Connect with us

Бизнис

Биљана Мишиќ: Иднината на финансиските услуги е во интелигентната интеграција, а не само во дигитализацијата

Објавено

на

Вештачката интелигенција во финансискиот сектор сè помалку ќе се сведува на chatbot-и и автоматизирана комуникација, а сè повеќе ќе им овозможува на финансиските институции однапред да ги препознаваат потребите на клиентите и да им понудат релевантни услуги во вистинскиот момент.

Ова беше една од клучните пораки на извршната директорка на Иуте Македонија, Биљана Мишиќ, на премиерното издание на Finelevate Digital Summit 2026, каде што зборуваше за трансформацијата на финансиските услуги под влијание на вештачката интелигенција и новите дигитални екосистеми.

Според Мишиќ, една од најголемите заблуди поврзани со примената на AI во финансискиот сектор е уверувањето дека главната револуција се случува преку chatbot-ите. Многу позначајна промена, посочи таа, е преминот од модел во кој финансиските институции реагираат на барањата на клиентите кон модел во кој можат да ги предвидат нивните потреби.

Денес фокусот е на персонализацијата, predictive banking моделите и напредните системи за откривање и спречување измами. Следната фаза, пак, треба да донесе финансиски асистенти кои ќе можат во реално време да им помагаат на корисниците да носат подобри финансиски одлуки.

Од конкуренција меѓу компании кон конкуренција меѓу екосистеми

Во наредните години, развојот на финансискиот сектор се очекува да оди и чекор понатаму од класичната поделба меѓу банки и fintech компании.

Според визијата презентирана на самитот, до 2030 година конкуренцијата сè повеќе ќе се одвива меѓу цели екосистеми што ќе ги поврзуваат финансиските услуги со секојдневните дигитални искуства на корисниците.

Тоа значи дека плаќањата, кредитирањето и осигурувањето нема секогаш да бидат услуги што клиентот активно ги бара преку посебен канал. Наместо тоа, тие сè почесто ќе бидат интегрирани во конкретната ситуација во која на корисникот му се потребни — како природен и речиси „невидлив“ дел од целокупното корисничко искуство.

Овој пристап го менува и начинот на кој финансиските компании ја градат својата вредност. Наместо фокусот да биде исклучиво на поединечен производ, цената или дигиталниот канал, сè поголемо значење ќе има способноста на институцијата да го разбере контекстот на клиентот и да му понуди соодветна услуга во вистинско време.

Следната фаза: интелигентни финансиски услуги

Дигитализацијата во изминатите години овозможи голем број финансиски услуги да се преселат од филијалите на мобилните телефони. Но следната фаза, според Мишиќ, нема да биде само продолжување на тој процес.

Клучниот исчекор ќе биде во интелигентната интеграција — користење податоци, автоматизација и AI за финансиските услуги да станат поперсонализирани, попредвидливи и поприсутни во секојдневниот живот на клиентите.

Токму затоа, следната деценија во финансиската индустрија нема да биде определена само од тоа колку услуги се дигитализирани, туку од тоа колку паметно и ненаметливо тие се интегрирани во искуството на корисникот.

Бизнис

Колку го користиме потенцијалот на е-трговијата и вештачката интелигенција? Најновите трендови, предизвици и можности во фокусот на деветтата регионална конференција за е-трговија

Објавено

на

И покрај напредокот во дигиталната поврзаност, Западен Балкан сè уште заостанува во искористувањето на можностите на е-трговијата. Дигиталните вештини, навиките за плаќање и подготвеноста на компаниите за дигитална трансформација се меѓу клучните предизвици што ќе бидат во фокусот на деветтата Регионална конференција за е-трговија, на 3 ноември во Скопје. 

Земјите од Западен Балкан бележат значителен напредок во пристапот до интернет и финансиски услуги, но податоците покажуваат дека дигиталната поврзаност не значи автоматски и поголемо учество во дигиталната економија. Јазот меѓу користењето интернет и онлајн купувањето, недоволно развиените дигитални вештини и сè уште високата застапеност на готовинските плаќања укажуваат на значителен неискористен потенцијал за раст на е-трговијата во регионот. Ова се дел од сознанијата од новите годишни анализи на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (АЕТМ), кои ќе бидат претставени на деветтата Регионална конференција за е-трговија.

Еден од најголемите предизвици остануваат дигиталните вештини. Според податоците на Eurostat опфатени во анализата, во 2025 година 30,9% од интернет корисниците во С. Македонија поседувале основни или повисоки основни дигитални вештини. Ова покажува дека, покрај инфраструктурата и пристапот до технологија, за понатамошен развој на дигиталната економија е неопходно и зајакнување на капацитетите на граѓаните и компаниите. 

Истовремено, податоците за финансиската вклученост покажуваат дека 84,3% од возрасното население во Северна Македонија има сметка во финансиска институција или кај давател на мобилни финансиски услуги, но пристапот до финансиски услуги не значи и нивно целосно искористување за дигитални трансакции.

Токму навиките за плаќање се во фокусот и на посебното истражување за готовинското плаќање при испорака наспроти дигиталните плаќања во е-трговијата во Северна Македонија, спроведено со поддршка на Visa. Според истражувањето меѓу е-трговците, 68,2% од анкетираните е-продавници пријавиле дека повеќе од половина од нивните нарачки се плаќаат во готово при испорака.

Овие сознанија отвораат важни прашања за довербата на потрошувачите, навиките при купување и пречките за поголема употреба на дигиталните плаќања.

„Денес предизвикот не е само колку граѓани имаат пристап до интернет или платежна картичка, туку колку ги користат можностите што им се достапни. Во регионот има значителен напредок во дигиталната поврзаност, но сè уште имаме голем простор за развој на дигиталните вештини, онлајн купувањето и дигиталните плаќања. Токму во тој јаз се крие огромен потенцијал за раст. А додека ние работиме на надминување на овие предизвици, светската е-трговија веќе влегува во нова фаза, во која вештачката интелигенција го менува начинот на кој купуваме, продаваме и конкурираме. Затоа, повеќе од кога било, важно е нашите компании да го забрзаат своето прилагодување и да бидат подготвени за промените што доаѓаат“, изјави Нина Ангеловска Станков, претседателка на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија.

Токму со цел да се поврзат реалните предизвици на домашниот и регионалниот пазар со глобалните трендови и практични решенија, деветтата Регионална конференција за е-трговија ќе се одржи под мотото „From Wait to Go: E-commerce at AI Speed!“.Конференцијата ќе обедини повеќе од 1.000 учесници од над 12 земји, над 30 домашни и меѓународни говорници и повеќе од 50 партнери. Програмата, ќе се одвива на две паралелни сцени – главна и практична.

Меѓу говорниците се експерти од глобални компании како Amazon, Google DeepMind, LinkedIn, Visa и Tesla, како и од Decathlon, Wolt, Ananas Ecommerce, Gjirafa, Iute и други регионални и меѓународни компании. Програмата ќе опфати теми како примената на вештачката интелигенција и AI агентите, иднината на онлајн купувањето, прекуграничната продажба, градењето брендови и лојалност преку гејмификација, спојувањата и преземањата на компании (M&A), како и влијанието на глобалните платформи и логистичките услуги.

Посебен фокус ќе биде ставен на развојот на е-трговијата во Западен Балкан, со претставување на нови регионални анализи и резултати од истражувањето за навиките за плаќање во Северна Македонија. Преку дискусии со претставници од индустријата ќе се разгледаат и предизвиците за раст, конкурентноста и инвестициите во регионот.

Покрај главната програма, практичната сцена ќе понуди применливи стратегии и искуства од компании и експерти, додека изложбениот простор и активностите за вмрежување ќе овозможат нови контакти и деловни соработки.

„Нашата цел е конференцијата да биде повеќе од место за следење на светските трендови. Сакаме да биде платформа каде што ќе ги разбереме предизвиците на нашиот пазар, ќе учиме од најдобрите светски и регионални практики и ќе отвориме конкретни можности за раст. Затоа ги поврзуваме податоците и истражувањата со практичното искуство, технологијата и луѓето што ја обликуваат иднината на е-трговијата“, додаде Ангеловска Станков.

Конференцијата се реализира со поддршка на Visa како платинум партнер, КаСис како стратешки партнер, Iute Македонија како финтек партнер, А1 Македонија како дигитален партнер, Дајнерс и Ананас како златни партнери, Комерцијална банка, Халкбанк, Сава Пензиско Друштво, НЛБ Банка и Wolt како сребрени партнери и Минт, Сава Осигурување, Унибанка, Евроинс, РСМ, Акција24, Пивара Скопје, Зегин, ЕВН, Маркев и ELS како бронзени партнери, како и бројни други партнери и соработници.

Агендата на деветтата Регионална конференција за е-трговија е достапна на официјалната веб-страница, каде што заинтересираните можат да ги обезбедат и последните билети за учество: https://ecommerceconference.mk/.

Продолжи со читање

Бизнис

Од 1 ноември задолжителен ИБАН за домашните плаќања: што се менува за граѓаните и компаниите?

Објавено

на

Македонскиот платен систем влегува во нова фаза на стандардизација, откако Народната банка донесе регулаторна одлука со која од 1 ноември 2026 година се предвидува задолжителна употреба на ИБАН како единствена идентификациска ознака на платежните сметки при извршувањето на националните платежни трансакции.

Со новата рамка, домашните плаќања треба да се иницираат, обработуваат и извршуваат со користење на меѓународно стандардизираниот формат за идентификација на платежните сметки. Целта е понатамошно усогласување на домашната платежна инфраструктура со европските и меѓународните стандарди.

За граѓаните, најважното практично прашање е како новите правила ќе се одразат врз секојдневните плаќања преку електронско и мобилно банкарство. Банките треба навремено да обезбедат јасни информации за начинот на внесување и користење на ИБАН, како и за евентуалните промени во корисничките интерфејси.

За компаниите, стандардизацијата има дополнително значење поради големиот број плаќања кон добавувачи, вработени и деловни партнери. Особено внимание треба да се посвети на системите за масовни плаќања, сметководствените апликации и автоматизираната размена на платежни налози.

Промената е дел од поширокиот процес на модернизација на националната платежна инфраструктура. Народната банка претходно информираше и за напредокот во модернизацијата на МИПС, при што во јули бил успешно реализиран првиот циклус тестирање на новото системско решение според стандардот ISO 20022.

Сепак, задолжителната употреба на ИБАН не треба да се поистоветува со воведување инстант плаќања. Станува збор за поврзани, но различни сегменти на модернизацијата на платниот промет. 

Редакција Банкарство

Продолжи со читање

Бизнис

Речиси сите компании имаат интернет, но само 17,3% примаат веб-нарачки: Каде е вистинскиот потенцијал за дигиталните плаќања?

Објавено

на

Македонските компании достигнале високо ниво на основна дигитална поврзаност, но значително помал дел од нив ја користат интернет-инфраструктурата како канал за продажба на производи и услуги. Ова го покажуваат податоците на Државниот завод за статистика за користењето информатичко-комуникациски технологии во деловните субјекти во 2026 година, објавени на 9 октомври.

Според статистичките показатели, 99,5 проценти од деловните субјекти користеле компјутер во своето работење, додека 97,9 проценти имале пристап до интернет. Широкопојасна фиксна интернет-конекција имале 93,6 проценти од деловните субјекти со десет или повеќе вработени.

Сепак, кога станува збор за електронската трговија, сликата е значително поинаква. Само 17,3 проценти од деловните субјекти примиле нарачки за стоки или услуги преку веб-продажба, што покажува дека технолошката поврзаност не е доволен услов за развој на дигиталните продажни канали.

Оваа разлика претставува значајна можност за банките, платежните институции и компаниите што развиваат финансиски технологии. Голем број деловни субјекти веќе ја имаат основната техничка инфраструктура, но нивното вклучување во електронската трговија бара дополнителни решенија за наплата, управување со нарачки, испорака и корисничка поддршка.

За малите и средните компании, еден од предизвиците е интеграцијата на платежните услуги со постојните продажни процеси. Прифаќањето картични плаќања преку интернет може да бара договор со банка или платежен давател, техничка интеграција и управување со поврати и рекламации.

Развојот на плаќања директно од банкарска сметка, познати како A2A плаќања, би можел да создаде дополнителна алтернатива за трговците, особено доколку новите инфраструктури за инстант плаќања овозможат едноставна интеграција со електронските продавници.

Во Македонија веќе се развиваат решенија поврзани со КИБС Инстант и мобилната апликација СТРЕЛА, додека паралелно се работи и на регионална инфраструктура за инстант плаќања преку иницијативата TIPS Clone.

Нивната потенцијална примена во електронската трговија би можела да придонесе за побрза наплата и поголем избор на платежни методи, но економската исплатливост ќе зависи од тарифите, техничката достапност и меѓусебната поврзаност на системите.

Истовремено, од 1 март 2026 година во Македонија се применуваат правилата за засилена автентикација при одредени електронски плаќања, што претставува важен елемент во заштитата на корисниците од неовластени трансакции.

За банките и платежните институции, следниот предизвик ќе биде развојот на решенија што истовремено обезбедуваат сигурност и едноставно корисничко искуство, бидејќи сложените платежни процедури можат да претставуваат дополнителна пречка при купувањето преку интернет.

Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека идниот раст на дигиталните плаќања нема да зависи само од воведувањето нови технологии, туку и од способноста тие да станат достапни и економски оправдани за поголем број македонски компании.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange