Connect with us

Останато

Познати најуспешните македонски компании за 2023 година во првите 10 категории на „Бизнис Лидер“

Објавено

на

Проектот „Бизнис Лидер“ го комплетираше рангирањето на најуспешни македонски компании во првите 10 категории од вкупно 22 категории од повеќе индустриски сектори. Најдобро рангираните компании во овие категории ќе бидат наградени врз основа на нивните резултати во 2023 година според објективните рангирања на Бизнис Мрежа за вкупниот приход, профит и број на вработени.

Во категоријата „Производство на фармацевтски производи и препарати“ лидерската позиција во сите три клучни сегменти ја задржува фармацевтскиот гигант Алкалоид АД Скопје. Од друга страна пак, на врвот на листата според добивка за 2023 година во категоријата „Трговија на големо со фармацевтски производи“ се наоѓа Акционерското друштво за производство на лекови, медицинска опрема и материјал, промет и услуги Д-р Пановски АД Скопје, додека лидер со највисоки приходи и најголем број на вработени е домашната веледрогерија Зегин ДОО Скопје.

Во категоријата „Производство на млечни производи“ неприкосновен лидер во делот на приходи и број на вработени е Млекара АД Битола, но според остварениот профит минатата година на пиедесталот се наоѓа Цермат ДОО Битола. Кам маркет го зазема прво место во категоријата „Маркети“ со највисоки приходи и најголем број на вработени, а рекордер по добивка веќе неколку години по ред е Веропулос. Во категоријата „Трговија на големо со кафе, чај и зачини“ лидер со највисоки приходи и најголем број на вработени е компанијата Атлантиц Гранд, но највисока добивка има остварено компанијата Фриготерм Трејд. Компанија со највисоки приходи во категоријата „Трговија на големо со шеќер, чоколада и слатки од шеќер“ e Атлантик Трејд, а лидер со највисока добивка и најголем број на вработени е компанијата Алма-М.

Лидерската позиција во категоријата „Трговија на големо со производи од тутун“ ја заземаат компаниите Филип Морис Тутунски Комбинат Прилеп со убедливо највисока добивка во однос на останатите компании од оваа категорија, Експанда со највисоки приходи и Пекабеско со најголем број на вработени. Бизнис лидер со највисоки приходи и најголем број на вработени во категоријата „Поштенски и курирски услуги“ е Македонска пошта, но компанијата ДХЛ експрес Македонија е најпрофитна фирма од дејноста курирски и поштенски услуги. Во категоријата „Товарен патен транспорт“ на првата позиција со највисоки приходи и најголем број на вработени е компанијата Дени интернационал, додека Оилко КДА доминира во сегментот највисока добивка. Бизнис лидер во категоријата „Производство на текстил“ со највисоки приходи и добивки е прилепската фабрика Комфи ангел, додека лидер по број на вработени е штипската Адиент сеатинг.

Церемонијата на доделување на престижните награди „Бизнис Лидер“ ќе се одржи на 16-ти октомври 2024 година во хотелот Александар Палас, во чии рамки е предвидено спектакуларно шоу, инспиративни говори од успешни менаџери од светски рамки и прослава каква што македонската бизнис заедница заслужува. Ќе бидат истакнати победниците во секоја категорија, а оние кои ќе стигнат до Топ 100 во земјата или Топ 10 во нивната индустрија и категорија ќе имаат право да добијат сертификат за успешност.

Проектот „Бизнис Лидер“ е во организација на компанијата Евентика заедно со Таргет Груп како аналитички партнер и Халкбанк АД Скопје како главен партнер. Проектот има за цел да го поттикне развојот и зајакнувањето на позитивна деловна клима преку промоција на висока деловна пракса на најголемите и најпрофитабилните компании, како и да им оддаде признание, да ги инспирира и поврзе бизнис лидерите, претприемачите, инвеститорите и иноваторите кои придонеле за економскиот раст и развој на Македонија. ​

Останато

Одбележан денот на пензиската свесност – Институциите и пензиските друштва обединети за поголема финансиска писменост кај младите

Објавено

на

Денеска, во просториите на СЕПУГС „Васил Антевски Дрен“ – Скопје, со свечен настан беше одбележан 15 Септември – Денот на пензиска свесност. Настанот, организиран од Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС), СЕПУГС „Васил Антевски Дрен“ и Асоцијацијата на Друштва за управување со пензиски фондови на Северна Македонија, имаше за цел унапредување на финансиската писменост кај младите и зајакнување на соработката помеѓу образовниот, институционалниот и бизнис секторот.

Централен дел на настанот беше свеченото потпишување на Меморандумот за соработка меѓу МАПАС и СЕПУГС „Васил Антевски Дрен“ – Скопје. Меморандумот предвидува реализација на заеднички едукативни активности, спроведување на практична настава, учење преку работа и феријална практика за учениците во престојната учебна 2026/2027 година. Целта на оваа соработка е подобро подготвување на младите за нивниот понатамошен образовен и професионален развој преку директно запознавање со функционирањето на финансискиот и пензискиот систем.

Настанот го отвори директорот на СЕПУГС „Васил Антевски Дрен“ – Скопје, Александар Мијоски, кој им посака добредојде на присутните и изрази благодарност за укажаната чест училиштето да биде домаќин на ваков значаен настан. Тој особено се заблагодари за континуираната поддршка од институциите и за можноста што им се нуди на учениците преку практичната настава да се стекнат со реални вештини.

Претседателот на Советот на експерти на МАПАС, Ремзи Бајрами, се осврна на потребата од рана финансиска едукација и важноста од поврзување на теоријата со реалниот сектор.

„Финансиските навики се создаваат рано. Одлуките што ги носиме денес, начинот на кој размислуваме за парите, штедењето, планирањето и иднината, постепено го определуваат нашиот финансиски пат. Знаењето за финансии не е дополнителна вештина, тоа е животна вештина. Со потпишувањето на овој Меморандум не воспоставуваме само формална соработка помеѓу две институции, туку воспоставуваме мост помеѓу образованието и практиката“, истакна Ремзи Бајрами, претседател на Советот на експерти на МАПАС.

Во рамките на настанот беше промовирано и новото едукативно видео „Твојата патека, твоја иднина“, кое е дел од долгогодишната едукативна кампања „Засади желба“, која ја реализираат пензиските друштва со поддршка на МАПАС. Претседателот на Асоцијацијата на Друштва за управување со пензиски фондови на Северна Македонија ја истакна клучната порака на кампањата, дека навременото донесување финансиски одлуки и разбирањето на личната сопственост врз средствата во вториот столб претставуваат важен чекор кон посигурна иднина.

„Финансиската писменост не е знаење што се стекнува на крајот од работниот век, туку вештина што се гради уште од почетокот на професионалното формирање. Годинава, по шести пат ја промовираме кампањата „Твојата патека, твоја иднина“, со која сакаме да испратиме јасна порака: иднината не се случува сама по себе. Таа се создава преку одлуките што ги носиме денес. Вториот пензиски столб претставува значаен дел од таа иднина. Средствата што се акумулираат на индивидуалните сметки се лична сопственост на секој член“, истакна Маријан Николовски, претседател на Асоцијацијата на Друштва за управување со пензиски фондови на Северна Македонија.

Во таа насока, тој упати и директна порака до младите, потсетувајќи ги дека нивната финансиска иднина започнува да се гради од самиот момент на потпишување на првиот договор за вработување.

Со одбележувањето на овој ден, институциите и пензиските друштва испратија обединета порака дека активното вклучување на компаниите во образовниот процес и финансиската писменост се неопходни предуслови за создавање услови младите успешно да ја градат својата иднина во нашата држава.

Продолжи со читање

Бизнис

Flex Credit и емисијата „Срце на дланка“ четврта година по ред опремуваат домови за 20 социјално загрозени семејства

Објавено

на

Финансиското друштво Flex Credit ја продолжи својата благородна мисија и четврта година по ред застана како главен партнер зад хуманитарната ТВ емисија „Срце на дланка“. Преку оваа долгогодишна и традиционална соработка, Flex Credit и оваа година обезбеди конкретна помош и донација во бела техника за опремување на новите домови на 20 социјално загрозени семејства ширум Македонија.

Во рамките на овогодинешниот хуманитарен циклус, со донираните апарати за домаќинство на социјално загрозените семејства им се овозможија основни, хумани и современи услови за живеење.

За Flex Credit, партнерството со „Срце на дланка“ е еден од најзначајните столбови во рамки на платформата „Повеќе од финансии – поддршка за заедницата“, бидејќи директно внесува сигурност и топлина во домовите каде што помошта е најпотребна.

„Четири години соработка со ‘Срце на дланка’ не се само бројка, туку се 20 нови приказни секоја година, стотици насмевки и вратена надеж кај луѓето на кои животот им донел тешки предизвици. Веруваме дека секој човек заслужува топол и функционален дом. Затоа, поддршката со нова бела техника за овие 20 семејства оваа година е наш скромен придонес кон создавање подобра и похумана иднина за целото општество,“ потенцираат од Flex Credit.

Со оваа долгорочна соработка, Flex Credit уште еднаш покажа дека вистинските лидери на пазарот се препознаваат по својата емпатија, хуманост и континуирана поддршка за најранливите категории граѓани.

Продолжи со читање

Останато

Трамп доби своја монета од еден долар во САД

Објавено

на

Ликот на американскиот претседател Доналд Трамп се најде на нова монета од еден долар, издадена по повод 250-годишнината од основањето на Соединетите Американски Држави. Со тоа Трамп стана првиот жив американски претседател во последните сто години чиј лик се појавува на монета во оптек.

Американската ковница ја пушти монетата во продажба во средата, 2 септември. На предната страна е портретот на Трамп, заедно со натписите „LIBERTY“, „IN GOD WE TRUST“ и „1776 ~ 2026“, додека на задната страна е претседателскиот печат и бројот 250, во чест на големиот јубилеј.

Ролна од 25 монети се продава за 61 долар, а пакет од 100 монети за 154,50 долари. Побарувачката била голема, а дел од понудата била распродадена само неколку часа по почетокот на продажбата.

Иако имаат златна боја, монетите не содржат вистинско злато. Според американската Ковница, тие се изработени претежно од бакар, со 6 проценти цинк, 3,5 проценти манган и 2 проценти никел.

Монетите имаат номинална вредност од еден долар и можат да се користат како законско платежно средство, иако Ковницата ги промовира и како колекционерски изданија. Дополнително, 250.000 примероци биле исковани на 4 јули со специјална ознака и по случаен избор се вклучени во пакетите што се продаваат.

Појавувањето на ликот на жив претседател на американска валута предизвика и правни полемики, бидејќи американските прописи генерално го ограничуваат прикажувањето живи личности на парите. Администрацијата, сепак, се повикува на законските овластувања поврзани со специјалните дизајни за одбележување на 250-годишнината на САД.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange