Connect with us
P2_P_MK_1600x400

НБРМ

Усвоен Кварталниот извештај ‒ ноември 2018 година и макроекономските проекции за периодот 2018-2021 година

Објавено

на

Советот на Народната банка на Република Македонија денес одржа редовна седница на која беше разгледан и усвоен најновиот Квартален извештај и макроекономските проекции до 2021 година. Во текот на третото тримесечје годинава, основната каматна стапка беше намалена од 3% на 2,75%, одразувајќи ги здравите економски основи и отсуството на нерамнотежи, видливи преку континуираните поволни движења на девизниот пазар, солидната надворешна позиција и стабилните очекувања на економските субјекти.

Во однос на последните макроекономски проекции, во рамки на извештајот се упатува на одредени промени, во споредба со априлската проекција. Имено, очекувањата за растот за 2018 година се ревидирани во надолна насока, од 3,2% што беше очекувано во април, на 2,3%. Овие промени, главно произлегуваат од остварувањата во првата половина од 2018 година, кога економијата забележа понизок раст од очекуваниот, пред сѐ како одраз на падот на инвестициите. Од друга страна, и во рамки на овој циклус проекции, задржани се оцените за раст од 3,5% во 2019 година, со понатамошно негово забрзување на 3,8% и 4% во 2020 година и 2021 година, соодветно.

За овој период на проекции се задржуваат досегашните претпоставки за раст којшто главно произлегува од извозот и инвестициите, и покрај малку понеповолниот надворешен амбиент, којшто главно се должи на малку понискиот раст на странската побарувачка и на зголемените ризици за светската економија, во споредба со претходните согледувања.

Главни фактори за растот и натаму се активностите на новите индустриски капацитети ориентирани кон извоз, странските инвестиции, како и јавните инвестиции во патната инфраструктура. Во поглед на структурата на растот, се очекува дека домашната побарувачка и натаму ќе има најголем придонес кон растот во периодот на проекции, со исклучок на 2018 година, кога значителен  позитивен придонес ќе има нето-извозот.

Во поглед на идната патека на движење на цените во домашната економија, најновите проекции упатуваат на задржување на амбиентот на стабилни цени и отсуство на позначителни инфлациски притисоци. Кај проекцијата на инфлацијата е направена надолна корекција за 2018 година, односно стапката на инфлација е ревидирана на 1,6% (наспроти 2% во априлските проекции), главно заради тековно пониските остварувања. Се очекува дека стапката на инфлација во 2019 година ќе изнесува 2%, исто како во претходниот циклус проекции, а динамиката на раст на домашните цени од околу 2% би се задржала до 2021 година.

И во рамките на овој циклус проекции, во Кварталниот извештај се посочува на задржување на досегашните оцени за поволна и стабилна надворешна позиција, со низок дефицит во тековната сметка и долгорочни извори на финансирање доволни за покривање на дефицитот и дополнителна акумулација на девизни резерви. Оценетиот дефицит на тековната сметка за 2018 година изнесува 0,5% од БДП (надолна ревизија во однос на 1,5% од БДП во претходната проекција), додека на среден рок се очекува дека тој ќе изнесува 1,6%, во просек, од БДП. Показателите за адекватноста на девизните резерви покажуваат дека тие ќе се задржат во сигурната зона во текот на целиот период на проекции.

Kредитната активност на банкарскиот сектор и натаму се оценува како важен фактор на поддршка на економскиот раст. За 2018 година, согласно со остварувањата од почетокот на годината, направена е нагорна корекција кај кредитите на приватниот сектор, при што кредитниот раст е проектиран на 8,4%, наспроти 6,5% во априлските проекции. За 2019 година се очекува слична динамика на растот на кредитната активност од 8,5% (7,7% во априлската проекција), додека за наредниот период заклучно со 2021 година, кредитниот раст би изнесувал 8,4%, во просек. Оцените за забрзување на кредитниот раст се засноваат на претпоставките за стабилни очекувања, раст на депозитниот потенцијал на банките и засилена економска активност.

Ризиците за остварување на основното макроекономско сценарио во делот на надворешното окружување се оценуваат како нешто понеповолни, во споредба со  априлскиот циклус проекции. Притоа, надворешните ризици поврзани со глобалното економско окружување се оценуваат како неповолни и на краток и на среден рок, во услови на зголемена глобална неизвесност. Воедно, неизвесноста од домашниот политички контекст и натаму постои. Од друга страна, како и во априлските проекции, и во тековните проекции не се вградени ефектите од можниот влез во НАТО и започнувањето на пристапните преговори со ЕУ.

Општо земено, последните макроекономски проекции укажуваат на здрави и солидни основи на домашната економија, со потенцијал за солиден раст, поддржан и од кредитната активност на банките, а при отсуство на инфлациски притисоци и задржување на поволната надворешна позиција. Ова сценарио претпоставува стабилен и предвидлив домашен политички амбиент и продолжување со политиката на поддршка на вкупната инвестициска активност во економијата, натамошен прилив на странски инвестиции, засилување на јавниот инфраструктурен циклус, како и релативно поволно надворешно окружување. Евентуалното неисполнување на вградените претпоставки или материјализација на нагласените неповолни ризици, може да доведе и до отстапувања од проектираната патека на клучните показатели.

НБРМ, и во следниот период внимателно ќе ги следи движењата, како и промените во домашниот и надворешниот амбиент, заради навремено и соодветно приспособување на монетарната политика.

НБРМ

Ангеловска-Бежоска на Конференција на ЕЦБ

Објавено

на

Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска учествуваше на првата од двете панел-дискусии на 8. конференција на Европската централна банка (ЕЦБ) за земјите од Централна, Источна и Југоисточна Европа (ЦИЈЕ). Оваа панел-дискусија следеше веднаш по поздравното обраќање на претседателот на ЕЦБ, Марио Драги и излагањето на директорката на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристин Лагард. Со неа претседаваше потпретседателот на ЕЦБ, Луис де Гвиндос и таа им беше посветена на предизвиците со кои се соочуваат земјите од ЦИЈЕ во контекст на глобалните трговски тензии. Се разгледуваа клучните прашања поврзани со промените на глобалниот трговски пејзаж коишто се резултат на зголемените протекционистички мерки и влијанијата коишто тие можат да ги имаат врз економиите на земјите од овој регион, кај кои во голема мера растот е предводен од извозот и често е поддржан од нивната вклученост во глобалните синџири на производство.

„Земјите од регионот на ЦИЈЕ се мали и отворени економии со висок степен на трговска и финансиска интеграција со остатокот од светот, а пред сѐ со Европската Унија, што упатува на можност за пренос на надворешни шокови, вклучително и трговски шокови во нив. Сепак, иако ризиците се присутни и може да се остварат, досега во регионот не се забележани позначајни ефекти од забавувањето на глобалната трговија.“ – нагласи меѓу другото Ангеловска-Бежоска во своето излагање.

Во рамките на дискусијата, акцентот беше ставен и на потребните промени во моделите на економски раст, заради намалување на подложноста на економиите на шокови во надворешното окружување, како што се поголемо фокусирање кон инвестициите за подобрување на продуктивноста и конкурентноста на економиите, тежнеење кон раст движен од иновациите и раст што ќе се заснова на поголема регионална трговска интеграција, којашто е особено значајна за малите економии.

Одделно внимание им беше посветено и на каналите преку кои може да се пренесат неповолните надворешни случувања во домашната економија, при што гувенерката на нашата централна банка посочи дека не е во прашање само трговскиот канал којшто може да доведе до помал извоз, туку дека неповолните ефекти може да се почувствуваат и преку каналот на намалена доверба на инвеститорите, што може да доведе и до помали капитални приливи во регионот, како и преку затегнување на условите на финансиските пазари. 

На оваа панел-дискусија на Конференцијата на ЕЦБ, покрај Ангеловска-Бежоска учествуваа и гувернерот на словенечката централна банка, Боштјан Васле, директорката на Одделот за економски прашања на Европската инвестициска банка, Дебора Револтела и главниот економист на Европската банка за обнова и развој, Сергеј Гуриев, а воведно излагање имаше генералниот директор на Директоратот за економски и финансиски работи при Европската комисија, Марко Бути. Тие заеднички констатираа дека треба да се продолжи со политики за задржување на макроекономската стабилност, но и со структурните политики коишто можат да го зголемат долгорочниот потенцијал за економски раст и да ја намалат ранливоста на економиите.

Втората панел-дискусија им беше посветена на одговорите на монетарната политика во ЦИЈЕ на финансиските шокови. Со неа претседаваше Беноа Кере од Извршниот одбор на ЕЦБ, а учествуваа гувернери на неколку централни банки и претставници на ММФ и Светската банка. 

Меѓу говорниците на ова издание на значајната традиционална конференција на ЕЦБ, Ангеловска-Бежоска беше единствениот висок претставник на централна банка на земја којашто сѐ уште не е членка на Европската Унија (ЕУ). Поканата упатена до неа за активно учество на една од двете панел-дискусии е уште една потврда дека во европската централнобанкарска заедница се препознаени и се вреднувани активностите коишто нашата централна банка ги презема чекорејќи по патот кон Европскиот систем на централни банки.

Гувернерката Ангеловска-Бежоска го искористи своето учество на Конференцијата, којашто се одржа вчера во Франкфурт, и за одделни средби со високи претставници на ЕЦБ и со колеги од централни банки на земји од ЕУ.

Продолжи со читање

НБРМ

Одржана редовната седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка

Објавено

на

На 11 јуни 2019 година се одржа редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка, на којашто беа разгледани клучните показатели за домашната економија и движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари, во контекст на поставеноста на монетарната политика. (more…)

Продолжи со читање

НБРМ

Системите за плаќање КИБС и МИПС достапни за плаќање и денес (08.06.2019 година)

Објавено

на

Системите за плаќање КИБС и МИПС се достапни и денес, 8ми јуни 2019 година бидејќи денешниот ден се одработува неработниот ден кога папата Франциск беше во посета на Република Северна Македонија. (more…)

Продолжи со читање
Unibanka_banner_300x250

Популарно

Copyright © 2018 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange