Анализи
Дали започна дедоларизацијата?
Како што економските последици од политиките на американскиот претседател Доналд Трамп стануваат сè поочигледни, кај носителите на одлуки ширум светот расте незадоволството. Тоа јасно се почувствува на пролетните состаноци на Меѓународен монетарен фонд и Светска банка во Вашингтон, каде британската министерка за финансии Рејчел Ривс остро ги критикуваше случувањата, оценувајќи ги како „лудост“.
Иако непосредните ефекти веќе се чувствуваат – раст на цените на горивата, инфлација на највисоко ниво во последните две години и ризик од зголемена невработеност – аналитичарите предупредуваат на подлабок и долгорочен проблем: можно губење на статусот на американскиот долар како главна светска резервна валута.
Историски гледано, ваквите промени се случуваат бавно. Британската фунта ја загуби доминацијата во корист на американскиот долар во период од околу две децении, почнувајќи од 1920-тите. Економисти како Бери Ајхенгрин посочуваат дека и римскиот денар ја губел својата вредност постепено, по неговата девалвација во антички Рим.
Клучниот фактор за секоја резервна валута е довербата. Дури и кога во 2011 година агенцијата Standard & Poor’s го намали кредитниот рејтинг на САД, наместо одлив на капитал, дојде до прилив – инвеститорите веруваа дека американската економија ќе ги исполни своите обврски.
Но, токму таа доверба денес е доведена во прашање. Поранешната директорка на УСАИД, Саманта Пауер, предупреди дека наглото укинување на агенцијата предизвикало сериозни хуманитарни последици и ја нарушило глобалната позиција на САД.
Дополнително, воените ангажмани и затегнатите односи со традиционалните сојузници како Канада и Данска го поткопуваат кредибилитетот на Вашингтон, што индиректно го слабее и доларот.
Економската придобивка од статусот на резервна валута – ѝ овозможува на државата да создава вредност со минимални трошоци. Губењето на таа предност би значело послаб економски раст за САД.
Прашањето што се отвора е: која валута би можела да го замени доларот? Кинескиот ренминби се наметнува како најсериозен кандидат. Неговата позиција се зајакна кога беше вклучен во кошничката на специјалните права на влечење на Меѓународен монетарен фонд, но сè уште постојат сомнежи околу неговата стабилност и транспарентност.
Економистот Ќјао Лиу укажува дека кинескиот систем комбинира авторитарна политика со флексибилни институционални практики, што не секогаш создава доверба кај меѓународните инвеститори. Иако претседателот Си Џинпинг отворено повикува на интернационализација на ренминбито, контролата на капиталот останува сериозна пречка.
Интересно, критики за американската политика пристигнаа и од неочекуван извор – британскиот крал Чарлс Трети, кој во обраќање до Конгресот предупреди дека САД ризикуваат да го поткопаат сопствениот глобален статус.
Сепак, постојат и сигнали за свесност во самата Америка. Аплаузите од двете партии за говорот на Чарлс укажуваат дека дел од политичарите веќе ја согледуваат сериозноста на ситуацијата.
Ако актуелните политики продолжат, 2026 година би можела да остане запаметена како почеток на процесот на дедоларизација на светската економија.
Извор: Банкар.ме
Анализи
Државата се задолжи 35,7 милиони евра, каматата до 5,2%
Македонија обезбеди нови 35,7 милиони евра преку домашниот пазар на државни хартии од вредност, при што каматата за долгорочното задолжување достигнува 5,2 проценти.
Министерството за финансии на аукциите одржани на 15 септември продаде државни хартии од вредност во вкупен износ од околу 2,17 милијарди денари.
Од оваа сума, околу 1,16 милијарди денари се обезбедени преку едногодишни државни записи. Тие доспеваат на 15 септември 2027 година, а каматната стапка изнесува 4,10 проценти.
Останатите нешто повеќе од една милијарда денари се обезбедени преку 15-годишни државни обврзници. Нивниот рок на достасување е 17 септември 2041 година, а купонската каматна стапка изнесува 5,20 проценти.
Побарувачката на двете аукции одговарала на понудениот износ, а целата понудена количина државни хартии била продадена.
Народната банка ги спроведува аукциите на државни хартии од вредност во име на Министерството за финансии преку тендери со износи, при што цената и купонот се однапред утврдени, а примарните дилери конкурираат со износите што сакаат да ги купат.
Анализи
Нафтата во Европа скокна на 136 долари за барел, расте притисокот врз цените на горивата
Цената на нафтата во Европа во моментов значително се разликува во зависност од тоа дали се следат берзанските фјучерси или физичката нафта достапна за брза испорака. Додека Брент утрово се движеше околу 108 долари за барел, северноморската нафта Forties на физичкиот пазар достигна 136,75 долари.
Тоа не значи дека Европа ја плаќа целата нафта по цена од 136 долари за барел. Брент фјучерсите и физичкиот Forties се однесуваат на различни испораки и временски периоди. Сепак, големата разлика меѓу нив покажува колку поскапе нафтата што европските купувачи можат да ја обезбедат за краток рок по новите нарушувања во снабдувањето од Блискиот Исток.
Forties достигна цена од 136,75 долари за барел и се приближи до рекордните 147,37 долари забележани во април. Истовремено, Брент фјучерсите за ноември утрово се спуштија на 107,82 долари.
Една од причините за ваквата состојба е откажувањето на дел од саудиските испораки за европските купувачи планирани за втората половина на септември, по прекинот на работата на нафтоводот East–West и запирањето на товарењето во Јанбу.
Овој нафтовод стана важна алтернативна рута по нарушувањата на сообраќајот низ Ормускиот Теснец. Неговото затворање ја намали можноста Саудиска Арабија да ја пренасочува нафтата кон Црвеното Море, поради што европските купувачи почнаа да бараат замена на други пазари.
Полскиот Orlen, на пример, околу 40 отсто од суровата нафта што ја преработува ја добива од Saudi Aramco. По нарушувањата, компанијата купувала северноморски видови нафта Grane, Johan Sverdrup и Johan Castberg, а барала понуди и за американскиот WTI Midland и казахстанскиот CPC Blend.
Рафинериите на Orlen засега работат нормално, но потрагата по алтернативни извори покажува како недостигот од планирани саудиски испораки создава дополнителна побарувачка за нафта што може да биде испорачана во краток рок.
Дополнителна разлика создава и временскиот хоризонт. Фјучерсите на Брент во моментов се однесуваат на ноември и пазарот може да очекува дека дотогаш саудискиот нафтовод ќе биде поправен или снабдувањето преку други рути ќе биде зголемено. Рафинериите на кои нафтата им е потребна веднаш, пак, мора да ја платат цената на барелите што се достапни денес.
Притисок врз берзанските цени создадоа и податоците за американските резерви. American Petroleum Institute процени дека резервите на сурова нафта во САД минатата недела пораснале за 7,1 милион барели, иако се очекувал пад од околу 1,6 милиони. По овие податоци Брент падна на 107,82 долари, а WTI на 104,86 долари за барел.
Во исто време, проблемите на клучните транспортни рути продолжуваат. Низ Ормускиот Теснец во вторникот биле регистрирани само четири минувања на бродови, наспроти десетдневниот просек од 18. Дел од пловилата можат да минуваат со исклучени транспондери, па овие податоци не мора да го опфаќаат целиот сообраќај.
Следниот важен сигнал за европската економија ќе биде движењето на цените на дизелот. Рускиот и заливскиот извоз на дизел од февруари е намален за околу 1,6 милиони барели дневно, додека европските резерви на гориво се на најниско ниво во последните 12 години.
Тоа значи дека рафинериите набавуваат поскапа сурова нафта во период кога пазарот на одредени нафтени деривати веќе е под притисок. Краткотрајниот скок на цените на физичката нафта не мора веднаш значително да се одрази врз горивата, но подолготрајно нарушување на снабдувањето може постепено да ги пренесе повисоките трошоци врз рафинериите, велепродажните цени и на крајот врз пазарот на горива.
Анализи
Волстрит во пад втор ден по ред, азиските берзи со благо закрепнување
Цените на акциите на Волстрит паднаа и во вторникот, втор ден по ред, во услови на загриженост кај инвеститорите поради растот на цените на нафтата и приносите на обврзниците, додека пазарите ја очекуваат одлуката на американската централна банка за каматните стапки.
Индексот Dow Jones се намали за 0,63 проценти, на 52.093 поени, S&P 500 падна за 0,45 проценти, на 7.585 поени, додека Nasdaq загуби 0,78 проценти и се спушти на 25.981 поен.
Инвеститорите особено ги загрижува натамошниот раст на цените на нафтата, во услови кога кризата на Блискиот Исток не покажува знаци на смирување. Во изминатите две недели цените на нафтата пораснаа за околу 25 проценти, што дополнително ги зголемува инфлациските притисоци.
Истовремено, приносите на 10-годишните американски државни обврзници се искачија над пет проценти и достигнаа највисоко ниво од 2007 година.
Во вторникот започна дводневната седница на Федералните резерви, а одлуката и пораките од американската централна банка се очекуваат во среда.
До неодамна инвеститорите очекуваа ФЕД да ги остави каматните стапки непроменети, но очекувањата се променија по последните податоци кои покажаа раст на инфлацијата во САД, пред сè поради поскапувањето на нафтата.
На азиските берзи, пак, во средата беше забележано благо закрепнување по неколкудневниот пад. MSCI индексот на азиско-пацифичките акции беше во плус од 0,3 проценти, по четири последователни дена на пад.
Акциите во Индија, Јапонија, Шангај, Хонг Конг, Австралија и Јужна Кореја пораснаа меѓу 0,1 и 0,9 проценти, но тргувањето и натаму останува претпазливо во пресрет на одлуката на ФЕД.
-
Анализипред 2 месециДали Македонија ќе ги следи Унгарија, Полска и Литванија и ќе го укине вториот пензиски столб?
-
Банкипред 1 месецПремиум дебитната картичка на Стопанска банка овозможува пристап до над 1.800 аеродромски деловни зони
-
Кариерапред 2 месециАлта банка со активен оглас за стручен соработник во банкарска експозитура во Велес
-
Банкипред 2 месециСтопанска банка ја почнува исплатата на јулските пензии на 31 јули
-
Банкипред 2 месециТони Стојановски останува на чело на НЛБ Банка: Народната банка даде зелено светло за нов четиригодишен мандат
-
Банкипред 2 месециХалкбанк со поволности за клиентите кои ќе ја префрлат платата
-
Кариерапред 1 месецНЛБ Групацијата вработува специјалист за Управување со ризици/финансии
-
Кариерапред 1 месецНародната банка вработува седум лица: Плати до 91.385 денари





