Connect with us

Интервјуа

Интервју НИНА АНГЕЛОВСКА: Се фокусиравме кон решавање на проблемите и создавање нови вредности

Објавено

на

Одложена примена на прогресивното оданочување, спроведување на популарниот проект „Мој ДДВ“, лансирање на дигитални алатки за увид во трошењето на јавните финансии и државниот долг, промена на прагот за ДДВ обврзници, рекорден буџет вреден речиси 4 милијарди долари. Што го одбележа досега мандатот на министерката за финансии Нина Ангеловска? Дали прогресивниот данок е одложен по притисок на бизнис заедницата или пак, по спроведените анализи за ефектите од новите стапки? Министерката Ангеловска за Банкарство.мк ги дава одговорите за фискалната политика во изминатиот период, како и за заложбите во иднина. Во поглед на борбата со сивата економија Ангеловска вели дека проблем кој тлеел со години не може да се реши со една мерка, а за даночните обврзници посочува дека потребна е зголемена доверба, подобри услуги, воведување на технологија во процесите за поголема праведност и ефикасност. Достапноста на податоците исто така е од голема важност, како и транспаретноста на институциите. Како министер сега во техничката влада потенцира дека земјата е подготвена за мирни, фер и демократски парламентарни избори.

Банкарство: Бизнис заедницата бараше да се одложи примената на прогресивното оданочување. Вие ја променивте даночната политика со враќање на рамните стапки до 2022 година. Колку оваа одлука се должеше на притисокот на компаниите или пак на направената анализа за ефектите од прогресивниот данок во изминатата година?

Нина Ангеловска: Водење на одговорна политика е кога креаторите на политики ги следат нивните резултати и преземаат корективни активности, што претходно го немало.

Не станува збор за притисок од страна на бизнис заедницата, но мора да се земе предвид мислењето на оние кои плаќаат даноци и кои креираат вредност во економијата. Од страна на бизнисите имаше бројни критики и предочувања за последиците. Тие посочуваа дека ќе има избегнување на повисокиот данок, особено поради можноста за лесно движење на капиталот во соседните земји, како и префрлање на дел од доходот на други лица со искористување на легални можности.

За воведување на една ваква комплексна даночна реформа, каква што е прогресивниот данок, пред сѐ потребно е да се исполнети предусловите меѓу кои – сите треба да го плаќаат својот фер дел од давачките, односно намалена сива економија, зајакната доверба во институциите и зголемен даночен морал, квалитетни услуги, едноставни процедури при минимален административен товар и едноставни разбирливи правила за сите.

Имајќи го сево ова во предвид, Министерството за финансии изработи анализа на ефектите од политиката на данок на личен доход и политиката на данок на додадена вредност, со цел одлуките и следните чекори да ги донесеме базирани на резултати од анализа, наоди и докази. Во анализата беше направена и споредба на база на микро податоци од првата половина од 2018 година и 2019 година, или пред и по воведувањето на прогресивниот данок и повисок данок на личен доход. Резултатите укажаа дека даночните обврзници го промениле своето однесување, односно се случила фиктивна редистрибуција и избегнување на даночниот товар со префрлање на други лица дел од остварениот доход над лимитот и/или префрлање во други даночни системи.

Фер оданочувањето може да даде добри општествено-економски ефекти и поправедно и поразвиено општество, но доколку има оптимален дизајн, во чиј центар е домаќинството, доколку е донесен во консултативен процес со сите засегнати страни, зајакнати се механизмите за елиминирање на сивата економија, подигната е довербата во институциите и намален е административниот товар.

Банкарство: Во вашиот мандат воведовте нови алатки за транспарентност и отчетност за работата на Министерството за финансии. Колку овие активности даваат резултат во следењето на начинот на кој се трошат јавните финансии?

Нина Ангеловска: Фискалната транспарентност е меѓу врвните приоритети на Министерството за финансии, бидејќи покрај отчетноста, таа значи и висок степен на јавна контрола и демократија во однос на управувањето со државните пари. Истовремено, транспарентноста дава одлични резултати во решавањето на одделни проблеми. За неполни шест месеци откако сум во Министерството за финансии, пуштени се три платформи – алатки за транспарентност, кои секоја во својот дел даваат резултати.

Првата веб-апликација – Капитални расходи по буџетски корисник, беше поттикната од слабата реализација на капиталните расходи. Водени од целта да ги поттикнеме одделните институции да бидат поефикасни во реализацијата на капиталните расходи, го објавивме нивниот перформанс, за секој буџетски корисник одделно, за да јавноста може да следи и да види каде има пониска реализација. Дотогаш јавноста ги гледаше и коментираше само резултатите на агрегатно ниво, а имаше институции кои имаа навистина добри остварувања, како и институции кои имаа потфрлања. Со платформата лоциравме точно кои буџетски корисници имаат послаб перформанс. На тој начин, преку притисокот на јавното мислење, ги поттикнавме институциите кон подобра реализација на капиталните расходи.

Втората платформа „Отворени финансии“  е највисок степен на транспарентност, бидејќи преку неа јавноста има увид во секоја исплата од трезорот, односно која институција извршила исплата, која сума е исплатена, кон кого и со која цел. Платформата е изработена со поддршка на УСАИД и Интернационалниот републикански институт ИРИ, а беше започната и работена и со претходниот министер за финансии Тевдовски. Од пуштањето на оваа платформа, кон крајот на ноември до крајот на февруари, значи за околу три месеци има 220.000 посети на страната од 20.600 корисници кои просечно се задржуваат по 7 минути на страната. Оваа алатка е од голема корист, особено за новинарите, кои заедно со јавноста се главниот контролор и коректив на властите.

Третата алатка за транспарентност, платформата „Јавен долг“ неодамна ја пуштивме во употреба и таа освен основната функција – отчетност и информација, има функција и на финансиска едукација, како и добра аналитичка алатка. Идејата за оваа платформа потекна од непотполните и лажни вести кои се пласираат за јавниот долг, како и после секоја аукција на државни хартии од вредност. Наместо да губиме време и ресурси да реагираме после секој обид за дневнополитичко поентирање, ја насочивме енергијата кон нешто што е креативно и корисно за граѓаните, од каде ќе можат да добијат вистинска и целосна информација, од што произлезе оваа платформа. Преку неа граѓаните ќе можат да го следат долгот, неговото рефинансирање, како и да видат за кои проекти во последните три години сме се задолжиле.

Сметам дека секоја од овие алатки ја исполнуваат својата намена и секоја од нив ги дава посакуваните резултати. Вистината никогаш не е преценета и затоа верувам дека овие алатки за транспарентност и во иднина ќе ја имаат истата функционалност, како и дека ќе се надградуваат.

Банкарство: Какви се ефектите од проектот „Мој ДДВ“. Дел од критиките се дека станува збор за популистичка мерка која нема да даде сериозни резултати во борбата со сивата економија, особено ако не е проследена и со репресивни мерки, односно казнувања на неплаќачите и затајувачите на данок?

Нина Ангеловска: Со една цигла не градите куќа, така што да се каже дека со една мерка може да се решава ваков комплексен проблем кој тлеел со години е неозбилно. Јакнењето на свеста кај граѓаните дека треба да плаќаат даноци и дека во нивен интерес е и останатите околу нив да плаќаат даноци, е само една од активностите во насока на сузбивањето на сивата економија. Да, и контролите се еден од механизмите, јакнењето на капацитетите на испекторите, воведување на технологиите во дел од процесите за да се подобри ефикасноста, се од особено значење за постигнување резултати. Понатаму, потребно е подобро деловно окружување за компаниите и поголема ангажираност на институциите. Накусо, во борбата против сивата економија треба да се поттикнат граѓаните и фирмите да сакаат да ги плаќаат давачките и ефикасни механизми за оние кои ја избегнуваат обврската.

Во Министерството за финансии изготвивме акциски план за оваа и следната година со сет на мерки од областа на работењето на Министерството. Акциските мерки се групирани во пет категории – унапредување на мерење, следењето и детектирање на сива економија, ефикасни контроли, унапредување на деловното окружување, јакнење на даночниот морал и адресирање на сивата економија во е-трговијата. Сметам дека за да зајакне борбата потребно е и да се изработи стратегија на национално ниво, која ќе ги обедини сите области на кои треба да се делува, како на пазарот на труд, така и во фискалниот дел.

Инаку, МојДДВ е успешна мерка, која дава реални резултати, како наплатата на ДДВ која за 6 месеци од примена на мерката е порасната за 11,2%. Преку 240 илјади граѓани се активни учесници во борбата против сивата економија. Наградната игра #МојаНаграда е одлична надградба на оваа мерка бидејќи ги тера граѓаните и кога ќе го надминат лимитот за поврат да продолжат да бараат и скенираат сметки, бидејќи имаат можност да добијат парична награда. Бројот на скенирани сметки на дневно ниво е двојно зголемен по почетокот на наградната игра и секој ден се скенираат околу половина милион сметки.

Јакнењето на даночниот морал е една од клучните компоненти во борбата против сивата економија. Ако ги плаќате давачките и ако останатите околу вас ги плаќаат давачките економијата е појака, јавните услуги ќе бидат подобри и ќе има фер конкуренција во бизнис окружувањето. Кога сивата економија губи, сите добиваме.

Банкарство: Веќе се спроведуваат повеќе реформи како субвенции за работодавачи кои ќе ги зголемат платите на вработите, минималната плата беше покачена, воведовте поголеми пензии, а за буџетот за годинава рековте дека ќе се фокусира на инвестирање во човечкиот капитал. Дали преку овие субвенции премногу се фокусиравте на социјалната компонента, на раст на личната потрошувачка како двигател на економскиот раст. Кои се ризиците од водењето на вакви политики освен што ве обвинија дека буџетот е популистички и во функција на изборите?

Нина Ангеловска: Изминативе две години економскиот раст е на широка основа, односно се базира на растот во сите сектори, за разлика од порано кога главно беше движен од јавните инвестиции во градежништвото. За да растот биде оддржлив, за да имаме развој на економијата, приватниот сектор е тој кој треба да биде двигател на растот и креатор на нови вредност. Што му е потребно на приватниот сектор? – Потребна му е продуктивна работна сила, нови технологии и поддршка за нови инвестиции и освојување нови пазари. Токму кон тоа е насочена и фискалната политика.

Прво и основно, економскиот раст зависи од продуктивноста на луѓето. За жал, досега овој факт бил игнориран, а тоа се огледа и од индексот на човечки капитал кој го мери Светска банка и кој за земјава изнесува само 0,53. Што значи 0,53 индекс на човечки капитал ? – Дека денешните деца, кога ќе пораснат, ќе користат само половина од својата потенцијална продуктивност, согласно тоа што земјата го вложува денес во нив. Децата од развиените економии ќе користат 80 или 90 отсто од својот потенцијал, ЕУ просекот е 75 отсто, регионот околу 60 отсто, а кај нас само половина од потенцијалот. Ова е нешто што не се менува од денес за утре, но за да се смени мора да се почне моментално. Затоа и буџетот за годинава е насочен кон инвестиции во човечкиот капитал. Тоа значи дека над 60 отсто од расходната страна на буџетот за годинава е насочен кон здравството, образованието и социјалата како области.

Понатаму во буџетот се предвидени средства преку мерките за подобрување на конкуретноста, во износ од 3 милијарди денари, со кои се поддржуваат фирмите да ја сменат старата технологија со нова, да инвестираат во нови капацитети, се стимулираат да извезуваат, се поддржува претприемништвото итн.

Наоѓањето и задржување на квалитетни кадри е исто така нешто што е од големо значење за бизнисот. Затоа преку мерката за субвенционирање на придонеси им помагаме на фирмите да ги задржат квалитетните кадри. Во буџетот за годинава предвидени се 2,4 милијарди денари за субвенционирање на повисоки плати. И мерката, можам да кажам, дека дава навистина добри резултати. Така во јануари 2020 благодарение на мерката 119.500 вработени добија покачување во просек од околу 3.500 денари. Во јануари 22 илјади фирми ја искористија мерката за субвенционирање на покачување на платите.

Исто така, многу е значајно да се премости јазот помеѓу понудата и побарувачката на пазарот на труд. Тоа може да го постигнеме преку зголемување на адекватноста на понудата на пазарот на труд преку активните мерки за вработување, за кои во годинешниот буџет има издвоено 1,3 милијарди денари, што е за повеќе од двапати во однос на 2016 година, или три пати повеќе во однос на 2014 година. Дека овие мерки даваат резултати, докажува податокот дека невработеноста е на најниско ниво досега од 17,1%, а креирани се околу 60.000 нови работни места.

Сумарно, во буџетот за годинава предвидени се 6,7 милијарди денари директно за поддршка на приватниот сектор, односно оној кој треба да генерира економски раст, а се инвестира и долгорчно во продуктивноста, која треба да биде носител на економскиот развој.

Банкарство: Минатата година ја завршивме со реализација на капиталните инвестиции од 78.11%, но критиките се дека рапидното зголемување на ефикасноста се должи на ребалансот на буџетот од претходната година, додека пак во првите три квартали реализацијата беше на многу ниско ниво. Што може да очекуваме од буџетот за годинава кој е предвиден за капиталните инвестиции?

Нина Ангеловска: Факт е дека при секој ребаланс, години наназад, прво се кратат капиталните расходи. Минатата година капиталните расходи беа реализирани 78% во однос на проекцијата, додека во апсолутен износ 17,8 милијарди денари, што е за 5,7 милијарди повеќе во однос на претходната година или зголемување за 46,6%. Ако се земе предвид и реализацијата на Јавното претпријатие за државни патишта, со 11,1 милијарди денари или 85% од планираното, минатата година сме имале 28,9 милијарди денари или 470 милиони евра капитални инвестиции или над 80% реализација. Просекот последниве на реализација на качиталните расходи во изминативе 13 години е околу 80% реализација.

Во подобрувањето на реализацијата на капиталните расходи во последниот квартал придонес имаа неколку крупни проекти, но и алатката за транспарентост со која се прикажуваат капиталните расходи по буџетски корисник, која преку јавноста изврши притисок на институциите да бидат поефикасни во реализацијата на капиталните проекти.

Не значи дека треба да бидеме задоволни со овие резултати, туку да работиме да ја подигнеме реализацијата над 90%. Тоа значи, прво – капиталните расходи да бидат пореално и подобро планирани и второ институциите да бидат поекспедитивни и да ја туркаат реализацијата на проектите. За реализацијата на проектираните и планирани капитални инвестиции се одговорни сите ресори.
При планирањето на буџетот за годинава, беше земено предвид претходното поведение на институциите во извршувањето на капиталните инвестиции. Понатаму, подготвен е текстот на новиот закон за буџети (Organic Budget Law) со кој ќе се подобри среднорочното планирање, како и преку воведување интегриран систем за управување со јавните финансии во чиј склоп ќе има и модул за управување со јавни инвестиции предвидени со истиот закон. Со функционалната анализа која се спроведуваше во Министерството за финансии во изминатите неколку месеци предвидовме и креирање на ново одделение за управување со јавни инвестиции.

Банкарство: Повторно се промени стапката за задолжителна регистрација на ДДВ обврзници од 1 на 2 милион денари приходи годишно. За таа цел објавивте и водич за физичките и правни лица, па колку оваа мерка е оправдана и како е досега прифатена?

Нина Ангеловска: Поместувањето на прагот од 1 на 2 милиони денари за задолжителен ДДВ обврзник имаше за цел прво да го намали несразмерниот административен товар и да им се излезе во пресрет на малите и средни претпријатија.

Министерството за финансии направи сеопфатна анализа која покажа дека обврзниците кои остваруваат промет до два милиони денари, годишно државата прибира само 8,7 милиони евра. Исто така, анализата покажа и дека има нерамнотежа во трошењето на ресурсите на даночната администрација. Имено, даночната администрација троши повеќе време за ДДВ обврзници кои придонесуваат со два проценти во вкупната наплата на ДДВ, отколку на оние кои придонесуваат со 73 проценти.

Бројките покажаа и дека во 2018 година имало регистрирано 11.375 правни и физички лица за ДДВ обврзници, кои во 2018 година имале промет под 1 милион денари. Овие физички и правни лица, се регистрирале кога надминале 1 милион, а потоа биле обврзани да останат во системот во следните 5 години, без оглед колку промет остваруваат. Голем дел од нив придонесувале нула или многу малку, а биле на товар за системот од една страна, а од друга страна и админстрацијата е товар за нив. Затоа им дадовме можност на ДДВ обврзниците без разлика во која година се регистрирале, доколку во 2019 година не надминале праг од два милиони денари да можат да се дерегистрираат од регистарот.

И во овој случај направен е логичен чекор кој е во интерес и на фирмите и на државата со оглед на административните трошоци кои неоправдано се наметнуваат и во двата случаја.

Банкарство: Промовиравте нова алатка за следење на јавниот долг. Токму за задолжувањата на државата секогаш има големи критики дека се земаат кредити кои потоа се трошат и за непродуктивни намени. Што се промени во вашиот мандат и може ли да се постави стабилна државна политика на задолжување и финансирање на буџетскиот дефицит на долг рок со поголема предвидливост и оправданост на трошењата?

Нина Ангеловска: Алатката за транспарентност javendolg.open.finance.gov.mk е одлично место за одговори на овие прашања. На пример во однос на стабилноста на јавниот долг, има детален приказ за тоа како јавниот долг се движел низ годините. Ако од 2008 до 2016 година долгот е практично удвоен, од 23% на 48,8% од БДП, додека последните три години е стабилизиран, што може да се забележи и од кривата на долгот. Јавниот долг сега изнесува 48,9%, но ако се земе предвид дека во него е вкалкулиран и негарантираниот долг, кој до минатата година не се прикажуваше во јавниот долг, тој е дури на пониско ниво од 2016 година.
Стабилизацијата на долгот се должи на водењето на прудентната политика, односно постепентата консолидација на јавниот долг и рефинансирањето на старите долгови кои достасуваат по значително пониски каматни стапки. Во однос на дефицитот, ако во претходните години тој достигнувал и до 4%, минатата година дефицитот изнесуваше 1,9%. Старите долгови пак, се рефинансираат со многу пониска каматна стапка, благодарение на поголемата доверба на инвеститорите во економијата. На пример, кај државните хартии од вредност, кои се домашен извор за финансирање, кај 12-месечните записи, ако порано нивната каматна стпка изнесувала и 8%, сега таа е сведена на 0,5% или 16-кратно пониско.

Покрај висината и стабилноста на долгот, важно е и за што се трошат тие пари. Ако се земаат кредити за инфраструктура, за патишта, каде секој вложен денар враќа четири во економијата, тоа е оправдано, бидејќи ќе креира раст кој ќе може да го сервисира тој долг и воедно додатна вредност. Но, ако се инвестира во непродуктивни цели, нешто што нема мултипликативен елемент за економијата, тогаш покачувањето на долгот е спорно.

На javendolg.open.finance.gov.mk прикажани се и проектите на кои се должи зголемувањето на долгот изминатите три години, односно повлекувањата по однос на поголеми проекти, како изградба на гасовод 55 милиони евра, автопатите Кичево-Охрид 120 милиони евра и Миладиновци-Штип 76 милиони евра, проектите за надградба на патишта 21 милион евра и за регионални и магистрални патишта 29 милиони евра, проект за мали и средни претпријатија 44 милиони евра итн. Сите овие проекти го имаат тој мултипликативен ефект за економијата, а воедно и обезбедуваат подобри услови за живот за граѓаните.

Банкарство: Веќе сте дел и од техничката влада според Пржинскиот модел. Како функционира министерството и сите органи во вакви услови, има ли непотребен конфликт воден од дневно политички игри и интереси и дали може да се обезбедат сите предуслови за фер, демократски и мирни избори?

Нина Ангеловска: Задачата на техничката влада е да обезбеди фер, демократски, мирни избори, на кои граѓаните ќе ја искажат својата волја и ќе одлучат. Министерството за финансии е една од клучните институции во системот и мора добро да функционира во секое време.

Нема да навлегувам да зборувам за дневнополитички интереси, не се сметам себе си за политичар – мојот фокус е насочен кон практично решавање на проблеми, креирање на солуции и креирање нови вредности. Признавам, посакувам и останатите да ја водеа битката на политичко поле преку идеи, планови, и реформи за подобрување на ситуацијата во земјава, за креирање на нови вредности, за привлекување на професионалците во земјава, а не нашите да ги бркаме надвор. Можеби сум идеалист, но навистина верувам дека секој од нас има барем неколку добри идеи кои можат да придонесат за подобар живот во земјава. Ако времето кое мнозинство го губат за да прикажат дека некој не работи како што треба, го вложат во реализација на идеи, сите ќе живееме подобро, без разлика дали станува збор за иновации или правењето на секојдневните работи на подобар начин. Секој може да придонесе – од службеникот на шалтер кој ќе биде потрпелив, пољубезен, па и ќе даде предлог како да се забрза некоја постапка, до менаџментот кој треба да ги знае искуствата во светот и да наоѓа креативни начини за да ги унареди процесите и да даде подобри резултати. Ако го смениме мајндсетот сите можеме да направиме многу повеќе.

Интервјуа

Роберт Тодоровски, КЛИКНИ ЈАДИ: Нарачувањето на храна во компаниите е еден вид тим-билдинг

Објавено

на

Кликни Јади е компанија чија основна дејност е достава на храна и намирници до вашиот дом или канцеларија, улога која е мошне значајна особено во периодот на пандемијата со Ковид-19 и ограничувањето на движењето на граѓаните.  (more…)

Продолжи со читање

Интервјуа

Интервју НИКОЛА ЈОШЕВСКИ: Финансиските друштва – како банкарството од сенка ќе бидат финансика поддршка за населението во пост-Ковид кризната иднина

Објавено

на

Со појавата на небанкарските институции во 2011 година во Македонија започна примената на финансиската инклузија, за која развиениот свет одамна знае и ја применува, а на овој терен таа либерализација беше неопходна со една единствена цел – унапредување на финансиското работење на пазарот во целина, бидејќи на клиентите им стојат на располагање повеќе опции за задоволување на нивните финансиски потреби од различен карактер.  (more…)

Продолжи со читање

Интервјуа

Интервју СУАТ ИНАН: Нашата цел е Халк Осигурување да биде дел од водечките осигурителни компании

Објавено

на

Халк Осигурување АД Скопје како компанија за неживотно осигурување е присутна на македонскиот пазар од 2007 година. Во 2019 година, компанијата по преземањето на сопственоста од Халкбанк АД Скопје се ребрендираше во Халк Осигурување и одтогаш се позабележливо е нејзиното присуство на осигурителниот пазар во земјава. (more…)

Продолжи со читање

Популарно