Connect with us

Интервјуа

Интервју | НИКОЛА ЏАМБАЗОВСКИ: Комерцијална банка е столбот на довербата на штедачите во земјава

Објавено

на

Секој штеден производ на Комерцијална банка е достапен не само на шалтерите на Банката, туку и преку дигиталните канали Интернет банка и мБанка. Секој сопственик на депозит во Банката има можност во кое било време и од кое било место преку Интернет банка и преку мобилната апликација мБанка да орочува и разорочува средства и да ја следи состојбата на својот штеден производ.

На тема штедење и неговото значење за економијата, движењето на каматните стапки, алтернативите за штедење кои се достапни на пазарот, сигурноста на депозитите и банките и новитетите во овој сегмент разговараме со г-дин Никола Џамбазовски, Генерален директор за продажба и развој и член на Управниот одбор на Комерцијална банка АД Скопје

Банкарство: Клиентите сѐ повеќе бараат флексибилност од банката во која ќе ги депонираат средствата, односно сакаат да имаат можност да ги повлечат средствата во кое било време и на едноставен начин, а исто така и да отворат депозит онлајн. Можеме ли да кажеме дека вашата банка има понуда на депозити кои ќе ги задоволат потребите на овие клиенти?

Никола Џамбазовски: При креирањето на нашите производи секогаш размислуваме во насока тие да бидат едноставни, разбирливи и лесно достапни за нашите клиенти. Секој штеден производ на Комерцијална банка е достапен не само на шалтерите на Банката, туку и преку дигиталните канали Интернет банка и мБанка. Секој сопственик на депозит во Банката има можност во кое било време и од кое било место преку Интернет банка и преку мобилната апликација мБанка да орочува и разорочува средства и да ја следи состојбата на својот штеден производ. Натамошниот развој на дигиталните канали ќе овозможи и дополнителни погодности во овој процес со цел уште поголемо доближување на штедењето до населението, а особено до помладите генерации. 

Банкарство: Веројатно за банките поатрактивни се големите штедни влогови, кај кои може да се понудат и поконкурентни каматни стапки. Но, во последно време мошне атрактивно е и постепеното штедење. Како да се формира здрава навика за штедење и редовно да се зголемува депозитното портфолио?

Никола Џамбазовски: За редовно зголемување на депозитното портфолио и формирање здрава навика за штедење пред сѐ е потребна финансиска дисциплина. Тоа значи свесно редовно откажување од мали задоволства за сметка на зголемување на финансиската стабилност преку пораст на личната заштеда. Идеално би било да се издвојуваат средства од секој месечен приход и да се вложуваат во постоечки штеден влог, со што се зголемува базата за добивање камата во иднина. 

Постојат и алтернативи за клиентите кои имаат однапред дефиниран износ на издвојување редовна месечна заштеда. Врз основа на досегашното искуство како најефикасен начин за постепено штедење би ја посочил услугата штедење со користење траен налог. Сопственикот на денарска или девизна трансакциска сметка во Комерцијална банка може да отвори траен налог со кој ќе ја овласти Банката во негово име и од средствата на неговата трансакциска сметка еднаш месечно да врши пренос на определен износ средства кон денарски или девизен депозит.

За клиентите, пак, со подинамичен стил на живот го имаме паричниот депозит, односно штедење без штедна книшка, кое им овозможува да вршат уплати и исплати кога сакаат и колку сакаат, како и да ги следат состојбата и пресметаните камати во кое било време и од кое било место преку апликациите Интернет банка и мБанка, а секако и преку шалтерите на Банката.  

Банкарство: Секој клиент има различни потреби, па оттука се јавува потребата и за диверзификација на производи со цел да се пресретнат овие потреби и барања на клиентите. Но, сепак банката не може да има безброј различни производи во својата понуда. Кои аспекти се земаат предвид при дефинирањето на производите?

Никола Џамбазовски: Каматната стапка се перципира како главна карактеристика на штедните производи. Но, искуството покажува дека за клиентите се многу важни и другите карактеристики на штедењето како еден вид инвестициски производ. Едни од најважните предности на штедните производи што ги нуди Комерцијална банка се сигурноста на влогот и расположивоста на вложените средства. Паричните средства кои се чуваат како штедење во Банката претставуваат ликвидни средства за штедачот. Располагањето со овие средства не зависи од состојбата на пазарот, што е случај на пример со вложувањата во пазарот на недвижности или во хартии од вредност, каде моменталната состојба на понудата и побарувачката влијае врз брзината на претворање на инвестицијата во парични средства.

Како што спомнав и погоре, во современото дигитално време при креирањето на производите фокусот сѐ повеќе се насочува и кон модернизација на штедните производи со цел едноставен увид и достапност на средствата преку дигиталните канали. 

Комерцијална банка при креирањето на производите посветува особено внимание и на конкретните барања од клиентите, при што како пример може да го наведам Семејното штедење, производ кој Банката го креираше согласно овој принцип. Семејното штедење претставува можност членови на потесно семејство за своите поединечни орочени штедни влогови да користат привилегии на повисока каматна стапка од онаа што редовно им следува, доколку вкупниот износ на нивниот „семеен депозит“ ги исполнува условите за користење стимулативна каматна стапка.

Банкарство: Очигледен е растот на каматните стапки во изминатиот период. Банките имаат солидна понуда на депозити со фиксна каматна стапка и депозити со дополнителни влогови, каде каматата расте со зголемувањето на рокот на штедење. На што се должи овој раст на каматните стапки и од што зависи истиот?

Никола Џамбазовски: Растот на каматните стапки зависи од повеќе фактори, како на пример од сигналите кои ги праќа Народната банка преку инструментите на монетарната политика, движењето на каматните стапки на меѓународниот пазар на пари, промената на законската регулатива, потребата на банките за прибирање нови депозити и слично. 

Во изминатиот период, дел од горенаведените фактори започнаа да дејствуваат (влијаат) во насока на создавање амбиент за зголемување на каматните стапки. Затоа очекувам умерени нагорни придвижувања во наредниот период. Сепак, сѐ уште е рано да зборуваме за забележлив раст на каматните стапки на депозитите затоа што факторите на влијание се доста променливи и бараат особена внимателност при утврдување на политиките на прилагодување. 

Банкарство: Дали во периодот што следи очекувате зголемено штедење и, според вас, кој е главен двигател на растот/падот на штедењето кај домашните банки? Дали клиентите се ценовно (каматно) сензитивни или сметате дека постојат и други фактори кои влијаат на штедењето, како на пример сигурноста на банката во која тие ги депонираат своите пари?

Никола Џамбазовски: Историските трендови на домашниот пазар покажуваат стабилна и константна нагорна линија на раст на штедните влогови. Но, зголемувањето или намалувањето на штедните влогови не зависи само од висината на каматните стапки. Секако, клиентите се каматно сензитивни, но генерално секој клиент, без разлика на возраста, навиките и индивидуалните преференции има едно основно барање, а тоа е стабилност на својот штеден влог. Секоја банка треба на долг рок и во различни економски циклуси да покаже дека сигурноста на штедните влогови е врвен приоритет. Сметам дека тоа е и една од основните причини за лидерското место на Комерцијална банка од аспект на довербата на штедачите. 

Со развојот на финансиските пазари, со кој се појавија и алтернативи на класичните депозити, клиентите сега анализираат поголем број фактори при носење одлука за вложување на своите средства.

Банкарство: Сметате ли дека во Македонија се развива “asset management”? Клиентите имаат на располагање широка палета на производи како инвестициски фондови, животно осигурување, пензиски шеми, акции, берза, криптовалути итн. и се “затрупани” со секојдневни понуди. Колку овие алтернативни се реална конкуренција на банките и штедењето?

Никола Џамбазовски: Во услови на економска неизвесност и нестабилно меѓународно опкружување, депозитите како класичен банкарски производ се можеби најстабилниот производ кој носи стабилен и редовен принос со најмал можен ризик од намалување на вредноста на влогот. 

Секако, за каков производ ќе се одлучи клиентот зависи и од неговата склоност за прифаќање ризик бидејќи повисок принос значи и повисок ризик. Клиентите аверзни кон ризик секогаш ќе ги одбираат банките како чувар на нивните заштеди. Останатите клиенти ќе го проценуваат ризикот, ќе го споредуваат приносот, па потоа ќе донесат одлука каде ќе ги вложат заштедените средства и во кој сооднос. 

Токму годинава поради неповолните економски услови се покажа разликата во различните инструменти за пласирање на личните средства. Речиси сите поризични производи имаат негативни трендови и пониска вредност во однос на почетокот на годината. 

Но, без разлика на индивидуалниот апетит за ризик, за сите клиенти имам само еден совет – не ги пласирајте своите средства во производи за кои не можете да го процените степенот на ризик.  

Банкарство: За крај, кој ваш штеден производ би им го препорачале на клиентите и зошто? 

Никола Џамбазовски: Во палетата штедни производи на Комерцијална банка нудиме депозити адаптирани кон различни целни групи и кон специфични потреби на клиентите и тоа: стимулативни каматни стапки, кои растат со висината на депозитот, можност за редовно месечно користење на приносот од камата во цело времетраење на орочувањето, пред да доспее депозитот, штедење со или без штедна книшка, можност за користење на дел или на сите средства пред да доспее депозитот, достапност на средствата 24/7 преку Интернет банка и мБанка и слично. 

Сѐ што треба клиентот да направи е да ни ги пренесе своите очекувања и потреби од штедниот производ, а нашиот тим е подготвен да му понуди таков начин на штедење каков што најмногу му одговара.             

Интервјуа

Интервју | ЉУПКА ЃОРГИЕВСКА: НЛБ Банка е финансиски супермаркет на иновативни штедни продукти

Објавено

на

По повод месецот на штедење, кога се одбележува и меѓународниот ден на штедење (31 октомври) Банкарство спроведува низа интервјуа со посебен осврт на депозитите и штедењето.

На тема штедење и неговото значење за економијата, движењето на каматните стапки, алтернативите за штедење кои се достапни на пазарот, сигурноста на депозитите и банките и новитетите во овој сегмент разговараме со г-ѓа Љупка Ѓоргиевска, Помошник на Управниот одбор на НЛБ Банка АД Скопје. (more…)

Продолжи со читање

Интервјуа

Интервју | ЕМИЛИЈА НАЦЕВСКА, ВИЦЕГУВЕРНЕР НБ: И во услови на криза, депозитите растат – расте и денарското штедење

Објавено

на

Светот неколку години по ред се соочува со различни кризи, а овие случувања не ја заобиколија ниту Македонија, граѓаните на овие случувања реагираа на различни начини, но монетарната политика е соодвено поставена и ликвидноста на банкарскиот систем е во добра кондиција.

На тема справувањето со овие кризи од аспект на монетарната политика, улогата на основната каматна стапка во дефинирањето на ценовната стабилност, фиксниот девизен курс, движењето на депозитите и очекувањата за економскиот раст во периодот што следи разговараме со г-ѓа Емилија Нацевска, Вицегувернер на Народната банка на Република Северна Македонија. (more…)

Продолжи со читање

Интервјуа

Интервју | ДИМИТАР РИЗОВ, КАПИТАЛ БАНКА: Се повеќе клиентите се ориентираат кон онлајн депозитите

Објавено

на

По повод месецот на штедење, кога се одбележува и меѓународниот ден на штедење (31 октомври) Банкарство спроведува низа интервјуа со посебен осврт на депозитите и штедењето.

На тема штедење и неговото значење за економијата, движењето на каматните стапки, алтернативите за штедење кои се достапни на пазарот, сигурноста на депозитите и банките и новитетите во овој сегмент разговараме со г-дин Димитар Ризов, Директор на Сектор за физички лица во Капитал Банка АД Скопје. (more…)

Продолжи со читање

Популарно