Connect with us

Домашни банки

ФАНТАСТИЧНИ 29 милиони евра профит за Комерцијална банка во 2018 година

Објавено

на

Комерцијална банка АД Скопје, преку објава на веб страната на Македонска берза ги објави Биланс на успех и Биланс на состојба на банката за периодот 01.01 – 31.12.2018 година.

1. Биланс на успех

Во периодот 01.01-31.12.2018 година Комерцијална банка АД Скопје оствари нето добивка за финансиската година во износ од 1.780,3 милиони денари наспроти 820,6 милиони денари остварена нето добивка во минатата година, такашто истата е зголемена за околу два пати. Планираната бруто-добивка за 2018 година е остварена со 120,7%. Повеќекратното зголемување на финансискиот резултат се должи на интензивните активности на Банката за решавање на статусот на должникот ФЕНИ – Кавадарци за кој поради влошување на состојбите во текот на 2017 година беше издвоен значителен износ на исправка на вредност. Имајќи го предвид потенцијалот на комбинатот, како и интересите на сите засегнати страни, Банката во текот на првиот квартал од 2018 година, склучи договор за продажба на своите побарувања од „ФЕНИ ИНДУСТРИ АД Кавадарци во стечај”. Согласно условите од договорот, исплатата на вкупниот износ на побарувањата беше реализирана до крајот на март, по што во билансите на Банката беше евидентирано ослободување на исправката на вредност и истото имаше соодветен ефект врз остварениот финансиски резултат. Дополнителен позитивен ефект врз остварената добивка за годината Банката забележа како резултат на остварена капитална добивка од продажба на преземен имот од должникот „Брилијант Штип“, што беше реализирано со склучување на договори за купопродажба на недвижен имот, подвижни предмети и права на индустриска сопственост со „Витаминка АД Прилеп“.

Остварената добивка пред исправка на вредност, која претставува показател за оперативната способност на Банката да ги покрива расходите од работењето е намалена за 7,7% во однос на минатата година, што во најголем дел се должи на намалена состојба на кредитите дадени на секторот нефинансиски друштва, како и од континуирано намалување на каматните стапки.

Вкупните приходи од работењето изнесуваат 4.988 милиони денари и бележат намалување од 3,4% во однос на истиот период од минатата година.

Нето-приходите од камата претставуваат основна компонента во формирањето на вкупните приходи од работењето и на 31.12.2018 година истите бележат намалување од 19,5% во однос на истиот период од минатата година што главно произлегува од намалена состојба на кредити дадени на секторот нефинансиски друштва, како и од континуирано намалување на каматните стапки. Планот за анализираниот период е остварен со 94,4%.

Нето приходите од провизии и надоместоци на 31.12.2018 година изнесуваат 876,9 милиони денари и во однос на истиот период од минатата година бележат зголемување од 6,2%. Планот за анализираниот период е остварен со 111,1%.

Нето приходите од курсни разлики на 31.12.2018 година изнесуваат 139,9 милиони денари и бележат зголемување од 17,1%. Планот за анализираниот период е остварен со 117,5%.

Останатите приходи од работењето на Банката на 31.12.2018 година изнесуваат 1.424,4 милиони денари и бележат зголемување од 32,8%, при што порастот главно произлегува од приходите од капитални вложувања и капитална добивка од продажба на преземен имот. Планот за анализираниот период е остварен со 116,4%.

Оперативните расходи за периодот 01.01-31.12.2018 година изнесуваат 1.788,4 милиони денари и во однос на минатата година се зголемени за 5,3% како резултат на зголемени трошоци за вработените, по основ на исплатена плата од деловна успешност. Планот е остварен со 112,9%.

Загубата поради оштетување на нефинансиските средства на нето основа изнесува 413 милиони денари и во најголем дел се однесува на оштетување на имот согласно регулативата од НБРМ.

Во извештајниот период исправката на вредност на финансиските средства и посебната резерва за вонбилансни изложености на нето основа достигна износ од 793,8 милиони денари наспроти остварена дополнителна исправка на вредност на финансиските средства и посебна резерва, во износ од 2.452,1 милиони денари во истиот период минатата година, што се должи на преземените активности за решавање на статусот на должникот ФЕНИ – Кавадарци, земајќи ги предвид потенцијалите на комбинатот и интересите на сите засегнати страни. Согласно промени во Методологијата за евидентирање и вреднување на сметководствените ставки и за подготовка на финансиските извештаи од НБРМ, за оваа позиција е извршено усогласување на податоците за 2017 година, заради споредливот на истите со 2018 година.

2. Биланс на состојба

Вкупната актива на Банката на 31.12.2018 година достигна износ од 114.390,4 милиони денари и во однос на декември 2017 година бележи зголемување од 9,1%. Зголемувањето на вкупната актива во најголем дел се должи на зголемување на паричните средства и парични еквиваленти. Планот е остварен со 105,5%.

Почнувајќи од 01.01.2018 година стапи во сила новата Одлука за методологија за евидентирање и вреднување на сметководствените ставки и за подготовка на финансиски извештаи од НБРМ, согласно која Банката донесе Политика за деловен модел, класификација и мерење на финансиски инструменти на Комерцијална банка АД Скопје и врз основа на истото изврши прекласификација на финансиските инструменти во рамки на билансите. Поради тоа одредени позиции од Билансот на состојба не се споредливи во однос на состојбата со 31.12.2017 година.

Паричните средства и паричните еквиваленти бележат пораст од 31,1% како резултат на зголемената состојба на пласирани денарски депозити во НБРМ и зголемената состојба на краткорочно орочените депозити во странство. Планот е остварен со 120,3%.

Финансиски средства по објективна вредност преку билансот на успех определени како такви при почетното признавање во износ од 331,8 милиони денари се состојат од вложувања во удели во инвестициски фондови кои по старата методологија беа класифицирани во позицијата Средства за тргување.

Средствата за тргување се намалени за 93,8% како резултат на извршената прекласификација на уделите.

Кредитите на и побарувањата од банки бележат намалување од 56,9% како резултат на доспевање на пласирани средства во странски банки со рочност над 3 месеци. Дел од овие средства се пласирани во странски банки со рочност до 3 месеци. Планот е остварен со 42,8%.

Кредитите на и побарувањата од други комитенти бележат зголемување од 2,3% како резултат на зголемени кредити на домаќинства и нерезиденти правни лица. Исто така значајно влијание на движењето кај оваа позиција има и намалувањето на исправката на вредност по основ на продажба на побарувањето од ФЕНИ – Кавадарци. Планот е остварен со 101,5%.

Вложувањата во хартии од вредност се зголемени за 14,6% со што Планот за анализираниот период е остварен со 112%.

Преземените средства врз основа на ненаплатени побарувања се намалени за 76,9% во најголем дел како резултат на евидентирано оштетување на имотот преземен по 01.01.2010 година, како и по основ на продажба.

Вкупните депозити (депозити на комитенти и депозити на банки) достигнаа износ од 99.455,8 милиони денари и бележат зголемување од 8,4%. Планот е остварен со 105,4%.

Обврските по кредити достигнаа износ од 928,9 милиони денари и се намалени во однос на декември 2017 година како резултат на отплатени доспеани рати од кредитните линии. Планот е остварен со 94,8%.

Акционерскиот капитал и резервите на Банката со состојба 31.12.2018 година достигнаа износ од 12.405,2 милиони денари и бележат зголемување од 12,5% како резултат на распределба на дел од остварената добивка за 2017 година во резерви согласно донесената Одлука за распределба на добивката на 04.04.2018 година на одржаното Годишно Собрание на Банката. Исто така значајно влијание врз вкупните капитал и резерви има и реализираната добивка за годината. Планот е реализиран со 101,0%

3. Очекувања за претстојниот период

Макроекономските услови во кои Банката ќе ја остварува својата активност во 2019 година се потпираат на очекувања за умерено забрзување на економскиот раст споредено со 2018 година, поттикнато од подобрениот политички амбиент и поизразениот оптимизам кај деловните субјекти. Сепак, остануваат присутни ризиците поврзани со обновување на процесите за прием на Државата во НАТО и ЕУ, како и надворешните ризици.

Подобрениот политички амбиент се очекува да даде позитивен импулс на растот на инвестициите и приватната потрошувачка. Врз основа на овие претпоставки и согласно оцената дека растот на БДП за 2018 година ќе изнесува околу 2,3%, се очекува истиот во 2019 година да забрза на 3,5%. Стабилните макроекономски услови ќе се потпираат на стабилната и предвидлива инфлација и стабилниот номинален девизен курс на денарот во однос на еврото. Се очекува просечната годишна стапка на инфлација, мерена преку индексот на трошоците на животот, во 2019 година да се движи околу 2%. Тоа значи мало забрзување на инфлацијата во однос на 2018 година.

Се очекува годишниот пораст на вкупните кредити на банкарскиот систем во 2019 година да достигне до 8,5%. Порастот на кредитите би се финансирал првенствено од депозитната база на банките, при што се очекува растот на вкупните депозити на нефинансискиот сектор да достигне до 7,7% во 2019 година.

Банката ќе ги презема сите неопходни активности за остварување на зацртаните цели и задачи во рамки на Програмата на мерки и активности на деловната политика за 2019 година, при што ќе биде фокусирана пред се’ на подобрување на квалитетот на портфолиото. Банката очекува забрзан раст во делот на кредитирање на нефинансиски правни лица, како и умерен раст во делот на кредитирање на население, при што не се планираат значителни промени во структурата на активата. Исто така не се планирани значителни промени во структурата на изворите на финансирање, така што депозитите на нефинасискиот сектор и натаму остануваат со доминантно учество во вкупните извори на средства.

4. Известување за промени во сметководствените политики и методи на вреднување.

Од 01 јануари 2018 година Банката применува нови сметководствени политики. Народната банка на Република Македонија во Службен весник бр.83 од 2017г., донесе нова Одлука за Методологија за евидентирање и вреднување на сметководствените ставки и за подготовка на финансиските извештаи, применлива од 01.01.2018 година. Најголемата измена во новата Методологија се однесува на измени во условите и критериумите за класификација, мерење и вреднување на финансиските инструменти, како и измени во начинот на оштетување на финансиските средства за целите на процесот на имплементација на МСФИ 9.
МСФИ 9 – Финансиски инструменти го заменува МСС 39 – Финансиски инструменти: Признавање и мерење, при што со новиот стандард се очекува да се поедностави сметководството за финансиски инструменти и да ги разреши забележаните недостатоци на МСС 39.

Заради успешно и ефикасно имплементирање на промените произлезени со МСФИ 9, Банката пристапи кон примена на нови Сметководствени политики, со целсекојдневните активности поврзани со сметководствената евиденција и сметководствено вреднување да бидат конзистентни и соодветно презентирани во финансиските извештаи.

Согласно новите Сметководствени политики, Банката изврши прекласификација на дел од портфолиото на хартии од вредност, но со извршената прекласификација немаше промени во основите за мерење, ниту финансиски ефект од рекласификацијата, освен следното:

5. Исплатени дивиденди

Согласно Одлуката за употреба и распоредување на нераспределената добивка до 31.12.2017 година и Одлуката за утврдување датуми при исплата на дивидендата за 2017 година, Банката почнувајќи од 30.04.2018 година вршеше исплата на дивидендата за 2017 година на акционерите иматели на обични акции, евидентирани во книгата на акции на 19.04.2018 година. Од вкупно пресметаната дивиденда за 2017 година во износ од 410.232 илјади денари, исплатена е дивиденда на правни лица во износ од 227.402 илјади денари и на физички лица во износ од 182.830 илјади денари.

6. Вложувања или продажба на материјални средства (недвижности, постројки и опрема) или значителен отпис (поголем од 30% од вредноста на средството споредено со последните годишни ревидирани финансиски извештаи)

Недвижностите и опремата заклучно со 31.12.2018 година бележат намалување од 2% во однос на декември 2017 година, главно како резултат на пресметана амортизација.

7. Промени во кредитните задолжувања (намалувања или зголемување поголеми од 30%)

Заклучно со 31.12.2018 година, обврските по кредити бележат намалување од 25% во однос на декември 2017 година, главно како резултат на повисокиот износ на редовна отплата на обврските по кредити во однос на износот на новите повлекувања по договорите за кредит.

Домашни банки

НЛБ Станбени кредити – Твој дом, твој избор!

Објавено

на

НЛБ Банка во периодот од 11.03.2019 до 31.05.2019 година води промотивна кампања за сите кредити за физички лица. Во рамки на промотивната понуда, Банката меѓу другото, нуди нови станбени кредити со пониски каматни стапки. (more…)

Продолжи со читање

Домашни банки

Натпревар за млади со идеи за социјално претприемништво

Објавено

на

Млади претприемачи со голема идеја и желба да извршат значително влијание врз општествените проблеми може да учествуваат на петтиот натпревар „Награда за социјално претприемништво“ – Social Impact Award – Kick Off SIA 2019, што ќе биде промовиран денес во Фондот за иновации и технолошки развој со почеток во 12:00 часот. (more…)

Продолжи со читање

Домашни банки

ТТК Банка објавува jавен повик за избор на најповолен добавувач за набавка на осигурителни услуги

Објавено

на

ТТК Банка АД Скопје во согласност со интерните акти на Банката и позитивните законски прописи објавува јавен повик за избор на најповолен добавувач на осигурителни услуги за осигурување на градежни објекти, основни средства, мебел и компјутерска опрема, парични средства, физички лица, осигурување од одговорност за дејност, во согласност со дадена спецификација. (more…)

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2018 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange