Connect with us

Интервјуа

Интервју СЛАВЧО ТАУШАНОВ: Вработените се основа на квалитетната услуга која ја нуди Халк Осигурување

Објавено

на

Халк Осигурување АД Скопје претставува компанија за неживотно осигурување која е присутна на македонскиот пазар од 2007 година. Во 2019 година, компанијата по преземањето на сопственоста од Халкбанк АД Скопје се ребрендираше во Халк Осигурување и одтогаш се позабележливо е нејзиното присуство на осигурителниот пазар во земјава. 

За ребрендирањето, соработката со Халкбанк во делот банкоосигурување и идните планови на оваа осигурителна компанија, разговаравме со Славчо Таушанов, извршен директор во Халк Осигурување.

Банкарство: Изминатата година Халк Осигурување се ребрендираше и мошне добро се позиционираше на пазарот на осигурување. Кажете ни нешто повеќе околу растот кој го оствари компанијата во изминатата 2019 година?

Славчо Таушанов: За нас оваа година беше посебна од многу аспекти. Пред се како компанија имавме, би рекол среќна ѕвезда и во почетокот на 2019 година станавме дел од групацијата ХАЛК. Тоа ни даде поттик и енергија заедно со поддршката од нашиот акционер, да ја пренесеме позитивната репутација и во пазарот на не-животно осигурување и да започнеме со зголемување на нашиот пазарен удел, независно од доцниот почеток поради ребрендирањето кое официјално се одвиваше некаде до почетокот на месец април. Успеавме во преостанатите 8 месеци од 2019 година да направиме вкупен пораст на бруто полисираната премија поголем од 50% споредено со минатата година, а она што особено нè прави горди е што уште во првата година успеавме драстично да го подобриме учеството на доброволни осигурувања во нашето портфолио. Во една година надминавме повеќе граници, кои во минатото за компанијата биле незамисливи, го зголемивме пазарното учество, го подобривме ранкингот на листата компании кои работат во не-животно осигурување, исплативме значително поголем број штети од бројот на пријавени, воведовме нови класи, нови продукти, нови услуги и го почнавме процесот на дигитализација.

Банкарство: Една од причините поради кои Нова Осигурување беше аквизирана од Халкбанк АД Скопје и се ребрендираше во Халк Осигурување беше поради лошото работење на компанијата во изминатиот период. Што е тоа што се смени за Халк Осигурување за мошне краток период да застане на здрави нозе и да започне да го освојува пазарот на не-животно осигурување?

Славчо Таушанов: Како што споменав и на почетокот, прво и најбитно е преземање на компанијата од силен и стабилен бренд и секако неопходната финансиска инјекција за стабилизација на компанијата. Работењето на компанијата во минатото генерирало загуби и тие загуби мораше да бидат покриени. Со самото ребрендирање на Друштвото, веднаш пристапивме кон длабински анализи на дотогашното работење на Друштвото, со цел утврдување најсоодветен начин за воспоставување односно поврат на доверба кај осигурениците и нашите соработници. Започнавме со исплата на сите заостанати оштетени побарувања, што за нас беше поставување темел врз кој сакавме да почнеме да градиме успешна приказна. Потоа преминавме со имплементација на моделот на работа на Халк Сигорта во Турција, која успешно работи повеќе од 60 години на пазарот во Турција, нормално со соодветните неопходни адаптации согласно приликите на македонскиот пазар на осигурување.  Формиравме млад тим, надополнет со искусни професионалци и створивме одлична синергија и работна атмосфера уште на почетокот. Тоа ни даде елан лесно да ги остваруваме зацртаните таргети и покрај тоа што работевме паралелно на повеќе полиња, од ребрендирање, развој на нови продукти, лиценцирање за нови класи на осигурување, ширење на продажна мрежа и зголемување на соработка со надворешни соработници, па се до настап пред членките од повеќе стопански комори и интензивни средби со постоечки и секако со потенцијално нови клиенти.    

Банкарство: Современиот начин на функционирање, каде се повеќе клиентите бараат дигитални решенија, неминовно наложува подобрување на ИТ инфраструктурата на компанијата. Колку со промената на сопственоста на Халк Осигурување се инвестираше во ИТ инфраструктурата и какви се вашите планови за наредниот период?

Славчо Таушанов: Како што тоа веќе го покажа Халкбанк, која е неприкосновен лидер на пазарот во Македонија кога се зборува за технологија, дигитални решенија и иновации, стратешка цел на нашата групација е сериозен пристап кон развојот на дигитални решенија. Уште во првата година се направија неколку сериозни инвестиции за надградба на серверската и мрежната инфраструктура со најнова и најнапредна технологија, паралелно со употреба на соодветни мерки за нејзина заштита. Со засилено темпо продолжуваме и во наредниот период, со што нескромно ќе кажам дека очекуваме на крај од 2020 година да бидеме компанија со најдобра ИКТ инфраструктура во осигурителната индустрија.

Банкарство: Освен вложувањето во ИТ инфраструктура, неопходно е да се вложува и во вработените. Какви чекори презема Халк Осигурување кога е во прашање кадарот од аспект на едукација на постоечките вработени и аквизиција на нови вработени кои се докажани професионалци од областа на осигурување?

Славчо Таушанов: Осигурувањето е услужна дејност и за нас вработените се наша стратешка предност. Ние немаме производ кој осигурениците/корисниците можат да го погледнат и со сигурност да знаат дали е добар, дали им се допаѓа и истиот момент да одлучат дека им треба. Немаме ниту машини кои произведуваат производи, за нас вработените се и производствената сила. Основата на нашата дејност е обезбедување адекватно покритие на потенцијални ризици од кои клиентите сакаат да се заштитат, или едноставно кажано на некој начин нудиме доверба и сигурност за осигурениците. Довербата не се добива преку ноќ, таа може само да се стекне, а што е уште побитно таа се задржува само доколку имате квалитетна услуга. Токму основата на квалитетната услуга се нашите вработени. За таа цел уште од самиот старт го надополнивме кадарот со професионалци од областа на осигурувањето но истовремено дадовме можност и за млади лица со помало искуство, но со голема желба за учење и позитивна енергија, па како што споменав и погоре сплотени успеавме да направиме позитивен дух и таа енергија да ја пренесеме на потенцијалните клиенти кај кои стекнавме доверба. Секако, добар дел од кадарот остана од претходно, односно сите оние кои со својата работа покажаа заслуга да останат и да бидат дел од Халк Осигурување.  

Водењето бизнис претставува предизвик низ целиот свет и јас и останатите членови во одборот на директори лично ја почитуваме тезата дека вработените се еден од најзначајните столбови на една компанија и колку подобро се грижиш за нив, уште подобро тие ќе се грижат за клиентите. Од таа причина вработените во Халк Осигурување имаат одлични услови како за работа, така и за редовна едукација и секако можност за кариерен напредок.

Банкарство: Банко-осигурувањето во последно време како соработка помеѓу банките и осигурителните компании зема се повеќе замав. Во вашиот случај природно е да имате добра деловна соработка со Халкбанк, која всушност е сопственик на Халк Осигурување. Кога започна соработката со Халкбанк и на кои сегменти на осигурување се однесува?

Славчо Таушанов: Во право сте, банко-осигурувањето во земјата се повеќе се развива и веќе почнува да зазема солидно учество на пазарот на осигурување. Во наредните неколку години очекувам овие бројки со зголемен интензитет да растат имајќи го предвид потенцијалот на банките за пласман на банко-осигурување. 

Соработката помеѓу Халк Осигурување и Халкбанк нормално е природна и уште на почеток можам да кажам дека е воспоставена деловна соработка на високо ниво. Поради определени ограничувања кои ги имавме во почетокот на 2019 година, нашата директна соработка во продажба на осигурување преку застапниците од банката почна со мало задоцнување, некаде во четвртиот квартал на 2019 година и за така кратко време би рекол дека успеавме да направиме резултат за почит. Нормално, секој почеток е тежок и носи со себе свои предизвици во синхронизацијата помеѓу тимовите со цел да се доведеме до степен на максимална ефикасност, но работиме со заедничка цел и визија и убеден сум дека многу брзо ќе постигнеме завидно ниво. 

Во однос на сегментите во кои имаме соработка, не би можел посебно да одредам определена класа  осигурување на која имаме дадено приоритет, но ако е потребно да се направи одредена поделба тогаш најпрецизна констатација би била дека банко-осигурувањето значителен удел има во доброволните осигурувања. Генерално преку застапниците во банката, клиентите имаат можност да ги добијат сите наши продукти за осигурување. 

Банкарство: За компанијата и нејзините осигурителни продукти да бидат атрактивни на пазарот на осигурување, потребно е да се зголеми портфолиото со кое располага компанијата. Што направи Халк Осигурување во поглед на обезбедување лиценци за нови класи на осигурување? Дали размислувате во иднина да навлезете и во пазарот на животно осигурување?

Славчо Таушанов: Значајна енергија оваа година вложивме во добивање лиценца за работа во класите осигурување за кои компанијата немаше дозвола за работа. За нас беше од исклучителна важност можноста на клиентите да им обезбедиме целосна услуга кога се работи за не-животно осигурување. Во минатото поради овој недостаток, често се случувало одреден клиент да сме приморани да го пренасочиме кон некој од конкурентите, на тој начин губејќи ја тешко стекнатата доверба на осигурениците. Со новите класи дополнително се отворија можности за дисперзија на ризикот и секако развој на доброволното осигурување во нашето портфолио, што впрочем е наша стратешка цел во краткорочните планови. Овој процес ни потроши доста време и ресурси, но од друга страна ни отвори можност во иднина за реализација на повеќе планови кои ги имавме. Во однос на пазарот на животно осигурување, барем засега остануваме само како набљудувачи на тој пазар, задржувајќи го фокусот кон не-животното осигурување. 

Банкарство: Во неколку наврати Халк Осигурување се докапитализираше, преку приватна емисија на хартии од вредност. Зошто е неопходна докапитализација на компанијата, дали станува збор за обезбедување средства кои ќе бидат појдовна основа во остварувањето на планот во периодот што следи или станува збор за средства кои се користат за покривање на недостатоци од минатото?

Славчо Таушанов: На двете Ваши констатации ќе одговорам позитивно. Најпрво се докапитализиравме за да ги покриеме големите недостатоци од минатото. Кога тој процес успешно го завршивме, следеше соодветна реакција од акционерот кој обезбеди доволно средства како појдовна основа на планот, за наш би рекол порапиден развој во следниот период. Со вкупна докапитализација во годината од 7 милиони евра, само дополнително ја покажавме нашата интенција на обезбедување стабилен и доверлив партнер за нашите осигуреници и се надевам дека за многу кратко време уште поголем број осигуреници ќе се одлучат нам да ни ја дадат довербата.

Банкарство: Со ребрендирањето на компанијата, евидентно е дека дојде до промена и на маркетинг стратегијата бидејќи Халк Осигурување во моментов е забележлива компанија која се соочува со раст на клиентите и портфолиото. Можете ли да ни кажете што е тоа што се промени во маркетинг стратегијата и какви се вашите планови за раст на краток и среден рок?

Славчо Таушанов: Халк Осигурување условно кажано својот почеток го има во ерата на социјални мрежи, па би рекол логичен чекор беше стратегијата иницијално со поагресивна кампања да се презентираме преку овој канал на маркетинг. Сметаме дека стратегијата барем засега покажа одличен резултат и нормално овој канал ќе продолжи да се користи за различни промоции и во иднина, со променлив пристап согласно потребите. Во иднина планираме проширување на маркетинг стратегијата и презентација преку друг тип маркетинг канали, со цел полесно да допреме до осигурениците, да ги презентираме нашите предности и секако да ги стигнеме целите од нашите планови на краток и среден рок и да се позиционираме како една од водечките компании за осигурување на пазарот за не-животно осигурување во СРМ.

Банкарство: Дигитализацијата полека но сигурно навлегува во секој аспект од работењето и животот на компаниите и поединците. Каков е Вашиот став од аспект на креирање дополнителни можности за набавка на Е-полиси и креирање мобилна апликација за осигурениците во 2020 година?

Славчо Таушанов: Како компанија имаме многу сериозен пристап кон дигитализацијата. Нашата прва е-полиса беше креирана во 2019 година за едноставна набавка на полиса за патничко осигурување. Споменав доста технички процеси кои ги завршивме минатата година што не оневозможија соодветно да се посветиме на овој процес, но брзо ќе го надокнадиме пропуштеното. Една од работите на која интензивно ќе работиме во 2020 година е развој на нашиот софтвер, паралелно со креирање неколку вида е-полиси, како и креирање на посебна мобилна апликација за осигурениците. Кога се работи за е-полисите ќе кажам само дека дел од нив се уште не се присутни на пазарот во СРМ, исто како што и со апликацијата планираме да воведеме определени новости. Ќе ме разберете што во овој момент нема да откријам за што поточно се работи, но Ве уверувам дека истото ќе донесе големи бенефиции за нашите осигуреници и се надевам дека олеснетиот пристап до нашите услуги ќе им пружи вистинско задоволство и ќе им заштеди значително време. 

Банкарство: Зошто клиентите да ја одберат Халк Осигурување пред другите осигурителни компании во Македонија?

Славчо Таушанов: На времето сите пазаревме во маалски продавници и генерално дел од потребните продукти можевме да ги набавиме во нив, но за останатите мораше да одиме до други блиски или поoдалечeни продавници.  Кога се отворија големите супермаркети, со лесно пристапен паркинг пред нив и широка палета производи, сфативме што значи олеснето пазарење. Токму ова го добија клиентите со влезот на Халкбанк во пазарот на осигурување. Ние станавме, фигуративно кажано, еден голем финансиски супермаркет каде палетата на услуги е доволно голема да ги задоволува потребите на сите, без разлика дали станува збор за физичко лице, мало, средно или големо претпријатие и очекуваме доста брзо да биде препознаена оваа наша стратешка предност.

Дополнително, стабилноста на брендот, искуството во финансиските институции и секако нашите млади и енергични тимови се повеќе од доволна гаранција за квалитетна услуга по која целиме да станеме препознатливи. За крај би рекол дека причини зошто клиентите да ја одберат Халк Осигурување пред другите осигурителни компании во Македонија од деловен аспект има многу, но ќе ја кажам за мене највредната, а која воедно е и слоган на нашиот акционер – “за нас важни се луѓето!”

Интервјуа

Интервју Милица Весовиќ Денковска: Пандемијата придонесе за промена на навиките и отвореност за нарачки онлајн

Објавено

на

За искуствата од новолансираниот производ IQOS, е-трговијата како клучен аспект од стратегијата на компањата за продажба, особено во екот на пандемијата и позитивното искуство на нивните купувачи од нивната онлајн продавница, разговараме со Милица Весовиќ Денковска од Филип Морис Скопје. (more…)

Продолжи со читање

Интервјуа

Митреска за МИА: Народната банка не може и не смее да дозволи банка да работи спротивно на законската регулатива

Објавено

на

Перцепцијата за банкарскиот систем и довербата во него е основата на којашто тој функционира. Оттаму, објективните и веродостојни информации се исклучително важни за зачувување на неговата стабилност. Ова го истакнува вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за МИА, осудувајќи ги шпекулациите, коишто, како што вели, беа пласирани во изминатите неколку недели. (more…)

Продолжи со читање

Интервјуа

Како ПроКредит Банка #РаботиОдДома

Објавено

на

Несомнено е дека коронавирусот COVID-19 има огромно влијание врз случувањата во светот. Мошне интересно е да се забележи дека светските и европските банкарски корпорации се прилагодуваат на “новото нормално” и применуваат промени во работењето согласно предизвиците кои ги наложува пандемијата. (more…)

Продолжи со читање

Популарно