Банки
Кристијан Василевски – пример за лидерство и посветеност во банкарството и спортот
Кристијан Василевски, раководителот на Експозитурата Ѓорче Петров во НЛБ Банка АД Скопје е пример за успешен баланс меѓу професионалниот и спортскиот живот. Со девет години работно искуство во банкарството, неговата посветеност, професионалност и лидерски способности секојдневно се одразуваат во резултатите што ги постигнува со својот тим.
Освен во банкарството, Кристијан е активен и на спортската сцена. Од најмали години се занимава со ракомет, настапувајќи за клубовите Бутел Скопје, Вардар, Тинекс Пролет, Работнички и Преспа. Како дел од РК Бутел Скопје, тој настапи и на европската сцена во EHF Cup во сезоната 2019/20 и EHF European League во сезоните 2020/21 и 2022/23..
Во спортот, Кристијан се истакнува како пивот и централна точка во одбраната, потврдувајќи ја дисциплината, посветеноста и високите стандарди што ги применува и во професионалниот живот. Меѓу неговите најзначајни успеси се: шампионската титула во младинска категорија со РК Вардар, седум настапи за младинската репрезентација на Македонија, како и изборот за најдобар ракометар на четвртото коло во Супер машката лига 2021, кога се најде пред големи имиња од светската ракометна сцена.
Кристијан е лиценциран ракометен тренер со трета категорија, со искуство како тренер на пионерската екипа и помошник тренер во првиот тим на РК Бутел. Неговиот следен професионален предизвик е да се стекне со реномираната европска лиценца Master Coach.
Од НЛБ Банка го истакнуваат како пример за професионалец кој успешно ги спојува дисциплината и тимската работа, како во спортот, така и во професионалниот живот, инспирирајќи ги своите колеги и младите спортски таленти.
Банки
АЛТА банка ги намали надоместоците за СЕПА-трансфери до крајот на 2026 година
АЛТА банка АД Битола воведе промотивни надоместоци за приливни и одливни кредитни трансфери преку СЕПА, кои ќе важат до 31 декември 2026 година.
За домашните правни лица, надоместокот за приливен СЕПА-трансфер е намален на фиксни 180 денари, без оглед на износот на трансакцијата. За одливните трансфери е утврден фиксен надоместок од 250 денари.
Кај правните лица нерезиденти, приливниот трансфер преку СЕПА ќе се наплатува три евра, додека надоместокот за одливен трансфер е намален на пет евра.
Физичките лица резиденти нема да плаќаат надоместок за приливни СЕПА-трансфери. За одливните трансфери, надоместокот изнесува 250 денари за хартиени налози, а 200 денари за трансакции извршени преку електронско или мобилно банкарство.
Приливните СЕПА-трансфери се без надоместок и за странските физички лица со девизни сметки или штедни влогови во банката. За одливните трансфери тие ќе плаќаат пет евра за хартиен налог, односно четири евра преку електронско или мобилно банкарство.
Од банката информираат дека измените се дел од промотивната тарифа со која се намалуваат трошоците за прекугранични плаќања во евра за физичките и правните лица.
Банки
МИПС успешно го помина првиот тест: Македонија чекор поблиску до модерни платежни услуги – ISO 20022
Во текот на јули 2026 година, Народната банка, заедно со банките и останатите учесници во МИПС, успешно го спроведе првиот циклус тестирање на новото системско решение, при што беше потврдена неговата функционалност и подготвеноста за продолжување на следните фази од примената. Во рамките на тестирањето беа успешно обработени најголемиот дел од платежните пораки предвидени со проектот, согласно со стандардот ISO 20022.
По завршувањето на првиот циклус на тестирањето, во Народната банка се одржа работен состанок со учесниците во МИПС, на кој беа презентирани резултатите од досегашните активности, беа разгледани прашањата коишто се појавија во текот на тестирањето и беа усогласени наредните чекори за успешно спроведување на проектот.
Како што истакна Биљана Доновска-Гечева, директорка на Дирекцијата за платни системи во Народната банка, во наредниот период ќе продолжат активностите за финализирање на тестирањата и подготовка за воведување на новото системско решение во редовна употреба.
Воведувањето на стандардот ISO 20022 претставува значаен чекор во модернизацијата на националната платежна инфраструктура. Новиот стандард ќе овозможи размена на поквалитетни и побогати податоци во платниот промет, поефикасна автоматска обработка на плаќањата, поедноставно спроведување на контролите и поголема усогласеност со стандардите и практиките на Европската централна банка и европските платни системи. Со тоа ќе се создадат услови за поефикасни, посигурни и помодерни платежни услуги, во согласност со европските трендови и обврските во процесот на европската интеграција.
Проектот финансиран од Европската Унија „Зајакнување на капацитетот на Народната банка во областа на екстерните статистики, платежната статистика и платните системи“, покрај воведувањето на стандардот ISO 20022 во МИПС, опфаќа и воспоставување склад на податоци за потребите на екстерните статистики, со што дополнително се зајакнуваат институционалните капацитети на Народната банка во овие две значајни области.
Банки
Нов тримесечен рок за акционерите на „Аддико банка“ по успешната понуда на Рајфајзен
По успешното завршување на доброволната јавна понуда на „Рајфајзен банк интернешнл“ (РБИ) за преземање на „Аддико банка“, отворен е дополнителен тримесечен рок во кој акционерите можат да ја прифатат понудата на австриската банкарска групација.
Според документацијата на Австриската комисија за преземања, дополнителниот рок започнал на 3 август и ќе трае до 3 ноември 2026 година, до 17 часот по виенско време.
Оваа можност важи и за акционерите кои претходно ја прифатиле конкурентската понуда на Нова љубљанска банка (НЛБ), која не го исполнила минималниот услов за успешност. Тие во дополнителниот рок можат преку својата депозитна банка да преминат на понудата на РБИ.
До истекот на основниот рок, понудата на РБИ била прифатена за 10.831.435 акции, односно за 56,16 проценти од акциите на „Аддико банка“ опфатени со понудата. Со тоа бил надминат минималниот праг од повеќе од 55 проценти, кој РБИ го поставил како услов за успешност.
Конкурентската понуда на НЛБ била прифатена за 6.087.353 акции, што претставува 31,22 проценти од вкупно издадените акции. Овој резултат бил под потребниот праг од 50 проценти плус една акција, поради што понудата на НЛБ нема да биде реализирана, ниту за неа ќе биде отворен дополнителен рок.
Иако РБИ обезбеди мнозинска поддршка од акционерите, преземањето сè уште не е формално завршено. Понудата останува условена со исполнување на преостанатите услови наведени во документацијата, а крајниот рок за нивно исполнување е 14 мај 2027 година.
Дополнителниот тримесечен период му овозможува на РБИ дополнително да го зголеми својот сопственички удел во „Аддико банка“ пред конечното завршување на постапката.
-
Интервјуапред 2 месециФиломена Пљакоска Аспровска во FinSight: Дали мобилниот телефон ќе стане нашиот единствен паричник?
-
Бизниспред 2 месециОд полноќ нови цени на горивата: Бензините поевтинија, дизелот поскапе
-
Интервјуапред 2 месециДигитализацијата и довербата се двигатели на новото банкарство – Беркан Имери во FinSight
-
Продуктипред 4 неделиИднината на банкарството е во доброто корисничко искуство
-
Банкипред 2 месециХалкбанк отвори повик за летна пракса за студенти и млади
-
Криптовалутипред 2 месециБиткоинот се врати кон 64.000 долари, ликвидирани над 320 милиони долари во кратки позиции за само 15 минути
-
Бизниспред 2 месециФинансиските друштва пред нови правила: Кредитите ќе се исплаќаат само на трансакциска сметка
-
Банкипред 2 месециХалкбанк носи пристап до Истанбулската берза и до нови можности за раст на капиталот

