Домашни банки
Централна кооперативна банка оствари добивка од 17,8 милиони денари во првата половина на 2022 година

Заклучно со 30 јуни 2022 година, Централна кооперативна банка АД Скопје оствари добивка од 17,8 милиони денари, којашто е значајно подобра во однос на истиот период минатата година.
Работењето на ЦКБ Банка во првото полугодие од 2022 година се одвива во услови на благо закрепнување на економијата од последиците на здравствената криза во претходната година. Извесната релаксација во деловниот амбиент која настапи по масовната имунизација на населението и укинувањето на рестриктивните здравствени мерки, е повторно загрозена од појавата на нови бранови на пандемијата ковид–19 и со растечките геополитички ризици и ескалирачките воени дејства во Украина. Европа се соочува со енергетска, безбедносна и бегалско-хуманитарна криза, на која се надоврзува опасноста од недостиг на храна. Растечката инфлација и воената тензија најавуваат забавен раст на економиите во Европа, а забавувањето на германската економија, како наш најголем трговски партнер, означува неповолности врз растот на македонската економија.
Во вакви околности, забележан е пад на вкупната актива/пасива од 3,14% и остварување на поставениот план од 94,3%.
Во првото полугодие од 2022 година, евидентиран е пораст на кредити на и побарувања од други комитенти за 0,9% во однос на крајот на годината, при што планот е исполнет со 97,3%. Порастот во најголем дел е остварен при одобрување кредити на физички лица.
Паричните средства и парични еквиваленти се намалени за 12,9% и пониски од планот за 7,8%. Позицијата вложувања во хартии од вредност е пониска во однос на крајот на претходната година за 12,3% и пониска од планот за 19,3%.
Позицијата останати побарувања бележи пораст од 2,2% во однос на крајот од минатата година и во однос на планот за 2%. Оваа позиција во Билансот на состојба е со висок износ како резултат на евидентираната авансна исплата на пензиите на крајот од месецот.
Позициите нематеријални средства и недвижности и опрема бележат пад во однос на крајот на минатата година, кој се должи на континуираната амортизација на овие средства, а помало влијание имаат вложувањата во основни средства.
На 30 јуни 2022 година, билансната вредност на издадените конвертибилни обврзници бележи пад во однос на крајот на минатата година како резултат на исплатената камата во текот на март 2022 година. Вредноста на издадените конвертибилни обврзници е искажана во позицијата субординирани обврски.
Позицијата депозити на други коминтенти бележи опаѓање во однос на крајот од годината од 3,7%, но и во однос на планот за 6,4% што се должи на растечката инфлација во економијата и повлекување на дел од депозитната база од банките.
Намалувањето на изворите на средства доведе до намалување на расходите за камати за 6,0% во првото полугодие на 2022 година во однос на истиот период минатата година. Остварените расходи за камати во известувачкиот период, се пониски за 6,9% во однос на планираните.
Наспроти нагорниот континуитет на кредитна активност во сегментот население, во услови на висока конкуренција, Банката оствари пониски вкупни приходи од камати за 3,3% во споредба со истиот период минатата година. Растечката економска криза и инфлаторните трендови влијаеја врз пазарот на капиталот и соодветно врз политиките на регулаторот и се чини дека веќе се создадени услови за прекин на континуираниот и долгогодишен тренд на намалување на активните каматни стапки на ниво на банкарски сектор. Сепак, првичните ефекти од ваквата промена на трендот, веројатно, ќе се почувствуваат кон крајот на вториот семестар годинава. Во услови на силна конкурентска борба во првиот семестар и одржувањето на висока конкурентност кај продуктната понуда на Банката, забележан е понизок нето-каматен приход во однос на истот период претходната година од 2,2% и покрај значајно намалените расходи од камати.
Во првото полугодие на 2022 година, забележан е пораст на приходите од провизии за 6,3% во однос на истиот период минатата година и исполнување на планот од 99,8%. Тој пораст придонесе кон пораст на позицијата нето-приходи од провизии и надомести за 16,3%, во однос на истиот период претходната година, додека планот е надминат за 4,7%.
Нема разлики во однос на позицијата трошоци за вработените, во однос на истиот период претходната година. Оваа позиција отстапува во однос на планот, бидејќи планираните дополнителни вработувања се одложени за следните месеци.
Позицијата останати расходи од дејноста бележи пораст од 8,6% во однос на истиот период минатата година, додека во однос на планот, остварени се незначителни повисоки останати расходи од дејноста за 1%.
Останатите приходи од дејноста се 876 илјади денари повисоки во однос на истиот период минатата година, но пониски во однос на планираните за 44,8% што се должи на нереализиран приход од дивиденда.
Во првото полугодие на 2022 година, реализирани се повисоки нето–приходи од курсни разлики за 1,579 илјади денари во однос на истиот период минатата година.
Расходите за амортизација бележат пад од 7,4% во однос на истиот период минатата година и 5,1% во однос на планираните, како резултат на одложени набавки на основни средства.
Со 30 јуни 2022 година, евидентно е намалувањето на издвоените резервации за кредитните изложености, при што е издвоена исправка на вредноста на финансиските средства и посебна резерва за вонбилансната изложеност, на нето-основа во износ од 3,6 милиони денари, односно забележано е подобрување на оваа позиција за близу 16.0 милиони денари во однос на истиот период минатата година.
Очекувања за претстојниот период
Макроекономските услови во кои Банката ја остварува својата активност во 2022 година остануваат поврзани со пандемијата од ковид-19, но и под дополнителен притисок на нови глобални предизвици. Речиси две години подоцна, иако сè уште далеку од целосен капацитет, домашната економија навлегува во период на стабилизација и враќање кон претпандемиските трендови и резултати. Сепак, инфлаторните трендови во Европа предзвикани од цените на енергенсите и ескалирачката криза во Украина, не оставаат премногу простор за оптимизам. Банката будно ќе следи на какво ниво ќе се стабилизираат спротивставените трендови на ограничениот раст на инфлацијата и цените, од една страна, и растот на платите генериран со покачувањето на минималната плата, од друга страна. Истовремено, внимателно ќе се мери отпорноста на економијата на ограничувањето на трговските маржи во услови на сериозно покачени цени на енергенсите.
Банкарскиот сектор досега покажа дека релативно брзо се приспособува на различните предизвици и веќе бележи солидни резултати и порасти. Континуираниот тренд на пад на каматните пондери кај кредитите покажува дека конкурентската борба е разгорена и дека приоритет е даден на задржување и раст на портфолијата, дури и по цена на пад на очекуваните приходи од камати. Од друга страна, под притисок на инфлацијата и според најавите од глобалните двигатели на пазарот на капитал, се насетува крајот на глобалниот тренд на пад на каматите и започнување на тренд во спротивна насока.
Во такви услови, Банката очекува својата тековна активност до крајот на годината да ја остварува во релативно поповолни макроекономски услови, но со сè уште високо ниво на претпазливост поради геополитичките предзивици. Во наредниот период, до покажување линија на сигурен тренд на стабилизација и пазарна извесност, Банката ќе остане максимално претпазлива при преземањето нов кредитен ризик и ќе ги следи движењата и сигналите од пазарот и од НБРСМ. Ќе продолжат континуираните напори за остварување на планираните позиции од деловниот план, но без притоа да се компромитира високото ниво на квалитет на кредитното портфолио. Зголемената продуктна и ценовна конкурентност, пред сè, ќе оди во насока на заштита и задржување на постоечките клиенти, а ќе се користи секоја пазарна можност за бележење нови аквизиции и пораст.
Со цел да се олесни пристапот до услугите и безбедноста на клиентите, ќе продолжат напорите за модернизирање на постојниот технолошки сетап на Банката. Следејќи ги современите текови во развојот на информатичките технологии во банкарското работење, Банката и понатаму ќе продолжи да ги развива и усовршува и алтернативните канали за дистрибуција, со цел намалување на ризикот од ширење зараза и зголемување на достапноста.
Посветеноста кон зголемување на квалитетот и ефикасноста во клиентската услуга и зголеменото клиентско задоволство остануваат во врвот на приоритетите за претстојната година. Банката ќе се стреми кон одржување позитивна и стимулативна работна атмосфера, преку поттикнување на иницијативите и наградување на реалните резултати и успеси.
Домашни банки
Уникатна кобрендирана картичка на пазарот – Шпаркасе Банка и АМСМ со многу бенефити за корисниците

Шпаркасе Банка и АМСМ официјално потпишаа договор за меѓусебна соработка и во оптек ја лансираа новата кобрендирана Visa кеш бек кредитна картичка за физички лица. (more…)
Домашни банки
Комерцијална банка меѓу најдобрите иноватори во светот – Прогласена од Global Finance за Врвен иноватор во корисничко искуство за услугите преку OneID

Комерцијална банка влезе во друштвото на врвните финансиски иноватори во светот со воведувањето на услугата електронска идентификација преку OneID. Меѓународниот магазин Global Finance ѝ ја додели на Комерцијална банка угледната награда „Врвен иноватор во корисничко искуство за 2023 година за услугите преку OneID“, со што ја рангираше Банката меѓу Топ финансиските иноватори во светот. (more…)
Домашни банки
Филијалите и експозитурите на Комерцијална банка нема да работат на 2 јуни 2023 година

Филијалите и експозитурите на Комерцијална банка АД Скопје нема да работат на 2 јуни (петок) 2023 година заради празнување на Духовден. (more…)
- Банкипред 2 months
Оглас за вработување во НЛБ Банка АД Скопје
- Банкипред 1 month
Оглас за вработување во НЛБ Банка АД Скопје
- Банкипред 3 weeks
Оглас за вработување во НЛБ Банка АД Скопје
- Банкипред 1 month
Оглас за вработување во Стопанска Банка а.д. Битола
- Платежни картичкипред 1 month
VISA TRAVEL – нова кредитна платежна картичка на Халкбанк АД Скопје
- Домашни банкипред 1 month
ПРВ КВАРТАЛ ОД СОНИШТАТА ЗА КОМЕРЦИЈАЛНА БАНКА – добивката зголемена за речиси 100%!
- Банкипред 3 weeks
Оглас за вработување во Шпаркасе Банка АД Скопје
- Банкипред 1 month
Оглас за вработување во НЛБ Банка АД Скопје