Connect with us

Бизнис

Германската индустрија се враќа во игра: Производството повторно расте и ги надмина очекувањата на пазарот

Објавено

на

Германската индустрија забележа подобри резултати од очекувањата во јуни, што претставува дополнителен сигнал за стабилизирање на најголемата европска економија во вториот квартал од годинава.

Според податоците на германскиот Федерален завод за статистика, индустриското производство во јуни пораснало за 0,2% на месечно ниво, надминувајќи ги очекувањата на аналитичарите, кои прогнозираа раст од 0,1%. Истовремено, индустриските нарачки се зголемиле за 3,1%, иако растот главно се должи на неколку големи поединечни нарачки.

Позитивни сигнали пристигнаа и од надворешната трговија. Германскиот извоз во јуни се зголемил за 0,9% во однос на претходниот месец, значително над очекувањата од 0,2%, додека увозот пораснал за 4,4%.

Во првата половина од 2026 година, Германија извезувала 3,7% повеќе стоки во споредба со истиот период лани, а увозот е повисок за 4,4%. Извозот кон земјите членки на Европската Унија пораснал за 1,3%, додека испораките кон земјите надвор од ЕУ се зголемиле за 0,3%. Наспроти тоа, извозот кон САД бележи значителен пад од 14,2% на месечно ниво.

Податоците укажуваат дека германската индустрија постепено закрепнува, иако аналитичарите предупредуваат дека одржливоста на растот ќе зависи од идната побарувачка и глобалните економски услови.

Бизнис

Две нови комори се приклучија кон Сојузот на стопански комори на Македонија

Објавено

на

Две нови комори станаа членки на Сојузот на стопански комори на Македонија, со што е заокружен процесот на пререгистрација и организациска консолидација на Сојузот.

Кон ССКМ се приклучија ЕнергоКом – Стопанска комора на компании од енергетиката и Комората за превенција, заштита од пожари и кризен менаџмент. Со нивното членство, Сојузот сега обединува вкупно десет комори и три групации.

Од ССКМ оценуваат дека проширувањето претставува значаен чекор кон јакнење на деловната мрежа и подобро секторско организирање на компаниите. Новата организациска поставеност следува по редовното Годишно собрание, одржано кон крајот на јуни во Скопје.

Претседателот на ССКМ, Горан Горгиевски, изјави дека приклучувањето на новите комори ќе овозможи поефикасно застапување на интересите на компаниите, поголема меѓусебна соработка и посилен институционален дијалог.

„Сè поголем број компании и професионални здруженија го препознаваат Сојузот како кредибилен партнер и силен застапник на интересите на бизнис-заедницата“, истакна Горгиевски.

Во состав на ССКМ функционираат Агро бизнис комората, ИКТ комората, Комората на сметководители, финансии и даночни советници, Туристичко-угостителската комора, Услужната комора, ЕнергоКом, Комората на интегрирано приватно здравство, Комората за трговија и дистрибуција, Комората за индустрија и развој и Комората за превенција, заштита од пожари и кризен менаџмент.

Во рамки на Сојузот активно работат и групациите за проекти, за игри на среќа и за стартапи.

Од ССКМ посочуваат дека остануваат посветени на создавање современ и обединет коморски систем, кој ќе придонесува за подобрување на деловната клима, развој на претприемништвото и поголема конкурентност на македонските компании.

Продолжи со читање

Бизнис

Индустриските производствени цени во еврозоната паднаа, енергијата и натаму значително поскапа од лани

Објавено

на

Индустриските производствени цени во еврозоната во јуни се намалиле за 0,3 отсто во однос на мај, додека на ниво на Европската Унија падот изнесувал 0,2 отсто, покажуваат првичните процени на Евростат.

Сепак, во споредба со јуни минатата година, цените останале значително повисоки. Во еврозоната тие пораснале за 4,6 отсто, а во целата ЕУ за 4,7 отсто.

На месечно ниво, најголемо влијание врз падот имал енергетскиот сектор. Производствените цени на енергијата се намалиле за 1,5 отсто во еврозоната и за 1,4 отсто во ЕУ.

Кога ќе се исклучи енергијата, индустриските цени се зголемиле за 0,2 отсто во двете подрачја, што покажува дека поевтинувањето не било присутно во сите индустриски категории.

Во еврозоната, цените на суровините, материјалите и полупроизводите пораснале за 0,3 отсто, додека капиталните и трајните потрошувачки добра поскапеле за по 0,2 отсто. Цените на нетрајните потрошувачки добра останале непроменети.

И покрај месечниот пад, цените на енергијата во ЕУ во јуни биле за 10 отсто повисоки во споредба со истиот месец минатата година. Во еврозоната годишниот раст изнесувал 8,8 отсто.

На годишно ниво, најголем раст на производствените цени бил регистриран во Бугарија, од 18,2 отсто. Следувале Романија со 14,3 отсто и Ирска со 11,4 отсто. Луксембург бил единствената земја во која цените биле пониски од пред една година, и тоа за 3,2 отсто.

Индексот на производствените цени ги следи промените на продажните цени на производите на домашниот пазар при излезот од производството. Тој не ги опфаќа увозните производи и не претставува индекс на потрошувачките цени што директно ги плаќаат граѓаните.

Продолжи со читање

Бизнис

Иуте Македонија влегува на домашниот пазар на капитал со првата корпоративна обврзница

Објавено

на

Иуте Македонија започнува нова фаза од својот развој со влез на домашниот пазар на капитал и првата јавна емисија на корпоративна обврзница, како дел од стратегијата за долгорочен и одржлив раст.

По добиеното одобрение од Комисијата за хартии од вредност, компанијата ќе издаде петгодишна корпоративна обврзница во вкупна вредност од 3 милиони евра, со фиксна годишна каматна стапка од 8,5%. По пат на јавна понуда ќе бидат издадени 30.000 обврзници со номинална вредност од 100 евра кои ќе бидат достапни за запишување од страна на физички и правни лица. По завршувањето на јавната понуда и исполнувањето на законските услови, обврзниците ќе бидат достапни за тргување на Македонската берза, а инвеститорите ќе имаат можност да побараат реоткуп од страна на издавачот по истекот на третата година, согласно условите на Проспектот.

Во изминатите години, Иуте Македонија бележи континуиран раст на кредитното портфолио и деловните активности, што природно ја наметнува потребата од понатамошна диверзификација на изворите на финансирање. Досега, компанијата најголемиот дел од средствата ги обезбедуваше преку поддршката од матичната компанија Иуте Естонија, сопствените приходи од кредитната активност и други локални извори на средства, примарно домашни банки.

„Влегувањето на пазарот на капитал e важна пресвртница во развојот на Иуте Македонија, чекор кој има за цел да обезбеди поголема  диверзификација на изворите на финансирање и оптимизација на трошоците за финансирање на друштвото. Со оваа емисија, Иуте Македонија за првпат пристапува на домашниот пазар на капитал преку јавна понуда на корпоративни обврзници. Овој чекор се надоврзува на досегашниот развој на компанијата и на континуираното унапредување на нејзините деловни активности. Истовремено, веруваме дека развојот на домашниот пазар на капитал е значаен за проширување на инвестициските можности и за понатамошен развој на финансискиот пазар во земјата“, вели Нина Мојсова Ќосева, Финансиски директор на Иуте Македонија.

Покрај обезбедување нов извор на капитал за понатамошен развој, присуството на пазарот на капитал подразбира и уште повисоки стандарди на транспарентност, отчетност и корпоративно управување, што претставува дополнителна потврда за зрелоста и стабилноста на компанијата. Влезот на пазарот на капитал претставува логично продолжение на стратегијата за одржлив раст, оптимизација на финансиската структура и создавање уште постабилна основа за идниот развој.

Повеќе информации за јавната понуда и Проспектот за издавање на корпоративната обврзница се достапни тука.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange