Останато
Македонија учествува на 71-та пленарна седница на MONEYVAL во Стразбур
Делегација од Македонија учествува на 71-та Пленарна седница на Комитетот на експерти за евалуација на мерките против перење пари и финансирање тероризам – MONEYVAL, што од 26 до 29 мај се одржува во Стразбур, во организација на Советот на Европа.
Во составот на македонската делегација се државниот секретар во Министерството за финансии Андриана Матлиоска, директорот на Управата за финансиско разузнавање Кујтим Ибиши и директорот на Управата за финансиска полиција Слободан Ивановски.
Од Министерството за финансии информираат дека учеството на пленарната седница претставува потврда за континуираната посветеност на државата кон унапредување на институционалниот и регулаторниот систем во согласност со меѓународните стандарди и препораките на Financial Action Task Force (FATF).
„Нашата земја придонесува во споделувањето на најдобрите практики за борба против перењето пари и финансирањето на тероризмот, со што ја зацврстува својата позиција како партнер во глобалните безбедносни стандарди“, наведуваат од Министерството.
Во рамки на седницата се разгледуваат прашања поврзани со унапредување на меѓународните стандарди и политики во областа на спречување перење пари и финансирање тероризам, како и активности поврзани со процесите на евалуација и следење на земјите членки.
На состанокот ќе се дискутира за извештаите за заемна евалуација од шестиот круг за Ерменија и Словенија, ќе се разгледува напредокот и извештаите за следење на Романија и Бугарија, како и унапредување на процедурите за усогласеност на Грузија и Полска.
Од Министерството посочуваат дека членството во MONEYVAL им овозможува на земјите да ги следат промените во меѓународното законодавство во областа на спречување перење пари и финансирање тероризам, како и нивна имплементација во домашното законодавство.
Комитетот на експерти за евалуација на мерките за спречување перење пари и финансирање тероризам – MONEYVAL е мониторинг тело на Советот на Европа, кое поднесува извештаи директно до Комитетот на министри на Советот на Европа. Неговата задача е да ја процени усогласеноста на земјите членки со меѓународните стандарди за спречување перење пари и финансирање тероризам и ефективноста на нивното спроведување.
Бизнис
Германската индустрија се враќа во игра: Производството повторно расте и ги надмина очекувањата на пазарот
Германската индустрија забележа подобри резултати од очекувањата во јуни, што претставува дополнителен сигнал за стабилизирање на најголемата европска економија во вториот квартал од годинава.
Според податоците на германскиот Федерален завод за статистика, индустриското производство во јуни пораснало за 0,2% на месечно ниво, надминувајќи ги очекувањата на аналитичарите, кои прогнозираа раст од 0,1%. Истовремено, индустриските нарачки се зголемиле за 3,1%, иако растот главно се должи на неколку големи поединечни нарачки.
Позитивни сигнали пристигнаа и од надворешната трговија. Германскиот извоз во јуни се зголемил за 0,9% во однос на претходниот месец, значително над очекувањата од 0,2%, додека увозот пораснал за 4,4%.
Во првата половина од 2026 година, Германија извезувала 3,7% повеќе стоки во споредба со истиот период лани, а увозот е повисок за 4,4%. Извозот кон земјите членки на Европската Унија пораснал за 1,3%, додека испораките кон земјите надвор од ЕУ се зголемиле за 0,3%. Наспроти тоа, извозот кон САД бележи значителен пад од 14,2% на месечно ниво.
Податоците укажуваат дека германската индустрија постепено закрепнува, иако аналитичарите предупредуваат дека одржливоста на растот ќе зависи од идната побарувачка и глобалните економски услови.
Анализи
Европјаните сè помалку трошат: ЕЦБ откри што најсилно ја погоди економијата
Војната на Блискиот Исток значително ја намали довербата на потрошувачите во еврозоната и го забави економското закрепнување, предупредува Европската централна банка (ЕЦБ) во најновата анализа.
Според извештајот, индексот на доверба на потрошувачите во периодот од февруари до април се намалил за околу 12 поени, пад речиси споредлив со оној по почетокот на војната во Украина. Истовремено, годишниот раст на номиналната потрошувачка на домаќинствата се забавил од 3–4 проценти на околу 2,5 проценти во април 2026 година.
Најголемото намалување е забележано кај дискреционите трошоци, при што домаќинствата ги одложуваат купувањата на луксузна облека, обувки, спортска опрема, патувања и рекреативни услуги. Домаќинствата со повисоки приходи најмногу ја намалиле ваквата потрошувачка поради зголемената неизвесност, додека оние со пониски примања ги крателе трошоците за трајни добра, ресторани и кафулиња.
Единствената категорија со раст на трошоците останува енергијата, како резултат на повисоките цени на горивата и транспортот.
Дополнителна загриженост предизвикува фактот што околу 40 проценти од анкетираните граѓани сметаат дека нивните приходи нема целосно да ја надоместат изгубената куповна моќ поради инфлацијата. Според ЕЦБ, доколку овие очекувања се задржат, домаќинствата би можеле да продолжат да штедат наместо да трошат, што дополнително би го забавило економскиот раст во еврозоната.
Бизнис
Трамп повторно под правен удар: 25 американски држави бараат укинување на новите царини
Група од 25 американски сојузни држави, предводени од демократските гувернери, поднесе тужба против администрацијата на претседателот Доналд Трамп, оспорувајќи ја законитоста на најновиот пакет царини воведен за увоз од 60 трговски партнери.
Тужбата е поднесена до Американскиот суд за меѓународна трговија во Њујорк, при што државите тврдат дека претседателот ги надминал своите законски овластувања со воведувањето на широки увозни царини. Според нив, мерките претставуваат незаконско проширување на претседателските ингеренции во областа на трговската политика.
Спорните царини, кои изнесуваат 10 и 12,5 проценти, стапија во сила на 24 јули и се однесуваат на увоз од 60 трговски партнери, меѓу кои е и Европската Унија. Администрацијата на Трамп ги оправдува мерките со тврдењето дека засегнатите земји не преземаат доволно активности за спречување на увоз на производи изработени со принудна работа.
Ова е најновото во низата правни оспорувања на трговската политика на Трамп. Претходно, повеќе американски компании успеаја да издејствуваат судски одлуки против дел од неговите царински мерки, но администрацијата продолжи со воведување нови ограничувања.
Подносителите на тужбата наведуваат дека, иако американскиот закон дозволува воведување царини во одредени случаи, историски тие биле насочени кон конкретни земји или индустрии. Според нив, сегашниот широк пристап, кој опфаќа речиси целокупниот американски увоз, нема преседан и ги надминува законските рамки.
-
Интервјуапред 2 месециФиломена Пљакоска Аспровска во FinSight: Дали мобилниот телефон ќе стане нашиот единствен паричник?
-
Интервјуапред 2 месециДигитализацијата и довербата се двигатели на новото банкарство – Беркан Имери во FinSight
-
Продуктипред 1 месецИднината на банкарството е во доброто корисничко искуство
-
Банкипред 2 месециХалкбанк отвори повик за летна пракса за студенти и млади
-
Бизниспред 2 месециФинансиските друштва пред нови правила: Кредитите ќе се исплаќаат само на трансакциска сметка
-
Банкипред 2 месециХалкбанк носи пристап до Истанбулската берза и до нови можности за раст на капиталот
-
Банкипред 2 месециНЛБ Банка: Исплатена паричната помош од социјална, детска и цивилна заштита за мај
-
Останатопред 1 месецОд јули почнува исплатата на К-15, минималниот износ е 19.116 денари



