Банки
Одржана редовна седница на Извршниот одбор за монетарната политика − каматните стапки остануваат исти, поддржани со макропрудентните мерки на Народната банка
На 16 септември 2025 година се одржа редовна седница на Извршниот одбор за поставеноста на монетарната политика на Народната банка. На седницата беа разгледани најновите податоци и информации за светската и за домашната економија и најновите случувања на меѓународните и на домашните финансиски пазари во контекст на поставеноста на монетарната политика.
На седницата беше одлучено каматните стапки да останат исти, односно каматната стапка на благајничките записи да остане на нивото од 5,35%, а каматните стапки на депозитите преку ноќ и на седум дена се задржуваат на нивоата од 3,95% и 4%, соодветно. Понудата на благајничките записи на редовната аукција ќе биде исто така непроменета, односно ќе изнесува 10 милијарди денари. Со ваквата одлука се задржува внимателниот пристап при водењето на монетарната политика, во согласност со економските услови и ризиците коишто произлегуваат од домашното и надворешното окружување. Овој пристап на монетарната политика е поддржан и со неодамнешните промени кај задолжителната резерва, затегнувањето на макропрудентните мерки во делот на критериумите на кредитната побарувачка, како и со зголемувањето на противцикличниот заштитен слој на капиталот за дополнителни 0,25 процентни поени[1]. Комбинацијата на овие мерки е насочена кон одржување на ценовната стабилност на среден рок и стабилноста на девизниот курс, како и кон заштита од можни идни системски ризици. Во однос на монетарната поставеност во еврозоната, ЕЦБ на септемврискиот состанок донесе одлука за задржување на каматните стапки на досегашното ниво.
Годишната стапка на инфлација во август забави и изнесуваше 4,4%, под влијание на базичната и прехранбената компонента, при натамошен пад на цените на енергентите. Сепак, остварената инфлација е над проектираното ниво, со што таа и понатаму останува во фокусот и потребна е внимателност. Најновите проекции за берзанските цени на примарните производи за наредниот период се ревидирани во надолна насока, што укажува на помали увозни ценовни притисоци во споредба со очекувањата. И покрај тоа, сѐ уште постои неизвесност околу идните движења на светските цени на примарните производи поради геополитичките тензии и климатските промени. Оттука, ризиците за идната динамика на инфлацијата и натаму постојат, а се поврзани и со натамошната неизвесност од променливото надворешно окружување, но и со домашните фактори што влијаат врз побарувачката.
Состојбата на девизниот пазар е стабилна, при што од почетокот на годината Народната банка интервенира со нето-откуп на девизи. На крајот на август, нивото на девизните резерви изнесува 4.754,4 милиони евра, што е соодветно за одржување на стабилноста на курсот на домашната валута. Во однос на последните расположливи податоци од надворешниот сектор, остварувањата на менувачкиот пазар заклучно со август упатуваат на нето-приливи од приватните трансфери коишто се малку повисоки од очекувањата за третиот квартал. Проценетиот трговски дефицит за третиот квартал од годината, во согласност со податоците за надворешнотрговската размена во јули, е малку повисок од очекувањата, иако периодот е сѐ уште краток за попрецизна оцена. Во вториот квартал од 2025 година, остварениот дефицит во тековната сметка на билансот на плаќања е повисок од очекувањата, при истовремени нето-приливи во финансиската сметка, коишто се минимално пониски од очекувањата според априлската проекција.
Во вториот квартал од 2025 година, растот на економската активност забрза и изнесува 3,4% на годишна основа. Ваквото остварување е малку повисоко во однос на оцената за вториот квартал во рамките на априлскиот циклус проекции. Економскиот раст целосно произлегува од позитивниот придонес на домашната побарувачка, во услови на раст на личната потрошувачка и бруто-инвестициите, додека нето-извозот бележи мал негативен придонес, во услови на забрзан раст и на извозот и на увозот. Светската неизвесност, особено поради трговските и геополитичките тензии, и натаму претставува најголемиот надворешен ризик за домашната економија. Во однос на домашното окружување, обемот и динамиката со коишто ќе се остваруваат домашните инфраструктурни проекти се едни од најважните фактори што ќе влијаат врз темпото на економскиот раст.
Остварувањата во монетарниот сектор покажуваат натамошна солидна кредитна поддршка на економијата, што е над очекувањата. Во јули, депозитите и кредитите бележат солидни стапки на раст, коишто се повисоки во однос на априлските проекции.
Општо земено, со последната одлука се задржува внимателниот пристап при водењето на монетарната политика, во согласност со најновите движења кај најважните макроекономски показатели и процените за ризиците. Надворешните ризици и понатаму се изразени, но внимателно се следат и домашните фактори коишто влијаат врз побарувачката. Народната банка и во иднина ќе биде подготвена да ги користи сите расположливи инструменти и да преземе соодветни мерки за одржување на стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото и за обезбедување на ценовната стабилност на среден рок.
Банки
Одлука на Народната банка: Стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот останува 2% и во четвртото тримесечје од 2027 година
Извршниот одбор на Народната банка донесе одлука стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот за изложеностите на банките во земјава да остане на истото ниво од 2%. Одлуката е донесена врз основа на редовната квартална оцена на системските ризици, според податоците заклучно со вториот квартал од 2026 година. Оваа стапка ќе важи од четвртото тримесечје на 2027 година и се оценува дека таа е соодветна на тековните макрофинансиски услови и на состојбите во банкарскиот систем.
Банкарскиот систем е стабилен и отпорен на шокови, што го потврдуваат резултатите од стрес-тестовите, а се гледа и преку соодветната капитализираност и ликвидност, ниската стапка на нефункционални кредити и солидната профитабилност.
Одлуката за задржување на истата стапка на противцикличниот заштитен слој на капиталот е поткрепена и со макропрудентните мерки преземени на крајот од минатата година и измените кај задолжителната резерва, во билансите на банките, при што се забележува подобрување на структурата на новоодобрените кредити според висината на ЛТВ и ДСТИ, а кај депозитите на домаќинствата и натаму се бележат поволни поместувања од аспект на рочната и валутната компонента.
Ваквата поставеност на макропрудентните мерки би придонесла за ограничување на системските ризици во следниот период и за натамошно задржување на стабилноста и отпорноста на банкарскиот сектор. Народната банка ќе продолжи со внимателно следење на системските ризици и редовно, на квартална основа, ќе ја преоценува висината на стапката.
Банки
ТТК Банка ја исплати првата годишна камата на третата емисија корпоративни обврзници
ТТК Банка АД Скопје на 18 септември 2026 година ја исплати првата годишна камата на сопствениците на корпоративни обврзници од третата емисија, со ISIN MKTTKS200038 и шифра TTKO3.
Пресметката на камата е извршена по фиксна каматна стапка од 5,00% на годишно ниво. Право на исплата на камата имаа сите лица регистрирани во книгата на иматели на корпоративна обврзница – трета емисија во Централниот депозитар за хартии од вредност АД Скопје заклучно со 17 септември 2026 година.
Третата емисија на корпоративни обврзници ТТК Банка ја реализираше во септември 2025 година од коишто за кратко време се запишаа и уплатија 100% од понудените 1.000 обврзници по номинална вредност од 1.000 евра, со рок на доспевање од шест години, а во вкупна вредност од 1.000.000 евра и фиксна каматна стапка од 5,00% на годишно ниво.
Со исплатата на првата годишна камата, ТТК Банка ја реализира првата каматна обврска кон инвеститорите по основ на оваа емисија корпоративни обврзници.
Банки
Стопанска банка и годинава поддржувач на фестивалот „Браќа Манаки“
Стопанска банка АД – Скопје и годинава ја продолжува својата поддршка на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, кој од 19 до 25 септември ќе се одржува во Битола.
Фестивалот, кој веќе 47 години ја слави филмската уметност, традиционално ги собира врвните кинематографери од целиот свет, претставувајќи ги нивната визија, креативност и придонес во создавањето на филмската магија.
Под мотото „На страната на филмот“, Стопанска банка и оваа година е пријател и поддржувач на престижната културна манифестација.

Од Банката ги повикуваат љубителите на седмата уметност од 19 до 25 септември во Битола заедно да ја споделат магијата на филмот.
-
Анализипред 2 месециДали Македонија ќе ги следи Унгарија, Полска и Литванија и ќе го укине вториот пензиски столб?
-
Банкипред 1 месецПремиум дебитната картичка на Стопанска банка овозможува пристап до над 1.800 аеродромски деловни зони
-
Кариерапред 2 месециАлта банка со активен оглас за стручен соработник во банкарска експозитура во Велес
-
Банкипред 2 месециСтопанска банка ја почнува исплатата на јулските пензии на 31 јули
-
Банкипред 2 месециТони Стојановски останува на чело на НЛБ Банка: Народната банка даде зелено светло за нов четиригодишен мандат
-
Кариерапред 1 месецНЛБ Групацијата вработува специјалист за Управување со ризици/финансии
-
Кариерапред 1 месецНародната банка вработува седум лица: Плати до 91.385 денари
-
Кариерапред 1 месецОглас за вработување во Централна кооперативна банка АД Скопје





