Connect with us

НБРМ

Унапредена општествената одговорност и зголемена транспарентноста на Народната банка

Објавено

на

Советот на Народната банка денес одржа редовна седница на која го разгледа и го усвои Извештајот за извршувањето на Програмата за работа на Народната банка во 2019 година. Во Извештајот се истакнати главните принципи врз кои се темели стратешката поставеност на Народната банка: принципите на независност, одговорност, висока професионалност и транспарентност. Воедно, вградени се информации за остварувањето на повеќе редовни и проектни активности во Народната банка, што придонесоа за успешно и ефикасно извршување на законските цели и задачи.

Како позначајни се издвојуваат следниве:

  •   Беа спроведени повеќе активности што овозможуваат унапредување на аналитичката инфраструктура на макроекономските проекции, како и на оперативното спроведување на монетарната политика. Воедно, во Народната банка се работеше и на повеќе истражувања на актуелни теми од областа на макроекономијата и финансиската стабилност.
  • Особено внимание им беше посветено на активностите насочени кон продлабочување на соработката меѓу финансиските регулатори, заради воспоставување на макропрудентната рамка. Исто така, се презедоа активности за унапредување на системските анализи како поддршка на политиките за одржување на финансиската стабилност, преку проширување на показателите со кои се следат ризиците во банкарскиот систем, како и со пофреквентно следење и на движењата кај останатите финансиски институции.
  • Од особено значење е пристапувањето на нашата земја кон највисокиот статистички стандард за дисеминација на податоци – стандардот на ММФ, СДДС плус, со што станавме осумнаесеттата земја во светот којашто го исполнува овој стандард. На тој начин, се потврди квалитетот на нашиот статистички систем.
  • Во доменот на централнобанкарската статистика, значаен проект беше и воспоставувањето на новиот статистички веб-портал „НБСтат“ со поддршка од Европската Унија. Со тоа, и кај нас беше поставена современа статистичка алатка преку која на едноставен, брз и детален начин се дисеминираат статистичките податоци до корисниците. Преку „НБСтат“  се отвори поголем простор за анализа на податоците, во согласност со корисничките потреби, со што се поттикнува и развојот на истражувачката активност. Покрај тоа, се воведоа и нови податоци во сферата на платежната статистика, од доменот на картичното работење.
  • Со измени во подзаконската регулативата, се либерализира отворањето и поседувањето кориснички сметки кај електронските сервиси за платежни трансакции („Пејпал“, „Пајонир“, „Скрил“ и сл.), при што се овозможи користење на овие сметки исклучиво за комерцијални цели, односно за купување и/или за продавање стоки и услуги по електронски пат. На тој начин, се создаде простор и за поголема промоција и поддршка на електронската трговија и се создадоа услови стоките и услугите коишто ги нудат нашите резиденти, преку електронската трговија да бидат подостапни на меѓународниот пазар.
  • Следејќи ги трендовите коишто произлегуваат од иницијативите што ги преземаат финансиските регулатори во рамките на Европската Унија, Народната банка ја отвори Портата за иновации, како платформа за комуникација со финтек-секторот, заради поттикнување на развојот на иновации во областа на финансиските услуги и производи. Сите компании коишто развиваат или применуваат иновации во финансиската сфера и притоа користат нови технологии, преку оваа платформа веќе можат директно и непосредно да ѝ се обратат на Народната банка за сите прашања, дилеми и предлози коишто се поврзани со регулативата што го засега финтек-секторот. Притоа, Народната банка постојано ја разгледува потребата за евентуална промена на регулативата и за намалување на регулаторните ограничувања за влез на нови иновативни бизнис-решенија, односно проекти, без да се наруши интегритетот на финансискиот сектор и без прекумерно преземање ризици.
  • За унапредување на платежната инфраструктура, Народната банка, во соработка со Министерството за финансии, активно работеше на нова регулатива во сферата на платежните услуги и платните системи, којашто во голем дел ќе биде усогласена со законодавството на Европската Унија и со стандардите и правилата за извршување на плаќањата во европските земји. Се очекува дека регулативата, којашто опфаќа нов Закон за платежни услуги и платни системи и соодветни подзаконски акти, на среден рок, во текот на следните неколку години ќе придонесе за јакнење на пазарниот механизам и засилување на конкуренцијата и обемот на понудата во обезбедувањето на платежните услуги. Истовремено, новата регулатива понатаму би овозможила и повеќе механизми за институционална заштита на потрошувачите.
  • Заради заштитата на потрошувачите, беа остварени и измени во подзаконската регулатива за поголема заштита на потрошувачите, преку поконкретно дефинирање на опфатот на годишната стапка на вкупните трошоци на потрошувачките кредити.
  • Се засилија активностите во сферата на финансиската едукација. Притоа, беше склучен нов Меморандум за соработка во сферата на финансиската едукација и финансиската инклузија меѓу финансиските регулатори, при што за првпат се почна со активностите за поголема финансиска инклузија. Истовремено, покрај објавувањето едукативни публикации, Народната банка започна со објавување и серијал едукативни текстови и видеоматеријали, наменети за сите старосни групи од населението, преку коишто на едноставен јазик и со визуализација се објаснуваат одредени поими или појави од областа на макроекономијата, финансиите и банкарството. Во рамки на Деновите на финансиската писменост, Народната банка за првпат упати јавен повик до сите заинтересирани граѓани за присуство на едукативни презентации на различни теми од областа на централнобанкарското работење, којшто наиде на голем интерес. Дополнителна потврда за вложувањето на Народната банка во финансиската едукација на населението е и тоа што таа беше домаќин на Петтиот состанок на Регионалната работна група за финансиска едукација на Југоисточна Европа.
  • Посветено се работеше на унапредувањето и развивањето на соработката со релевантните домашни и меѓународни институции, заради натамошно етаблирање на Народната банка во меѓународната финансиска и централнобанкарска заедница. Меѓу другото, во соработка со Министерството за финансии, успешно се одржа Годишниот состанок на Холандско-белгиската конституенца на ММФ и Светската банка во Скопје, со што се потврди подготвеноста за организирање настани на високо експертско ниво на коишто се разгледуваат клучни прашања и теми за европската и глобалната економија.
  • Особено значајно е и започнувањето на твининг-проектот „Јакнење на институционалниот капацитет на Народната банка на патот кон нејзиното членство во Европскиот систем на централни банки“. Со него се предвидува поддршка на Народната банка во натамошното усогласување на правилата, регулативата, политиките и работењето со стандардите на Европскиот систем на централни банки (ЕСЦБ), како и со најдобрите меѓународни практики.
  • За унапредување на корпоративното управување, во Народната банка беше воспоставена Канцеларија за стратегија и превенција. На тој начин, согласно со меѓународните практики и стандарди за корпоративно управување се примени моделот на три нивоа на заштита од ризиците.

Широкиот опфат на редовните и проектните активности коишто успешно се спроведени минатата година, како што беше истакнато на седницата, овозможуваат понатамошно зајакнување на институционалниот и професионалниот капацитет на Народната банка.

Советот ги одобри Годишната сметка и финансиските извештаи на Народната банка за 2019 година. Согласно со мислењето на независниот ревизор, коешто беше презентирано на седницата, финансиските извештаи ја прикажуваат објективно, во сите материјални аспекти, финансиската состојба на Народната банка на 31 декември 2019 година, како и резултатите од работењето и паричните текови за годината што тогаш завршува во согласност со Меѓународните стандарди за финансиско известување.

Советот разгледа и други прашања од својата надлежност.

НБРМ

Во соработка со ИНФЕ-ОЕЦД и Министерството за финансии на Холандија се засилуваат активностите за спроведување на националната Стратегија за финансиска едукација и финансиска инклузија

Објавено

на

Спроведувањето на првата национална Стратегија за финансиска едукација и финансиска инклузија засилено напредува. Оттука, вчера и денес, финансиските регулатори од земјава предводени од Народната банка во рамките на Координациското тело за финансиска едукација и финансиска инклузија, заедно со Меѓународната мрежа за финансиска едукација при Организацијата за економска соработка и развој (ИНФЕ-ОЕЦД) во соработка со Министерството за финансии на Холандија, организираат работилница, во рамките на програмата на Конституенцата и програмата „Манивајс“ (Money Wise).

Првиот ден на работилницата беше посветен на успешно спроведување на Стратегијата – „Координирани напори за зајакнување на финансиската писменост во Северна Македонија“. Во текот на вториот ден ќе се разгледуваат предизвиците во доменот на финансиската писменост во однос на дигиталните финансиски услуги, како и прашања за ползувањето на дигитализацијата во финансиската едукација.

Покрај финансиските регулатори, на настанот учествуваат и банките, штедилниците, пензиските друштва, друштвата за осигурување, посредниците во осигурувањето, друштвата за управување со инвестициските фондови, брокерските куќи, берзата, централниот депозитар за хартии од вредност, финансиските друштва и најважно, учествуваат претставници на граѓанскиот сектор – на сите асоцијации и здруженија коишто досега имаат искажано интерес за спроведување активности во сферата на финансиската едукација и заштитата на потрошувачите.

Имајќи ја предвид важноста на финансиската едукација во динамичниот и иновативен финансиски систем, постои реална потреба од системски пристап во спроведувањето на усвоената Стратегија за финансиска едукацијата и финансиска инклузија. Централната банка заедно со другите финансиски регулаторни органи имаат водечка улога во овој процес. Според резултатите од последната анкета за финансиската писменост на возрасното население во Југоисточна Европа, спроведена од ОЕЦД, Народната банка се издвојува како централна банка од регионот во којашто локалното население има најголема доверба како институција којашто овозможува финансиска едукација. Но, активното учество и на другите засегнати страни, од приватниот и граѓанскиот сектор, е особено важно за да се постигнат целите и мисијата коишто ги имаме поставено пред нас.“ – истакна гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, во своето обраќање со коешто го отвори настанот.

На отворањето се обрати и заменик-министерот за финансии, Димитар Ковачевски.

Пандемијата во изминатите две години постави нови цели пред нас. Инвестициите во образованието несомнено треба да бидат од најголем интерес за општеството. Доколку сакаме да постигнеме инклузивен раст, мора да инвестираме во човечки капитал, образование и подобрување на квалификациите. Инвестициите во човечки капитал придонесуваат за подобри вештини, зголемена продуктивност и забрзан економски раст, како и намалување на сиромаштијата и нееднаквоста.“ – нагласи заменик-министерот, Ковачевски и додаде дека единствено со заеднички напори можеме да придонесеме за создавање пообразовано општество.

Длабоко верувам дека, доколку потенцијалните потрошувачи на осигурителни услуги се добро едуцирани и можат јасно да ги утврдат и да ги изразат своите потреби за осигурување, просторот за недоречености во понудата на осигурителни услуги ќе биде значително стеснет, а оттука и незадоволството и бројот на жалби и претставки значително ќе се намалат. Едукацијата за побарувачката, односно за потрошувачката за осигурителни услуги треба да ја прават сите пазарни, односно општествени чинители.“ – истакна претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување, Крсте Шајноски.

Современиот свет на финансии – глобализиран, иновативен и полн со информации, нуди различни формални начини за индивидуално финансиско образование. Сепак, подобри  резултати може да се постигнат со институционален пристап. Така, на општествата им треба координиран и активен пристап и за повисоки нивоа на финансиска писменост. Новиот Кодекс за добри практики за финансиска едукација ги насочува програмите и активностите за финансиска едукација што ќе бидат осмислени и применети како алатки за зголемување на финансиската писменост и заштитата на потрошувачите на финансиски услуги. Ова се прави со очекување дека таквите програми и активности ќе го олеснат носењето подобри одлуки за користење и управување со финансиските услуги и справување со ризиците, а со тоа ќе ги ублажат потенцијалните негативни ефекти. Кодексот ќе ги воспостави сите принципи што ќе се применуваат со спроведувањето на националната Стратегија за финансиска едукација на населението во нашата земја од страна на јавниот, приватниот и граѓанскиот сектор коишто ќе се вклучат во оваа активност.“ – посочи Кирил Јовановски, комисионер во Комисијата за хартии од вредност.

Од Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС), на отворањето на работилницата се обрати Дарко Саздов, член на Советот на експерти на МАПАС.

Во новите економски текови, кога финтек-услугите сѐ повеќе се дел од нашата реалност, сѐ поголема е потребата од трансформирање на системите и нивно дигитализирање, со што повисокото ниво на финансиска писменост ќе биде основен предуслов за зголемување на разбирањето на пензискиот систем и пензиските производи. Сето ова, подразбира и потреба од наша поголема посветеност кон активностите за заштита на потрошувачите. Како финансиски регулатор активно сме  вклучени во целокупниот процес, особено во делот за заштитата на сегашните и идните членови на пензискиот систем и анализите на потребата од надградба на постојната регулатива и нејзино усогласување со европските стандарди во оваа област. Во тој домен, посебен предизвик за нас е воспоставувањето супервизија на деловните практики на пензиските субјекти со јасна насоченост кон заштитата на правата на членовите на пензиските фондови преку зголемување на транспарентноста на системот, навременост и точност во прикажувањето на резултатите на системот, односно обезбедување најдобра услуга и производ за клиентот.“ – нагласи Саздов.

Од Министерството за финансии на Холандија нагласија дека пандемијата повторно докажа колку е важна финансиската издржливост за граѓаните.

Оние кои се финансиски ранливи се првите што ќе бидат погодени од економските последици од пандемијата. Финансиската едукација е еден од најважните елементи за подобрување на финансиската издржливост на домаќинствата. Најважно е да се соработува со цел навистина да им се помогне особено на финансиски ранливите граѓани. Можеме многу да постигнеме заедно и да учиме едни од други. Како Министерство за финансии на Холандија, имаме привилегија да бидеме домаќини на платформата „Манивајс“. Оваа платформа е единствена соработка помеѓу многу различни засегнати страни што имаат за цел да ја подобрат финансиската способност на холандските граѓани. Министерството, исто така, воспостави програма за техничка соработка со земјите од нашата Конституенца во ММФ, Светската банка и ЕБОР. Во нашиот проект со ОЕЦД, „Манивајс“ и Програмата за Конституенцата на Министерството за финансии се здружија за да ги поддржат земјите од Конституенцата во зајакнувањето на финансиската писменост, како што денес ни покажуваат засегнатите страни во Северна Македонија.“ – беше истакнато на настанот од претставниците на холандското министерство.

Според ОЕЦД, на земјава треба да ѝ се честита за усвојувањето на првата национална Стратегија за финансиска едукација и финансиска инклузија и на Кодексот на добри практики за финансиска едукација.

ОЕЦД со задоволство го поддржа развојот на овие важни иницијативи, коишто сведочат за долгорочната посветеност кон финансиската едукација и финансиската вклученост на сите национални засегнати страни, а особено на Народната банка.“ – беше нагласено на отворањето.

На работилницата веќе се презентираа резултатите од најновата анкета за финансиската писменост на возрасното население во Југоисточна Европа (2020), спроведена од ИНФЕ-ОЕЦД, при што акцентот беше ставен на резултатите за нашата земја. Тие укажуваат на сферите во коишто во следниот период ќе се засилат активностите за унапредување на финансиската писменост на населението, при што ќе се применуваат релевантните пристапи и современите методи коишто ги препорачува и ОЕЦД. Во рамките на настанот, се спроведе и е-анкета за сите учесници, за степенот на нивната подготвеност и потребите за вклучување во финансиската едукација во земјата.

Во текот на вчерашниот ден, една сесија му беше посветена на клучниот аспект на вклученоста на приватниот и граѓанскиот сектор во активностите за финансиска едукација, при што се разговараше за препораките и насоките на ИНФЕ-ОЕЦД во оваа сфера и нивното применување приспособено на локалниот контекст, во рамките на Кодексот на добри практики, којшто неодамна беше усвоен од финансиските регулатори во земјава.

Финансиската инклузија и заштитата на потрошувачите ќе бидат обработувани во текот на денешниот ден. Притоа, ќе се зборува за заштитата на финансиските потрошувачи во дигиталната ера, преку презентирање на насоките за политиките на ИНФЕ-ОЕЦД, при што ќе бидат нагласени очекувањата од финансиските регулатори. Учесниците на работилницата ќе разговараат и за трендовите забележани за време на пандемијата на ковид-19, коишто го забрзаа процесот на дигитализација. Понатаму, ќе се разгледа улогата на дигиталната финансиска писменост во поддршката на корисниците на финансиските услуги и производи и на добрите практики за финансиска едукација на населението за дигитални финансиски услуги.

Разменетите искуства и ставови, со активно учество на експерти од ИНФЕ-ОЕЦД и од Холандија ќе придонесат за успешното спроведување на првата национална Стратегија за финансиска едукација и финансиска инклузија, којашто беше донесена во јули годинава, а беше изработена во рамките на регионален проект координиран од ИНФЕ-ОЕЦД, со голема поддршка од Министерството за финансии на Холандија. Нејзиното спроведување веќе е започнато, при што меѓу другото неодамна беше усвоен и првиот Кодекс на добри практики за финансиска едукација.

Продолжи со читање

НБРМ

Митреска: Монетарната политика е еден од столбовите на закрепнувањето на економијата

Објавено

на

Mерките и политиките спроведени од страна на Народната банка, како и централните банки воопшто, ги дадоа посакуваните резултати во ублажувањето на ефектите од корона-кризата. (more…)

Продолжи со читање

НБРМ

Средба на гувернерката, Ангеловска-Бежоска со шпанскиот амбасадор, Сера: Транспарентноста на НБ е основа за кредибилност на политиките и макроекономската стабилност

Објавено

на

Активностите за поголема транспарентност, коишто постојано се преземаат од Народната банка, придонесуваат за кредибилитетот на политиките коишто ги води Народната банка, како и за стабилноста на финансискиот систем. Ова беше оценето на средбата помеѓу гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и амбасадорот на Кралството Шпанија во земјава, Емилио Лоренцо Сера. (more…)

Продолжи со читање



Популарно