Connect with us
no baners

Бизнис

25 милиони евра за зелено работење: најмалку 300 компании ќе добијат грантови до 2030 година

Објавено

на

Проектот „Грантова шема за поддршка на претпријатијата за зелено работење“ обезбедува финансиска поддршка од вкупно 25 милиони евра за мали, микро и средни компании во Македонија во периодот 2026–2030 година. Преку оваа шема се очекува директна поддршка за најмалку 300 компании, со цел забрзување на зелената транзиција и зајакнување на конкурентноста на домашната економија.

Од вкупниот износ, 22 милиони евра се наменети за грантови, додека компаниите ќе учествуваат со сопствено кофинансирање од 20 до 50 проценти, во зависност од инструментот. Поединечните грантови ќе се движат од 5.000 до 300.000 евра и ќе опфатат техничка и советодавна поддршка, воведување меѓународни стандарди, набавка на опрема, имплементација на нови технологии и развој на зелени и иновативни производи.

Првите јавни повици се очекуваат во средината на 2026 година. Проектот предвидува и организирање инфо-карван во соработка со општините, стопанските комори, регионалните центри и секторските здруженија, со цел навремено информирање и поголема вклученост на компаниите.

Директорката на ИНОВА, Даниела Димовска, истакна дека проектот претставува важен чекор кон трансформација на македонската економија.

„Ова е можност компаниите да инвестираат со поддршка и да се подготват за новите барања на пазарот. Зелената трансформација не е трошок, туку инвестиција во иднината и конкурентноста на македонските компании на европскиот пазар“, нагласи Димовска.

Проектот е насочен првенствено кон компании од производствениот сектор, но и кон други дејности кои придонесуваат за намалување на отпадот, енергетска ефикасност и зголемена употреба на обновливи извори на енергија.

Од вкупната вредност на проектот, 18 милиони евра се обезбедени од Европската Унија, додека седум милиони евра се национални средства.

Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека проектот претставува стратешка инвестиција во долгорочниот развој на економијата.

„Оваа поддршка ќе им овозможи на околу 200 компании подготовка и имплементација на меѓународни еколошки и одржливи стандарди, со што ќе се зголеми нивното учество во европските и глобалните синџири на добавувачи“, изјави Премиерот Мицкоски.

Со проектот се очекува забрзано воведување зелени практики, отворање нови работни места и создавање поодржлив и конкурентен бизнис-екосистем во Македонија.

Бизнис

Pepco влегува на македонскиот пазар, првите продавници во Скопје од јуни

Објавено

на

Европскиот дисконтер Pepco најави влез на пазарот во Северна Македонија, при што првите продавници ќе бидат отворени во Скопје во јуни годинава.

Од компанијата информираат дека проширувањето во земјава е дел од нивната поширока стратегија за раст, која вклучува отворање нови продавници на постојните и на нови пазари.

„Северна Македонија веќе некое време е дел од нашата стратегија за експанзија. Влегувањето на овој пазар е природен следен чекор, имајќи ја предвид нашата силна позиција во Централна и Источна Европа и во соседните земји“, изјави Марцин Станко, оперативен директор на Pepco за регионот на ЦИЕ.

Pepco веќе е присутен во неколку земји од регионот, меѓу кои Србија, Бугарија, Грција, Хрватска, Словенија, Романија и Босна и Херцеговина, а со влезот во Северна Македонија дополнително ја зајакнува својата регионална мрежа.

Групацијата Pepco, со седиште во Лондон и регистрирана во Холандија, управува со повеќе од 4.000 продавници во 18 европски земји, а во своето портфолио ги има брендовите Pepco, Dealz и Poundland.

Продолжи со читање

Бизнис

Јавна дебата за конфликтот во Иран и неговите последици врз регионот и македонската економија

Објавено

на

Институтот за меѓународни, стратегиски и безбедносни студии „Радика“ денес организира јавна трибина посветена на војната во Иран и нејзините влијанија врз регионалната безбедност и економските текови во Северна Македонија.

На настанот се очекува учество на експерти, претставници од дипломатскиот кор, академската заедница и граѓанскиот сектор, со цел да се отвори поширока дискусија за актуелните случувања на Блискиот Исток и нивните последици на глобално и регионално ниво.

Воведни излагања ќе имаат основачите на Институтот, поранешниот министер за финансии Кирил Миновски, универзитетските професори Далибор Јовановски и Жидас Даскаловски, безбедносниот аналитичар Раби Седрак, како и поранешниот вицепремиер за европски прашања Ивица Боцевски.

Во рамки на трибината ќе се разгледуваат повеќе клучни теми, меѓу кои развојот на геополитичката динамика по ескалацијата на конфликтот, влијанието врз глобалната стабилност и безбедносната архитектура, како и позицијата на Западен Балкан во новите околности. Дел од дискусијата ќе биде посветен и на економските ефекти, особено врз енергетските пазари, трговските рути и синџирите на снабдување, како и потенцијалните последици врз македонската економија.

Трибината има за цел да понуди поширок увид во предизвиците со кои се соочуваат малите држави во услови на брзо менувачки глобален поредок.

Продолжи со читање

Бизнис

Асоцијацијата на брокерски друштва и Министерството за финансии во дијалог за европски стандарди и фер услови на осигурителниот пазар

Објавено

на

Во насока на унапредување на регулативата и заштита на интересите на осигурениците, претставници на Асоцијацијата на брокерски друштва одржаа втор работен состанок со Министерството за финансии. На состанокот, како активен чинител во креирањето на поквалитетен пазар, учествуваше Александар Атески, Член на Управниот одбор на Flex Broker.

Фокусот на разговорите беше ставен на потребата од обезбедување фер конкуренција и справување со појавата на нелиценцирани канали за продажба на осигурување. Асоцијацијата укажа на практиката каде одредени субјекти, вршат дистрибуција на осигурителни продукти без соодветна лиценца. Дополнително, беше отворено прашањето за заобиколување на законските рамки преку промоторски и маркетинг договори, кои во пракса функционираат како посредна продажба.

„Брокерските друштва се единствениот професионален и лиценциран канал кој работи исклучиво во интерес на клиентот. Нашата мисија е да обезбедиме максимална заштита за осигурениците, а тоа е можно само доколку сите учесници на пазарот функционираат под исти, строго дефинирани правила“, беше истакнато на состанокот.

Во рамки на дискусијата за финансиското работење, се разговараше за можностите за фактурирање и моделот на функционирање на брокерските друштва, со цел да се обезбеди поголема транспарентност и ефикасност.

Насоките за развој на македонскиот осигурителен пазар остануваат цврсто врзани за европските практики. Заклучокот од средбата е дека заедничката соработка со институциите е клучна за градење на доверба кај граѓаните и создавање пазар кој се темели на професионализам, знаење и транспарентност.

Flex Broker останува посветен на конструктивниот дијалог со институциите, верувајќи дека само преку професионализам и јасна регулатива може да се изгради современ и сигурен осигурителен пазар.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange