Connect with us
no baners

Анализи

ЕУ со високи оценки за монетарната политика: Потврдена стабилноста на Народна банка

Објавено

на

Европските институции ја оценија монетарната политика на Народна банка како целосно усогласена со нивните препораки, што претставува највисока оценка во областа на економските политики. Ова беше истакнато на редовниот економско-финансиски дијалог меѓу Европската Унија и земјите партнери од регионот, кој се одржа во Брисел.

На состанокот учествуваше вицегувернерот Игор Величковски, кој посочи дека ваквата оценка е потврда за правилната поставеност на монетарната политика, насочена кон контрола на инфлацијата и одржување стабилен девизен курс, и покрај неизвесностите во глобалната економија.

Тој нагласи дека економијата останува релативно отпорна, додека централната банка води претпазлива политика со цел намалување на инфлациските притисоци и стабилизирање на очекувањата на пазарите. Во исто време, институцијата внимателно ги следи глобалните движења и е подготвена да реагира соодветно за зачувување на макроекономската стабилност.

Дополнително, беше посочено дека девизните резерви се на стабилно ниво и обезбедуваат заштита од надворешни ризици, а банкарскиот сектор останува ликвиден, добро капитализиран и стабилен, со зајакнати мерки поради зголемената кредитна активност.

Величковски се осврна и на новата оперативна рамка на монетарната политика, воведена на крајот на 2025 година, која треба да ја подобри ефикасноста на инструментите и преносот на каматните сигнали во економијата.

Во контекст на европската интеграција, беше истакнат напредокот кон приклучување во СЕПА, како важен чекор за финансиска интеграција и усогласување со европските стандарди, како и активностите за модернизација на платежната инфраструктура преку инстант плаќања.

Анализи

Пад на прометот на Македонската берза во јули, „Алкалоид“ со најголемо тргување

Објавено

на

На Македонската берза во јули 2026 година бил остварен вкупен промет од 335,3 милиони денари, односно околу 5,45 милиони евра. Во споредба со јуни, берзанскиот промет е намален за 11,45 проценти.

Во текот на месецот биле реализирани 1.352 трансакции, при што се тргувало со 49.663 акции и 121.035 обврзници. Најголем дел од прометот бил концентриран кај акциите на „Алкалоид“, Комерцијална банка и Универзална Инвестициона Банка Скопје.

Со акциите на „Алкалоид“ бил остварен промет од 123 милиони денари, додека прометот со акциите на Комерцијална банка изнесувал 113,7 милиони денари. Универзална Инвестициона Банка била трета со 34,3 милиони денари. Следуваат „Макпетрол“ со 9,5 милиони и „Македонски Телеком“ со 8,6 милиони денари промет.

Од вкупно 16 акции што забележале промена на цената, четири ја зголемиле вредноста, а 12 забележале пад. Најголем раст имале акциите на „Адинг“ Скопје, кои поскапеле за 3,85 проценти. Акциите на „Тетекс“ пораснале за 0,27 проценти, а приоритетните акции на Стопанска банка Скопје за 0,13 проценти.

Најголемо намалување на вредноста имале акциите на ТТК Банка, со пад од осум проценти. Акциите на „Алкалоид“ се намалиле за 6,13 проценти, а на Универзална Инвестициона Банка за 4,45 проценти.

Според бројот на истргувани акции, најактивен бил „Македонски Телеком“ со 17.482 акции. Следуваат Стопанска банка Скопје со 5.754 и „Алкалоид“ со 5.361 истргувана акција.

Во јули биле реализирани и две блок-трансакции со 509 акции на Комерцијална банка, во вредност од 13,2 милиони денари. Блок-трансакции биле склучени и со акциите на „Алкалоид“, „Реинг“ и ВФП Пензиско друштво Скопје.

И покрај намалениот месечен промет, најголемиот интерес на инвеститорите останал насочен кон акциите на неколку од најликвидните домашни компании.

Продолжи со читање

Анализи

ЕУ воведе нови правила за транспарентност на вештачката интелигенција, казните до 15 милиони евра

Објавено

на

Во Европската Унија од 2 август 2026 година почнаа да се применуваат новите правила за транспарентност на системите за вештачка интелигенција, чија цел е граѓаните полесно да препознаат кога комуницираат со ВИ или кога се изложени на содржина создадена или изменета со оваа технологија.

Според правилата, корисниците треба да бидат јасно информирани кога комуницираат со чет-ботови, ВИ-агенти или виртуелни аватари, освен кога од околностите е очигледно дека станува збор за систем на вештачка интелигенција.

Давателите на генеративни ВИ-системи се обврзани содржините што ги создаваат или менуваат да ги означуваат во машински читлив формат. Ова се однесува на синтетички слики, аудиоснимки, видеа и текстови, со цел полесно откривање на содржините произведени со вештачка интелигенција.

Јасно и видливо треба да бидат означени и таканаречените „дипфејк“ содржини, како и текстовите создадени со ВИ што се објавуваат за информирање на јавноста за прашања од јавен интерес, доколку не поминале човечка проверка или уредничка контрола.

Обврската за информирање важи и при употреба на системи за препознавање човечки емоции и алатки за биометриска категоризација. Европската комисија објави насоки и доброволен кодекс за да им помогне на компаниите и институциите правилно да ги применуваат новите правила.

За спроведувањето на правилата се задолжени националните надзорни органи, Европската канцеларија за вештачка интелигенција и Европскиот супервизор за заштита на податоците.

Компаниите што нема да ги почитуваат обврските може да бидат казнети со најмногу 15 милиони евра или со износ до три проценти од нивниот вкупен годишен промет на светско ниво. За институциите, телата и агенциите на ЕУ е предвидена казна до 750.000 евра, додека кај малите и средните претпријатија ќе се почитува принципот на пропорционалност.

Европскиот закон за вештачка интелигенција стапи во сила на 1 август 2024 година, но неговите одредби се применуваат постепено. Правилата за транспарентност се дел од најновата фаза на примената на законот, кој треба да воспостави заеднички стандарди за безбедна и доверлива употреба на вештачката интелигенција во ЕУ.

Продолжи со читање

Анализи

Луксембург со највисока минимална плата во Европа, Бугарија на дното во ЕУ

Објавено

на

Луксембург ја има највисоката бруто минимална плата во Европа, која во јули 2026 година изнесувала 2.771 евро месечно, покажуваат најновите податоци на Евростат. Најниската минимална плата во Европската Унија е регистрирана во Бугарија и изнесува 620 евра.

Меѓу земјите членки на ЕУ, покрај Луксембург, минимална плата повисока од 2.000 евра имаат Ирска со 2.391 евро, Германија со 2.343 евра, Холандија со 2.338 евра и Белгија со 2.234 евра. Франција е веднаш зад нив со минимална плата од 1.867 евра.

Во групата земји со минимална плата меѓу 1.000 и 1.500 евра се Словенија, Шпанија, Литванија, Полска, Кипар, Грција, Португалија и Хрватска. Во оваа група платите се движат од 1.050 евра во Хрватска до 1.482 евра во Словенија.

На европското дно се Украина со минимална плата од 169 евра и Молдавија со 313 евра. Северна Македонија е меѓу седумте земји кандидати за членство во ЕУ што имаат утврдена национална минимална плата, заедно со Црна Гора, Молдавија, Албанија, Србија, Турција и Украина.

Евростат објавува податоци за националните минимални плати двапати годишно, според состојбата на 1 јануари и на 1 јули. Износите се прикажани во бруто-вредност, односно пред одбивањето на даноците и придонесите.

Разликите меѓу земјите се намалуваат кога платите ќе се споредат според стандардот на куповната моќ. Според овој показател, Германија е на првото место со 2.164 PPS, додека најниска вредност во ЕУ има Естонија со 935 PPS.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange