Connect with us

Интервјуа

Очекувања на менаџментот на ТТК БАНКА АД СКОПЈЕ за случувањата во банкарскиот сектор во 2021 година

Објавено

на

На почетокот на тековната 2021 година, се обраќаме до банките во Република С.Македонија со цел објавување на очекувањата на водечките банкари во нашата земја од аспект на предизвиците со кои ќе се соочат Банките во периодот што следи.

За таа цел во целост ги пренесуваме ставовите и очекувањата на Проф. Д-р. Драгољуб Арсовски, Претседател на Управен одбор на ТТК банка АД Скопје.

Банкарство: Дали може да направите кратка ретроспектива на изминатата 2020 година? Дали годината беше успешна за Вас и Вашата институција и кои поуки ги извлековте од изминатата 2020 година?

Проф. Д-р. Драгољуб Арсовски: Kратко кажано – неочекувано, чудно, предизвикувачки и нѐ научи на нов пристап на гледање на работите во професионалниот и приватниот живот. 

Годината ја поминавме и сѐ уште сме во позиција на секојдневна, постојана и интензивна мобилност. На почетокот на пандемијата најзначајно беше да се организираме во мобилна екипа составена од професионалци кои се обучени да работат и во услови на стрес. Тоа брзо се покажа многу позитивно и влијаеше на тоа организациски да не се ни осети функционирањето на системот. Потоа, како што одминуваше времето и новата состојба стануваше реалност, полека полека, целиот колектив почна да функционира „по старо“ и позитивните резултати на крај беа очекувани.

Работењето во услови на пандемија само го зајакна нашиот капацитет за флексибилност, брза реакција и адаптација. Ги следевме препораките за ограничување на личните контакти и промптно реагиравме на создавање безбедни услови за функционирање, како за нашите клиенти така и за нашите вработени, заменувајќи ги физичките процеси со квалитетни и безбедни електронски практики и со работа од далечина. Пандемијата ја засили пораката дека дигитализацијата не е опција туку таа е од суштинско значење за одржливост и издржливост во криза.

Преку ноќ се смени однесувањето и на клиентите, а со тоа и на нивните приоритети. Затоа, нашата енергија и креативната моќ ја насочивме во насока да понудиме нови производи што ќе парираат на новите приоритети. На почетокот го почувствувавме краткото запирање на пазарот и, со цел да овозможиме брз проток, реагиравме со намалување на каматните стапки на нашите производи и со промена на пристапот во поддршката на клиентите кои одеднаш не можеа или потенцијално нема да можат да продолжат со редовната отплата на заемите. 

Стабилната и солидна ликвидна позиција и високата капитализираност овозможија и во вакви специфични услови на работење да излеземе во пресрет на потребите на нашите клиенти, преку понудата на поповолни услови при реструктурирање на кредитите, вклучително и преку можноста за одложување на нивната наплата за определен временски период.

Способноста да продолжиме да функционираме ефикасно и во новите предизвици ја препознаваме како дополнителна вредност и потенцијал на ТТК Банка.

Нашите активности беа и остануваат посветени на долгорочната цел за елиминирање или, во најмала мера, ублажување на сите видови ризици од материјален, финансиски и човечки карактер. 

На крај, како што кажав, позитивните резултати стасаа: билансната сума на Банката е стабилна и идентична како минатата година, а структурално во неа, депозитната база е со голема стабилност и со благ раст на депозитите на физичките лица од 2,50%, што укажува на изградената долгогодишна доверба на клиентите кон Банката. Од друга страна, имаме раст на бруто-кредитите од 4,80% во кои кредитите насочени кон физички лица се со раст од 13,70%. Притоа просечната стапка на резервираност изнесува 1,35%, а учеството на нефункционалните во вкупните кредити, како илустрација за доброто управување со кредитниот ризик е 0,90% и претставува историски минимум за Банката. Банката, како и годините пред тоа, повторно забележа бруто-позитивен финансиски резултат од над 100 милиони денари. Тоа што охрабрува е што нето-оперативен приход е со исклучително зајакнат квалитет, како резултат најмногу на ефектите од редовните приходи на Банката и е повисок од предвидениот во ревидираниот финансиски план на почетокот на здравствената криза во март 2020 година. Овој успех ја потврдува одржливоста на деловниот модел и успешното управување на Банката со сите нејзини деловни аспекти.

Банкарство: Какви се Вашите очекувања? Kои ќе бидат новите трендови во банкарскиот сектор во 2021 година во нашата земја и во регионот?

Проф. Д-р. Драгољуб Арсовски: Јас мислам дека 2021 година нема многу да се разликува од минатата година. 

Пандемијата сѐ уште ни е присутна во земјата. Имунизацијата на населението со вакцини е во голема неизвесност. 

Негативните макроекономски ефекти врз македонската економија се и понатаму присутни. Освен тоа, дополнително, оваа година е изборна година за локалната власт, а знаеме во услови на избори, сакале или не економијата дополнително се успорува. 

Овие првични согледувања, поткрепени со експертските извештаи на Владата, Народната Банка, ММФ, ЕЦБ и други невладини организации се основата за стратегиското поставување на нашиот банкарски систем  визави очекувањата, како и на ТТК Банка како дел од тој систем. 

Кризата ја поттикнува продуктивноста, го наметнува фокусот кон времето, кон активности коишто побрзо создаваат вредност и пристап кон перформанси кои носат поголеми придобивки. 

Треба да се очекува натамошно трансформирање на банкарската индустрија, не само оваа година туку долгорочно гледано во текот на следната деценија, водено пред сѐ од новите технологии. Пренасочувањето кон дигитализацијата ја рефлектира практичната потреба за поефикасно работење и поголема достапност. 

Ние како Банка, уште од пред неколку години, во нашата стратегија за развојот на модерното банкарство, започнавме со процесот на градење и обезбедување модерна, квалитетна и навремена комуникација, а во актуелните услови само ги забрзавме тие процеси и безбедно и ефикасно излеговме пресрет на финансиските потреби на корисниците и овозможуваме континуирана и квалитетна банкарска услуга преку дигиталните канали со низа поволности.

Разбирам дека за помладите генерации, кои растат во дигитално општество и ги практикуваат дигиталните алатки, овие канали на дистрибуција што ги нуди ТТК Банка се подостапни во споредба со повозрасните клиенти, но дигиталната и финансиската писменост, притисната од околностите во кои се наоѓаме, сѐ повеќе ќе се зголемува, па оттука и користењето на овие поволности.

Ова, се разбира, е обратно пропорционално со практикувањето на класичните начини на дистрибуција на банкарски производи, па очекуваме или можеме да кажеме дека не е далеку времето кога во Банка ќе се оди само кога е тоа неопходно и дека комитентите ќе можат да ја завршат секоја услуга од далечина и без гужва на шалтерите.

Во втората половина на 2021 година очекуваме да попушти пандемијата и светот да се отвори кон социјалната интеракција и работите да одат во ист правец, но малку полежерно и поопуштено. Доколку ова се случи повторно, ќе биде потребно свртување во пристапот за да може да се ослободи и повеќе да дојде до израз индивидуалниот пристап, каде што поединците ќе можат повеќе да се истакнат во рамките на тимската активност и на тој начин уште повеќе да ја зајакнуваат позицијата на банките како конкурентни организации.

Банкарство: Што можеме да очекуваме од ТТК Банка АД Скопје во 2021 година?

Проф. Д-р. Драгољуб Арсовски: Имајќи го предвид претходниов одговор, за да не се повторувам, само ќе кажам дека ТТК Банка во 2021 година продолжува да делува проактивно, фокусирајќи се кон стабилно и профитабилно оперативно работење врз основа на реални и предвидливи очекувања. 

Во нашата деловна политика и планови предвидуваме постепено забрзување на кредитната активност, во согласност со севкупното закрепнување на економската активност и зголемената побарувачка за кредити. 

Нашата цел е да ја одржуваме и унапредуваме конкурентноста на понудата на нашите производи и услуги, преку континуирано приспособување и подобрување на условите на производите, во согласност со потребите на корисниците и пазарните услови. Дигиталната индустрија останува област каде што, покрај континуираното иновирање и развојот на дигиталното банкарство како и подобрувањето на квалитетот на услугата на корисниците, предвидуваме пласман и на нови производи.

И оваа година, преку постојан мониторинг и зајакнат пристап, ќе настојуваме  да ја одржиме сегашната ниска стапка на ненаплатливи кредити во нашето кредитно портфолио. Мојот менаџмент тим знае и е посветен на навремено и ефикасно дејствување, на подобра наплата како резултат на очекуваната стабилизација на економските процеси, на прифаќање на ризикот и реструктурирање на кредитните портфолија за кои анализите покажуваат перспектива на деловниот потфат во блиска иднина и на продажба на ненаплатливите кредити итн.

Користејќи транспарентни и етички операции, Банката ќе продолжи да ги промовира и да ги спроведува своите вредности: доверба, традиција, ентузијазам, искуство и знаење, тимски дух и професионализам и доследно да ги реализира целите зацртани во нејзините стратешки и редовни документи како и да создава вредности за нејзините клиенти, вработени и акционери.

Интервјуа

ИНТЕРВЈУ Фатмир Бесими: Корона-кризата завршува дури и според песимистичкото сценарио

Објавено

на

Согласно основното сценарио очекуваме раст на економијата од 4,1% за годинава. Секако, постојат и ризици. Тие главно се поврзани со здравствената криза, односно пролонгирањето на пандемијата од коронавирусот. Тоа би резултирало со ограничувачки мерки, реперкусии врз глобалните синџири на снабдување и надворешната побарувачка, влошени очекувања на деловните субјекти и домаќинствата, намален прилив на инвестиции и парични дознаки од странство. Во услови на материјализација на ризиците поврзани со меѓународното окружување, односно преполовување на растот на надворешната побарувачка, закрепнувањето на домашната економија ќе биде значајно забавено, но сепак годината би ја завршиле со позитивна стапка на економски раст. (more…)

Продолжи со читање

Интервјуа

Бајрами: Народната Банка е професионална институција, зад сите одлуки стои цел тим

Објавено

на

Народната банка во наредниот период ќе продолжи со олабавената монетарна политика, преку одржување соодветно, високо ниво на девизни резерви и задржување на стабилниот девизен курс на денарот. (more…)

Продолжи со читање

Интервјуа

Очекувања на НАРОДНА БАНКА за случувањата во банкарскиот сектор во 2021 година

Објавено

на

На почетокот на тековната 2021 година, се обративме до банките во Република С. Македонија со цел објавување на нивните очекувања од аспект на предизвиците за банките во периодот што следи. (more…)

Продолжи со читање



Популарно