Интервјуа
Очекувања на менаџментот на Халкбанк АД Скопје за случувањата во банкарскиот сектор во 2020 година

На почетокот на тековната 2020 година, се обраќаме до банките во Република Македонија со цел објавување на очекувањата на водечките банкари во нашата земја од аспект на предизвиците со кои ќе се соочат Банките во периодот што следи.
За таа цел во целост ги пренесуваме ставовите и очекувањата на Билал Суџубаши, претседател на Управниот одбор на Халкбанк АД Скопје.
Банкарство: Дали може да направите кратка ретроспектива на изминатата 2019 година. Дали годината беше успешна за Вас и Вашата институција и кои поуки ги извлековте од изминатата 2019 година?
Билал Суџубаши: Изминатата 2019 година и од аспект на банкарскиот сектор, а и од аспект на Халкбанк, слободно можам да кажам дека беше успешна година. Впрочем, ако го погледнете извештајот на рејтинг агенцијата Фич која на крајот на минатата година го потврди ББ+ кредитниот рејтинг на нашата земја, во него е наведено дека фундаментите на банкарскиот сектор на Северна Македонија и натаму се здрави, дека секторот е добро капитализиран и дека на крајот на вториот квартал на 2019 година, стапката на основен капитал достигна 15,8%. Истовремено нагласено е и дека нивото на нефункционалните кредити е умерено и дека нивната покриеност со резервации од банките е висока.
Општо земено, минатата година во земјава имавме висока стапка на раст на кредитирањето, како и на штедењето, при што денарското штедење на населението го надмина штедењето во девизи, што укажува на задржување на довербата на граѓаните во домашната валутa. Исто така, значително е зголемено кредитирањето на фирмите, a нефункционалните кредити се задржаа на ниско ниво.
Халкбанк и во 2019 година продолжи со темпото од 2018 година која за нас во секој поглед беше рекордна и во која остваривме профит од 10,7 милиони евра. Иако сé уште работиме на сублимирање на конечните резултати за 2019 година, оние заклучно со третиот квартал даваат основ да веруваме дека и во оваа година ќе успееме да го надминеме остварувањето во однос на финансискиот резултат од 2018 година и да поставиме за нас нов рекорд во делот на профитабилноста.
Имено, банката заклучно со третиот квартал во споредба со 2018 година има пораст на активата за 14,4 отсто или за 110 милиони евра, како и пораст на пазарното учество од 9,4 отсто во 2018 на 10,2 отсто заклучно со 30 септември 2019 година. Во однос, пак, на вкупните кредити, банката во истиот период забележа пораст од 47 милиони евра, односно од 8,5 отсто, додека, пак, пазарното учество во овој сегмент се зголеми од 10,6 отсто во 2018 на 11,3 отсто заклучно со 30 септември 2019 година.
Вкупните депозити на Халкбанк во периодот 31.12.2018 – 30.09.2019 година забележаа раст од близу 64 милиони евра или 14,2 отсто, а пазарното учество е зголемено од 7,4 отсто на 8,1 отсто. Вкупните депозити на клиенти во септември достигнаа 513 милиони евра. Во делот на населението, успеавме да го зголемиме портфолиото на депозитите за 22 милиони евра и тие достигнаа 254 милиони евра, додека кај корпоративниот сектор успеавме да достигнеме депозитна база од 229 милиони евра и да го зголемиме портфолиото за 34 милиони евра во однос на 2018 година. Депозитите од финансиските институции, пак, достигнаа 67 милиони евра.
Во текот на 2019 година воведеме низа нови производи и услуги и во делот на кредитирањето, а и во делот на депозитите. Покрај тоа, ја зголемивме и деловната мрежа и денес имаме 42 филијали, а бројот на вработените се искачи на 570. Во однос на алтернативните канали на дистрибуција, пак, бројот на банкомати сега изнесува 133, а бројот на ПОС терминали заклучно со ноември месец 2019 година изнесува 6.989
Покрај тоа, Халкбанк во 2019 година беше првата банка во секторот која директно инвестираше во осигурителниот бизнис, односно која стана стопроцентен сопственик на компанија од тој бизнис – Халк Осигурување. Секако дека остварениот пораст беше поддржан и од страна на нашата матична банка, преку извршената докапитализација во февруари на износ од 15 милиони евра, како и преку исплата на дивиденда од добивката од минатата (2018) година во форма на акции.
За нас 2019 година ќе остане запаметена како година во која го направивме првиот исчекор во насока на создавање на институција која во иднина ќе стане препознатлива како финансиски супермаркет. И секако дека нашата банка-мајка е задоволна и горда на чекорите кои ги преземаме во насока на воведување на нејзиниот концепт на работење и во оваа земја.
Банкарство: Какви се Вашите очекувања, кои ќе бидат новите трендови во банкарскиот сектор во 2020 година во нашата земја и во регионот?
Билал Суџубаши: Како што знаете, Народната Банка за 2020 година ја објави проекцијата за раст на депозитите за 8,5 отсто, додека кредитниот раст се очекува да изнесува околу 8 проценти. Исто така, и со проекција за можно забавување на економијата поради претстојните предвремени парламентарни избори. Меѓутоа, доколку целиот процес се заврши во планираните рокови, сметам дека негативните ефекти веројатно ќе бидат со кус рок.
Дополнително, позитивно за целата економија, вклучително и за банкарскиот сектор, годинава ќе биде влезот на земјата во НАТО бидејќи тоа, ако се земат предвид искуствата од другите земји кои станаа членки на Алијансата, очекувано ќе донесе нови инвестиции, бидејќи НАТО е извор и на финансиска и на економска сигурност.
Ако зборуваме за предизвиците пред банкарскиот сектор, најголем секако ќе биде донесувањето на новиот Законот за платежни услуги и платежни системи, чиј предлог е веќе изработен од страна на Министерството за финансии, во соработка со НБРСМ и експерти од ЕУ.
Овој Закон всушност претставува усогласување на нашето законодавство со соодветни директиви на ЕУ и ќе овозможи либерализација на пазарот на платежни услуги и влез на небанкарски институции, како платежни институции и институции за електронски пари. Овој закон ќе биде првиот чекор кон менување на платежниот пејзаж бидејќи во него ќе можат да се вклучат многу нови, небанкарски институции.
Ова за банкарскиот сектор ќе биде предизвик бидејќи со либерализација на пазарот ќе се зголеми и конкуренцијата со што банките и другите финансиски институции ќе мораат да бидат поактивни во примената на технолошките иновации во финансискиот сектор. Ова, пак, како што очекуваат изготвувачите на Законот, треба да донесе зголемување на нивото на дигитализација и воведување нови производи во финансискиот сектор.
Факт е дека во Северна Македонија свесноста кај населението за користењето на дигиталните трендови сè уште е на скромно ниво. Имено, иако се забележува солидна финансиска вклученост од аспект на поседување трансакциска сметка, сепак повеќе други показатели упатуваат на позначителен јаз: само 17 отсто и 53 отсто од населението, соодветно, поседува кредитни и дебитни картички, наспроти европскиот просек од 35 отсто и 71 отсто, соодветно, само 37 отсто од населението ги користи картичките за купопродажни трансакции, што е двојно помалку од европскиот просек од 63 отсто, само 12 отсто од населението користи електронски пристап до сметки, а интернет-трансакции прават само 17 отсто од граѓаните, што е двојно помалку од просекот во ЕУ.
Ние како банка сме промотор на технолошки промени во сите сфери уште од влегувањето на македонскиот пазар. Па така, ние бевме први во воведувањето многу нови производи, а имаме и многу други проекти на кои работиме што ќе бидат лансирани наредниот период. Ние, на пример, сме првите што на македонскиот пазар понудивме можност за бесконтактно плаќање, први сме со бонус програма за кредитните картички, а први понудивме и опција „Smart Cash“ за повлекување готовина од автомат без користење картичка.
Оттаму, ние како банка сме подготвени за најавената либерализација која ќе ја донесе новиот Закон за платежни услуги и платежни системи бидејќи и без тоа, остварувањето на нашата зацртана цел – да бидеме најголема банка во Северна Македонија, нема да можеме да ја постигнеме без воведување нови производи и услуги по мерка на клиентите.
Банкарство: Што можеме да очекуваме од Халкбанк АД Скопје во 2020 година?
Билал Суџубаши: Проекциите на Халкбанк АД Скопје за 2020 година укажуваат дека исто како и во изминатиот период и следната година ќе работиме на постигнување раст кој е на повисоко рамниште од растот на секторот. Имено, согласно плановите, предвиден е пораст на вкупните кредити и депозити од околу 12 отсто, додека порастот на вкупната актива се очекува да изнесува нешто над 11 отсто. Притоа, предвидено е зацртаните таргети за 2020 година да се остваруваат со целосна и безрезервна поддршка од страна на нашата матична банка, Халкбанк А.Ш. Турција. Значајно е да се напомене дека и годинава растот останува наш врвен приоритет. Покрај тоа, 2020 година е година која ќе ја посветиме и на развој на сродните дејности како што е осигурувањето. Генерално, може да се каже дека во оваа година особено внимание ќе посветиме на создавање нови производи и услуги, како за корпоративниот сектор, така и за населението, кои ќе ѝ овозможат на банката остварување на таргетите за раст преку задржување на одржливо ниво на профитабилност.
Халкбанк постојано настојува да креира производи по мерка на корисниците, бидејќи тоа е основата на нашиот раст. Но, истовремено имаме и обврска, која произлегува и од политиката на нашата матична банка Халкбанк АШ Турција, во земјата во која работиме да бидеме промотори на воведување нови технологии создавајќи на тој начин бенефит и за корисниците и за државата во целина.
Наш следен новитет кој наскоро ќе го промовираме ќе биде воведување на мобилната апликација HalkPay со која корисниците ќе може да плаќаат на ПОС терминалите со своите телефони. Ова првично ќе биде овозможено за сопствениците на MasterCard платежните картички. Секако, ќе има и други нови производи базирани на новите технологии, со што Халкбанк ќе продолжи да биде промотор на технолошките промени во банкарскиот сектор во земјава.
Интервјуа
Чадиковски за АЕТМ: Комерцијална банка докажа дека е пионер во воведувањето напредни и клучни дигитални решенија

Комерцијална банка континуирано развива нови и современи решенија, генерално базирани на нови технологии, со цел да излезе во пресрет на новите потреби и навики на клиентите. Можноста за верификација на дигиталниот идентитет, надополнета со можноста за електронски потпис е клучна пресвртница за целосна трансформација на дигитализацијата во нашата земја, вели во интервју за АЕТМ, Киро Чадиковски, Директор на Дирекцијата за банкарски картички и платежни сметки во Комерцијална банка. (more…)
Интервјуа
Очекувања 2023 година | САНЕЛ КУСТУРИЦА, ШПАРКАСЕ БАНКА АД СКОПЈЕ

На почетокот на тековната 2023 година, се обраќаме до банките во Република С.Македонија со цел објавување на очекувањата на водечките банкари во нашата земја од аспект на предизвиците со кои ќе се соочат Банките во периодот што следи. (more…)
Интервјуа
Очекувања 2023 година | СТЕВЧЕ КУЗМАНОВСКИ, ПРОКРЕДИТ БАНКА АД СКОПЈЕ

На почетокот на тековната 2023 година, се обраќаме до банките во Република С.Македонија со цел објавување на очекувањата на водечките банкари во нашата земја од аспект на предизвиците со кои ќе се соочат Банките во периодот што следи.
Од соговорниците побаравме да направат кратка ретроспектива на изминатата 2022 година, да ги споделат своите очекувања околу новите трендови во банкарскиот сектор во 2023 година, да дадат свој коментар на движењето на каматите на активата и пасивата, да ги истакнат предизвиците со кои ќе се соочи банкарскиот сектор по имплементацијата на новиот Закон за платежни услуги и платни системи и да откријат еден новитет кој банката ќе го воведе во тековната година. (more…)
- Анализипред 3 weeks
8 МАРТ АНАЛИЗА: Колку се застапени жените во Управните одбори на банките во Македонија?
- Анализипред 2 months
ТЕШКА ГОДИНА – РЕКОРДНИ ПРОФИТИ: Трите најголеми македонски банки со добивка од 117 милиони евра во 2022 година
- Банкипред 3 weeks
Оглас за вработување во НЛБ Банка АД Скопје
- Банкипред 3 weeks
Оглас за вработување во УНИБанка АД Скопје
- Банкипред 2 weeks
Оглас за вработување во Комерцијална банка АД Скопје
- Банкипред 2 weeks
Оглас за вработување во Шпаркасе Банка АД Скопје
- Банкипред 4 weeks
Оглас за вработување во Комерцијална банка
- Домашни банкипред 2 months
Одличното справување со NPL на Халкбанк и донесе профит од 12 милиони евра во 2022 година