Connect with us

Интервјуа

Интервју АЛЕКСАНДАР ИЉОВ: Користете ја апликацијата HalkEco и придонесете за ново засадено дрво и намалена емисија на CO2

Објавено

на

Халкбанк како ЕКО ориентирана компанија која низ годините на своето постоење применува бројни ЕКО политики. Во последните 8 години Банката има финансирано повеќе од 6.000 вакви проекти во износ од 36,6 милиони евра. Досега, намалената емисија на јаглероден диоксид е за 37 илјади тони годишно, а со истите проекти се заштедени 130.000 MW/h електрична енергија. Последен ЕКО проект кој неодамна беше промовиран е мобилната апликација HalkEko којашто претставува  иновативно решение со кое, доколку се користи, значително може да придонесе за зачувување на животната средина. Со апликацијата се стимулирани пешачењето, трчањето, возењето велосипед или тротинет, особено во периоди од денот кога има најголем сообраќај. За секои поминати 80 километри, Халкбанк презема обврска да засади едно дрво. Првата акција за садење на 152 дрвја веќе беше организирана, а така ќе продолжи и во иднина. За апликацијата, нејзините цели и ефекти зборуваме со Александар Иљов, директор на секторот за маркетинг во Халкбанк. 

Банкарство: Неодамна Халкбанк ја промовираше новата мултифункционалната мобилна апликација HalkEco со која секој што ќе ја активира и ќе пешачи, ќе трча, вози велосипед или електричен тротинет, ќе придонесува за садење дрвја што ќе биде обврска на Банката? Која беше причината за создавање една ваква апликација?

Александар Иљов: Халкбанк е ЕКО ориентирана компанија која, низ годините на своето постоење, применува бројни еко политики. Апликацијата HalkEco е уште еден чекор во зачувувањето на здравата животна средина и одржливиот развој, која истовремено е насочена и кон едукација и подигање на свеста на населението. Создавањето на апликацијата беше пред сè мотивирано од потребата за будење на еколошката свест и поттикнување на одговорноста што сите ние ја имаме кон животната околина и квалитетот на воздухот. Таа овозможува формирање на здрави навики, охрабрува физичка активност и еко свест како индивидуална одговорност за животната средина, а за возврат се добива многу повеќе. Воедно, апликацијата од наша страна претставува и вложување во иновативни технологии што е уште еден крупен чекор што банката го прави кон дигитализација на своите услуги. HalkEco практично е начин на кој, со иновативен и интерактивен пристап, Халкбанк активно се вклучува во пошумување со засадување дрвја и намалување на емисијата на штетните CO2. На овој начин очекуваме заедно да придонесуваме за почиста и поздрава животна средина. На секои реализирани 80 километри како кумулативна физичка активност на сите лица што ја користат апликацијата, а истите се регистрирани во неа, ХалкБанк ќе засадува по едно дрво. На овој начин и банката и граѓаните стануваат одговорни за околината и придонесуваат за помасовно пошумување и засадување дрвја. Истовремено, преку вредни финансиски олеснувања за своите услуги и подароци што ќе ги доделува според вредноста на собраните HalkCoins, банката ќе ги мотивира граѓаните да пешачат или возат велосипед наместо да користат возило или јавен транспорт. Сите можат да ја симнат апликацијата и со нејзиното активирање и користење при секоја физичка активност, пешачење, трчање, возење велосипед или тротинет во земјата, ќе добиваат HalkCoins и со тоа ќе освојуваат различни нивоа за кои што следат подароци. Едни од најатрактивните, се финансиските  поволности како намалени каматни стапки и надомест за обработка на кредити, бонус поени на кредитни картички, зголемени каматни стапки за депозити, гратис осигурителни полиси, или велосипеди и електрични тротинети.

Едноставно кажано, HalkEco е апликација што овозможува секој да формира здрави навики, да биде мотивиран да пешачи или вози велосипед  наместо да користи возило или јавен транспорт, со тоа да придонесува за зачувување на животната средина со садење нови дрвја и со намалена емисија на CO2.

Банкарство: Иако поминаа само три недели од промоцијата на апликацијата, каков е ефектот од неа? 

Александар Иљов: Изненадувачки добар. Само за еден ден откако официјално беше претставена новата апликација, истата ја имаа симнато 1.242 граѓани кои за 24 часа успеаја да обезбедат нови 22 дрвja. Сите оние што започнаа да ја користат апликацијата додека пешачат, трчаат, возат велосипед или електричен тротинет за само еден ден имаа поминато 1.809 километри и со своите здрави навики ја намалија емисијата на јаглен диоксид за 234 килограми. Или за три недели, истата ја имаат симнато 2.333 граѓани, кои вкупно изминале 34.341 километри, ја намалија емисијата на јаглен диоксид за 4.431 килограми и обезбедија 429 дрвја, кои ние како Банка преземаме обврска да ги засадиме. Својата обврска за садење дрвја кои ги „обезбедија“ корисниците на апликацијата, Халкбанк веќе почна да ја реализира и ги засади првите 152 дрвца. Од нив 40 садници се засадени во дворот на скопската гимназија „Зеф Љуш Марку“, а останатите 112 во школските дворови на основни училишта низ повеќе градови. Ова беше прва акција на Халкбанк за засадување дрвја, по лансирањето на апликација и истата е спроведена во соработка со Граѓанската иницијатива „Денови на колективно садење дрвја во Македонија“. Садењето нови дрвја ќе продолжи и во иднина на локации каде е потребно пошумување.

Банкарство: Како функционира апликацијата и што е потребно да направи корисникот за да почне да собира километри и Коини и да „обезбедува дрвја“ кои Халкбанк ќе треба да ги засади? 

Александар Иљов: Во апликацијата се содржани повеќе елементи чија заедничка цел е намалување на емисијата на штетните гасови и засадување што повеќе дрвја. По симнување на апликацијата, корисник се станува со внес на име и мејл адреса. Се додава лозинка, се одбира тип на возило и корисникот се најавува со мејл адреса и лозинка. Апликацијата дава  преглед на поминати километри, брзината на движење, заштедена емисија на CO2, број на засадени дрвја како и собрани HalkCoins. За да се обезбеди садење на дрво, потребно е да се поминат 80 километри. Таа истовремено дава приказ и за рејтингот во однос на други корисници, но и рејтинг на компанијата, доколку е направена таква регистрација. На неа исто така може да се види секој ден колкави дистанци се поминат во некоја од наведените физички активности и за кое време. За секоја активност – трчање, пешачење, возење велосипед или тротинет, се добиваат HalkCoins и се освојуваат различни нивоа за кои што следуваат подароци, други бенефиции и можности за засадување зелени површини. Во текот на работните денови и за време на градскиот метеж, односно од 07:30 до 09:30 и од 15:30 до 17:30, секој километар вреди 2 HalkCoins, за време на викендите 0,5 HalkCoins и останато време носи 1 HalkCoin. При секоја активност мора да се притисне старт за да се активира мерењето, како и „крај“ кога ќе се заврши со физичката активност. Банката може да креира и предизвици, а со секој остварен предизвик корисникот може да собере повеќе HalkCoins. Апликацијата сите ги охрабрува да бидат физички поактивни, еко свесни и да ја мотивираат заедницата да го следи нивниот пример.

Банкарство: За да ги мотивирате граѓаните да негуваат здрави навики, предвидовте и подароци кои се различни, во зависност од физичката активност на секој поединец. Но, освен подароци, тие може да донесат и финансиски бенефит. Какви нивоа и награди се предвидени за корисниците на апликацијата?

Александар Иљов: Со ова иновативно решение кое го креираше Халкбанк, секој поединец, доколку го користи, во значителна мерка може да го подобри како сопственото здравје и истовремено да има и бенефит за семејниот буџет. Ние од Банката креиравме пет нивоа – за собрани 250, 500, 750, 1500 и 2000 HalkCoins. Подароците се различни и адекватни на нивото на активноста. За 250 собрани Коини може да се избере меѓу еко торба, со маица и пешкир, додавање 250 бонус поени на Мастеркард картичка, формирање еко депозит со за 0,10% поголема камата, или намалување на надоместокот за обработка на Еко кредит, како и патничко осигурување за 10 дена годишно. Како што расте бројот на собраните Коини, така и наградите и бенефициите се поголеми. Како награди може да се добијат и термоси, велосипеди или електрични тротинети, повеќе бонус поени, осигурување на имот, зголемена стапка на отворен депозит до 0,30% над редовната камата, потрошувачки кредит со до 15% пониска камата од редовната или станбен кредит со до 10 % пониска камата од редовната. Колку се вредни наградите може да се види низ примерот за аплицирање за станбен кредит од Халкбанк, каде корисникот на апликацијата кој собрал 2.000 Коини може да плати 4.200 евра помалку на крајот на периодот на отплата на кредитот.   

Банкарство: Во денешно време кога расте свеста за потребата од активности врзани за заштита на животната средина, дали Halkbank освен со апликацијата HalkEco и на друг начин придонесува за поголема грижа за природата? 

Александар Иљов: Халкбанк е прва еко банка во државата, а доказ за тоа е и нашето лого кое асоцира на зелено дрво, тркачка патека и еко отпечаток. Нашата банка е партнер кој посветено работи на поголема енергетска ефикасност и подобра животна средина. Во оваа насока имаме направено многу и од денешен аспект сме особено горди на овие резултати кои се одраз на нашата искрена желба да придонесеме за здрава животна средина. Тука мислам на ЕКО продуктите кои се наменети за поддршка на ЕКО оправдани инвестиции, насоченоста кон дигитализацијата и безхартиеното работење, зелените површини во премисите на банката. Халкбанк постојано поддржува проекти кои придонесуваат за намалување на емисија на јаглерод диоксид и заштеда на енергија. Во последните 8 години Банката има финансирано повеќе од 6.000 вакви проекти во износ од 36,6 милиони евра. Досега, намалената емисијата на јаглероден диоксид е за 37 илјади тони годишно, а со истите проекти се заштедени 130.000 MW/h електрична енергија. Халкбанк има и нова кредитна линија во износ од 600 милиони денари. Еко кредитот е наменет за физички лица кои сакаат да ја зголемат енергетската ефикасност на својот дом со финансирање на економски ефикасни производи и проекти како и  користење на обновливи извори на енергија и набавка на подобра термичка изолација на домот. На овој начин секој корисник може да ја намали потрошувачката на енергија и придружните трошоци, а во исто време и ќе придонесе за зачувување на животната средина. HalkEko е уште еден чекор повеќе кон нашата ЕКО свесност. Затоа ние од Халкбанк порачуваме – симнете ја апликацијата, пешачете до вашето работно место, собирајте HalkCoins и одберете поволност по ваш избор и придонесете лично со заштедена емисија на CO2 и ново засадено дрво. Така заедно можеме да направиме подобро за животната средина.

Интервјуа

Очекувања на менаџментот на Охридска банка АД Скопје за случувањата во банкарскиот сектор во 2020 година

Објавено

на

На почетокот на тековната 2020 година, се обраќаме до банките во Република Македонија со цел објавување на очекувањата на водечките банкари во нашата земја од аспект на предизвиците со кои ќе се соочат Банките во периодот што следи. (more…)

Продолжи со читање

Интервјуа

Очекувања на менаџментот на Халкбанк АД Скопје за случувањата во банкарскиот сектор во 2020 година

Објавено

на

На почетокот на тековната 2020 година, се обраќаме до банките во Република Македонија со цел објавување на очекувањата на водечките банкари во нашата земја од аспект на предизвиците со кои ќе се соочат Банките во периодот што следи. (more…)

Продолжи со читање

Интервјуа

Очекувања на менаџментот на Капитал Банка АД Скопје за случувањата во банкарскиот сектор во 2020 година

Објавено

на

На почетокот на тековната 2020 година, се обраќаме до банките во Република Македонија со цел објавување на очекувањата на водечките банкари во нашата земја од аспект на предизвиците со кои ќе се соочат Банките во периодот што следи. (more…)

Продолжи со читање

Популарно