Connect with us

НБРМ

Меморандум за соработка помеѓу Народната банка и Државниот архив: Ќе се истражува архивскиот материјал значаен за централнобанкарското работење

Објавено

на

Еден од резултатите на Меморандумот за соработка, склучен помеѓу Народната банка и Државниот архив, ќе биде истражувањето на архивските фондови во Државниот архив коишто се однесуваат на банките и банкарските организации значајни за стопанскиот развој на нашата држава низ историјата.

Со Меморандумот се обезбедува натамошно зацврстување и проширување на соработката и се определува сферата на заеднички интереси во истражувањето, собирањето, обработувањето, евидентирањето, чувањето и промовирањето на архивскиот материјал значаен за централнобанкарската историја, за финансиските состојби, за развојот на банкарството и економијата во државата. Со официјализирањето на заемната соработка, двете институции ја истакнуваат заложбата за промовирање на архивските материјали како позитивен пример на општествена одговорност, на етички и професионален однос.

Соработката на Народната банка со Државниот архив на Република Северна Македонија придонесува и кон зачувување на економската историја, како корисна алатка за финансискиот сектор којашто може да придонесе за подобрување на благосостојбата во општеството, но и како колективна меморија и културно наследство.

НБРМ

Народната банка и гувернерката Ангеловска-Бежоска избрани од ЕБОР за водачи на проектот за женско претприемаштво во нашата земја

Објавено

на

Поголемата финансиска инклузија на жените претприемачи преку развивање вештини, знаења, изработката и следењето на соодветните податоци и пристапот до финансиски средства се основните цели на пилот-проектот со кој ќе раководи Народната банка со поддршка од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР). Ова беше истакнато на денешниот настан на кој се потпиша Меморандумот за соработка за примената на Кодексот за финансирање на жените претприемачи во нашата земја, на кој присуствуваа гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и претставникот на ЕБОР во нашата земја, Фатих Туркменоглу, како и дел од тимовите на централната банка и на Канцеларијата на ЕБОР.

Гувернерката Ангеловска-Бежоска се заблагодари за довербата укажана од ЕБОР, којашто одлучи централната банка да биде предводник на проектот и да гради мостови помеѓу јавниот и приватниот сектор за зголемување на финансиската вклученост на жените, што ќе придонесе за отворање нови бизниси и работни места и за придвижување на економскиот раст.

„Поддршката на бизнисите предводени од жени е клучна во борбата за родовата еднаквост. Централната банка активно ќе работи на едуцирање на корисниците на кредити за можностите и обврските коишто давателите на кредити ги имаат кон нив, како и за обезбедувањето податоци за кредитирање на компаниите предводени од жени, што ќе придонесе за подобар пристап на жените претприемачи до финансии. Последната анкета на Националната платформа за женско претприемаштво „Барометар за женското претприемаштво од 2023 година“ покажува дека околу 40% од жените сметаат дека немаат доволно поддршка во смисла на советодавна платформа и грантови за поддршка на нивниот бизнис. Исто така, повеќе од половината сметаат дека или немаат доволен или немаат соодветен пристап до финансии, а речиси 88% од жените претприемачи посочуваат дека со сопствени средства или со заем од семејството и пријателите го почнуваат својот бизнис. Преку овој проект сакаме да направиме разлика и да го свртиме вниманието кон овие политики коишто може да придонесат кон побрз економски раст и развој“, истакна гувернeрката Ангеловска-Бежоска.

„Промовирањето на родовата еднаквост е еден од трите стратегиски приоритети на ЕБОР, при што клучна улога игра поддршката на жените претприемачи. Кодексот за финансирање на жените претприемачи е исклучително добра можност да ги насочиме тековните напори во оваа област и особено сме задоволни за тесната соработка со Народната банка на ова поле“, истакна претставникот на ЕБОР во нашата земја, Туркменоглу.

Народната банка и ЕБОР се обврзаа дека во иднина ќе работат на зголемување на бројот на потписници на Кодексот за финансирање на жените претприемачи во земјава, вклучувајќи ги и носителите на политиките, давателите на финансиски услуги и други надлежни субјекти со цел се обезбедат податоци за фирмите на жените претприемачи и да се промовира неговата употреба при осмислувањето на политиките и производите за микро, малите и средните претпријатија предводени од жени.

Продолжи со читање

НБРМ

Ангеловска-Бежоска: Родовата еднаквост не само квантитативно, туку и квалитативно ќе го поттикне економскиот раст

Објавено

на

Последователните економски шокови изминатите години дополнително го отежнуваат намалувањето на родовата нееднаквост, поради нивното понеповолно влијание врз женската популација. Така, кај повеќето земји од регионот на Западен Балкан стапката на активност е повеќе намалена кај жените отколку кај мажите, што е слично и со глобалните трендови. Според анализата на Светската банка, земјите во регионот од Западен Балкан секоја година губат околу 18% од БДП поради родовиот јаз на пазарот на труд, при што две третини од загубата се објаснува со ниската стапка на активност на жените, а преостанатиот дел на разликите во изборот на занимањата помеѓу мажите и жените. Оттаму, водењето соодветни политики за поголема вклученост на жените на пазарот на трудот може значително да придонесе за повисок економски раст, порача гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска на работилницата „Улогата на жената во економската трансформација на општеството“ во организација на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. 

Глобално и во регионот, неодамнешните кризи посилно ги погодија секторите со поголемо учество на жените и неповолно се одразија врз активноста и јазот. „Според Светскиот економски форум (СЕФ), ако напредокот продолжи со досегашната динамика, на глобално ниво ќе бидат потребни 131 година за да се постигне целосна рамноправност. За споредба, пред пандемијата беше проценето дека се потребни 100 години за да се постигне родова еднаквост, што укажува на последиците од неодамнешните шокови врз женската популација и родовиот јаз“, посочи Ангеловска-Бежоска.

Ангеловска-Бежоска посочува дека позитивен ефект од намалувањето на родовиот јаз врз растот би имало не само од зголемениот број на работната сила, туку и од различните вештини и карактеристики на жените, коишто можат да дадат поинаква квалитативна димензија на пазарот на трудот и пооптимално одлучување.

Гувернерката посочува дека за да се постигне тоа се потребни реформи во повеќе сегменти, како откривање на сите извори на родовите разлики присутни во институционалните, регулаторните, образовните и традиционалните норми, развивање политики коишто ќе ги поттикнат жените да се вратат на пазарот на труд, разбивање на стереотипите и создавање еднакви можности за кариерен развој на жените (учество во лидерските и високите позиции), соодветна поддршка на жените од државата и работодавачите во однос на обврските кон семејството/децата, осмислување нови иновативни технолошки решенија коишто ќе овозможат поголема финансиска инклузија и пристап до финансирање на жените со ниски примања.

На работилницата во организација на Катедрата по економија, на која и гувернерката одржа предавање, учествуваа и ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, проф. д-р Билјана Ангелова и претседателката на Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ), д-р Владанка Трајкоска. Работилницата ја отвори деканот на Економскиот факултет, проф. д-р Предраг Трпески, а воведни обраќања имаа и професорките д-р Даниела Бојаџиева и д-р Билјана Ташевска.

Продолжи со читање

НБРМ

Оваа недела ќе се одржи 50. сесија на Клубот на истражувачите на Народната банка

Објавено

на

На 28 март 2023 година (четврток), со почеток во 14 часот, ќе се одржи 50. сесија на Клубот на истражувачите во просториите на Народната банка.

На сесијата ќе биде презентиран трудот: „Испитување на динамичкиот пренесен ефект на светските цени врз македонските цени на храната“ од авторите Даница Уневска Андонова и Магдалена Петровска. По презентирањето на трудот e предвидена дискусија.

Народната банка објавува повик до сите истражувачи коишто се заинтересирани да учествуваат на сесијата на Клубот да се пријават на е-адресата: info@nbrm.mk, најдоцна до 27 март 2023 година (среда).

Клубот на истражувачите на Народната банка е отворена платформа за презентација и дискусија на научноистражувачки трудови, особено во доменот на монетарната политика и макроекономијата. Трудовите коишто се презентираат на сесиите на Клубот, треба да бидат изработени согласно со трендовите и стандардите на современите истражувања, што подразбира емпириска анализа, како и систематизирани заклучоци од истражувањето.

На сесиите на Клубот како платформа за дискусија и размена на стручни мислења, може да се презентираат резултати и сознанија и од истражување/труд во работна верзија. Сесиите се од јавен карактер и фотографиите од настанот се објавуваат на веб страната на Народна банка и на профилите на социјалните мрежи. 

Зачленувањето во Клубот на истражувачите е од отворен карактер.

Продолжи со читање

Популарно