Connect with us

Интервјуа

Интервју КОСТА ИВАНОВСКИ, CFA: Пензиските фондови на Сава пензиско друштво се регулирана алатка за долгорочно штедење

Објавено

на

Сава пензиско друштво а.д. Скопје има единствена дејност на управување со Отворен задолжителен пензиски фонд Сава пензиски фонд и Отворен доброволен пензиски фонд Сава пензија плус и нивно претставување пред трети лица како и други дејности поврзани со управувањето со фондовите.

Со визија посветено да работи и гради Друштво кое е препознаено по грижата за своите членови, транспарентноста и високите морални вредности, како и по својата активна улога во одржливоста на пензискиот систем, човечката околина и општеството во целина.

Со мисија да обезбедува финансиска сигурност и одржлива иднина за нашите членови, нашите вработени, нашите партнери и нашите сопственици. Преку раст на вредноста на пензиските заштеди се стремиме да обезбедиме соодветна пензија за нашите членови. На вработените им овозможуваме професионален и личен развој, а на сопствениците соодветен поврат на капиталот. Преку одговорно работење ние креираме вредност за општеството.

Основните вредности се високи стандарди за корпоративно управување базирано на принципите на посветеност, одговорност, транспарентност и етика, трајно партнерство со членовите базирано на едукација, етичко работење и доверба, високи професионални стандарди, корпоративни вредности, компетенции во управувањето со инвестициите и ризиците, обезбедување на одговорност на сите нивоа, силни внатрешни контроли и добра работна средина за вработените и вложување во нивниот континуиран професионален и личен развој.

Повеќе околу пензискиот систем во земјава, разликите помеѓу задолжителниот и доброволниот пензиски фонд, начинот на инвестирање на средствата, комуникацијата со клиентите, мобилната апликација која е единстева на пазарот на пензиско осигурување и други поврзани теми, разговаравме со Коста Ивановски, CFA, Член на управен одбор на Сава пензиско друштво.

Банкарство: Пензискиот систем во Македонија се состои од три столба. Можете ли за читателите на bankarstvo.mk да направите компарација на едностолбниот со повеќестолбните системи на пензиското осигурување, од аспект на нивните сличности и разлики?

Коста Ивановски, CFA: Темата е опширна, но ќе се обидам да бидам што поконцизен.

Клучната разликата се принципите на кои се поставени. Едностолбниот систем е базиран на меѓугенерациска солидарност, дефинирани бенефиции и тековна исплата на пезии од тековно прибраните придонеси. Во повеќестолбните пензиски системи се прави комбинација, со додавање на втор задолжителен и трет доброволен пензиски фонд, кои се поставени на сосема поинакви основи: тие се капитално финансирани, што значи дека постојат средства на индивидуални сметки, бенефициите зависат од уплатите и резултатите од инвестирањето, а одговорноста за висината на пензијата се диверзифицира помеѓу државата, личната одговорност и пристапот на поединецот и успехот на пензиското друштво што управува со средствата. Во услови на неповолни демографски трендови, со констатирани драматични промени на соодносот на бројот на вработени и бројот на пензионери, променливи/нестабилни економските трендови и можностите за креирање нови работни места, миграции итн., системите базирани на тековно финансирање стануваат неодржливи и потребата од дотации од централните буџети е неопходна и се поголема. Потребни се комбинирани решенија, кои ги диверзифицираат изворите на идните пензии. 

Пензиските системи во сите држави се мошне комплексна проблематика која почива на долгорочни согледувања и претпоставки во однос на демографски и економски параметри. Чести и избрзани промени не се најсоодветен пристап, но секако се потребни периодични  преоценувања на валидноста на  претпоставките и утврдување на  потребата од интервенции во законската рамка со цел системот да ги рефлектира новите сознанија, очекувања и трендови. 

Банкарство: Сава пензиско друштво постои од самото воведување на повеќестолбниот пензиски систем во државата. Со оглед на комплексноста на оваа тема за обичниот граѓанин, каков е интересот на вашите членови и општата јавност кога се работи за нивните права и обврски од членување во задолжителниот и доброволниот пензиски фонд?

Коста Ивановски, CFA: Ние како пензиско друштво вложуваме голем напор во едукација на нашето членство и општата јавност во врска со карактеристиките на македонскиот пензиски систем, а посебно улогата на вториот и третиот столб во обезбедување на сигурна иднина во пензионерските денови. Ова го правиме континуирано преку соодветна едукација на нашата мрежа на агенти кои се обучени да бидат пензиски советници за нашите членови и да ги дадат сите релевантни информации. Дополнително, во функција на членството и заинтересираните лица за сите евентуални прашања поврзани со нашето работење, постои контакт телефонот 02/15 500 на нашиот Сектор за грижа на членство кој исто така е достапен за одговарање на писмени прашања и на kontakt@sava-penzisko.mk како и контактните форми на веб страницата со воспоставен „веб-чет“ или можност за сите посетители на веб страницата www.sava-penzisko.mk да влезат во инстантна конверзација со нашето Друштво и брзо да дојдат до информацијата или објаснувањето кое го бараат. На располагање на нашите сегашни и идни членови се и повеќе од 150 агенти распоредени во над 60 експозитури на нашите деловни соработници Сава осигурување а.д. Скопје и НЛБ Банка АД Скопје. Континуирана едукација и подигање на свесноста за важноста на личните одлуки уште при првото вработување се врши и преку заедничка кампања на пензиските друштва и регулаторот преку веб страницата www.penzija.mk како централизирано место за добивање на основни информации за капитално финансираното пензиско осигурување.

Банкарство: Каква е улогата на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување – МАПАС? 

Коста Ивановски, CFA: Капиталното финансираното пензиско осигурување е високо регулирана дејност. Посебен акцент таа регулација има во сферата на заштита на правата на членовите на пензиските фондови, управувањето со нивните пензиски заштеди и начинот на нивно информирање. 

Надлежна државна институција која е супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk

Мисијата на МАПАС е да ги заштити интересите на членовите и на пензионираните членови на пензиските фондови и да го поттикнува развојот на капитално финансираното пензиско осигурување заради посигурни пензионерски денови.

МАПАС континуирано работи да биде препознаен како независна, стручна и транспарентна институција која го штити и унапредува пензискиот систем. Мора да истакнеме дека соработката со МАПАС континуирано е на највисоко ниво. Активностите на контрола и супервизија се спроведуваат на дневно ниво со воспсотавени контролни известување, како и преку редовни и вонредни теренски контроли кај пензиските друштва, банките кај кои се чува имотот на пензиските фондови и останати засегнати страни. Секако, Агенцијата има овластување и за изрекување на корективни и казнени мерки со цел заштита на правата на членовите и унапредување на нивото на функционирање на системот во целост.  Од големо значење за пензискиот систем е и размената на идеи помеѓу Агенцијата и пензиските друштва и заеднички активности за едукација на јавноста. Токму во овој период Агенцијата ја спроведува својата редовна кампања која има за цел да ги информира граѓаните за карактеристиките на пензискиот систем, правата и одговорностите како на пензиските друштва, така и на сите сегашни и идни членови на тростолбниот систем.

Банкарство: Сава пензиско друштво во изминатиот период редовно врши објава на приливите по основ на камати и дивиденди, благодарение на правилните одлуки за инвестирање кои се носат во изминатиот период. Кажете ни нешто повеќе околу финансиските резултати на фондовите? 

Коста Ивановски, CFA: Улогата на редовните објави на приливите во пензиските фондови по основ на камати и дивиденди, покрај транспарентноста кон нашите членови има за цел и да го едуцира членството и општата јавност во врска со инструментите во портфолијата на пензиските фондови и нивните карактеристики. Сметаме дека на овој начин нашите членови добиваат претстава за еден важен сегмент од нашата работа, а тоа е оплодувањето на нивните пензиски заштеди. Имено,  преку инвестирање во финансиски инструменти кои ги задоволуваат критериумите за квалитет дефинирани во законската рамка, која го регулира работењето на пензиските друштва, се остваруваат различните видови приходи, што ја зголемуваат вредноста на пензиските заштеди. Важно е да се напомене дека приливите по основ на камата и дивиденда се само една карактеристика на инструментите во кои се инвестирани средствата на пензиските фондови. За да се согледа целокупниот ефект од инвестирање во еден инструмент, треба да се земат предвид промените на неговата берзанска вредност во однос на вредноста по која е направена инвестицијата, валутниот ефект, односно ефектите од промената на девизниот курс во кој што е деноминиран инструментот, како и евентуалните даночни импликации врз приливите од камата или дивиденда. Сите овие ефекти се пресметуваат дневно и влегуваат во вредноста на сметководствената единица преку која се мери приносот од инвестициите на пензиските фондови. Стандард во индустријата на управување со пензиски фондови е да се објавува просечен годишен принос остварен од инвестирањето на средствата во период од минати седум години, и истиот членовите можат редовно да го следат на интернет страницата на МАПАС каде се објавуваат и наплатените надоместоци од пензиските друштва. 

Банкарство: Кај банките постои рефинансирање на кредитни обврски и преминување од една во друга банка. Како може да се нарече преминувањето од еден во друг пензиски фонд и под кои услови е можно истото? 

Коста Ивановски, CFA: Рефинансирањето на кредитни обврски е одлука која се базира на точни параметри како каматна стапка, рок на доспевање, начин на обезбедување (хипотека, жирант и слично) при што клиентот прилично јасно знае што добива, а што губи. Кога се носи одлука за премин од едно пензиско друштво кон друго, клиентот нема на располагање такви параметри, односно ниту едно од Друштвата не може да гарантира со каква релативна успешност ќе продолжи да ги управува средствата во иднина. Она што го има на располагање клиентот се минатите остварени резултати на Друштвата при управување со фондовите, податок кој е јавен и достапен. Според мене, кога еден финансиски едуциран член размислува на кое пензиско друштво да му го довери управувањето со неговите заштеди, покрај успехот од минатото, треба да размислува и за: карактеристиките на инвестициската стратегија на фондот, достапноста на друштвото од аспект на дигитални и физички канали на комуникација, транспарентноста, и секако човечкиот и техничкиот потенцијал на пензиското друштво. Од аспект на инвестициската стратегија важно е дали друштвото избрало изложеноста кон акциите да ја прави пасивно преку инвестирање во инвестициски фондови или активно преку избор на компании кои се очекува на долг рок да имаат подобар перформанс од целокупниот пазар репрезентиран во фондовите. Дополнително, дали при изборот каде да ги инвестира пензиските заштеди друштвото обрнува внимание на влијанието врз човековата околина и општеството во целина. Во однос на човечкиот и технички потенцијал, соодветно е да се постави прашање какви меѓународни и домашни лиценци поседува стручниот кадар во пензиското друштво во областа на управување со инвестициите и управување со ризикот, колкаво искуство има и каква е неговата репутација во фелата. Конечно, важно е да се согледа и потенцијалот и придобивките кои друштвото го црпи како дел од одредена финансиска групација. Сава пензиско друштво во континуитет вложува во човечки капитал и во современа технологија со цел да има конкурентска предност во однос на останатите пензиски друштва во сите горенаведени сегменти. Сето ова е доста сложено и можеби во денешно време мал број на наши членови може да очекуваме да имаат таков „студиозен“ пристап. Затоа е многу важна транспарентноста, комуникацијата и довербата, со еден збор лојалноста што се гради со години на посветено работење. Одлуките за промена на  пензиското друштво, треба да се донесуваат внимателно, во најмала рака со проверка на информациите што се достапни и барање дополнителни објаснувања, за што нашето Друштво и неговиот тим секогаш е на располагање преку еден од многуте канали на комуникација.  

Банкарство: Како функционира пазарот на приватните пензиски фондови, на кој начин ги аквизирате клиентите и колку е развиена конкуренцијата помеѓу фондовите кои во моментов се достапни на територијата на Македонија?

Коста Ивановски, CFA: Осигурениците кои првпат пристапуваат во задолжително пензиско и инвалидско осигурување (првпат се вработуваат) по 1 јануари 2019 година и на датумот на пристапувањето се помлади од 40 години, должни се да се зачленат и да плаќаат придонеси во задолжителен пензиски фонд (втор столб) по сопствен избор се додека имаат својство на осигуреник во задолжителното пензиско и инвалидско осигурување.

Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија времено ги распределува овие осигуреници во задолжителен пензиски фонд од денот на нивното пристапување во задолжително пензиско и инвалидско осигурување. Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување МАПАС е должна писмено да ги информира времено распределените дека согласно Закон се должни да се зачленат во задолжителен пензиски фонд во рок од три месеци сметано од датумот на пристапување во задолжителното пензиско и инвалидско осигурување. Во овој рок времено распределените осигуреници имаат можност да изберат во кој задолжителен пензиски фонд ќе се зачленат со склучување на договор за членство со агент на пензиското друштво кој управува со тој задолжителен пензиски фонд. Токму тука е моментот во кој нашите лиценцирани агенти распоредени на цела територија на државата им пристапуваат на овие нови вработени, ги запознаваат со законските права и обврски за членство во задолжителен пензиски фонд од вториот столб и за особеностите на Сава пензиско друштво како вистински избор за Друштво кое ќе се грижи за нивната пензиска заштеда.

Времено распределените осигуреници кои нема да потпишат договор за членство во рок од три месеци од датумот на пристапување во задолжителното пензиско и инвалидско осигурување, по истекот на тој рок, стануваат трајно распределени членови на задолжителниот пензиски фонд во кој биле времено распределени, односно не ја искористиле можноста сами да донесат информирана одлука за својата пензиска заштеда. Секако, членовите имаат можност да го променат друштвото и своите пензиски заштеди да ги пренасочат кон друг пензиски фонд, при што доколку сакаат тоа да го сторат пред истекот на 2 години, од трајната распределба, за истото треба да платат надомест од 15 евра во денарска противредност.

Банкарство: Фондовите располагаат со големи износи на средства од членовите со кои управуваат. Како се донесуваат одлуките каде да се инвестира, односно кои компании да бидат дел од портфолиото на пензискиот фонд?

Коста Ивановски, CFA: Има краток и долг одговор на ова прашање.

Краткиот одговор е дека одлуките каде да се инвестираат средствата се носат врз база на стручна анализа на перспективите и ризиците на пазарите на капитал и на издавачите на хартиите од вредност, изработени од компетентни управувачи со портфолија, управувачи со ризици и финансиски аналитичари, со примарен фокус кон остварување на целта на пензиските фондови со дефинирано ниво на ризик, како на краток така и на долг рок. 

Долгиот одговор е дека во рамки на Сава пензиско друштво, начинот на носењето на инвестициски одлуки е дефиниран во самата инвестициска стратегија, при што клучни постулати се: Одговорност на органите на управување и надзор во Друштвото, улогата и подвоеноста на стручните сектори и улогата на Одборот за инвестиции како клучно советодавно тело; Стратешко целно учество во дозволените класи на инструменти со дефиниран ранг на дозволено отстапување; Top-down пристап при дефинирање на тактичка изложеност на краток рок; Активен пристап при инвестирање во странски акции што значи комбинација на избор на компании во кои директно ќе се инвестираат средствата на пензиските фондови со лимити за обезбедување соодветна диверзификација на ризикот; Јасно дефинирани ризици и начин на нивно мерење и управување;  Утврден репер преку кој се мери успешноста од управувањето со пензиските фондови и ефектите од алокација и селекција;

Што се однесува до селекцијата на компании во кои ќе се инвестираат средствата, покрај силните фундаменти во однос на растот, профитабилноста, задолженоста, пазарното вреднување, доброто корпоративно управување и влијанието врз животната средина и општеството во целина, изборот на компании се врши со анализа на долгорочните перспективи на компаниите и нивната поставеност во однос на следните категории на долгорочни трендови кои сме ги утврдиле: дисруптивни технологии, демографски и социјални промени, климатски промени, недостаток на ресурси и геополитички промени. Со овој пристап го рефлектираме долгорочниот карактер на пензиското штедење и од овие инвестиции очекуваме надпросечен принос во периодот на оплодување на пензиските заштеди на нашите членови.

Банкарство: Се чини дека доброволниот пензиски фонд (третиот столб) во последно време станува примамлив за се поголем дел граѓани и компании. Како наједноставно ќе го дефинирате инвестирањето во овој столб и на кој начин граѓаните и компаниите во земјава најдобро можат да се информираат за бенефитите од истото?

Коста Ивановски, CFA: Наједноставно, доброволниот пензиски фонд Сава пензија плус е регулирана алатка за остварување на поголема пензија на граѓаните, која е флексибилна, без обврски за редовни уплати, без дефинирани минимални или максимални ограничувања за уплати и со одредени даночни бенефиции обезбедени од државата. 

Како што напоменав погоре, суштинската разлика помеѓу сегашниот тростолбен систем и едностолбниот систем на солидарност е дека во тростолбен систем висината на вашата пензија, а со тоа и животниот стандард во пензионерските години најмногу зависи од вашите лични одлуки во текот на работниот век, и тоа од моментот на прво вработување па се до пензионирањето. Притоа, најголем позитивен ефект врз нивото на пензија, а истовремено и најмал негативен ефект врз тековната потрошувачка имаат одлуките кои се направени кога сте временски најдалеку од периодот за пензија.  

На пример, за да имате доброволна пензиска заштеда во износ според вашите планови на 60 години возраст, ќе треба да уплаќате трипати помал месечен износ за да ја постигнете истата акумулација ако започнете да штедите со месечни уплати во доброволниот пензиски фонд Сава пензија плус на возраст од 20 години, отколку ако започнете со штедење на 40 години возраст.  

За жал свесноста за важноста на сопствените одлуки во планирањето на пензијата природно доаѓа подоцна во работниот век кога е изгубено драгоцено време кое финансиски е многу тешко да се надомести токму поради краткиот период до пензионирањето. За ниската свест кај младите зборува и возрасната структура на членовите кои се дел од третиот пензиски столб каде најбројни се членовите на возраст од 36 до 55 години, додека возрасните групи од 20 до 35 се најмалку застапени. Токму затоа нашите едукативни кампањи и воведувањето на модерни алатки се насочени кон оваа популација. Зголемена пензиска свесност кај младата популација ги намалува ризиците од несоодветна пензија кај самите индивидуалци и ја зголемува сигурноста на пензискиот систем во целина. 

Секако, важно е да се потенцира и улогата на компаниите кои имаат можност преку формирање на професионални пензиски шеми, да им обезбедат на своите вработени (или за дел од вработените) дополнителна пензиска заштеда. За нив ова е одлична алатка за дополнително стимулирање и наградување на работниците и од друга страна можност да ги искористат даночните ослободувања за уплатите во доброволниот фонд Сава пензија плус кои одат на личната пензиска сметка на самите вработени. 

Банкарство: Мобилната апликација “Sava Penzisko Plan” е достапна за корисниците на Android и iOS. Какви можности нуди мобилната апликација, кои предности ги имаат вашите членови кои ја користат мобилната апликација и колку корисници на истата има во моментов?

Коста Ивановски, CFA: Мобилната апликација Сава пензиско план е првата мобилна апликација на пазарот на пензиско осигурување во државата. Истата е резултат на стратешките определби на Сава Осигурителната Групација за ставање во фокус на потребите на клиентите односно членовите, како и зголемена дигитализација во работењето и односите со заинтересираните страни. Мобилната апликација е можност за секој наш член да има континуиран увид во својата пензиска заштеда преку пристап во својата лична сметка како во задолжителниот пензиски фонд, Сава пензиски фонд, така и во доброволниот пензиски фонд, Сава пензија плус. Нотификациите за примени приливи по основ на придонеси се од големо значење за членовите бидејќи на овој начин тие имаат увид дали работодавачот извршил исплата на плата, при што дел од придонесот за пензиско и инвалидско осигурување се одвојува за задолжителниот пензиски фонд и се уплаќа на личната сметка на членот. За членовите на доброволниот фонд, покрај увидот во личната сметка и нотификациите, во самата апликација се имплементирани алатки за пресметка на вкупна пензиска заштеда за избран период на години со претпоставени редовни месечни или годишни уплати, така што корисниците лесно можат да ги видат ефектите од одредена одлука за зголемување на штедењето. Исто така корисниците на апликацијата добиваат редовни известувања од Друштвото поврзани со инвестициските портфолија и други важни сегменти од нашето работење, а можат и преку апликацијата да стапат во контакт со нашата агентска мрежа во рамки на деловните соработници НЛБ Банка и Сава Осигурување.

Банкарство: Соработувате со Сава осигурување и НЛБ Банка. Кои се предностите од соработката со вака развиени институции од осигурителниот и финансискиот сектор, односно дали широката мрежа на експозитури и големиот број на клиенти на овие институции носи одредени придобивки и за Вас како пензиски фонд?

Коста Ивановски, CFA: Сава пензиско друштво има среќа да соработува и да се надополнува со овие две финансиски институции во полето на пензиско осигурување кое во исто време е компатибилно со банкарските продукти како штедењето, но и со осигурителните продукти со кои се управува со ризиците во секојдневното живеење и работење. Соработката со НЛБ Банка е градена уште од самото основање на тростолбниот пензиски систем во Државата, па така агентската мрежа на банкарски, а воедно и пензиски советници е исклучително важен канал за комуникација со нашето членство. Одредена интеграција на нашите услуги се случува и преку нивните дигитални канали како мобилната апликација НЛБ мКлик, така што оваа соработка може единствено да се продлабочува со цел да бидеме поблиску до потребите на нашите членови.

Соработката со нашата сестринска компанија Сава Осигурување е нешто понова, но е исто така исклучително важна, посебно во реализација на стратешката определба на компаниите во Групацијата –  клиентот во примарен фокус. Препознатливоста на брендот Сава кај македонските граѓани е на високо ниво што ни дава уште една можност да бидеме поблиску до нашите членови и да одговориме на нивните барања. 

Од огромно значење за нас и нашите членови е и припадноста на Сава пензиско друштво на Сава Осигурителната Групација која вклучува компании за реосигурување, неживотно и животно осигурување, друштво за управување со инвестициски фондови, друштва за управување со пензиски фондови, друштва за советување и асистенција, како и удели во здравствени установи во регионот на Југоисточна Европа. Со останатите членки на групацијата редовно разменуваме искуства, знаење и пракса на сите нивоа во насока на нудење врвни финансиски услуги и задоволување на потребите на членовите. Повеќе информации за Сава Осигурителната Групација заинтересираните можат да најдат на www.sava-re.si

Банкарство: Дигитализацијата полека но сигурно навлегува во секој аспект од работењето и животот на компаниите и поединците. Каков е ставот на вашата компанија кога е во прашање дигитализацијата на пензискиот систем? Што може да се очекува во иднина на ова поле од пензиските фондови и дали постојат одредени препреки или ограничувања?

Коста Ивановски, CFA: Можам слободно да кажам дека македонскиот пензиски систем е високо дигитализиран. Првенствено, уплатите во првиот и вториот пензиски столб на секој вработен се вршат електронски, што значи дигитално. Уплатите во третиот пензиски фонд исто така мора да бидат уплатени од трансакциска сметка на клиентите во домашна банка, што е практично електронска уплата. Уплатите се акумулираат на личните сметки на членовите кои се водат електронски. Имотот на пензиските фондови се инвестира во дематеријализирани (електронски) хартии од вредност кои се тргуваат на берзи кои се исто така електронски, односно дигитални. Аналитичките и инвестициските активности на стручните служби во рамки на Сава пензиско друштво  се вршат на електронски платформи за информирање и тргување како Блумберг или Ројтерс. Дополнително, Ковид-19 кризата успеа за кратко време да ја дигитализира целокупната комуникација во рамки на Друштвото, а со дигитално потпишување и архивирање скоро и да се елиминираше употребата на хартија во официјалната документација. Секако, очекуваме овој процес да продолжи и понатаму со тоа што нашите членови ќе ги уживаат придобивките на нашите дигитални канали на комуникација. Сепак, најважниот чекор треба да го направат токму нашите членови, а тоа е да си ги ажурираат личните податоци и да одберат достава на годишниот извештај на електронската наспроти домашната адреса, со што и самите влијаат врз зачувување на човечката околина. Ажурирањето на лични податоци може да се направи лично во Друштвото или во експозитура на некој од нашите деловни соработници НЛБ Банка и Сава Осигурување,  но и многу поедноставно и по сигурно, без потреба за физички контакт, преку нашата веб страница sava-penzisko.mk со најава на личната сметка, преку мобилната апликација, или преку контакт центарот за грижа за членство на телефонскиот број 02/15-500. 

Интервјуа

Интервју ТОНИ ТРАЈАНОВ, МКБ: Располагаме со најголема, најбрза и најточна база на податоци за обврските на сите физички и правни лица во земјата

Објавено

на

МКБ е првото и единствено кредитно биро во Македонија кое делува со цел на корисниците да им овозможи безбедно и сигурно да чекорат низ процесот на деловното одлучување и унапредување на работењето.  (more…)

Продолжи со читање

Интервјуа

Интервју TOME ЧАГОРОВСКИ, СН Финансии: Време е за поддршка на трговците и купувачите

Објавено

на

Македонската трговија на мало е погодена од кризата предизвикана со корона вирусот. Од тие причини, СН финансиско друштво, овој ноември започна своја кампања за поддршка и на малите трговци, но и на населението, со цел да ги ублажи последиците од кризата. За каков потег станува збор, разговаравме со Томе Чагоровски  – менаџер на продажба и маркетинг во СН финансиско друштво. (more…)

Продолжи со читање

Интервјуа

Интервју АНА ТРАЈКОВСКИ, СН Финансии: Успешно планирање на финансиското работење на компанијата, во време на пандемија

Објавено

на

ФД СН Финансии ДОО Битола е првата Финтек компанија во Битола, но исто така е и прва Финтек компанија во Македонија со домашен капитал која е главно фокусирана на одобрување и исплата на кредити, но исто така работи и со издавање гаранции и факторинг. Проактивниот пристап кон клиентите, квалитетот на услугата и брзината на одобрување и исплата несомнено се клучни фактори кои влијаат врз клиентите да се одлучат да го изберат ФД СН Финансии. (more…)

Продолжи со читање

Популарно