Connect with us
P2_P_MK_1600x400

Интервјуа

Интервју ГОРЈАН ЈОВАНОВСКИ: Македонија има голема можност за проширување на навиките во е-трговијата

Објавено

на

На 25 октомври 2019 год во хотел DoubleTree by Hilton во Скопје ќе се одржи Втората годишна конференција за е-трговија под наслов „БИЗНИС РАСТ СО Е-ТРГОВИЈА“ во организација на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија. И оваа година, Конференцијата за е-трговија ќе биде местото каде многу истакнати меѓународни и домашни говорници преку предавања, панел дискусии и неформални разговори, ќе ги пренесат своите знаења и искуства од областа на е-трговијата и маркетингот.

Листата на говорници на конференцијата е исполнета со звучни и атрактивни имиња, а еден од нив е Горјан Јовановски, кој моментално живее во Амстердам, потекнува од неговото омилено Скопје. Во Скопје тој дипломира како софтверски инженер на Факултетот за Информатички Науки и Компјутерско Инженерство (ФИНКИ) во 2015 година, а магистрира cum-laude на University of Amsterdam во 2016 како магистар по софтверско инженерство. Од тогаш, работи во Booking.com како софтверски инженер и тим лидер.

Горјан, како дел од 3.000 еко активисти низ Македонија, од 2014 година бара начин како да помогне околу проблемот со енормното загадување на воздухот. Комбинирајќи ги пасијата за технолоција и зелена средина, ја креира МојВоздух, апликација која што го прикажува степенот на загадување низ целата земја. Со над 100.000 преземања, МојВоздух бргу ја дига јавната свест околу загадувањето, а Горјан со неговата љубов на јавно говорење, продолжува да ја шири приказната и надвор од границите на Македонија преку разни говори, како и неговиот TED говор насловен “The Data I Breathe”.

Банкарство: Напоредно ја градите кариерата во booking.com, воедно креатор сте на апликацијата Мој Воздух, а од неодамна и Мој Миленик. Може ли да направите споредба во начинот на кој функционира ИТ секторот во Македонија наспроти развиените земји и кои работи треба да ги подобриме?

Горјан Јовановски: Главното нешто што го гледам во ИТ секторот во Холандија, а сепак имаме уште работа во Македонија, е користењето на податоци за носење на одлуки. Во Booking.com не може да дојде шефот, дури и CEO-то, и да рече “треба вака и вака да направиме”. Секој може да дојде со сопствена идеја, но истата мора најпрвин да се валидира со податоци пред целосно да се имплементира. Истиот mindset би сакал да го видам и кај нас, каде што место шефовите да ги носат одлуките, а програмерите да ги изведуваат, тој процес на осмислување и валидација да е заеднички.

Банкарство: На годишната конференција за е-трговија во организација на АЕТМ доаѓате како говорник и воедно претставник од booking.com – компанија во која податоците играат клучна улога во донесувањето одлуки. Колку е значајно правилното управување со податоците кои ви се на располагање?

Горјан Јовановски: Како компанија што оперира во Европската Унија, а воедно и компанија што се грижи за своите корисници, многу е битно да се придржуваме кон правилно користење на корисничките податоци. Сите сензитивни податоци се чуваат на посебни затворени датабази со многу лимитиран и строго контролиран пристап, а останатите податоци кои ги агрегираме за користење на сајтот се комплетно анонимизирани со цел да не може да се издвои активноста на еден корисник. Booking.com е етичка компанија, и шефот на оделот за експериментирање има дадено отчет дека нема лично да дозволи никакво сомнително користење на податоците на корисниците, партнерите и вработените.

Банкарство: Кои се основните разлики во поглед на дигиталните вештини и користењето на онлајн просторот за продажба во Македонија наспроти Холандија. Дали е потребно значајно да се менуваат навиките на граѓаните и во која насока треба да се движиме во иднина со цел развој на е-трговијата?

Горјан Јовановски: Македонија дефинитивно има голема можност за проширување на навиките во е-трговијата. Од воведување на сервиси за онлајн нарачка на такси како Uber, до продлабочување на е-нарачката на храна, и секако локален сервис како Amazon (во Холандија најголемиот локален е Bol.com). Сепак сме мал пазар, и затоа верувам поспоро се развиваат овие навики.

Дигитализација на банкарскиот систем исто бара големо унапредување. Системи како Casys за мене се кошмар за користење, како и немање алтернативи за примање пари online како PayPal. Овие ревизии мора да се направат за да може да се продлабочат навиките кај граѓаните за е-трговијата.

Банкарство: Технологијата се повеќе се користи за општествено корисни цели, имајќи предвид дека се почесто гледаме иницијативи за социјални иновации во ИТ областа, а вашето портфолио исто така покажува дека е тоа возможно. Зошто вашите концепти се изградени врз основа на развој на мобилни апликации?

Горјан Јовановски: Верувам дека мобилните апликации се најдостапни за луѓето. Сепак скоро секогаш го имаме нашиот мобилен во рака, и секоја апликација се бори за нашето внимание. Се надевам дека апликациите за подобрување на општеството ќе може да земат приоритет над Candy Crush, а воедно и да почнат да влијаат на навиките на корисниците за да се сменат тие кон подобро.

Банкарство: Вашата презентација на Конференцијата за е-трговија е на тема „Раст со податоци преку A/B тестирање“. Што е она што ја прави оваа технологија за тестирање посебна и кои се основните карактеристики на кои треба да се обрне внимание?

Горјан Јовановски: A/B тестирањето е многу едноставен концепт.

  1. Доколку сакам да тестирам некоја идеја, поставувам хипотеза која верувам дека би можел да ја тестирам, т.е. што верувам дека новата идеја ќе донесе во подобрување на производот.
  2. Потоа, половина од моите корисници ги изложувам на таа нова идеја, а другата половина останува на претходната непроменета верзија.
  3. И за двете групи се собираат податоци за користење на продуктот,  по можност на подолг период со цел да се акумулираат доволно статистички релевантни податоци за користеноста.
  4. На крајот се споредуваат податоците од двете групи, и се гледа дали се потврдува или негира хипотезата, и на тој начин се носи финалната одлука дали мојата идеја била добра или не за корисниците.

Битно е да се запамти дека 90% од идеите што се пробуваат во Booking.com, се покажуваат како неуспешни откако ќе се анализираат податоците – тоа значи дека колку и да мислиме дека ги знаеме нашите корисници, не е тоа секогаш така. Затоа е секогаш битно нашите верувања да ги подврдуваме со статистички релевантни податоци.

Интервјуа

Интервју АЛЕКСАНДАР ИЉОВ: Користете ја апликацијата HalkEco и придонесете за ново засадено дрво и намалена емисија на CO2

Објавено

на

Халкбанк како ЕКО ориентирана компанија која низ годините на своето постоење применува бројни ЕКО политики. Во последните 8 години Банката има финансирано повеќе од 6.000 вакви проекти во износ од 36,6 милиони евра. Досега, намалената емисија на јаглероден диоксид е за 37 илјади тони годишно, а со истите проекти се заштедени 130.000 MW/h електрична енергија. Последен ЕКО проект кој неодамна беше промовиран е мобилната апликација HalkEko којашто претставува  иновативно решение со кое, доколку се користи, значително може да придонесе за зачувување на животната средина. Со апликацијата се стимулирани пешачењето, трчањето, возењето велосипед или тротинет, особено во периоди од денот кога има најголем сообраќај. За секои поминати 80 километри, Халкбанк презема обврска да засади едно дрво. Првата акција за садење на 152 дрвја веќе беше организирана, а така ќе продолжи и во иднина. За апликацијата, нејзините цели и ефекти зборуваме со Александар Иљов, директор на секторот за маркетинг во Халкбанк.  (more…)

Продолжи со читање

Интервјуа

Интервју со членовите на Управниот одбор на Винер Лајф: Пазарот на животно осигурување продолжува со трендот на двоцифрен раст

Објавено

на

Денес, 1ви ноември се одбележува Денот на осигурувањето како долгогодишна традиција која е исполнета со бројни активности за зголемување на свесноста за важноста на осигурувањето. Овој ден треба да ги извади на површина сите најнови и најатрактивни продукти на осигурителните компании, со цел клиентите да бидат подобро информирани и запознаени како да ги задоволат своите потреби. (more…)

Продолжи со читање

Business Man

Challenger: Бизнисите да се приклучат на платформата за да бидат „зелени“

Објавено

на

Challenger е новата мобилна апликација за која мора да знаете, бидејќи кога ќе биде лансирана не смеете никако да ја пропуштите. Challenger е нов македонски стартап кој сака преку мобилна апликација да ги менува здравите навики на македонските граѓани, повеќе да поминуваат „зелени“ километри, да собираат поени, а со тоа и соодветни награди и признанија. Исто така Challenger сака да ги поттикне на општествена одговорност компаниите и институциите со цел да се креира нова зелена маркетинг платформа која ќе нуди многу предности. За начинот на кој функционираат како стартап, за пристапот до финансии за развој на идејата и техничкото решение, како и за тоа што ќе понуди апликацијата разговаравме со Теодора, Стефан, Олга и Митко од Challenger.

Што е Challenger? За кратко време успеавте да соберете многу внимание од јавноста која очекува многу интересен проект, особено пред почетокот на зимата кога се враќаат темите за загадувањето и проблемите со здравјето на луѓето?

Challenger e мобилна апликација за сите кои сакаат да добијат некоја награда за своите поминати зелени километри (пешки или на велосипед). Ние сакаме да ги предизвикаме нашите сограѓани, независно дали млади, студенти, родители, возрасни, активисти, оние кои се движат, кои сакаат да бидат промената во ова општество, или пак оние на кои им недостасува поттик да поминат километар повеќе, па и онаа група на луѓе кои се веќе наши локални еко супер херои.

Challenger ќе функционира на следниот начин:

1.Поминатите километри со пешачење или пак додека возите велосипед се претвораат во  Challenger поени
2. Challenger поените се заменуваат со кодови за попусти или пак бесплатни производи/услуги
3. Challenger е начин заедно да се избориме за почист воздух, да го намалиме секојдневниот сообраќаен метеж, затоа поставуваме предизвици (дневни,неделни или месечни) и за секое успешно исполнување се добиваат директни награди

Веројатно тоа што го привлече вниманието на јавноста, на наша голема среќа, е токму пристапот на нашето решение, а тоа е дека само како заедница на граѓани, бизниси и организации може да направиме промени. Затоа сакаме сите да ги повикаме да ни се приклучат во остварувањето на нашата цел, и заедно да бидеме дел од решението на аерозагадувањето, а не од проблемот.

Кој стои зад Challenger, може да ни раскажете како се склопи тимот и успевате ли да ја усогласите вашата визија, колку е голем предизвикот да се работи на ваков проект?

Приказната на Challenger започна на минатогодишниот StartupWeekend Скопје. Кога ќе се свртиме наназад сфаќаме дека работиме заедно веќе година дена, и тоа ни се чини нереално, бидејќи времето лета, како вчера да бевме во CeedHub. Еуфоријата која ја добивме не мотивираше да продолжиме првите месеци. Потоа дојдоа вистинските предизвици, кој од нас ќе продолжи да работи, како да го оформиме производот, да решиме во кој правец ќе продолжиме…. Процесот беше далеку од лесен, но едно е факт сите сме заљубени во Challenger, едноставно сонуваме да успее. Веројатно тој жар кај сите е тоа што не натера да аплицираме на различни натпревари каде што добивме и признанија. На кратко позади идејата на Challenger се Теодора, Стефан, Олга и Митко, кои воедно се основачи и на компанијата GreenIT. Наскоро ќе објавуваме и интересни текстови од нашиот тим, односно како се справувавме со нашите предизвици, избор на технологија, како ние го гледаме нашиот тим итн., така да следете го нашиот блог на www.challenger.mk 🙂

Кои ќе бидат главните цели на Challenger и како очекувате да се вклучи бизнис секторот во вашата приказна?

Главната цел на Challenger e да биде платформа преку која ќе се создава една општествено одговорна – зелена заедница, каде што луѓето развиваат навики да користат алтернативни методи на транспорт, а од друга страна локалните бизниси го подржуваат ова однесување.

Challenger е единствена платформа преку која бизнисите ќе можат да се вклучат на трендот, да бидат препознаени како зелени бизниси. На кратко бизнисите ќе може да спонзорираат предизвици и за истите да даваат директни награди на учесниците кои успешно го исполниле тој предизвик. Дополнително во нашата Challenger продавница бизнисите може да поставуваат бесплатни, или кодови за попуст за своите услуги и производи, а со самото тоа стимулираат и општествено одговорно однесување помеѓу своите сограѓани.

Ние велиме, времето да се биде ЗЕЛЕН бизнис е СЕГА, затоа им овозможуваме на бизнисите алатка без да трошат дополнителни ресурси.

Имате ли искуство со наоѓање на финансии од банкарскиот сектор, дали е тоа чекор на кој ќе треба да работите и што очекувате?

Во изминатиот период бевме во инкубациска програма подржана од банка, каде што се одборува кредит со ниска каматна стапка. Поради фактот дека сме на самиот почеток и се трудиме да го испробаме нашиот бизнис модел на пазарот, се уште не сме подготвени за подвиг на добивање финансии од банкарскиот сектор. Како нов startup, гледаме рационално и ефективно да ги користиме ресурсите кои ни се на располагање, па затоа се пријавуваме на различни настани каде што можеме да добиеме грантови или ко-финансирања. Се разбира кога ќе дојде моментот на експанзија и влегување на други пазари, тогаш финансиите од банкарскиот сектор ќе бидат потребни, но во овој момент се трудиме да најдеме алтернативни начини.

Како иновативен стартап модел дали Challenger го гледате на регионалниот и глобалниот пазар и што мислите за конкуренцијата?

Challenger е дефинитивно модел кој лесно се реплицира, и нашата првенствена замисла е Challenger да биде препознатлива алатка на Балканскиот пазар, со цел да ја развиеме Challenger и во другите Европски држави. За наша среќа на регионалниот пазар не постојат слични апликации како нашата, па конкуренцијата е занемарлива. Но, гледајќи го европскиот и глобален пазар, има апликации кои се веќе етаблирани и функционираат одлично во одредени држави, така да конкуренцијата таму е прилично силна. Се разбира, многу е рано да зборуваме за влегување на европски и светски пазари, додека не ја етаблираме Challenger на домашниот, па потоа и на регионалниот пазар. Затоа сакаме да ги имплементираме нашите планови чекор по чекор, и да оставиме пазарот и времето да ни покажат во која насока треба да се развиваме.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2018 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange