Connect with us

Останато

Професорите по економија во Македонија основаа национално професионално здружение

Објавено

на

Здружението на професори по економија на Северна Македонија беше официјално основано на Основачкото собрание, одржано во кампусот на Универзитетот на Југоисточна Европа (УЈИЕ) во Скопје.

Основачите го потпишаа Основачкиот акт и го усвоија Статутот на Здружението, одбележувајќи го основањето на професионална организација посветена на унапредување на наставата по економија и зајакнување на економската писменост во Северна Македонија.

Формирањето на Здружението претставува резултат на четиригодишната соработка помеѓу професорите по економија од целата држава и Либерал Алтернативниот Институт (ЛАИ). Преку иницијативи како што се Националната олимпијада по економија, Програмите за обука на наставници, EconLit Caravans и други активности, професорите континуирано ја истакнуваа потребата од професионално здружение кое ќе ги обедини, ќе ја зајакне меѓусебната соработка, ќе го промовира професионалниот развој и ќе обезбеди одржлива платформа за понатамошно унапредување на наставата по економија. Одговарајќи на оваа заедничка визија, ЛАИ го поддржа основањето на Здружението како дел од својата долгорочна стратегија за зајакнување на екосистемот за економска писменост во Северна Македонија.

„Во изминатите четири години имавме привилегија тесно да соработуваме со професорите по економија од цела Северна Македонија. Во текот на ова патување, една порака постојано се повторуваше – потребата од професионално здружение кое ќе ги обедини едукаторите и ќе обезбеди платформа за соработка, професионален развој и заедничко дејствување. Денес сме горди што гледаме како таа визија станува реалност. Веруваме дека ова Здружение ќе има клучна улога во зајакнувањето на економската писменост, поддршката на професорите и создавањето нови можности за учениците низ целата држава. ЛАИ останува посветен на поддршката на Здружението како долгорочен партнер во остварувањето на овие заеднички цели“, Орхан Цека Извршен директор, Либерал Алтернативен Институт.

Во иднина, ЛАИ ќе продолжи да го поддржува Здружението и заеднички ќе
реализира активности што се во рамките на неговата мисија. Водечките иницијативи, како што се Националната олимпијада по економија, EconLit Caravans и Програмите за обука на наставници, ќе се организираат во партнерство со Здружението, со што дополнително ќе се зајакне активната улога на професорите и ќе се обезбеди долгорочна одржливост и понатамошен развој на овие програми.

Здружението ќе претставува национална платформа за соработка меѓу професорите по економија, ќе ги застапува нивните стручни интереси и ќе придонесува за промовирање на извонредноста, иновациите и континуираниот професионален развој во наставата по економија.

За време на Основачкото собрание, членовите ги избраа органите на управување на Здружението. Абил Идризи (СМЕК „Гостивар“, Гостивар) беше избран за прв претседател на Здружението, додека Весна Ефремова (СОУ „Љупчо Сантов“, Кочани) и Авни Арифи (Универзитет на Југоисточна Европа) беа избрани за потпретседатели.

Извршниот одбор го сочинуваат и Биљана Стаматовска (ОСУ „Мирко Милески“, Кичево), Арта Љеши (СХМК „28 Ноември“, Дебар), Џемал Ибраими (СХМК Гимназија „Сами Фрашери“, Куманово), Дашурије Мехмеди (СМЕК „Гостивар“, Гостивар), Марина Перуновска (NOVA International School, Скопје) и Снежана Кичукова (СОУ „Јосиф Јосифовски“, Гевгелија).

„Како прв претседател на Здружението, ми претставува чест укажаната доверба. Ова Здружение им припаѓа на професорите по економија од цела Северна Македонија. Заедно ќе изградиме активна професионална заедница која ќе промовира извонредност во наставата, ќе поттикнува соработка и ќе придонесува кон подготовка на младите луѓе со знаењата и вештините потребни за разбирање и обликување на економијата на иднината“, Абил Идризи Претседател, Здружение на професори по економија на Северна Македонија.

Надзорниот одбор на Здружението го сочинуваат Викторија Атанасовска Новевски (University American College Skopje), Али Максути (Универзитет во Тетово), Лиза Алил Сулејмани (Меѓународен балкански универзитет, Скопје), Емилија Митева (Универзитет „Гоце Делчев“, Штип) и Шенај Хаџимустафа (Универзитет на Југоисточна Европа, Тетово).

Иако членството на Здружението првенствено ги обединува професорите по економија од средните училишта низ целата држава, вклучувањето на универзитетски професори во Надзорниот одбор создава силен институционален мост помеѓу средното и високото образование. Оваа структура на управување се очекува да поттикне поблиска соработка, размена на експертиза и поддршка на заеднички иницијативи кои ќе придонесат за унапредување на економското образование и економската писменост на национално ниво.

Економската писменост не е само уште еден училишен предмет – таа е животна вештина која им овозможува на младите да носат информирани одлуки, да размислуваат критички и активно да учествуваат во општеството. Со основањето на ова Здружение, ние инвестираме не само во нашата професија како едукатори, туку и во иднината на нашите ученици, граѓани и нашата држава. Вистинските промени започнуваат кога наставниците ќе се обединат околу заедничка цел“, Весна Ефремова Потпретседател, Здружение на професори по економија на Северна Македонија.

Основaњето на Здружението претставува значаен чекор за економското образование во Северна Македонија. Со обединување на едукаторите од училиштата и универзитетите во рамките на една професионална платформа, Здружението има за цел да придонесе кон повисоки стандарди во наставата, посилни професионални мрежи и поголеми можности за учениците да ги развијат знаењата и вештините потребни за разбирање и успешно снаоѓање во денешната економија.

Во следните месеци, Здружението ќе започне со проширување на своето членство, со што ќе ги опфати професорите по економија од цела Северна Македонија и ќе изгради национална професионална мрежа посветена на унапредување на економското образование, промовирање на економската писменост и поддршка на континуираниот професионален развој.

Основањето на Здружението е дел од пошироките напори на ЛАИ за зајакнување на екосистемот за економска писменост во Северна Македонија и е овозможено со поддршка од Economic Fundamentals Initiative (EFI) и Atlas Network.

Останато

Трамп доби своја монета од еден долар во САД

Објавено

на

Ликот на американскиот претседател Доналд Трамп се најде на нова монета од еден долар, издадена по повод 250-годишнината од основањето на Соединетите Американски Држави. Со тоа Трамп стана првиот жив американски претседател во последните сто години чиј лик се појавува на монета во оптек.

Американската ковница ја пушти монетата во продажба во средата, 2 септември. На предната страна е портретот на Трамп, заедно со натписите „LIBERTY“, „IN GOD WE TRUST“ и „1776 ~ 2026“, додека на задната страна е претседателскиот печат и бројот 250, во чест на големиот јубилеј.

Ролна од 25 монети се продава за 61 долар, а пакет од 100 монети за 154,50 долари. Побарувачката била голема, а дел од понудата била распродадена само неколку часа по почетокот на продажбата.

Иако имаат златна боја, монетите не содржат вистинско злато. Според американската Ковница, тие се изработени претежно од бакар, со 6 проценти цинк, 3,5 проценти манган и 2 проценти никел.

Монетите имаат номинална вредност од еден долар и можат да се користат како законско платежно средство, иако Ковницата ги промовира и како колекционерски изданија. Дополнително, 250.000 примероци биле исковани на 4 јули со специјална ознака и по случаен избор се вклучени во пакетите што се продаваат.

Појавувањето на ликот на жив претседател на американска валута предизвика и правни полемики, бидејќи американските прописи генерално го ограничуваат прикажувањето живи личности на парите. Администрацијата, сепак, се повикува на законските овластувања поврзани со специјалните дизајни за одбележување на 250-годишнината на САД.

Продолжи со читање

Останато

МФ: За првпат национална сертификација за внатрешните ревизори во јавниот сектор

Објавено

на

Министерството за финансии за првпат ќе организира национален испит за стекнување уверение за овластен внатрешен ревизор во јавниот сектор, со што се воведува и национална сертификација за оваа професионална функција.

Од Министерството оценуваат дека ова е важен чекор во зајакнувањето на системот на внатрешна финансиска контрола и во професионализацијата на ревизорските единици во јавните институции.

Спроведувањето на испитот, како што посочуваат, треба да придонесе за поголеми капацитети на единиците за внатрешна ревизија, но и за поодговорно, законско и транспарентно работење на институциите.

Од Министерството нагласуваат дека националната сертификација е дел и од активностите за зајакнување на механизмите за спречување на корупцијата и подобрување на контролата во јавниот сектор.

Воведувањето на националниот испит е значајно и во контекст на евроинтегративниот процес. Со неговото организирање се исполнува дел од препораките на Европската Унија во рамки на Поглавјето 32 – Финансиска контрола, а истовремено се придонесува и кон реализација на обврските од Реформската агенда.

Материјалите за подготовка, како и испитните прашања, веќе се објавени на веб-страницата на Министерството за финансии.

Тие се подготвени со техничка и експертска поддршка од Европската Унија за Централната единица за хармонизација при Министерството за финансии.

Министерството најавува дека во следниот период дополнително ќе информира за роковите и останатите чекори поврзани со организирањето и спроведувањето на испитот.

Продолжи со читање

Останато

Привремено недостапни телефонските линии на Контакт центарот на УЈП

Објавено

на

Управата за јавни приходи информира дека телефонските линии на Контакт центарот се привремено недостапни, а во тек се активности за отстранување на причините за прекинот.

Од УЈП посочуваат дека во моментов не се во функција телефонските броеви 198, 02/3253-200 и 0800 33 000, при што последниот број е достапен само од фиксни оператори.

До повторното воспоставување на телефонските линии, граѓаните и даночните обврзници се упатуваат да ги користат останатите канали за комуникација.

Физичките лица можат да се обратат во надлежната канцеларија на УЈП според адресата, додека правните лица според седиштето на компанијата. За информации е достапна и електронската адреса [email protected].

Од Управата за јавни приходи им се заблагодаруваат на граѓаните за разбирањето и најавуваат дека се преземаат активности за нормализирање на работата на Контакт центарот.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange