Останато
Димитриеска-Кочоска го образложи ребалансот: Повеќе пари за инвестиции, земјоделство, социјалната заштита и општините
Со дополнетиот Предлог-ребаланс на Буџетот за 2026 година се предвидуваат дополнителни средства за капитални инвестиции, земјоделството, социјалната заштита и општините, соопшти министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска пред пратениците во Собранието.
Според неа, измените се направени за усогласување на буџетските проекции со актуелните економски услови, но и за обезбедување средства за законските обврски и владините развојни приоритети.
Со ребалансот вкупните приходи се ревидираат на 379,5 милијарди денари, што е за 1,2 проценти повеќе во споредба со првично планираниот Буџет. Даночните приходи се проектирани на 213,2 милијарди денари и остануваат речиси на претходно планираното ниво.
Вкупните расходи, пак, се зголемуваат на 425,8 милијарди денари. Дополнителните средства се насочуваат кон исплата на зголемените плати во секторите каде што е предвиден раст, земјоделството, социјалната заштита, општините и капиталните инвестиции.
Во исто време, расходите за стоки и услуги се намалуваат за околу 800 милиони денари преку прераспределба на средствата.
Најголемо зголемување има кај капиталните расходи, кои со ребалансот се предвидени на околу 46 милијарди денари, односно за 5,8 милијарди денари повеќе од првичниот Буџет.
Средствата ќе се користат за инфраструктурни проекти, меѓу кои Коридорите 8 и 10-д, железничката инфраструктура, комунални и енергетски проекти, водоснабдување, управување со отпад, како и инвестиции во образованието, здравството, земјоделството и општините.
Димитриеска-Кочоска информираше дека капиталните расходи во периодот од јануари до јуни годинава достигнале 19,4 милијарди денари, што е раст од 53,5 проценти во однос на истиот период минатата година.
Во рамки на измените, за Министерството за земјоделство се предвидени дополнителни 170 милиони денари за изградба на дистрибутивни центри во Скопје и Струмица, како и за реновирање и адаптација на зградата на ИПАРД.
Дополнително, предвидени се 10 милиони денари за реконструкција на факултети, 12 милиони денари за Јавното обвинителство за продолжување на лиценца за софтвер, шест милиони денари за транспорт на вода за населението во Општина Гостивар поради прогласената епидемија и еден милион денари за Управата за извршување на санкции.
Со прифатените амандмани се обезбедуваат и средства за поддршка на жените кои се занимаваат со земјоделство, воспоставување национална СОС линија за жртви на семејно и родово базирано насилство и отворање два згрижувачки центри за жртви на насилство.
Владините проекции за 2026 година предвидуваат реален раст на БДП од 3,5 проценти, раст на инвестициите од 7,2 проценти и на просечната нето-плата од 8,3 проценти. Стапката на невработеност се очекува да се намали на 11 проценти, додека проектираната просечна инфлација изнесува 4,5 проценти.
Министерката порача дека ребалансот не значи промена на економската политика, туку приспособување на буџетот на новите околности, и ги повика пратениците да го поддржат предложениот документ.
Собраниската расправа за ребалансот, согласно Деловникот, може да трае до пет дена.
Останато
Трамп доби своја монета од еден долар во САД
Ликот на американскиот претседател Доналд Трамп се најде на нова монета од еден долар, издадена по повод 250-годишнината од основањето на Соединетите Американски Држави. Со тоа Трамп стана првиот жив американски претседател во последните сто години чиј лик се појавува на монета во оптек.
Американската ковница ја пушти монетата во продажба во средата, 2 септември. На предната страна е портретот на Трамп, заедно со натписите „LIBERTY“, „IN GOD WE TRUST“ и „1776 ~ 2026“, додека на задната страна е претседателскиот печат и бројот 250, во чест на големиот јубилеј.
Ролна од 25 монети се продава за 61 долар, а пакет од 100 монети за 154,50 долари. Побарувачката била голема, а дел од понудата била распродадена само неколку часа по почетокот на продажбата.
Иако имаат златна боја, монетите не содржат вистинско злато. Според американската Ковница, тие се изработени претежно од бакар, со 6 проценти цинк, 3,5 проценти манган и 2 проценти никел.
Монетите имаат номинална вредност од еден долар и можат да се користат како законско платежно средство, иако Ковницата ги промовира и како колекционерски изданија. Дополнително, 250.000 примероци биле исковани на 4 јули со специјална ознака и по случаен избор се вклучени во пакетите што се продаваат.
Појавувањето на ликот на жив претседател на американска валута предизвика и правни полемики, бидејќи американските прописи генерално го ограничуваат прикажувањето живи личности на парите. Администрацијата, сепак, се повикува на законските овластувања поврзани со специјалните дизајни за одбележување на 250-годишнината на САД.
Останато
МФ: За првпат национална сертификација за внатрешните ревизори во јавниот сектор
Министерството за финансии за првпат ќе организира национален испит за стекнување уверение за овластен внатрешен ревизор во јавниот сектор, со што се воведува и национална сертификација за оваа професионална функција.
Од Министерството оценуваат дека ова е важен чекор во зајакнувањето на системот на внатрешна финансиска контрола и во професионализацијата на ревизорските единици во јавните институции.
Спроведувањето на испитот, како што посочуваат, треба да придонесе за поголеми капацитети на единиците за внатрешна ревизија, но и за поодговорно, законско и транспарентно работење на институциите.
Од Министерството нагласуваат дека националната сертификација е дел и од активностите за зајакнување на механизмите за спречување на корупцијата и подобрување на контролата во јавниот сектор.
Воведувањето на националниот испит е значајно и во контекст на евроинтегративниот процес. Со неговото организирање се исполнува дел од препораките на Европската Унија во рамки на Поглавјето 32 – Финансиска контрола, а истовремено се придонесува и кон реализација на обврските од Реформската агенда.
Материјалите за подготовка, како и испитните прашања, веќе се објавени на веб-страницата на Министерството за финансии.
Тие се подготвени со техничка и експертска поддршка од Европската Унија за Централната единица за хармонизација при Министерството за финансии.
Министерството најавува дека во следниот период дополнително ќе информира за роковите и останатите чекори поврзани со организирањето и спроведувањето на испитот.
Останато
Привремено недостапни телефонските линии на Контакт центарот на УЈП
Управата за јавни приходи информира дека телефонските линии на Контакт центарот се привремено недостапни, а во тек се активности за отстранување на причините за прекинот.
Од УЈП посочуваат дека во моментов не се во функција телефонските броеви 198, 02/3253-200 и 0800 33 000, при што последниот број е достапен само од фиксни оператори.
До повторното воспоставување на телефонските линии, граѓаните и даночните обврзници се упатуваат да ги користат останатите канали за комуникација.
Физичките лица можат да се обратат во надлежната канцеларија на УЈП според адресата, додека правните лица според седиштето на компанијата. За информации е достапна и електронската адреса [email protected].
Од Управата за јавни приходи им се заблагодаруваат на граѓаните за разбирањето и најавуваат дека се преземаат активности за нормализирање на работата на Контакт центарот.
-
Банкипред 2 месециСтопанска банка со промотивна камата од 4,9 отсто за Mastercard Platinum картичката
-
Кариерапред 2 месециСтопанска банка Скопје вработува трезорист, отворен оглас за апсолвенти и дипломирани економисти
-
Анализипред 2 месециДали Македонија ќе ги следи Унгарија, Полска и Литванија и ќе го укине вториот пензиски столб?
-
Продуктипред 2 месециНулта толеранција за измами: Владата усвои нова Стратегија за заштита на финансиските интереси на ЕУ во земјава до 2030 година
-
Банкипред 1 месецПремиум дебитната картичка на Стопанска банка овозможува пристап до над 1.800 аеродромски деловни зони
-
Кариерапред 2 месециАлта банка со активен оглас за стручен соработник во банкарска експозитура во Велес
-
Банкипред 1 месецСтопанска банка ја почнува исплатата на јулските пензии на 31 јули
-
Бизниспред 2 месециНови цени на горивата: Дизелот поскап за 5,50 денари, бензините за 1,50 денари





