Connect with us

Бизнис

Министерството за финансии откри измамнички практики кај финансиски друштва: реклами со „0% камата“ и нејасни брендови

Објавено

на

Министерството за финансии соопшти дека при извршен надзор над работењето на финансиските друштва во земјава биле утврдени одредени измамнички трговски практики поврзани со рекламирањето на финансиските услуги, кои се спротивни на Законот за заштита на потрошувачите.

Како што информираат од Министерството, контролите покажале дека дел од финансиските друштва рекламирале кредити со „0% камата“, иако во самите договори за кредит биле предвидени дополнителни трошоци кои ја зголемуваат цената на услугата. Покрај тоа, биле утврдени и други неправилности, меѓу кои рекламирање финансиски услуги под различни брендови без јасно да се наведе кое финансиско друштво стои зад понудата.

Надзорот открил и случаи во кои едно финансиско друштво користело повеќе веб-страници, што може да создаде забуна кај граѓаните, како и ситуации во кои во деловните простории се користел назив различен од официјалното име наведено во дозволата за работа издадена од Министерството за финансии.

Од Министерството посочуваат дека на сите финансиски друштва кај кои се утврдени неправилности им е наложено веднаш да ги отстранат рекламите и натписите што можат да ги доведат граѓаните во заблуда. Во спротивно, институцијата најавува дека ќе ги преземе сите расположливи мерки во насока на заштита на корисниците на финансиските услуги.

Воедно, финансиските друштва се потсетуваат дека се должни да го користат исклучиво називот наведен во дозволата за работа, како и да располагаат со една официјална веб-страница која јасно го идентификува друштвото што ја нуди услугата.

Според Законот за заштита на потрошувачите, одредена трговска практика се смета за измамничка доколку во нејзината содржина недостасуваат клучни информации што му се потребни на потрошувачот за да донесе информирана одлука.

Бизнис

Доделени наградите за е-трговија за 2025 година: Ова се најдобрите е-продавници

Објавено

на

Вчера се одржа свечената церемонија во рамки на изборот на најдобрите е-трговци во Македонија “E-commerce Awards 2025”, во организација на Асоцијацијата за е-трговија.

“E-commerce Awards” претставува значајна иницијатива за е-трговијата, која преку транспарентен и структуриран процес ги препознава насјуспешните за изминатата година, ги наградува за напорите и посветеноста и придонесува кон јакнење на довербата кај онлајн купувачите. Ваквите избори имаат важна улога во развојот на секторот, поттикнувајќи здрав натпревар и континуирано унапредување на услугите и корисничкото искуство.

Овогодишното издание бележеше над 36.000 гласови дадени од повеќе од 4.200 гласачи. Граѓаните имаа можност да гласаат за своите омилени е-продавници, при што гласањето од јавноста учествуваше со 60% во конечниот резултат, а 40% од оценувањето на стручна жири-комисија во финалната фаза. Единствено во категоријата „Најпопуларна е-продавница“, победникот се избра само врз основа на гласовите од јавноста.

Во овогодишниот избор беа номинирани 217 е-трговци, кои се натпреваруваа во 18 категории, а во рамки на свечената церемонија на E-commerce Awards 2025 беа доделени вкупно 38 награди. Со овие признанија се наградуваат најуспешните е-трговци според нивните постигнувања во различни аспекти на онлајн продавањето.

Во продолжение се претставени победниците по категории:

Најдобри е-продавници по сектори:

Е-продавница за облека, обувки и модни додатоци:
○ Прво место: fashiongroup.com.mk
○ Второ место: mytime.mk
○ Трето место: sport-m.com.mk

Е-продавница за бела техника и електроника: neptun.mk
Е-продавница за храна и пијалоци: korpa.mk
Е-продавница за здравје, нега и убавина:
○ Прво место: zegin.com.mk
○ Второ место: coslovemetics.mk
○ Трето место: fashiongroup.com.mk

Е-продавница за дом, градина, мебел и канцелариски материјали: akcija24.mk
Е-продавница за бебешка и детска облека, опрема и играчки: svetotnabibi.mk

Е-продавница за услуги:
○ Прво место: telekom.mk
○ Второ место: a1.mk
○ Трето место: kariera.mk
Е-продавница за уметност, култура, настани и едукација: literatura.mk
Маркетплејс и мулти е-продавница:
○ Прво место: ananas.mk
○ Второ место: wolt.com
○ Трето место: mytime.mk

Најдобри е-трговци во одбрани аспекти на онлајн продавање:
Е-трговец со најдобро искуство за е-плаќање:
○ Прво место: telekom.mk
○ Второ место: evnonline.mk
○ Трето место: korpa.mk
Е-трговец со најдобра достава:
○ Прво место: ananas.mk
○ Второ место: zegin.com.mk
○ Трето место: korpa.mk
Е-трговец со најдобра грижа за корисници:
○ Прво место: coslovemetics.mk
○ Второ место: a1.mk
○ Трето место: frida.mk
Е-трговец со најдобро присуство на социјални медиуми:
○ Прво место: ananas.mk
○ Второ место: coslovemetics.mk
○ Трето место: svetotnabibi.mk
Најдобра веб-страница за плаќање на сметки: evnonline.mk
Мобилна апликација за е-трговија на годината: wolt.com
Шампиони во е-трговија:
Најпопуларна е-продавница:
○ Прво место: coslovemetics.mk
○ Второ место: telekom.mk
○ Трето место: ananas.mk
Најдобра новоотворена е-продавница: wolt.com
Е-трговец на годината:
○ Прво место: coslovemetics.mk
○ Второ место: ananas.mk
○ Трето место: telekom.mk

Покрај овие награди, беа доделени и три специјални признанија:

  • Признание за меѓународна експанзија во е-трговија: fitkit.app
  • Признание за најдобра промоција на Беџот за верификуван е-трговец: zegin.com.mk
  • Признание за најдобра е-продавница основана и управувана од жена: zia.mk

На свечената церемонија, на победниците им беа врачени престижни статуетки како симбол на нивните достигнувања во е-трговијата, како и дигитални беџови кои можат да ги истакнат на своите е-продавници, со што дополнително се зајакнува довербата кај купувачите.

Ова издание на E-commerce Awards се реализираше со поддршка на Prime партнерот Diners Club, Growth партнерите Halkbank, Eurolink, Halk Insurance, Eco Logistic Service, Eco Fulfilment Center и Credissimo, гала партнерите Porsche Македонија и Park by Ragusa и винскиот партнер Imako вино.

Сите победници на овогодинешните E-commerce Awards може да се погледнат на
официјалната веб страница на изборот: https://ecommerceawards.mk/pobednici/.

Продолжи со читање

Бизнис

УЈП: До 15 март е рокот за поднесување на обрасците „ДЛД-ДБ“ и „Б“

Објавено

на

Управата за јавни приходи ги потсетува обврзниците дека рокот за поднесување на годишните даночни обрасци „ДЛД-ДБ“ и „Б“ истекува на 15 март. Обврската се однесува на трговците поединци, земјоделците, занаетчиите, како и на лицата кои вршат услуги или слободна професија, согласно член 19 од Законот за данок на личен доход.

Како што информира УЈП, даночните обврзници најдоцна до наведениот рок треба да поднесат годишен даночен биланс, образец „ДЛД-ДБ“, како и биланс на приходи и расходи – образец „Б“. Поднесувањето на документите се врши исклучиво електронски преку системот „е-Даночни услуги“.

Од Управата појаснуваат дека крајниот рок е 15 март 2026 година, но бидејќи тој ден е недела, за последен рок ќе се смета наредниот работен ден, понеделник, 16 март.

Со цел да им се олесни на обврзниците при пополнувањето на образецот „ДЛД-ДБ“, УЈП изготвила и табела со најчесто поставувани прашања и идентификувани грешки, која е достапна на нивната веб-страница.

За дополнителна помош и поддршка, граѓаните можат да се обратат во Контакт центарот на УЈП на бесплатниот телефон 0800 33 000 или на бројот 02/3253 200.

Продолжи со читање

Бизнис

Николоски во Вашингтон: Македонија и Светска банка ја продлабочуваат соработката за инфраструктура и нови развојни проекти

Објавено

на

Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, за време на работната посета на Вашингтон, оствари средба со Чарлс Кормиер, регионален директор за инфраструктура во Светска банка. На состанокот се разговараше за унапредување на партнерството меѓу државата и Светската банка, со фокус на нови инфраструктурни и транспортни проекти во Северна Македонија.

Николоски истакна дека поддршката од Светската банка е значајна за развојот на инфраструктурата и транспортниот сектор, нагласувајќи дека со нивна помош веќе се реализираат бројни проекти на локално ниво. Според него, во моментов во земјата се градат или реконструираат околу 286 километри локални улици со средства обезбедени преку оваа меѓународна финансиска институција.

Во рамки на посетата, вицепремиерот учествува и како еден од главните говорници на глобалниот настан „Transforming Transportation 2026“, кој се одржува во Вашингтон во организација на Светската банка. Конференцијата е посветена на развојот на транспортната инфраструктура и нејзиното значење за економскиот раст и отворањето нови работни места.

Тој нагласи дека соработката со Светската банка опфаќа повеќе области, меѓу кои и модернизација на царинските процедури преку интеграција на осум институции во единствен систем. Целта е побрз проток на стоки и луѓе на границите, особено за товарниот сообраќај.

Меѓу клучните инфраструктурни проекти се и реконструкцијата на граничните премини Ќафасан кон Албанија и Деве Баир кон Бугарија, како и воведување интелигентни транспортни системи за подобрување на управувањето со сообраќајот.

Николоски најави и нови иницијативи во областа на урбаната мобилност, со пилот-проект во Скопје кој подоцна треба да се прошири и во други градови. Дополнително, се работи на проект со Светската банка за подобрување на комуналната хигиена во главниот град преку набавка на нови возила за комуналните служби.

Од страна на Светската банка, регионалниот директор за инфраструктура Чарлс Кормиер го поздрави учеството на Николоски на глобалниот настан, нагласувајќи дека годинава фокусот е ставен на одржлив и инклузивен транспорт како предуслов за економски развој и отворање нови работни места.

Настанот „Transforming Transportation 2026“ собира претставници од влади, меѓународни институции и експерти од целиот свет, со цел размена на искуства и решенија за современи транспортни системи и инфраструктура.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange