Connect with us

Електронско банкарство

AETM: Моменталните законски решенија го кочат растот на е-трговијата

Објавено

на

На овогодинешната конференција за е-трговија која се одржа на 11 ноември во Скопје беше промовирана годишната Анализа на е-трговијата 2022 година со наслов „E-трговијата во Република Северна Македонија и споредба со регионот и европските земји, 2022 година”, каде што беа презентирани клучните сознанија за состојбата на е-трговијата во земјата и регионот, според кои може да се забележи напредок и раст во бројот и обемот на онлајн трансакции, зголемена понуда на производи и услуги кои што можат да се купат онлајн, но и бројни предизвици и бариери со кој што се соочуваат е-трговците. Една од бариерите која произлезе од анализата е неусогласеноста на домашната регулатива со регионот и ЕУ – што преставува пречка за меѓународна продажба на други пазари во регионот и искористување на поволностите на е-трговијата. Она што уште повеќе загрижува е тоа што домашните трговци се соочуваат и со бројни проблеми и при е-продажбите на домашниот пазар, а како резултат на несоодветните и нејасни законски решенија кои влијаат ограничувачки на понатамошниот раст на е-трговијата.

Регулативата секако има потешкотии да ги прати брзите промени кои ги носи дигиталната економија, меѓутоа онлајн продавањето и уште повеќе маркетплејс платформите како бизнис модел постојат и кај нас веќе декада, а се уште регулативата не ги препознава како такви. Така наместо да им се олесни патот за раст и развој, регулативата ги кочи и додава потешкотии на веќе комплицираните процеси и оператива која ја имаат.

Според актуелниот Закон за регистрирање на готовински плаќања, фискална сметка се издава во моментот на плаќањето како потврда за плаќањето на цената на доброто или услугата. По исклучок, кога продажбата се врши преку посредник, трговецот (ресторан на пример) фискалната сметка би требало ја издава на дистрибутерот (посредник, доставувач) кој е должен да ја предаде на купувачот при преземање на доброто и плаќање за него. Неприменливоста во пракса значи дека продавачот треба да издаде фискална сметка со производот, а средствата за истиот да ги добие од посредникот одложено по банкарски пат. Одредбата, која е исклучок од општото правило, и која наложува задолжително издавање на фискална сметка од страна на трговецот кон посредникот (доставувач) кој го презема доброто за да биде извршена достава до крајниот купувач кој финално ќе плати со готовина, го дерогира Законот за регистрирање на готовински плаќања, кој бара издавање на фискална сметка во моментот на плаќањето.

Поради горната нелогична законска одредба, инспекциските органи во пракса бараат да биде издадена фискална сметка и да се евидентира наплата во деловниот однос меѓу е-трговецот и посредникoт (доставувач) уште пред да бида извршена доставата и наплатата во готово од крајниот купувач. Временската разлика меѓу чинот на предавање на доброто од страна на посредникот (доставувач) и конечната наплата која се врши од крајниот купувач при предавање на нарачаното добро, ја прави неупотреблива законската одредба за задолжително издавање на фискална сметка од страна на е-трговците при предавањето на доброто на посредникот заради достава. Нагласуваме дека при иницијалното преземање на нарачката од е-трговецот од страна на посредникот не се врши никакво плаќање во готово.

Заради потребата од законско нормирање на ваквиот начин на модерно работење на е-трговците кај нас, а во согласност со веќе воспоставените комапарaтивни практики кај соседите, предлагаме итно препознавање на состојбата од страна на засегнатите институции и интервенирање со сет на решенија и измени во регулативата.

Едно од решенијата е да се овозможи фискалната сметка да поддржува и форма на одложено плаќање за направениот промет, односно плаќање на банкарски начин, кое ќе се применува во случај кога испораките на нарачките се вршат преку посредник. Фискалните апарати би требало да се сетирани за следните видови плаќања:

  • Наплата во готово (плаќање во готови пари на лице место)
  • Наплата со картичка (банкарско плаќање во реално време)
  • Наплата преку сметка (одложено банкарско плаќање, од трансакциска на трансакциска сметка)
  • Друг начин (со ваучери, бонови, поени, интерни картички, тнр. пресметковно плаќање)

Сите форми на плаќање се лесно проверливи од страна на инспекциските органи и ќе овозможат дополнителна контрола на јавните давачки и евидентирање на прометот и истите овозможуваат брза и лесна проверка на залихите кај трговецот после направениот промет. Воведувањето на дополнителна опција за наплата при издавање на фискални сметки веќе постои и одлично функционира во соседните држави како Србија, Босна и Херцеговина и Хрватска.

„Законските решенија треба да ги следат измените во реалниот свет и да овозможат клима за раст и развој на бизнисите, и тоа не само за е-трговците, туку и во целиот бизнис екосистем – вклучувајќи ги и поштите и останати посредници. Ние како Асоцијација постоиме во интерес на членовите и ќе работиме во насока за подобрување на регулативата поврзана со е-трговија, со цел обезбедување на појасни, поконцизни законски акти во постоечките закони или давање на предлози за нови законски решенија. AETM aктивно работи на регионални проекти со земјите од регионот, од каде што увидовме дека постојат добри практики кои можат да се применат и кај нас. Со усогласување на регулативата со регионот, покрај поедноставување на работењето на домашните бизниси, ќе се отвори и можност за влез на нови компании од областа на е-трговијата, што ќе овозможи засилена конкурентност, подобрување на квалитетот на услугите и воведување на нови и модерни технологии на работење.” – изјави Претседателката на АЕТМ, Нина Ангеловска.

Е-трговците и посредниците бараат привремени решенија на краток рок додека да се унифицираат деталите околку плаќањата во готово во регулативата, кои што ќе помогнат сите регистрирани е-трговци да можат јасно да ги разберат своите обврски, за да можат да ги почитуваат, како би се одбегнале глоби поради недоволно јасна примена на законот.

На долг рок, неопходно е да се започне и со имплементација на подолгорочни системски решенија како што е воведувањето на дигитална фискализација, нешто што веќе извесно време се применува во земјите од регионот, бидејќи печатената фискална сметка е значајна кочница за развојот на е-трговијата. На пример, ако имаме е-посредник кој нуди за продажба производи на трети страни со кои има склучено договор и кои ги чува на консигнација и испорачува од свој центар за испорака – со моменталната регулатива се поставува прашањето како истиот би можел да издаде/достави фискална сметка од продавачот заедно со производот? Дали истиот би требало при секоја продажба да го посетува продавачот и да зема печатена фискална сметка за продаден производ? Ова сценарио е само дел од нејаснотиите и несоодветните законски решенија кои институциите мора да ги препознаат и адресираат.

Имајќи предвид дека растот и развојот на е-трговијата е во интерес на развој на домашната економија, АЕТМ апелира до засегнатите институции внимателно да ја разгледаат оваа проблематика, да излезат во пресрет на бизнис секторот и да ја увидат потребата од итно усогласување на законодавството, по примерот на земјите од регионот. Асоцијацијата за е-трговија пред надлежните институции ќе иницира промена на регулативата во насока на уредување на можноста за наплата на прометот на банкарски начин преку фискалните апарати, за што постои техничка можност. Ваквата иницијатива е во насока на засилување на механизмите за борба против сивата економија, олеснување на бизнисот и обезбедување на еднакви можности за сите.

Електронско банкарство

За уште подобро корисничко искуство – Нов изглед и нови функционалности на ПроКредит мобилната апликација

Објавено

на

ПроКредит Банка ја претстави најновата, унапредена верзија на апликацијата за мобилно банкарство, со нов, подобрен кориснички интерфејс кој е практичен и интуитивен, и нуди лесна навигација низ бројните функционалности. (more…)

Продолжи со читање

Електронско банкарство

НЛБ Банка со промотивна кампања за НЛБ Проклик електронско и НЛБ мПроклик мобилно банкарство за правни лица

Објавено

на

Во текот на месец ноември, НЛБ Банка спроведува промотивна кампања за НЛБ Проклик електронско банкарство и НЛБ мПроклик мобилно банкарство за правни лица. (more…)

Продолжи со читање

Домашни банки

Шпаркасе Банка со нов дизајн и функционалности на S-банка мобилната апликација

Објавено

на

Новата верзија на S-банка со нов, модерен и интуитивен дизајн е веќе достапна за сите корисници на мобилно банкарство на Шпаркасе Банка. (more…)

Продолжи со читање

Популарно