика
и во Финансискиот план на Банката за 2025 годинa.

ТТК Банка АД Скопје во периодот од 1 јануари до 31 март 2025 година оствари позитивен финансиски резултат од 10,6 милиони денари. Во услови на глобално економско закрепнување, но и присутни ризици поврзани со трговски тензии и динамична конкурентност, Банката успешно го реализираше својот традиционален и ефикасен деловен модел.

Остварените оперативни приходи изнесуваат 144 милиони денари, додека оперативните трошоци се во висина од 120 милиони денари, што резултира со нето-оперативен приход пред исправки на вредност од 24 милиони денари. Издвоени се исправки на вредност на финансиски и нефинансиски средства во износ од 13,8 милиони денари, во согласност со структурата и квалитетот на кредитното портфолио.

Нето-приходите од камати изнесуваат 83,7 милиони денари, со реализација од 99% од планираното и се на ниво слично на првиот квартал од 2024 година. Нето-приходите од провизии и надоместоци се реализирани во износ од 37,5 милиони денари, со пад од 6% во споредба со истиот период минатата година, но со реализација од 96,7% во однос на планот. Најголем удел во овие приходи имаат провизиите од домашниот платен промет и картичното работење. Приходите од курсни разлики изнесуваат 3,1 милиони денари и се пониски во однос на минатата година, поради намален обем на тргување на девизниот и менувачкиот пазар, со реализација од 84,8% од планираното. Значаен придонес во приходите имаат и останатите приходи од работењето кои достигнаа 19,7 милиони денари, значително повисоки поради реализирана капитална добивка од продажба на преземени средства, со реализација од 97,5% од планот.

Вкупните оперативни трошоци изнесуваат 120,4 милиони денари, со зголемување во однос на истиот период минатата година, најмногу поради раст на трошоците за плати и на административните и материјалните трошоци. Во однос на планот, трошоците се реализирани со 101,5%. Исправката на вредност на финансиски средства и резервации за вонбилансна изложеност е во висина од 13,8 милиони денари, а во анализираниот период не е евидентирана загуба од оштетување на нефинансиски средства.

Дивиденда и дивиденден календар

Во однос на капиталната политика, ТТК Банка АД Скопје во март објави повик за учество на Годишното собрание на акционери, коешто се одржа на 2 април 2025 година. На седницата беше донесена одлука за исплата на дивиденда за 2024 година. Согласно одлуката, бруто-дивиденда по акција изнесува 61 денар, односно 6,1% од номиналната вредност на акцијата (1.000 денари), и ќе биде исплатена на платежните сметки на акционерите, сразмерно на нивното учество во основната главнина на Банката.

Очекувања за претстојниот период

Проекциите за глобалната економија за идниот период упатуваат на нејзин стабилен раст, но ризиците поврзани со можната ескалација на геополитичките тензии и неизвесноста од трговските политики, со потенцијални ефекти и врз инфлацијата, можат да предизвикаат забавување на започнатиот процес на монетарно
олабавување, со неповолно влијание врз фискалната и финансиската одржливост.

Според Народната банка на Република Северна Македонија, најновите показатели од
домашната економија упатуваат на макроекономска слика којашто не отстапува
значително од октомвриските оцени. Имено, реалниот БДП за целата 2024 година би
се забрзал, искачувајќи се на 3,3% во 2025 година и би достигнал 4% на среден рок,
со очекувања за поповолно надворешно окружување, поволен амбиент за странски и
домашни инвестиции и позитивен придонес од започнатите инфраструктурни проекти.
Годишната стапка на инфлацијата во февруари изнесуваше 5% и се задржа на
слично ниво како претходниот месец (4,9%), под влијание на пониската споредбена
основа од истиот период претходната година, кога беа во сила мерките за
ублажување на ценовниот раст.

Постојното глобално и домашно макроекономско окружување упатува на постоење
ризици и предизвици и, во следниот период, Банката посветено ќе ги следи и анализира најновите макроекономски параметри, мерки, активности и предвидувања на економските авторитети и носителите на економските политики, како и на операторите. Истовремено, Банката соодветно ќе ги усогласува интерните индикатори и ќе го приспособува нејзиното работење и активности на пазарните услови, со акцент на долгорочната стабилност и одржување на ликвидноста.

Банката ќе остане фокусирана на проактивно, стабилно и профитабилно оперативно работење засновано на реални и на предвидливи очекувања. Кредитната активност се очекува да продолжи да се реализира преку работата со населението и со малите и средни претпријатија, паралелно со севкупното закрепнување на економската активност и на зголемената побарувачка за кредити. Притоа, Банката ќе ги презема сите неопходни активности за одржување на квалитетот на портфолиото, конкурентноста и развојот на понудата на производи и услуги, како и изнаоѓање флексибилни решенија приспособени на потребите на клиентите.

Креирањето одржливи и ефикасни процеси, посветеноста кон зголемување на квалитетот и ефикасноста во клиентската услуга и зголеменото клиентско задоволство, реализацијата на планираниот обем на активности предвидени со деловната политика, понудата на нови зелени кредитни производи приспособени на потребите на специфичните клиенти, натамошниот развој на дигитализација на процесите, приспособувањето на деловните процеси во согласност со барањата на новиот Закон за платежни услуги и платни системи, надградбата на производите и услугите достапни преку дигиталните канали и како и потпирањето на сопствените извори на финансирање и понатаму ќе претставуваат основа на деловната стратегија на Банката за 2025 година, при што и натаму депозитите од секторот население остануваат со доминантно учество во вкупните извори на средства.

Банки

Халкбанк го нуди Halk Smart пакетот со повеќе банкарски услуги за 150 денари месечно

Објавено

на

Халкбанк АД Скопје го промовира Halk Smart пакетот, кој на корисниците им овозможува користење повеќе банкарски и дополнителни услуги за месечен надоместок од 150 денари.

Во рамки на пакетот се вклучени одржување на платежна сметка, дебитна картичка, електронско и мобилно банкарство, како и СМС известувања.

Корисниците на Halk Smart имаат можност и за повлекување готовина без надоместок од банкоматите на сите банки во земјата.

Дополнително, во пакетот е вклучена и услугата ORYX Home Assistance, која обезбедува 24-часовна помош при штети и дефекти во домот.

Повеќе информации за условите и начинот на аплицирање се достапни на официјалната веб-страница на Халкбанк.

Продолжи со читање

Банки

НЛБ Групацијата влегува во сопственичката структура на Дежелна Банка Словенија д.д

Објавено

на

НЛБ Групацијата склучи договор за купување акции со Скупина ПРВА д.д. и нејзините поврзани страни, за стекнување на 25.66% од акциите на Дежелна Банка Словенија д.д (ДБС), извести вчера НЛБ. Завршувањето на трансакцијата се очекува по добивањето на сите потребни регулаторни одобренија, најверојатно во втората половина од следната година. Покрај тоа, Групацијата ја разгледува и можноста за стекнување дополнителни акции во ДБС.

Со оваа планирана инвестиција, НЛБ Групацијата ја нагласува важноста на земјоделскиот сектор, област во која ДБС има значајно присуство преку своите производи и услуги. Во рамки на НЛБ Групацијата, земјоделството долго време се третира како сектор со пошироко општествено значење.

Во време кога светот се соочува со сè поголема неизвесност, можноста за обезбедување сигурен домашен синџир на снабдување со храна стана стратешко прашање. Словенечките земјоделци, производителите на храна, агро-прехранбените компании и земјоделскиот сектор во целина имаат клучна улога не само во обезбедувањето прехранбена сигурност, туку и во пошироката словенечка економија, националната отпорност, како и во зачувувањето на традицијата, идентитетот и иднината на нашето општество и словенечкиот пејзаж – истакнува Блаж Бродњак, главен извршен директор на НЛБ.

Бродњак посочи дека, како водечка Банка во Словенија, НЛБ има улога на клучен развоен партнер и додаде дека целта на планираното стекнување на овој сопственички удел е   дополнително зајакнување на системската улога на НЛБ и нејзин придонес во обликувањето на иднината на Словенија.

Компаниите од Групацијата ПРВА поседуваат сопственички удел во ДБС првенствено преку нивната улога како управувачи со пензиски фондови, чии инвестициски портфолија вклучуваат акции од Банката. Акции од Банката се дел и од инвестициските портфолија на Групацијата ПРВА и ПРВА Финансии.

Продолжи со читање

Банки

ММФ: Независна Народна банка е клучна за ценовната и финансиската стабилност

Објавено

на

Независноста на централните банки е клучна за зачувување на ценовната и финансиската стабилност, особено во услови на висока глобална неизвесност, зголемен јавен долг, геополитички тензии и брзи технолошки промени, оценува Бо Ли, заменик-генерален директор на Меѓународниот монетарен фонд.

Во интервју со НБРМ, посветено на улогата на централните банки, Ли посочува дека искуството од различни земји покажува оти независните монетарни институции се во подобра позиција да ја контролираат инфлацијата, да ги стабилизираат инфлациските очекувања и навремено да реагираат на економски шокови.

Според него, тоа особено се покажало во периодот по пандемијата, кога централните банки одговориле со заострување на монетарната политика во услови на инфлација каква што не била забележана со децении.

Ли предупредува дека политичките притисоци врз монетарната политика можат да создадат сериозни економски последици. Доколку каматните стапки се одржуваат на пониско ниво од она што го бара економската состојба, може да следуваат повисока и подолготрајна инфлација, зголемени премии за ризик, девизни притисоци и намалување на инвестициската активност.

Притоа, како што посочува, најголемиот товар од високата инфлација најчесто го чувствуваат домаќинствата со најниски приходи.

„Доколку пазарите и јавноста стекнат впечаток дека одлуките се носат во функција на политички цели, наместо во согласност со законскиот мандат, се намалува довербата во институцијата, а со тоа и ефикасноста на монетарната политика“, предупредува Ли.

Тој нагласува дека независноста на централната банка не значи отсуство на отчетност. Напротив, таа мора да биде придружена со добро управување, транспарентност, јасна комуникација и силни механизми на отчетност.

Посебно внимание во интервјуто е посветено и на Северна Македонија. Според Ли, во мала и отворена економија со фиксен девизен курс, довербата во монетарните и финансиските институции има суштинска улога во одржувањето на ценовната и финансиската стабилност и во создавањето услови за одржлив економски раст.

Тој оценува дека Народната банка во изминатите години континуирано ги зајакнувала рамките за носење политики, транспарентноста и комуникацијата, притоа задржувајќи јасен фокус на исполнувањето на својот мандат.

„Овие напори придонесоа за зајакнување на довербата на јавноста и за одржување на макроекономската стабилност, особено во периоди на зголемена глобална неизвесност“, посочува заменик-генералниот директор на ММФ.

Ли додава дека за малите економии институционалниот кредибилитет е особено важен при надворешни шокови, како нестабилни цени на примарните производи или промени во условите за надворешно финансирање.

За одржување на довербата, според него, потребни се јасен законски мандат, оперативна автономија, доследни политики, квалитетни податоци, професионален кадар и координација со останатите макроекономски политики.

ММФ, пак, ја поддржува независноста на централните банки преку совети за политики, техничка помош, обуки и истражувања.

Ли ја издвојува Северна Македонија и како позитивен пример во однос на транспарентноста. Земјата била меѓу првите во кои била спроведена проценка според Кодексот за транспарентност на централните банки на ММФ, при што било утврдено дека Народната банка применува напредни практики на транспарентност и ужива висок степен на доверба кај јавноста.

Извор: NBRM

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange