Connect with us
no baners

Бизнис

Можно значително намалување на цените на горивата од денес

Објавено

на

Регулаторната комисија за енергетика денеска треба да ја донесе новата одлука за цените на горивата, а според најавите се очекува значително намалување на малопродажните цени.

Премиерот Христијан Мицкоски викендов изјави дека, според владините пресметки, бензините би можеле да поевтинат за околу четири денари по литар, додека кај дизелот намалувањето би достигнало и до седум денари.

Тој посочи дека на пазарот на нафтени деривати се забележуваат знаци на стабилизација, поттикнати од најавите за можни мировни разговори меѓу САД и Иран. Според него, евентуален договор би придонел за смирување на економските текови и дополнително стабилизирање на цените на енергенсите.

Во моментов, цената на суровата нафта се движи околу 80 долари за барел, а очекувањата се дека во наредниот период би можело да следува натамошно намалување.

„Правевме сопствени калкулации. Иако има мало зголемување на вредноста на доларот, очекувам бензините да се намалат за околу четири денари по литар, а дизелот за околу седум денари. Сепак, конечната одлука ќе ја соопшти Регулаторната комисија“, изјави Мицкоски при посетата на општина Карпош, каде што беше поставен камен-темелник на нова детска градинка.

Бизнис

Гувернерот Славески на состанок на ММФ и Светска банка

Објавено

на

Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, учествува на годишниот состанок на Конституенцата на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка, кој се одржува во Варна, Бугарија, под мотото „Претворање на неизвесноста во долгорочна можност“.

Во фокусот на разговорите се глобалните економски предизвици, одржувањето на макроекономската и финансиската стабилност, дигиталната трансформација и улогата на европските економии во светските синџири на вредности.

На маргините на состанокот, Славески остварил средби со претставници на ММФ и Светската банка, меѓу кои извршниот директор на Конституенцата во ММФ, Јерун Клик, заменикот на извршниот директор Марникс ван Рај и потпретседателката на Светската банка за Европа и Централна Азија, Антонела Басани.

Заедничка оценка на соговорниците била дека ценовната стабилност останува клучен предуслов за одржлив економски раст, особено во период на геополитички тензии, неизвесни глобални економски текови и забрзан технолошки развој.

Славески истакнал дека Народната банка внимателно ги следи домашните и меѓународните економски движења и презема мерки за зачувување на ценовната и финансиската стабилност, со цел да се одржи довербата во монетарниот систем и да се обезбедат стабилни услови за економски развој.

На средбите било разговарано и за состојбите во финансискиот сектор, отпорноста на банкарскиот систем, влијанието на геополитичките ризици и можностите што ги носи дигиталната трансформација за зголемување на продуктивноста и економскиот раст.

Притоа била потврдена и досегашната добра соработка меѓу Народната банка, ММФ и Светската банка во спроведувањето на реформите и јакнењето на институционалните капацитети.

Во македонската делегација на состанокот учествуваат и вицегувернерот Игор Величковски и заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски.

Продолжи со читање

Бизнис

Сè поголем интерес кај компаниите за системот е-Фактура, УЈП одржа работилница во Кичево

Објавено

на

Сè повеќе компании се информираат и активно се вклучуваат во проектот е-Фактура, соопшти Управата за јавни приходи по одржаната работилница во Кичево, организирана во соработка со Регионалната комора Кичево при Стопанската комора на Македонија.

На настанот, претставниците на деловната заедница имаа можност непосредно да се запознаат со функционалностите на системот е-Фактура, придобивките од неговата примена, процесот на тестирање и практичните аспекти на неговото користење.

Од УЈП посочуваат дека големиот интерес и активното учество на компаниите претставуваат значаен чекор во процесот на дигитализација на деловните процеси и унапредување на ефикасноста во работењето.

Воедно, Управата ги повика сите компании да се приклучат во тест-периодот на системот е-Фактура и преку свои предлози и повратни информации да придонесат за негово успешно имплементирање.

Системот е-Фактура е дел од напорите за модернизација на услугите и дигитална трансформација на работењето меѓу институциите и бизнис-заедницата.

Продолжи со читање

Бизнис

Мајкрософт се повлекува од договор со Оракл вреден 3 милијарди долари

Објавено

на

Мајкрософт се откажа од преговорите за изнајмување cloud-инфраструктура вредна околу 3 милијарди долари од Оракл, што укажува на сè поголемите предизвици со кои се соочуваат технолошките компании во трката за обезбедување капацитети за развој на вештачка интелигенција.

Неуспехот на повеќегодишниот договор ја истакнува растечката конкуренција и притисокот врз инфраструктурата за обработка на податоци. Со оглед на тоа што побарувачката за генеративна вештачка интелигенција расте побрзо од достапноста на дата-центри, големите технолошки компании сè почесто се насочуваат кон меѓусебна соработка и споделување на инфраструктурни ресурси.

Акциите на Мајкрософт го завршија тргувањето во вторникот со пад од два отсто, додека акциите на Оракл се намалија за 2,3 проценти.

Според медиумски извештаи, главната пречка за реализација на договорот биле строгите безбедносни и регулаторни барања. Мајкрософт инсистирал серверските капацитети да ги исполнуваат стандардите на Федералната програма за управување со ризици и авторизација (FedRAMP), која е задолжителна за cloud-системите што обработуваат податоци на американската влада.

Наводно, јавната cloud-инфраструктура на Оракл во моментот на преговорите не ги исполнувала сите барани FedRAMP критериуми. Откако раководството на Оракл се спротивставило на дополнителните инженерски трошоци и кратките рокови потребни за усогласување на системите, Мајкрософт решил целосно да се повлече од зделката.

Случајот дополнително покажува колку безбедносните стандарди и достапноста на инфраструктура стануваат клучни фактори во глобалната трка за доминација во секторот на вештачката интелигенција.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange