Connect with us

Интервјуа

Интервју ТОНИ ТРАЈАНОВ, МКБ: Располагаме со најголема, најбрза и најточна база на податоци за обврските на сите физички и правни лица во земјата

Објавено

на

МКБ е првото и единствено кредитно биро во Македонија кое делува со цел на корисниците да им овозможи безбедно и сигурно да чекорат низ процесот на деловното одлучување и унапредување на работењето. 

Кредитното биро управува со единствениот систем во Македонија кој врши собирање, обработување и размена на податоци за обврските на правните и физичките лица со цел да дава информации за задолженоста и редовноста во измирувањето на обврските.

Повеќе околу почетоците и досегашниот развој на кредитното биро, начинот на обезбедување на податоците кои се предмет на анализа, видовите на извештаи кои се достапни за генерирање преку МКБ, можноста за онлајн добивање на извештаи, идните планови на институцијата и други поврзани теми, разговаравме со м-р Тони Трајанов, Извршен член на Одборот на директори и Главен извршен директор на МКБ.

Банкарство: Станува збор за првото приватно кредитно биро во Македонија. Како е основано МКБ, на кој начин е регулирано работењето и кажете ни нешто повеќе околу начинот на обезбедување на податоците  за клиентите? 

Тони Трајанов: Потребата за постоење на Македонско кредитно биро ја иницираа банките  и со посебен Закон за кредитно биро е формирано првото и единствено кредитно биро во Македонија како акционерско друштво, а како основач се јавува Клириншката куќа (КИБС АД Скопје).

Согласно Законот, МКБ собира и обработува податоци за обврските на сите физички и правни лица во земјата, со цел да обезбеди извештаи за задолженоста и редовноста во исполнувањето на обврските на субјектите.

Како доставувачи на податоци во МКБ се јавуваат: сите банки, штедилници, финансиски друштва, лизинг компании, други даватели на кредити, осигурителни компании, Управа за јавни приходи, Градот Скопје и единици на локална самоуправа, енергетски, телекомуникациски и комунални дејности, други правни лица, физички лица кои не се трговци и Фонд за пензиско и инвалидско осигурување на РСМ.

Поради обемноста на податоците, а со цел да се обезбеди квалитетност, точност и веродостојност во обработката на податоците, беше потребно да се изработи посебно софтверско решение, во чија изработка учествуваше тимот на МКБ, а посебно голем придонес даде тимот на Клириншката куќа (КИБС АД Скопје), со што се овозможи добивање на квалитетни извештаи за сите субјекти.

Околу начинот на обезбедување на податоци, сакам да напоменам дека сите Даватели на податоци согласно Оперативните правила и процедури за размена на податоци со МКБ ги доставуваат истите во идентичен формат преку безбедна криптирана врска.

Банкарство: Какви видови на извештаи може да се генерираат преку Македонско кредитно биро и дали постои можност физичко лицо самостојно да си провери податок за личните задолжувања и статусот на истите и на кој начин може да го направи тоа?   

Тони Трајанов: МКБ располага со повеќе видови извештаи, меѓу кои: Сопствен извештај за физички и правни лица; Извештај за блокада на трансакциска сметка за физички и правни лица; АСИС за физички и правни лица (алармен систем на известување на субјекти кој им овозможува на субјектите да примаат e-mail пораки за состојбата и промените во нивното кредитно досие); Кориснички извештаи (извештаи што Корисник на податоци може да ги побара за одреден субјект на податоци било да е физичко или правно лице,  за да му послужи за донесување брзи и економски оправдани деловни одлуки); Мониторинг (напредна алатка која овозможува редовно информирање за промените во статусот на клиентите – правни или физички лица кои се мониторираат); Меѓународни извештаи (извештаи со бонитетни информации за повеќе од 200 милиони компании од над 230 земји од целиот свет кои ги добива во соработка со Италијанското кредитно биро – CRIF S.P.A).

Користејќи ги искуствата од сопственото работење, како и искуствата од другите кредитни бироа, а во исто време анализирајќи ги барањата на клиентите, МКБ покрај постоечките производи и услуги во 2019 година го воведе новиот производ за правни лица, Корпоративниот извештај за проверка на бонитет на компаниите. Овој извештај ги содржи следните податоци, како што се: задолженост и редовност во исполнувањето на обврските, блокада на трансакциска сметка во реално време, тековни состојби на правни субјекти и годишни сметки на субјектите од последователни 3 години. Корпоративниот извештај нуди брз и лесен пристап до податоци за сегашните и потенцијални деловни партнери. Извештајот овозможува носење на брза и сигурна деловна одлука со намалување на ризикот во деловното одлучување. 

Кога станува збор за личната задолженост, било да е за физичко или правно лице, таа може да се провери преку Сопствениот извештај, кој претставува документ во писмена или електронска форма, преку кој може да се увиди дали и каде едно лице има обврски како и да се провери историјата на доцнења на секоја обврска поединечно во период од последни 24 месеци. Исто така извештајот содржи и податоци за блокада на трансакциска сметка во реално време кои укажуваат на тоа дали трансакциската сметка е блокирана или не. 

Во МКБ има точна процедура за начинот на добивање на извештаите согласно Законот за заштита на лични податоци. Според тоа, секое физичко и правно лице во МКБ може лично само за себе да повлече Сопствен и Извештај за блокада на трансакциска сметка. Доколку друго лице во туѓо име поднесува барање за извештај, треба да приложи полномошно заверено на нотар. На тој начин се спречува злоупотребата на податоци. Извештаите се добиваат онлајн преку МОЈ.МКБ порталот со отворање личен кориснички профил на следниот линк https://moj.mkb.mk/.

Банкарство: Услугата за проверка на блокада на трансакциска сметка во реално време им овозможува на корисниците во моментот да проверат одредена  компанија или физичко лице и да одлучат дали да склучат соработка. Кои беа причините поради кои ја имплементиравте оваа можност и како истата е прифатена  од страна на корисниците?

Тони Трајанов: Со последните измени и дополнувања на Законот за кредитно биро во 2018 година, на МКБ му се овозможи преку Единствениот регистар на трансакциски сметки пристап до податоци за блокада/деблокада на трансакциска сметка, како дополнување на извештаите за физички и правни лица. Со овој податок се овозможи во реално време, односно во истиот момент за било кое лице да се провери дали има блокада/и или не, а доколку има блокада/и, наведени се континуираните денови на блокада со детали за сите блокади и тоа: број на предмет за блокадата, во која банка е блокадата, број на сметка, износ на блокадата, основ на блокадата и датум и време кога е извршена блокадата. Овој податок е составен дел и во Сопствениот извештај, во Корисничките извештаи кои правните лица ги користат за проценка на кредитоспособност на субјектите и во Корпоративниот извештај за проверка на бонитет на компаниите.

Банкарство: Точноста и веродостојноста на податоците игра значајна улога во креирањето на довербата кај корисниците. Кој гарантира за точноста на податоците  и дали се случува некогаш сопствениците да реагираат на нелогичности во  извештајот кој го генерирате? Како постапувате во овие случаи? 

Тони Трајанов: Сите податоци од извештаите се регулирани со Законот за кредитно биро и сите Даватели на податоци се обврзани на редовна и веродостојна основа да ги доставуваат податоците, да гарантираат за точноста на истите и да вршат нивно корегирање и ажурирање. 

Субјектот на податоци доколку се сомнева во точноста на податок содржан во извештајот има право да поднесе барање за корекција на податокот, односно рекламација. Врз основа на таа рекламација, МКБ го контактира Давателот на податокот којшто врши проверка на истиот и доколку потврди дека е погрешен, доставува корегиран податок кој се внесува во базата на податоци на МКБ и се евидентира во соодветниот извештај на субјектот кој поднел рекламација. Согласно тоа, битно е да се напомене дека МКБ не врши никакви самоиницијативни промени во доставените податоци, туку врши само евидентирање и ажурирање на податоците доставени од страна на Давателите на податоци.

Банкарство: Колку често се ажурираат податоците кои се прикажуваат во извештаите од Македонско кредитно биро и дали постои јасно дефинирана  динамика на размена на информации помеѓу МКБ и институциите со кои  соработувате?  

Тони Трајанов: Во МКБ податоците се ажурираат во две временски динамики – на дневна основа и на месечна основа и тоа:

– на дневна основа се ажурираат обврските по основ на кредити, лизинг, гаранции и акредитиви; долгови по фактури постари од 60 дена кон телекомуникациските оператори, долгови кон наплатни агенции и долгови за данок на имот и фирмарини и

– на месечна основа се ажурираат обврските по основ на кредитни картички, трансакциски сметки, кумулативни долгови кон УЈП, ПИОМ, комуналните давачки, обврски за енергетиката, како и за долгови по фактури постари од 60 дена за должници кон приватни компании.

Банкарство: Кои институции се корисници на услугите на Македонско кредитно биро и на кој начин се одвива соработката со нив?   

Тони Трајанов: Корисници на услугите на МКБ може да бидат бидат сите физички и правни лица во земјата. Согласно Законот, точно е формулирано кој може да биде корисник и тоа: давателите на податоци кои имаат склучено договор со МКБ за доставување на податоци (сите банки, штедилници, финансиски друштва, лизинг компании, други даватели на кредити, осигурителни компании,  телекомуникациски оператори, физички лица кои не се трговци и правни лица кои влечат извештаи за проверка на бонитет на други правни лица); субјектите на податоци (сите физички и правни лица кои сакаат да ја проверат сопствената кредитна задолженост и статусот на трансакциска сметка) и Кредитни бироа или субјекти од други земји кои прибираат и обработуваат податоци за обврските и други податоци и изготвуваат извештаи за субјектите на податоци, со кои МКБ има склучено договор за размена на податоци.

Соработката со корисниците се одвива на тој начин што, извештаите за проверка на физички и правни лица се доставуваат преку веб сервис или веб апликација преку безбедна криптирана врска. Корисниците кои сакаат да проверуваат податоци за физички лица, потребно е претходно да имаат добиено согласност од лицето што се проверува.

Банкарство: Колкав временски период по затворањето на обврската по основ на кредитот истата останува достапна, односно се прикажува во извештајот? После колку време се брише одреден податок од извештајот за клиентот?  

Тони Трајанов: Во моментот кога во МКБ пристигнува податок дека некоја обврска е затворена, веднаш се евидентира во извештајот за субјектот како затворена обврска, а се брише целосно од извештајот по истекот на пет години од моментот на пријавување на податокот за затварање, согласно Законот.

Банкарство: Дигитализацијата е се повеќе присутна во секојдневието. Постои ли можност клиентите онлајн да пристапат до вашите услуги и на кој начин функционира електронскиот портал на МКБ?    

Тони Трајанов: МКБ е во постојан чекор со најновите технолошки промени и актуелности на пазарот. Со цел да ги пресретнеме барањата и потребите на клиентите, целосно го дигитализиравме пристапот кон нашите извештаи и овозможивме на брз, едноставен и практичен начин да се добијат истите. Клиентите ги нарачуваат и добиваат извештаите на посебен дел од страната: https://moj.mkb.mk/, кој е со сертифициран заштитен пристап што ја гарантира безбедноста при размена на личните податоци. На тој портал се креира кориснички профил преку кој се нарачува извештајот, се избира начинот на плаќање и по плаќањето, извештајот се добива на профилот. Исто така, нашиот тим е постојано ангажиран во грижата на корисници, за да им помогнеме со сите нејаснотии и потешкотии со кои се соочуваат. 

Нашата веб страна е комплетно редизајнирана, со нова структура на содржините, пократки и појасни информации за извештаите со конкретни примероци и користењето на истата е значајно олеснето. Страната е на македонски, албански и англиски јазик, со што се овозможува поголема достапност на информациите и услугите до различни групи и етнкуми. Страната се ажурира континуирано, пришто се користат модерни техники и алатки за понатамошни подобрувања. 

Особено сакам да нагласам дека МКБ води посебна грижа за маркетингот, има целосна маркетиншка застапеност на сите социјални мрежи и будно ги следи сите новини во дигиталниот маркетинг како најактуелен и најсовремен начин на рекламирање. Исто така, се користат и стандардните маркетинг канали, како веб кампањи со поставување на реклами на разни портали, радио кампањи и телевизиски кампањи.

Банкарство: Ексклузивно за Банкарство.мк откријте ни нешто повеќе околу идните развојни планови на Македонското кредитно биро? 

Тони Трајанов: Развојните планови на МКБ се насочени кон подобрување и унапредување на работењето, подобрување на маркетинг стратегијата и доближување до потребите на клиентите. Еден од проектите за наредниот период е воведување на Кредитен скоринг и Кредитен рејтинг на сите физички и правни лица од Интернационално признаена институција, кои ќе бидат составен дел од извештаите, согласно препораките од Светска банка.

Како еден од покрупните проекти кој се планира да се воведе е сегментирање на базата на податоци, особено во делот кај проверките на правни лица, со цел поедноставно да се добијат податоците и со помал трошок за корисниците.

Брзиот и модерен начин на живот подразбира и потреба од брз и едноставен пристап до производи и услуги, поради што еден од следните проекти на МКБ е воведување на мобилна апликација за користење на извештаите со современ систем за автоматизирана автентикација, со што ќе се олесни и забрза пристапот кон целокупниот асортиман на услуги.

Нашата цел и мисија е да се зголеми нивото на финансиска свесност и дисциплина во македонскиот корпоративен свет на тој начин што сите правни лица кои се корисници на податоци во МКБ на континуирана основа ќе доставуваат податоци за нивните должници во нашата база на податоци. На тој начин ќе се збогати базата со дополнителни податоци со што ќе се подобрат услугите, а на корисниците ќе им се овозможи пасивна наплата. Исто така, целта ни е да помогнеме во подигнување на нивото на финансиска едукација на граѓаните и компаниите да ја увидат корисноста и бенефитот во благовремената информираност за сопствените обврски и статус на сметка, за да не дојде до презадолжување и оптеретување во нивниот финансиски живот.

МКБ како членка на МБА, во заедничка соработка со банките се стреми да се унапреди работењето и да се зголеми транспарентноста и достапноста на информациите во извештаите. 

За крај би додал дека Бирото цели кон поврзување со другите кредитни бироа и сродни институции од целиот свет, за да обезбеди влез во друштвото на кредитни бироа на европско и светско ниво, со што ќе се овозможи размена и примена на меѓусебните искуства и практики, се со цел да овозможи подобрување и унапредување на своето работење.

Интервјуа

Очекувања на менаџментот на ОХРИДСКА БАНКА АД СКОПЈЕ за случувањата во банкарскиот сектор во 2021 година

Објавено

на

На почетокот на тековната 2021 година, се обраќаме до банките во Република С.Македонија со цел објавување на очекувањата на водечките банкари во нашата земја од аспект на предизвиците со кои ќе се соочат Банките во периодот што следи. (more…)

Продолжи со читање

Интервјуа

Очекувања на Стопанска банка а.д. Битола за случувањата во банкарскиот сектор во 2021 година

Објавено

на

На почетокот на тековната 2021 година, се обраќаме до банките во Република С.Македонија со цел објавување на очекувањата на водечките банкари во нашата земја од аспект на предизвиците со кои ќе се соочат Банките во периодот што следи. (more…)

Продолжи со читање

Интервјуа

ИНТЕРВЈУ Славчо Таушанов: Халк Осигурување успешно чекори кон целта да биде една од најголемите и најуспешни осигурителни компании на домашниот пазар

Објавено

на

Пандемијата  со Ковид-19 ги измени навиките на луѓето и силно удри врз економијата, оставајќи големи последици по многу стопански гранки. За последиците од кризата по осигурителниот сектор, за тоа што во годинава што изминува беше приоритет за граѓаните и компаниите, како и за постигнатите резултати, зборуваме со Славчо Таушанов, извршен директор во Халк Осигурување, компанија која од минатата година е дел од Групацијата Халкбанк. (more…)

Продолжи со читање

Популарно