Connect with us

Интервјуа

Разговор со Народната банка за активностите во сферата на финансиската едукација

Објавено

на

Финансиската едукација може да се дефинира како „процес со кој финансиските потрошувачи/инвеститори го подобруваат своето знаење во врска со финансиските производи  и преку информации, обука или објективни совети, се стекнуваат со вештини и самодоверба околу финансиските ризици и можности.

Финансиската едукација им овозможува да направат избор за кој имаат информации, им укажува каде да се обратат за помош, и да преземат други ефективни активности за подобрување на нивната финансиска благосостојба. На тој начин, финансиската едукација нуди повеќе од обезбедување финансиски информации и совети, коишто треба да се регулираат, како што е често случај, особено за заштита на финансиските клиенти.

На тема финансиска едукација разговаравме со претставници од Народната банка на Република Северна Македонија, од аспект на моменталната состојба од аспект на финансиска писменост на населението, деновите на финансиска писменост, едукативните текстови „Економија за секого“, националната стратегија за финансиска инклузија, Европскиот квиз на парите и планираните активности за годината што претстои.

Банкарство: Народната банка и другите финансиски регулатори веќе подолго време активно спроведуваат активности во сферата на финансиската едукација. Каква е состојбата со финансиската писменост во државата во моментов? На кои категории од населението треба да им се обрне посебно внимание?

Народна банка: Првото мерење на нивото на финансиската писменост во земјава, според стандардна методологија на ОЕЦД, иницирано од Народната банка, а во соработка со ЕФСЕ, направено е на почетокот на 2018 година. Тоа покажа дека нивото на финансиска писменост во нашата земја е споредливо со земјите од регионот, но сепак дека на овој план има простор за подобрување преку натамошна финансиска едукација. Затоа ние постојано сме им посветени на активностите во оваа сфера, и тоа со внимание за сите возрасти. Потребно е да се овозможи секој поединец да ги ползува можностите во финансискиот систем, но во исто време да се засилат механизмите за заштита на потрошувачите на финансиски услуги и да се обезбеди нивна соодветна информираност, со што тие ќе бидат подготвени да носат издржани одлуки.

За повидливо да се подобри сликата за финансиска едукација на национално ниво и  тоа да биде проследено со промена во начинот на сфаќање на финансиите и економијата потребен е подолг временски период. Во Народната банка веќе работиме на изработка на Предлог национална стратегија за финансиска едукација и инклузија, со цел да се изгради еден сеопфатен пристап кон ова значајно прашање, да се забрза постигнувањето на позитивните резултати и да се покачи нивото на финансиска писменост. Потребно е да им се посвети внимание на сите категории кај населението, но за секоја категорија треба да се пристапи со засебна програма, бидејќи и не постои модел што ги опфаќа сите истовремено. Општо земено, анализите покажуваат дека поголемо внимание е потребно за младата популација, лицата со понизок доход и лицата со пониско образование. Потребна е непрекината работа, соработка помеѓу регулаторите на финансискиот систем и приватните финансиски институции, како и следење на трендовите, бидејќи ова е поле коешто постојано се менува и бара иновативен пристап.

Банкарство: Кон крајот на минатата година беше прикажано и првото анимирано видео од серијалот „Со Народната банка во светот на финансиите“. Како е замислен овој проект – кога да се очекуваат следните видеа и кои теми ќе бидат опфатени?

Народна банка: Сметавме дека визуелното претставување на дел од економските теми што ќе бидат обработени во серијалот од девет анимирани едукативни видеа претставува иновативен пристап на финансиска едукација на населението во нашата земја, особено погоден за популацијата која претпочита користење на дигиталните канали на информирање. Поконкретно, темите коишто ќе се обработуваат во видеата се актуелни и може да се рече дека го засегаат секој активен субјект во финансиските текови. Видеата се подготвуваат според концепт со кој се обидуваме во релативно кратко време да ги објасниме клучните елементи поврзани со конкретната тема и воедно, како што кажува и завршниот слоган на видеата, да им укажеме на сите како „да бидат мудри со парите“. Овој проект, којшто се остварува во соработка со ЕФСЕ, ќе продолжи и во текот на оваа година, при што ќе бидат обработени повеќе тематски области: платежни инструменти, начини на плаќање, лични финансии, кредитирање и други значајни финансиски прашања.

Банкарство: Активно работите и на серијалот едукативни текстови „Економија за секого“. Досега објавените текстови наидоа на добар прием кај голем дел од граѓаните. Во која насока ќе продолжи објавувањето на овој серијал оваа година?

Народна банка: Драго ни е што серијалот е добро прифатен од граѓаните и што ја остварува целта којашто ја имавме уште кога започнавме со неговата подготовка – преку текстовите не само што го доближуваме нашето работење до јавноста, туку и придонесуваме за подобро разбирање на повеќе економски прашања коишто имаат одраз врз секојдневното живеење, а се директно или индиректно поврзани со централнобанкарското работење. Потврда за тоа ни е што веднаш по објавите на едукативните текстови на нашите официјални страници, како и во дел од медиумите, до нас пристигнуваат и бројни прашања од граѓаните на конкретните теми. Се трудиме што побрзо и подетално да одговориме на прашањата со што придонесуваме за што подобра запознаеност со конкретната тематика од сферата на економијата. Настојуваме преку нашите комуникациски канали постојано да бидеме достапни за непосредна комуникација со секој граѓанин, токму за да одговориме на секое прашање и на секоја дилема, надевајќи се дека така ќе придонесеме за подобра информираност којашто потем ќе значи и поголема финансиска едуцираност на поединецот.

И во следниот период ќе продолжиме со овој серијал текстови. И натаму, акцентот ќе биде ставен на теми коишто ќе им бидат од корист на граѓаните, како во однос на поддршка на нивната вклученост во финансиските текови, така и во однос на нивна заштита од прекумерна изложеност на ризици. Финансиски едуцирано население е и дополнителна гаранција и за развојот на економијата и за финансиската стабилност. Со ваквиот концепт на серијалот го следиме примерот на повеќе европски централни банки, вклучително и ЕЦБ.

Банкарство: Минатата година бевте домаќини на состанок на Регионалната работна група за финансиска едукација на Југоисточна Европа. Што се заклучоците? 

Народна банка:Како централна банка, ние бевме еден од иницијаторите за формирање на оваа Регионална работна група за финансиска едукација, што е потврда за нашето вложување и поттикнување заеднички активности и во меѓународни рамки. Минатата година, кај нас, кон крајот на септември, се одржа петтиот состанок на Работната група. На состанокот се разговараше за досегашниот напредок на полето на финансиската писменост и на финансиската инклузија во регионот, како и за натамошното засилување на активностите во оваа сфера заради постигнување подобри резултати на регионално ниво.

Од особена важност е што кај финансиските регулатори постои желба и подготвеност за координирано спроведување на голем дел од натамошните активности не само на национално, туку и на регионално ниво.

Банкарство: Најавивте дека се работи на првата Национална стратегија за финансиска едукација и финансиска инклузија. Како ќе биде структурирана Стратегијата и на што ќе биде ставено акцент во неа? 

Народна банка: Во Стратегијата ќе биде вградено сето искуство стекнато изминатите години, препораките на релевантните меѓународни институции и најдобрите практики во оваа област. Притоа, акцент ќе биде ставен на сите сегменти од сферата на финансиите за коишто резултатите од досегашните анкетни истражувања и анализи упатуваат дека е потребно повисоко ниво на финансиска писменост кај нас. Посебно внимание ќе им се посвети на активностите во однос на заштитата на потрошувачите во одделните финансиски сегменти, којашто исто така е во прилог на поголема финансиска инклузија во иднина. Познавањето на правата, информираноста и обезбедувањето соодветна заштита на потрошувачите е клучна за поголемо користење на придобивките од финансиските услуги.

Во рамките на Стратегијата се планираа да бидат опфатени активности за различни целни групи, при што ќе им се посвети внимание на сите старосни групи од населението, а особено е значајно што ќе се утврдат и нови активности насочени кон корпоративниот сектор, на којшто досега не му е посветено толку големо внимание преку активностите за финансиска едукација.

Во осмислувањето и потоа, во спроведувањето на оваа Стратегија се надеваме на соработка и поддршка не само од регулаторите на финансискиот систем, туку и од сите негови чинители – така ќе можеме подобро и побрзо да го оствариме зацртаното, како на полето на финансиската едукација, така и на полето на финансиската инклузија. Планираме разгледување на Предлог-стратегијата во текот на оваа година, по што би се усвоила.

Банкарство: Поддршката и поттикнувањето на финансиската инклузија којашто еве, ќе биде опфатена и со Стратегијата, во вашата агенда е од минатата година. Зошто се одлучивте на таков чекор? Што очекувате да биде постигнато во овој сегмент?

Народна банка: Да, поддршката за што поголема финансиска инклузија ја вбројуваме во редот на нашите активности во 2019 година, кога го формализиравме тоа и преку новиот меморандум за соработка во оваа сфера, склучен меѓу сите регулатори на финансискиот систем. Врската меѓу инклузијата и финансиската едукација, како што во повеќе наврати имаме истакнато, е повеќе од очигледна – финансиски едуцираното население има повеќе сознанија за предностите од користењето различни финансиски услуги, што во крајна линија обезбедува поголема вклученост на населението во финансиските текови.

Меѓународните показатели за мерење на степенот на финансиска инклузија (индексот на Светската банка за 2017 година), коишто веќе и ние ги имаме коментирано, упатуваат на потребата за вложување натамошни напори за зголемување на финансиската вклученост на нашето население. Иако околу 77% од возрасното население располагаат со трансакциска сметка, што е сосема споредливо со просекот за Европа и Централна Азија (ЕЦА) од околу 82%, сепак повеќе други показатели укажуваа дека е соодветно да се преземат повеќе активности за поттикнување на финансиската инклузивност. Поконкретно, 17% од населението поседуваат кредитни, додека само 53% поседуваат дебитни картички, наспроти просекот од  ЕЦА од 35% и 71%, соодветно; 37% од населението ги користат картичките за купопродажни трансакции, наспроти просек во ЕЦА од 63%.

Се надеваме дека со спроведување на сето она што ќе се предвиди во Стратегијата, понатаму, овие показатели ќе бидат многу подобри што би довело до бројни придобивки и за населението, и за економијата во целина.

Банкарство: Во изминатиот период посветивте зголемено внимание на возрасното население. Но во исто време продолживте и со активностите посветени на најмладите. Каков е потенцијалот на помладите генерации за активно вклучување во финансиските текови?

Народна банка: Потенцијалот е голем. Тоа можеме да го согледаме и преку секојдневните средби со ученици при специјализираните посети за финансиска едукација во Народната банка. Многу померливо тоа го покажуваат и резултатите од тестирањата и од националното натпреварување кај нас, во рамки на Европскиот квиз на парите, каде што за рангот одлучуваше не само знаењето, туку и брзината во давање на одговорите.

Но, за да биде остварен тој потенцијал, преку нивна натамошна активна вклученост  во финансиските текови, во рамките на максимумот на нивните капацитети, ќе треба уште многу да се вложува во најмладите, како преку активностите за финансиско едуцирање, така и преку севкупниот образовен систем. Впрочем, како што ние во повеќе наврати имаме укажано, за натамошен долгорочен економски раст мошне важно е да се вложува и во човечкиот капитал, особено во образованието.

Банкарство: Минатата година активно бевте вклучени во организацијата на учеството на нашата земја на Европскиот квиз на парите, којшто го споменувате. Оваа активност се одвиваше под координација на Македонската банкарска асоцијација. Нашите претставници беа вицешампиони. Колку овие резултати се показател за интересот на младите за стекнување повисока финансиска писменост?

Народна банка: Според податоците, националното натпреварување во рамки на Европскиот квиз на парите е еден од најмасовните, а можеби и најмасовен настан од натпреварувачко-едукативен карактер наменет за ученици, организиран во нашата земја изминативе неколку години. Поконкретно, на националниот натпревар имаше околу 300 учесници, откако претходно ја поминаа селекцијата од околу 3000 ученици, којашто се спроведе преку интерни тестирања во училиштата во земјава. Имајќи го предвид ова, нема дилема дека резултатите се показател за голем интерес на младите кај нас за стекнување повисока финансиска писменост. Постигнатото второ место во Европа дополнително укажува дека покрај интерес, постои и потенцијал кај младите за натамошна активна вклученост во финансиските текови.

И оваа година ќе го дадеме нашиот придонес за организација на учеството на нашата земја на Европскиот квиз на парите. Очекуваме дека интересот на учениците ќе биде уште поголем, што ќе бара уште поголеми вложувања од сите вклучени во организацијата. Ние од Народната банка сме подготвени да го дадеме нашиот максимум, во согласност со нашите надлежности.

Банкарство: Пред повеќе од една година ја пуштивте во употреба и првата мобилна и компјутерска видеоигра за едукација во делот на штедењето и финансиската писменост. Ја играат ли младите, што можат да научат од неа?

Народна банка: Едукативната игра „Заработете и заштедете“ е наменета за младата популација. Преку неа, младите имаат можност да се забавуваат и да научат повеќе за вредноста на парите и за тоа дека со труд и работа се заработуваат пари. Во играта постојат повеќе опции за инвестирање и трошење на заработените пари, како што се: повлекување готовина од банкомат, орочување и повлекување орочени средства од штедна сметка во банка, можност за плаќање со готовина и платежна картичка. Главната поука од играта е младите луѓе да научат добро да управуваат со своите пари во иднина, при што главен акцент се става на штедењето.

Годинава, во рамки на посетите на Народната банка, учениците ќе можат да ја играат играта и во вид на натпревар, при што за оние со најдобар финансиски резултат во моментот на завршување на играта, ќе следуваат интересни награди. Ќе се обидеме преку игра и забава, на интересен начин да спроведеме и финансиска едукација.

Банкарство: Постоеше ли интерес кај граѓаните за отворените денови за финансиска писменост коишто во тој формат за првпат ги организиравте минатата година? Да очекуваме ли вакви настани и годинава?

Народна банка: Минатата година, Деновите на финансиската писменост беа организирани како отворени денови за сите заинтересирани граѓани, за кои беа подготвени презентации од доменот на нашето работење. Постоеше голем интерес и тоа нѐ мотивира вакви настани да организираме и оваа година. Се надеваме дека тој концепт, надграден со нови содржини, повторно ќе го поддржат и другите финансиски регулатори и приватните финансиски институции.

Интервјуа

Очекувања на менаџментот на Охридска банка АД Скопје за случувањата во банкарскиот сектор во 2020 година

Објавено

на

На почетокот на тековната 2020 година, се обраќаме до банките во Република Македонија со цел објавување на очекувањата на водечките банкари во нашата земја од аспект на предизвиците со кои ќе се соочат Банките во периодот што следи. (more…)

Продолжи со читање

Интервјуа

Очекувања на менаџментот на Халкбанк АД Скопје за случувањата во банкарскиот сектор во 2020 година

Објавено

на

На почетокот на тековната 2020 година, се обраќаме до банките во Република Македонија со цел објавување на очекувањата на водечките банкари во нашата земја од аспект на предизвиците со кои ќе се соочат Банките во периодот што следи. (more…)

Продолжи со читање

Интервјуа

Очекувања на менаџментот на Капитал Банка АД Скопје за случувањата во банкарскиот сектор во 2020 година

Објавено

на

На почетокот на тековната 2020 година, се обраќаме до банките во Република Македонија со цел објавување на очекувањата на водечките банкари во нашата земја од аспект на предизвиците со кои ќе се соочат Банките во периодот што следи. (more…)

Продолжи со читање

Популарно