Бизнис
Гувернерот Славески на состанок на ММФ и Светска банка
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, учествува на годишниот состанок на Конституенцата на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка, кој се одржува во Варна, Бугарија, под мотото „Претворање на неизвесноста во долгорочна можност“.
Во фокусот на разговорите се глобалните економски предизвици, одржувањето на макроекономската и финансиската стабилност, дигиталната трансформација и улогата на европските економии во светските синџири на вредности.
На маргините на состанокот, Славески остварил средби со претставници на ММФ и Светската банка, меѓу кои извршниот директор на Конституенцата во ММФ, Јерун Клик, заменикот на извршниот директор Марникс ван Рај и потпретседателката на Светската банка за Европа и Централна Азија, Антонела Басани.
Заедничка оценка на соговорниците била дека ценовната стабилност останува клучен предуслов за одржлив економски раст, особено во период на геополитички тензии, неизвесни глобални економски текови и забрзан технолошки развој.
Славески истакнал дека Народната банка внимателно ги следи домашните и меѓународните економски движења и презема мерки за зачувување на ценовната и финансиската стабилност, со цел да се одржи довербата во монетарниот систем и да се обезбедат стабилни услови за економски развој.
На средбите било разговарано и за состојбите во финансискиот сектор, отпорноста на банкарскиот систем, влијанието на геополитичките ризици и можностите што ги носи дигиталната трансформација за зголемување на продуктивноста и економскиот раст.
Притоа била потврдена и досегашната добра соработка меѓу Народната банка, ММФ и Светската банка во спроведувањето на реформите и јакнењето на институционалните капацитети.
Во македонската делегација на состанокот учествуваат и вицегувернерот Игор Величковски и заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски.
Бизнис
Велика Британија ги измени условите за соработка со Лукоил
Велика Британија ги олесни ограничувањата поврзани со санкциите за руската нафтена компанија Лукоил, отстранувајќи едно од клучните правила што се однесуваа на плаќањата кон нејзината меѓународна подружница.
Британската Канцеларија за спроведување на финансиските санкции (OFSI) соопшти дека е изменета привремената лиценца што им овозможува на компаниите да продолжат да соработуваат со „Лукоил Интернешнл“, холдинг-компанија со седиште во Австрија преку која се управува со странските средства на рускиот енергетски гигант.
Со измените е укинато барањето плаќањата кон „Лукоил Интернешнл“ и нејзините подружници да се вршат исклучиво преку замрзнати сметки. Од OFSI наведуваат дека промената не значи и дозвола средствата да бидат вратени на Лукоил, без дополнително да ја образложат причината за измената.
Велика Британија воведе санкции против Лукоил во октомври минатата година поради руската инвазија врз Украина. Еден месец подоцна беше издадена специјална лиценца што им овозможуваше на компаниите да ги продолжат деловните активности со „Лукоил Интернешнл“. Лиценцата, која веќе еднаш беше продолжена, моментално важи до 25 август годинава.
Во Југоисточна Европа, Лукоил поседува значајни енергетски капацитети, меѓу кои единствената рафинерија во Бугарија – Нефтохим Бургас, рафинеријата Петротел во Романија, како и мрежи на бензински станици во Бугарија, Романија, Србија, Хрватска, Црна Гора, Молдавија и Северна Македонија.
Покрај британските санкции, Лукоил е предмет и на ограничувања од страна на САД. Американското Министерство за финансии воведе санкции во ноември, но дел од мерките подоцна беа одложени. Во мај годинава, Канцеларијата за контрола на странски средства (OFAC) ја продолжи лиценцата што им овозможува на потенцијалните купувачи на странските средства на Лукоил да ги продолжат преговорите со руската компанија до 27 јуни.
Во јануари Лукоил соопшти дека постигнал договор за продажба на поголемиот дел од своите странски средства, чија вредност според проценките изнесува околу 22 милијарди долари. Според медиумски информации, меѓу заинтересираните купувачи се американската инвестициска компанија Carlyle, како и енергетските гиганти Exxon Mobil и Chevron.
Бизнис
Можно значително намалување на цените на горивата од денес
Регулаторната комисија за енергетика денеска треба да ја донесе новата одлука за цените на горивата, а според најавите се очекува значително намалување на малопродажните цени.
Премиерот Христијан Мицкоски викендов изјави дека, според владините пресметки, бензините би можеле да поевтинат за околу четири денари по литар, додека кај дизелот намалувањето би достигнало и до седум денари.
Тој посочи дека на пазарот на нафтени деривати се забележуваат знаци на стабилизација, поттикнати од најавите за можни мировни разговори меѓу САД и Иран. Според него, евентуален договор би придонел за смирување на економските текови и дополнително стабилизирање на цените на енергенсите.
Во моментов, цената на суровата нафта се движи околу 80 долари за барел, а очекувањата се дека во наредниот период би можело да следува натамошно намалување.
„Правевме сопствени калкулации. Иако има мало зголемување на вредноста на доларот, очекувам бензините да се намалат за околу четири денари по литар, а дизелот за околу седум денари. Сепак, конечната одлука ќе ја соопшти Регулаторната комисија“, изјави Мицкоски при посетата на општина Карпош, каде што беше поставен камен-темелник на нова детска градинка.
Бизнис
Сè поголем интерес кај компаниите за системот е-Фактура, УЈП одржа работилница во Кичево
Сè повеќе компании се информираат и активно се вклучуваат во проектот е-Фактура, соопшти Управата за јавни приходи по одржаната работилница во Кичево, организирана во соработка со Регионалната комора Кичево при Стопанската комора на Македонија.
На настанот, претставниците на деловната заедница имаа можност непосредно да се запознаат со функционалностите на системот е-Фактура, придобивките од неговата примена, процесот на тестирање и практичните аспекти на неговото користење.
Од УЈП посочуваат дека големиот интерес и активното учество на компаниите претставуваат значаен чекор во процесот на дигитализација на деловните процеси и унапредување на ефикасноста во работењето.
Воедно, Управата ги повика сите компании да се приклучат во тест-периодот на системот е-Фактура и преку свои предлози и повратни информации да придонесат за негово успешно имплементирање.
Системот е-Фактура е дел од напорите за модернизација на услугите и дигитална трансформација на работењето меѓу институциите и бизнис-заедницата.
-
Продуктипред 2 месециУНИПлус флексибилна програма за лојалност на УНИБанка. Kористиш бројни бенефити, а не мора да ја префрлаш платата!
-
Банкипред 2 месеци
Стопанска банка АД – Скопје со план за исплата на дивиденда од над 16 милиони евра
-
Бизниспред 2 месеци
Македонски Телеком предлага повисока дивиденда за 2025 година
-
Бизниспред 1 месецОд полноќ нови цени на горивата
-
Останатопред 1 месец
Почна исплатата на средствата од МојДДВ за првиот квартал од 2026 година
-
Банкипред 2 месециСилк Роуд Банка: Пензиите за април исплатени, достапни преку експозитурите, банкоматите како и електронското банкарство
-
Советипред 2 месеци
УЈП објави видео упатство за е-даночни услуги и потврда на ДЛД-ГДП пријавата
-
Банкипред 2 месециНова финансиска инјекција во НЛБ Леасе & Го Скопје


