Банки
Централна кооперативна банка АД Скопје со добивка од 7,8 милиони денари во првото тримесечје од 2025 година
Централна кооперативна банка АД Скопје го затвори првото тримесечје од 2025 година со добивка од 7,8 милиони денари, работејќи во услови на економски раст, инфраструктурни инвестиции и засилена надворешна побарувачка.
Банката оствари раст на вкупната актива и пасива од 4%, со реализација на планираните цели од 102%, што укажува на стабилно и одржливо деловно позиционирање.
Кредитите и побарувањата од комитенти се зголемени за 1%, при што најголем пораст е остварен кај физички лица. Паричните средства се зголемени за 7%, а вложувањата во хартии од вредност се за 15% над планот.
Позицијата депозити бележи пораст од 5% во однос на крајот на минатата година, што се должи на повисоките каматни стапки. Во исто време, зголемувањето на активните каматни стапки овозможи раст на приходите од камати за 4%, додека нето-каматниот приход е зголемен за 1% во однос на истиот период лани.
Приходите од провизии се зголемени за 2%, но поради раст на трошоците за провизии од 9%, нето-приходите од провизии се пониски за 3% на годишно ниво и 23% под планираното. Забележан е умерен раст на трошоците за вработените и останатите расходи од дејноста, но под нивото на планираното, додека приходите од дејноста се над планот за 10%.
Нето-приходите од курсни разлики се зголемени за 19%, а расходите за амортизација се намалени за 7% на годишно ниво и 29% под планот. Заклучно со 31 март 2025 година, издвоената исправка на вредност на финансиски средства и резервации за кредитна изложеност изнесува 2,77 милиони денари, што претставува намалување од 5,23 милиони денари во однос на истиот период лани.
Централна кооперативна банка АД Скопје продолжува да го задржува квалитетот на кредитното портфолио и да остане конкурентна во услови на инфлаторни притисоци и прилагодувања во монетарната политика, следејќи ги трендовите на Европската централна банка и потребата од стабилен девизен курс.
Очекувања за претстојниот период
Макроекономските услови во кои Банката ја остварува својата активност на почетокот од 2025 година остануваат под силен притисок на актуелните глобални предизвици. Иако инфлаторните трендови во Европа и во САД влегоа во фаза на смирување и цената на капиталот полека се стабилизираше, на глобално ниво одново се појавуваат економски неизвесности кои ги носат промените во економските политики на САД и консеквентно големите светски економии. Ситуацијата во државата останува под индиректен притисок и во очекување од глобалните случувања, додека на локално ниво веќе се појавуваат знаци на стабилизација и зголемен економски оптимизам.
За очекување е Централната банка и Министерството за финансии да започнат со внимателно намалување на каматните стапки на хартиите од вредност, со што постепено ќе се отвораат услови за кредитирање со пониски каматни стапки. Поволното задолжување на државата со цел поддршка на економијата дава дополнителни сигнали дека може да се очекува економско придивижување и поголем раст.
Покрај веќе неколкугодишните последователни глобални здравствени и економски кризи, вредно е да се забележи дека банкарскиот сектор покажува високо ниво на стабилност и отпорност и релативно брзо се приспособува на различните предизвици. За очекување е да следува период на пониска претпазливост во кредитирањето проследена со повисок апетит за преземање ризици и раст на активите и на приходите.
Во вакви околности, Банката останува будно да го следи нивото на кое ќе се стабилизира цената на капиталот, од една страна, и капацитетот на населението и фирмите за сервисирање на долговите, од друга страна. Банката очекува својата тековна активност до крајот на годината да ја остварува во релативно мирни макроекономски услови, но со сè уште високо ниво на претпазливост поради новите геополитички предизвици. Во наредниот период, до покажување линија на сигурен тренд на стабилизација и пазарна извесност, Банката ќе остане максимално претпазлива при преземањето нов кредитен ризик и ќе ги следи движењата и сигналите од пазарот и од НБРСМ. Ќе продолжат континуираните напори за остварување на планираните позиции од деловниот план, но без, притоа, да се компромитира високото ниво на квалитет на кредитното портфолио. Зголемената продуктна и ценовна конкурентност, пред сè, ќе одат во насока на заштита и задржување на постоечките клиенти, а ќе се користи секоја пазарна можност за бележење нови аквизиции и пораст.
Со цел да се олеснат пристапот до услугите и безбедноста на клиентите, ќе продолжат напорите за модернизирање на постојниот технолошки сетап на Банката. Следејќи ги современите текови во развојот на информатичките технологии во банкарското работење, Банката и понатаму ќе продолжи да ги развива и да ги усовршува и алтернативните канали за дистрибуција и зголемување на достапноста на услугите.
Посветеноста кон зголемување на квалитетот и ефикасноста во клиентската услуга и зголеменото клиентско задоволство остануваат на врвот на приоритетите за претстојната година. Банката ќе се стреми кон одржување позитивна и стимулативна работна атмосфера, преку поттикнување на иницијативите и наградување на реалните резултати и успеси.
Банки
Капитал Банка нуди кредит до 250.000 евра за инвестиции во енергетска ефикасност
Енергетската ефикасност сè повеќе станува составен дел од современото и одговорно деловно управување, а инвестициите во зелени технологии се препознаваат како клучен фактор за намалување на оперативните трошоци и обезбедување долгорочна стабилност на компаниите.
Во таа насока, Капитал Банка АД Скопје нуди долгорочен инвестициски кредит наменет за поддршка на зелената транзиција на бизнисите. Кредитот е достапен за правни лица во износ до 250.000 евра и е наменет за реализација на одржливи инвестиции кои придонесуваат за поголема енергетска ефикасност и енергетска независност.
Финансискиот производ се одликува со фиксна каматна стапка од 1,95 проценти, рок на отплата до 120 месеци и грејс период до 12 месеци, без дополнителни трошоци. Од банката посочуваат дека ваквата финансиска рамка има за цел да им овозможи на компаниите полесно да инвестираат во модерни и еколошки решенија.
Со ваквите инвестиции, бизнисите можат да ги намалат трошоците за енергија, да ја зголемат својата конкурентност и да се позиционираат како одговорни и иновативни учесници на пазарот.
За повеќе информации и закажување состанок со бизнис претставници, заинтересираните компании можат да се јават на телефонскиот број 02/3102-500 или да посетат некоја од експозитурите на Капитал Банка.
Банки
Капитал Банка нуди платена практикантска работа во кредитна администрација
Капитал Банка АД Скопје објави оглас за платена практикантска работа во областа на кредитна администрација, наменета за кандидати кои сакаат да го започнат или да го надградат своето професионално искуство во банкарскиот сектор.
Од банката информираат дека преку оваа практикантска програма избраните кандидати ќе имаат можност да стекнат реално работно искуство и практични знаења, како и да се запознаат со процесите поврзани со кредитната документација и административната поддршка на кредитните операции.
Практикантите ќе работат во професионална банкарска средина и ќе бидат под менторство на искусен тим, што ќе им овозможи подобро да ги разберат секојдневните процеси во кредитната администрација и да развијат релевантни вештини за работа во финансискиот сектор.
Од Капитал Банка ги повикуваат сите заинтересирани и мотивирани кандидати да аплицираат на електронската адреса: [email protected], а дополнителни информации за огласот се достапни и на линкот.
Банката посочува дека со нетрпение ги очекува апликациите од кандидатите кои сакаат да ја започнат својата кариера во банкарството.
Банки
Централна кооперативна банка АД Скопје објави оглас за вработување во Скопје
Централна кооперативна банка АД Скопје објави оглас за вработување на соработник за клиентска услуга во експозитура во Скопје.
Работниот однос е на определено време, со можност за продолжување на неопределено време.
Работното време е од понеделник до петок, од 08:00 до 16:00 часот. Избраниот кандидат ќе биде задолжен за продажба и промоција на банкарски производи и услуги, обезбедување информации за клиентите, како и привлекување и услуга на клиенти кои банката ги категоризира како ВИП.
Во рамки на работните задачи спаѓа и ажурирање на податоци и досиеја поврзани со трансакциите, прием и обработка на барања од клиенти, следење на конкуренцијата, решавање поплаки, како и извршување благајнички работи по потреба. Од банката посочуваат дека кандидатот треба да ја претставува институцијата на професионален и позитивен начин во комуникацијата со клиентите.
За позицијата се бара високо образование, солидно познавање на англиски јазик и одлично познавање на MS Office пакетот и работа со компјутери. Од кандидатите се очекува да поседуваат комуникациски вештини, иницијативност, способност за тимска работа и висок степен на прецизност.
Основната нето плата ќе зависи од квалификациите и работното искуство на кандидатот, а од банката истакнуваат дека нудат добри услови за работа, можност за стручно усовршување и напредок во кариерата.
Заинтересираните кандидати треба да испратат своја биографија на електронската адреса: [email protected], со назнака за работното место за кое аплицираат. Огласот е отворен до 17 март 2026 година.
Само кандидатите кои ќе ги исполнат условите од огласот ќе бидат повикани на тестирање или интервју како дел од процесот на селекција.
-
Продуктипред 2 месециАЛТА Банка со нов потрошувачки кредит со најповолни услови на македонскиот пазар
-
Продуктипред 2 месециШтедењето како резолуција за 2026 – Промо депозитот на Халкбанк како прв чекор
-
Продуктипред 1 месецКомерцијална банка: Воведуваме ново ниво на сигурност при интернет плаќања со картичка и трансакции преку мБанка
-
Бизниспред 1 месецУЈП започна со исплата на повратот од „Мој ДДВ“ за четвртиот квартал 2025
-
Банкипред 1 месецДобра вест за акционерите: Комерцијална банка со 8% повисока дивиденда за 2025 година
-
Останатопред 1 месецАЛТА банка АД Битола со стабилна капитална позиција, но значителен пад на профитабилноста во транзициската 2025 година
-
Продуктипред 1 месецОтворете сметка во Халкбанк онлајн и добијте ваучер за гориво од Макпетрол
-
Бизниспред 1 месец„Е-фактура“ го трансформира бизнисот во Македонија – помал административен товар, поголема дигитална ефикасност и контрола на даночните обврски




